Економија на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Економија на Македонија
Народна банка на Македонија, централната банка на Македонија
Ранг130. (ПКМ, проц. 2014)
Валута1 Македонски денар (MKD) = 100 дени
Фискална годинакалендарска
Трговски организацииСТО, ОБСЕ
Статистика
БДП 27,41 млрд. $ (ПКМ, проц. 2014)
Пораст на БДП 3,4% (реален, проц. 2014)
БДП/жит. 13.200 $ (ПКМ, проц. 2014)
БДП по секторземјоделство: 10,4%
индустрија: 26,2%
услуги: 63,4% (проц. 2014)
Инфлација 3,1% (CPI, проц. 2013)
Сиромашно населениеpositive decrease 21,5% (2015)
Џиниев коефициентpositive decrease 33,7 (2015)
Работна сила 950.800 (проц. 2017)
Работна сила
по занимање
земјоделство: 16,2%
индустрија: 29,2%
услуги: 54,5% (проц. 2017)
Стапка на невработеностpositive decrease 17,5% (2К, 2019)[1]
Просечна бруто плата37.704 MKD, месечно (декември 2018)[2]
Просечна нето плата25.784 MKD, месечно (декември 2018)[3]
Водечки индустриипрехранбена, пијалаци, текстил, хемикалии, железо, челик, цемент, енергија, лекови
Ранг според Индекс на леснотија10та[4]
Надворешност
Извоз 4,934 млрд. $ (проц. 2014)
Извозни добрахрана, пијалаци, тутун; текстил, разновидни производи, железо, челик, автомобилски делови
Главни извозни партнери Германија 46.7%
 Бугарија 6.1%
 Србија 4.4%
 Белгија 4.1% (проц. 2017)
Увоз 7,277 млрд. $ (проц. 2014)
Увозни добрамашини и опрема, автомобили, хемикалии, горива, прехранбени производи
Главни увозни партнери Германија 11.9%
 Обединето Кралство 10%
 Грција 8%
 Србија 7.1%
 Кина 5.9%
 Италија 5.5%
 Турција 4.5%
 Бугарија 4.3% (проц. 2017)
Странски директни инвестиции 4,695 млрд. $ (проц. 31 декември 2013)
Бруто надворешен долг 7,451 млрд. $ (30 септември 2013)
Јавни финансии
Јавен долг45,8% од БДП (проц. 2014)
Буџетски дефицит-4,1% од БДП (проц. 2013)
Приходи 3,22 млрд. $ (проц. 2013)
Кредитен рејтингСтандард и Пурс:[5]
BB-(домашна)
BB-(странска)
BB(T&C Assessment)
изглед: стабилен[6]
Фич:[6]
BB+
изглед: стабилен[7]
Девизни резерви 2,906 млрд. $ (31 декември 2013)
Главен извор на податоци: Светска книга на факти на ЦИА
Сите вредности, освен ако не е запишано поинаку, се во ам. долари

Економија на Македонија - дел од поширокиот општествен систем на Македонија кој ги опфаќа стопанските односи, дејности, производството, трговијата и монетарно-финансиските текови. Според типот Македонија има отворена пазарна економија.

Историја[уреди | уреди извор]

19 век[уреди | уреди извор]

Преминот од 18 во 19 век во Македонија, која тогаш во своите природно-историски и етнички граници се наоѓаше во составот на Османско-турската Империја, се карактеризираше со позабележително разјадување на патријархално-натуралните облици на стопанисување и со навлегување на стоковно-паричните облици на општественото производство. Во земјоделството, на местото на тимарско-спахискиот систем, кој се состоеше во доделување крупни земјишни имоти (ленови) на спахиите во замена за вршење воена служба, на чифлиците, кои претставуваа крупни стопанства од полукапиталистички тип, се пробиваа новите аграрнопроизводствени односи на стоковно-паричното стопанство. Новите капиталистички производствени и општествени односи се позабрзано навлегуваа и во градското стопанство на Македонија. Занаетчиството опаѓаше пред ширењето на индустријата, што водеше кон пролетаризирање на занаетчиите, додека еснафската организација со својата структура отстапуваше пред новите форми на организација на стопанскиот и на општествениот живот. Панаѓурите, на кои дотогаш се остваруваше размената, беа заменувани со новите и посовремени видови на трговската размена. Истовремено, со зголемувањето на надворешнотрговската размена и ширењето на внатрешниот пазар, започна модернизацијата на сообраќајот, се ширеше поштенскотелеграфската мрежа и беше пуштена во сообраќај првата железничка линија во Македонија (1873) на релацијата Солун – Скопје. Застарените облици на кредитирање, какви што беа еснафските каси, им го отстапуваа местото на новите и модерни банки и кредитни акционерски друштва, чие основање го налагаа новите и изменети стопански и општествени услови на животот и развитокот. Развитокот на индустријата беше обележан со подигање индустриски претпријатија, првенствено на прехранбената и на текстилната индустрија, и со доминантно учество на странски капитал од европските земји.

20 и 21 век[уреди | уреди извор]

Република Македонија по стекнувањето на својата независност од СФРЈ, по Референдумот од 1991 година, излегла како најсиромашна република. Економијата уште повеќе тонела во деведесеттите поради бројни фактори: распадот на заедничкиот пазар, војните во поранешна Југославија, грчката трговска блокада на границата, економските санкции спрема СР Југославија и многу други. Кон крајот на деведесеттите економијата пополека почнува да забележува раст, но тоа повторно се прекинува со војната во Косово од 1999 и домашниот етнички конфликт од 2001. Денеска економијата повторно пополека бележи закрепнување. Но Република Македонија сѐ уште го нема достигнато ни нивото од осамостојувањето 1991 (највисокото ниво воопшто го има достигнато во 1987).

Економски состојби[уреди | уреди извор]

Кратко резиме на Националната стратегија за економски развој на Македонија изработена од МАНУ во 1997 (кликнете за да го отворите во целост)

Економијата е пост-транзициска, со голем број сѐ уште нерешени транзициски проблеми. Невработеноста е најголем проблем, 38% (2005). Корупцијата е системска појава. Неефикасното судство исто така негативно се одразува врз економијата. Нивото на домашни и странски инвестиции е ниско. Пазарното стопанство го нарушуваат неколку монополи. Сивата економија е широко распространета и има проценки дека претставува и до 20% од економската активност. Од друга страна макроекономските показатели веќе долго време се добри. Исто така Македонија е релативно малку задолжена земја. Државата располага средно кфалификувана но евтин а работна сила. Инфраструктурата е во релативно добра состојба, но сепак требаат инвестиции во оваа област (пред сè во транспортно-комуникациско поврзување исток-запад). Република Македонија е член на Светската трговска организација и има отворена економија, високоинтегрирана во меѓународната трговска размена (вкупната размена со странство во 2005 изнесуваше 79,5%).

Меѓународни рангирања[уреди | уреди извор]

Услови за водење бизнис според „Форбс“[уреди | уреди извор]

Во октомври 2014 година, познатото списание „Форбс (Forbes)“ ја рангирал Македонија на 36. место во светот според условите за водење бизнис. По одделни категории, Македонија остварила најдобри оценки во доменот на монетарната слобода и бирократските процедури, каде била рангирана на шестото и седмото место. Во категориите за заштита на инвеститорите и даночното оптоварување, Македонија се пласирала на 16. и 24. место во светот. Од друга страна, Македонија била најслабо рангирана во категориите: функционалност на пазарот (67 место), лични слободи (69 место), сопственички права (78 место) и иновации (82 место).[8]
Подоцна, во декември 2014 година, во новото рангирање на списанието „Форбс“, Македонија се нашла на 31. место. Притоа, таа била рангирана на третото место во категоријата „бирократски процедури“, а според монетарната слобода е нашла на шестото место, додека според даночното оптоварување била на седмото место. Најлош пласман, Македонија остварила во доменот на иновациите (65 место), личната слобода (67 место) и сопственичките права (72 место).[9]

Индекс за глобална конкурентност[уреди | уреди извор]

Процентуална поделба на населението според месечните приходи

Според Извештајот за глобалната конкурентност од септември 2016 година, Македонија била рангирана на 68. место во светот, што претставувало пад во споредба со претходниот извештај, кога се наоѓала на 60. место. Набљудувано според одделните критериуми, Македонија била рангирана на 34. место според ефикасноста на пазарот на стоки, на 44. место според макроекономскиот амбиент, на 51. место според иновациите, на 80. место според инфраструктурата, на 92. место според секторот здравство и основно образование и на 95. место според пазарот на труд.[10] Според Извештај за глобалната конкурентност за 2018-2019, Македонија се наоѓала на 84. место во светот, со 56,6 бода. Македонската економија била најлошо рангирана во извештајот за 2008-2009 година (89. место).[11] Притоа, набљудувано по одделни категории, македонската економија била рангирана на 57. место според бизнис динамизмот, на 109. место според големината на пазарот, на 107. место според пазарот на производи, на 98. место според способноста за иновации, на 85. место според квалитетот на институциите, на 81. место според вештините на човечкиот капитал, на 80. место според инфрастуктурата, итн.[12]

Кредитен рејтинг[уреди | уреди извор]

Во 2015 година, десетта година по ред, агенцијата „Фич“ го потврдила кредитниот рејтинг на Македонија на нивото „ВВ+“ при што стабилниот изглед бил заменет со негативна перспектива,[13] а истата оцена била потврдена и во февруари 2016 година.[14] Во 2015 година, агенцијата „Стандард и Пурс“ ѝ доделила на Македонија кредитен рејтинг од „ВВ-“. На 19 август 2016 година, „Фич“ за првпат го намалил долгорочниот кредитен рејтинг на Македонија од „ВВ+“ на „ВВ“.[15] Во 2017 година, „Стандард & Пурс“ го потврдил кредитниот рејтинг од „ББ-“ со стабилен изглед,[16] а истата оцена се повторила и пролетта 2018 година.[17]

Бруто-домашен производ[уреди | уреди извор]

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2014 година, БДП на Македонија изнесувал 8,57 милијарди евра, од кои 3,67 милијарди отпаѓале на Скопскиот Регион. Истата година, БДП по глава на жител изнесувал 4.149 евра. Набљудувано по региони, БДП по глава на жител во Скопскиот плански регион изнесувал 5.959 евра, а 1.907 евра во Полошкиот Регион. Притоа, Скопскиот Регион учествувал со 42,8% во вкупниот македонски БДП, а најмало учество имал Североисточниот Регион (5%).[18]

Табела бр. 1 - Годишни стапки на растеж на БДП во Македонија, 2004-2016[19][20]

Година БДП
2004 4,7%
2005 4,7%
2006 5,1%
2007 6,5%
2008 5,5%
2009 -0,4%
2010 3,4%
2011 2,3%
2012 -0,5%
2013 2,9%
2014 3,6%
2015 3,8%
2016 2,4%
2017 2,9%
2018 2,8%
2019 2,8%

Секторска структура на економската активност[уреди | уреди извор]

Рударство[уреди | уреди извор]

Во 2015 година, во секторот на рударството работеле околу 300 претпријатија, од кои околу 160 биле ангажирани директно во рударството. Само во рудниците биле вработени околу 3.000 лица, додека заедно со фирмите за вадење камен, бројот на вработените изнесувал околу 12.000. Во 2011 година, производството на основни метали учествувало со 9,38% во БДП, додека учеството на секторот за вадење руди на метали изнесувало 1,7%. Вадењето руди на метали учествувало со 6,05% во вкупниот физички обем на производството во индустријата и рударството. Во 2014 година, извозот на основни метали изнесувал 894,6 милиони долари, а заедно со вадењето руди на метали, вкупниот извоз изнесувал 970 милиони долари.[21]

Енергија[уреди | уреди извор]

  • Електрична енергија-производство: 5.935 милијарди кWh (2006 година)
  • Електрична енергија-производство по ресурси:
    • фосилно гориво: 80,7%
    • водни: 18,3%
    • друг вид: 1% (2006 година)
  • Електрична енергија-потрошувачка: 8.929 милијарда кWh (2006 година)
  • Бензин-потрошувачка: 23,000 bbl/ден (2006 година)


Пазарот на електрична енергија во Македонија го сочинуваат неколку учесници: „ЕЛЕМ“ како најголем производител на електрична енергија, „МЕПСО“ како акционерско друштво во државна сопственост коешто управува со електропреносниот систем и „ЕВН“, како приватно акционерско друштво коешто управува со мрежата за дистрибуција на електричната енергија до тарифните потрошувачи. Всушност, овие три друштва го сочинуваат регулираниот пазар на електрична енергија, а покрај него постои и слободен (нерегулиран) пазар, во чии рамки се врши тргување со електрична енергија меѓу трговците (овластените, лиценцирани снабдувачи) и таканаречените квалификувани потрошувачи (големи трговски друштва со повеќе од 50 вработени и со годишен обрт над 10 милиони евра, како и државни институции и јавни претпријатија). На крајот од 2016 година имало 270 квалификувани потрошувачи. Најголеми трговци-снабдувачи на слободниот пазар на електрична енергија биле: „Енерџи Деливери Солушнс“ („ЕДС“), „Гени“, „Фјучр Енерџи“, „Енерџи Уинд“, „Данске Комодитис“, „Мист Енерџи“, „Енергетска финансиска група“, „ЕВН Снабдување“, „Соларпро Холдинг“ итн.[22]
Инаку, во 2015 година, вкупната инсталирана моќност на капацитетите за производство на електрична енергија во Македонија изнесувала 2.053 мегавати, од кои само термоцентралатаРЕК Битола“, која функционира како дел од „ЕЛЕМ“, имала инсталиран капацитет од 675 мегавати, додека сите хидроцентрали во состав на „ЕЛЕМ“ и двете хидроцентрали во сопственост на „ЕВН“ имале капацитет од 600 мегавати. Во 2006 година, „ЕЛЕМ“ произвел 6.509 гигават-часови електрична енергија, од кои 4.946 гигавати биле произведени во термоцентралите. Во 2015 година, „ЕЛЕМ“ произвел 5.113 гигават-часови електрична енергија. Наспроти тоа, во 2006 година биле увезени 1.958 гигават-часови електрична енергија, во 2013 година увозот изнесувал 2.490 гигават-часови, во 2014 година биле увезени 3.072 гигават-часови, а во 2015 година увозот изнесувал 2.655 гигават-часови.[22]

Земјоделство[уреди | уреди извор]

Структура на физичкиот обем на земјоделството во Македонија

Земјоделството има значајно и стабилно учество во македонската економија, при што веднаш по индустријата тоа има најголемо учество во БДП кое во периодот од 1996 до 2001 година учествувало со 10,6%[23]. Во следните години учеството на земјоделството во вкупниот БДП на Македонија изнесувало 10,0% во 2002, 11,4 во 2003 и 11,3% во 2004 година, при што во периодот 2002-2004 година земјоделското производство се развивало побрзо од просекот на стопанството[24]. Меѓутоа, ако се додаде и процентот од учеството од индустријата кој изнесува 5,4% за прехранбената и тутунската индустрија, тогаш агрокомплексот во македонското стопанство добива поголемо економско значење[23]. Заклучно со 1997 година година, земјоделството покажувало негативен тренд на опаѓање[23]. Според податоците од Заводот за статистика, во 2003 година вкупната вредност на земјоделството во Македонија учествувала со 12%, а заедно со преработувачката индустрија 18%, при што изразената вредност на производството на земјоделската гранка изнесувала 57 милијарди денари или 925 милиони евра[25]. Вкупната меѓуфазна потрошувачка на семенски материјал, енергија (гориво), ѓубрива, средства за заштита, добиточна храна и друго имала вредност од 31 милијарда денари или 500 милиони евра, а додадената нето-вредност на земјоделската гранка изнесувала 23,6 милијарди денари или 380 милиони евра[25]. Во структурата на вредноста на земјоделските производи, житата учествувале со 5.500.000.000 денари или 90.000.000 евра, градинарските производи со 15.300.000.000 денари или 250.000.000 евра, овошјето со 7.600.000.000 денари или 124 милиони евра, сточарското производство со 12.600.000.000 денари или 205.000.000 евра [25]. Со засилените политики за поддршка и развој на земјоделството по 2006 година, тоа бележи благ пораст и развој. Во структурата на физичкиот обем на земјоделството доминира учеството на растителното производство, кое постојано се зголемува (од 61% во 1994 на 70% во 1999 г.), а сразмерно на тоа, учеството на физичкиот обем на сточарството во истиот период се намалува (од 39% на 30%)[23].
Во 2014 година, во Македонија, во регистерот на Управата за јавни приходи биле регистрирани вкупно 164.992 земјоделци, од кои, 16.593 се регистрирале како лица на кои земјоделството им е основна дејност, додека другите 143.399 пријавиле дека земјоделството им е дополнителна дејност.[26] Земјоделството учествува и има големо значење и во трансакциите со машинската и хемиската индустрија во поглед на снабдувањето со земјоделски хемиски препарати за заштита и зајакнување на посевите и семенскиот материјал како и земјоделската механизација, а учествува и во сите услужни дејности, особено во трговијата, угостителството и туризмот[23]. Во македонскиот трговски биланс земјоделството до крајот на деведесеттите години на XX век учествувало со 8-21% во вкупниот извоз и 8-17% во вкупниот увоз[23]. Во 2010 година, Република Македонија остварила дотогаш највисок пласман на земјоделско-прехранбени производи на странските пазари, со реализиран извоз од 424 милиони евра[27]. Според податоците на Државниот завод за статистика, извозот во 2010 година бил за 66 милиони евра повисок од износот на извезените земјоделски производи во 2009 година[27]. Како резултат на тоа трговскиот дефицит со земјоделско-прехранбените производи бил намален за 34 милиони евра, односно за 23,5 проценти во однос на 2009 година[27]. Во 2010 година и вкупниот обем на трговска размена изнесувал 955 милиони евра во кои преовладувале примарните земјоделски производи со 70 проценти, потоа следат преработките со 25 отсто и рибите и производите со риби со учество од 1 до 3 отсто[27].

Телекомуникации[уреди | уреди извор]

Во јуни 2015 година, по двегодишна работа, престанал да постои виртуелниот мобилен оператор „Албафоне“, а во исто време се споиле операторите „Вип“ и „Оне“. Во 2010 година, просечната цена за една минута разговор во мобилната телефонија во Македонија изнесувала 3,4 денари, а веќе во 2014 година, таа паднала на 1,27 денари. На крајот од 2014 година, во Македонија имало 2.224.439 мобилни претплатници, што претставувало стапка на пенетрација од 107,86%. Од вкупниот број претплатници, 1.234.726 биле при-пејд коринсици, 697.954 биле пост-пејд корисници, а 291.759 биле деловни пост-пејд корисници. Фирмата „Т-мобиле Македонија“ имала најголемо пазарно учество од 46,35%, а по неа следувале „Вип“ со 27,2% и „Оне“ со 25,9%, а операторот „Албафоне“ имал учество од 1,29%.[28] Во октомври 2015 година официјално започнала со работа новата компанија „Оне.Вип“ настаната со спојување на двата оператора „Оне“ и „Вип“. Притоа, во новата фирма, Телеком Австрија поседувала 55% од акциите, додека 45% биле во сопственост на Телеком Словенија.[29]

Сообраќај[уреди | уреди извор]

Според податоците на Европската федерација за патишта, во 2012 година, Македонија имала патишта во вкупна должина од 14.297 километри, од кои: 259 километри биле автопатишта, 911 километри биле магистрални патишта, 3.772 километри отпаѓале на регионални патишта, а 9.355 километри биле останати патишта (локални, макадамски итн.). Притоа, Македонија била една од земјите со најниски инвестиции во патната инфраструктура, со вложени 113 милиони евра во периодот 2009-2013 година.[30]
Во 2015 година, преку двата македонски аеродроми патувале вкупно 1.560.381 патник, додека во 2016 година вкупниот број патници изнесувал 1.794 376.[31]

Туризам[уреди | уреди извор]

Според Државниот завод за статистика, во 2015 година Македонија ја посетиле 816.067 туристи (од нив, 485.530 странски и 330.537 домашни), а во 2016 година 856.843 туристи, од кои 510.484 биле странски, а 346.359 домашни. Притоа, во 2015 година биле остварени 2.394.205 ноќевања (1.357.822 од домашни гости и 1.036.383 до странски гости), а во 2016 година 2.461.160 ноќевања (1.407.143 од домашни гости и 1.054.017 од странски гости). Во однос на структурата на странските гости, во 2015 година имало 90.857 туристи од Турција, 43.613 од Србија, 38.829 од Грција, 32.217 од Холандија, 29.314 од Бугарија, 18.493 од Албанија, 17.939 од Германија, 17.054 од Полска, 15.135 од Хрватска и 13.950 од Косово. Според Светскиот совет за патување и туризам, Македонија се наоѓала на 151. место во светот, мерено според значењето на туризмот во БДП. Притоа, во 2016 година, директното учество на туризмот во македонскиот БДП зинесувало 10,4 милијарди денари, т.е. 1,8% од БДП, додека вкупното (директно и индиректно) учество на туризмот во БДП изнесувало 38,5 милијарди денари, или 6,7% од БДП. Исто така, туризмот директно придонел за 12.000 работни места (1,6% од вкупната вработеност), додека заедно со индиректните работни места, учеството изнесувало 6,1%, т.е. 44.000 вработени. Извозот остварен од туризмот бил проценет на 282,8 милиони денари, или 5,4% од вкупниот извоз, а во туризмот биле инвестирани 4,5 милијарди денари (2,4% од вкупните инвестиции).[32]

Индустрија[уреди | уреди извор]

Во 2016 година, пеработувачата индустрија имала учество од 80,7% во вкупното индустриско производство на Македонија. Притоа, производството на прехранбени производи била најголема индустриска гранка, со учество од 12,75%, а по неа следувале: производство на облека (11,65%), снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (9,2%), производство на машини и уреди (8,25%), производство на метали (5,76%), производство на други неметални минерални производи (5,14%), производство на пијалаци, производство на возила и приколки (4,81), производство на електрична опрема (3,82%), производство на фабрикувани метални производи (3,5%), производство на основни фармацевтски производи (2,36%), производство на производи од гума и пластични маси (2,35%), производство на текстил (2,18%) итн.[33] [34]

Табела бр. 2 - Годишни стапки на растеж на индустриското производство (2009-2016)[33]

Година Стапка на растеж
2009 -7,7%
2010 -4,8%
2011 3,3%
2012 -2,8%
2013 3,2%
2014 4,8%
2015 4,9%
2016 3,4%


Индустриското производство во Македонија претставува голем извозен сектор. Така, во 2016 година, металопреработувачката индустрија и електроиндустријата оствариле извоз од 1.413.395.467 долари, од кои, најголем извоз остварило производството на машини и опрема (592.718.576 долари) и производството на моторни возила (504.858.154 долари).[34]

Текстилна индустрија[уреди | уреди извор]

Географска разместеност на главните гранки на текстилната индустрија во Македонија

Текстилната индустрија е трета најзначајна индустриска гранка во Македонија. Производството на облека учествува со 12,73% во вкупното индустриско производство, а заедно со производството на текстил, учеството изнесува речиси 15%. Во 2009 година имало 1.930 претпријатија во текстилната индустрија, т.е. 4,3% од вкупниот број претпријатија во Македонија. Од нив, 600 биле производствени фирми. Речиси 50% до текстилните фирми се наоѓаат во Источна Македонија, а 87% се микро или мали претпријатија. Во 1998 година, извозот на текстилни производи учествувал со 31% во вкупниот македонски извоз, 17% во 2011 и 15,2% во 2014 година.[35]

Табела бр. 3 - Извозот на текстилни производи (1998-2014)[35]

Година Извоз (милиони долари)
1998 405
2005 539
2007 684,5
2008 766
2009 627,5
2010 620
2011 720
2012 658
2013 701,5
2014 748,4

Производство на храна и пијалаци[уреди | уреди извор]

Во 1994 година, македонскиот извоз на вино изнесувал 15,6 милиони долари, а извозот се зголемил на 63,5 милиони во 2014 година. Во 2012 година биле извезени 118 милиони литри вино, од кои 79 милиони во ЕУ.[36]

Биланс на меѓународните плаќања[уреди | уреди извор]

Салдо на тековната сметка (% од БДП), 1994-2007.[37]
1994 1995 1996 1997 1998 1999 2000 2001 2002 2003 2004 2005 2006 2007
Извоз на стоки 32,1% 27,1% 25,9% 32,2% 36,2% 32,4% 36,8% 33,6% 29,3% 29,4% 31,2% 35,4% 37,7% 45,8%
Увоз на стоки -37,6% -38,6% -33,1% -42,5% -50,6% -45,9% -56,1% -48,9% -50,5% -47,7% -51,9% -53,7% -57,9% -67,8%
Трговско салдо -5,5% -11,6% -7,2% -10,4% -14,4 -13,5% -19,2% -15,3% -21,2% -18,3% -20,7% -18,4% -20,2% -22%
Услуги, нето 2,5% -4,5% -3,5% -3,9% -1,7% 1,1% 1,4% -0,6% -0,6% -0,2% -1% -0,6% 0,4 0,5%
Доход, нето -2,8% -0,7% -0,7% -0,9% -1,3% -1,2% -1,3% -1,2% -0,8% -0,7% -0,7 -1% 0% -0,6%
Тековни трансфери, нето 3,7% 11,7% 4,8% 7,8% 9,8% 12,6% 17,1% 10% 13,1% 16% 14,7% 18,5% 19,5% 18,9%
Тековна сметка, нето -5,7% -5% -6,5% -7,4% -7,6% -0,9% -2% -7,1% -9,4% -3,2% -7,7% -1,4% -0,4% -3%
Грешки и пропусти 3% 2,8% 0,4% -0,8% -0,4% 4,4% 1,7% 0,1% -0,8% -0,6% 0,1% -0,2% 0,2% -1,3%

Надворешна трговија[уреди | уреди извор]

Структура на извозот според регионалната насоченост
Структура на увозот според регионалната насоченост

Трговијата во Македонија отсекогаш имала меѓународен карактер, благодарение на нејзината централна положба на Балканскиот Полуостров и поволната природна и воедно најкрата врска помеѓу запад и исток по долината на реката Вардар, што било забележано уште од античките времиња кога главните римски патишта (Вија Егнација) минувале низ Македонија, а Скопје и Солун биле главни трговски центри со присуство на познати трговци од Дубровник, Венеција, Византија[24]. По осамостојувањето, Македонија како мала земја се соочила со императивот да ја зголеми својата отвореност и да ја подобри својата интегрираност во глобалните светски економски текови во 1990 г[24]. Учеството на надворешнотрговската размена односно вредноста на увозот и извозот заедно во Бруто-домашниот производ на земјата, кое изнесувало 60%, во текот на 1990-тите години надминал 80%.[24] Според индексот на отвореност во меѓународната трговија Македонија е рангирана на 40то место помеѓу 141 држава, при што во регионот подобра позиција имаат само Словенија и Бугарија.[24] Тенденцијата на пораст на надворешнотрговската размена е проследена со намалување на степенот на покриеност на увозот со извоз и со пораст на трговскиот дефицит на земјата.[24]

Извезени продукти од Македонија во 2019

Во структурата на извозот најголемо учество во 2005 година имале: текстилот и облеката (28,5%), железото и челикот (26%), земјоделските производи - храна и суровини (17,3%), минералните суровини - руда, горива и обоени метали (10,78%) и машини, канцелариска и транспортна опрема (5,38%)[24]. На страната на увозот доминирале: мин ералните суровини, рудите и горивата (21,85%), машините, канцелариската и транспортната опрема (17%), земјоделските производи - храна и суровини (13,77%), хемиските производи (10%) и различни полупроизводи (9%)[24]. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2009 година, Македонија остварила вкупен обрт на надворешнотрговска размена од 7,781 милијарда $, од кои 34,8% извоз и 65,2% увоз, додека во 2010 година забележала пораст на 8,825 милијарди $ со пораст на извозот на 37,97% и пад на увозот на 62,03%.[38]

Во однос на географската структура, најголемиот дел од надворешно-трговската размена се одвива со Европската Унија: Во 2013 година, извозот кон ЕУ изнесувал 2,35 милијарди евра (72,6% од вкупниот македонски извоз), а во 2016 година се зголемил на 3,459 милијарди евра (79,9% од вкупниот извоз). истовремено, во 2013 година, увозот од ЕУ изнесувал 3,125 милијарди евра (62,7% од вкупниот увоз), а во 2016 година увозот од ЕУ пораснал на 3,784 милијарди евра (62% од вкупниот македонски увоз).[39] Најзначајни надворешнотрговски партнери на Македонија: Србија, Германија, Италија, Грција, Бугарија, Русија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Турција, Словенија, Црна Гора и Косово[24]. Во 2016 година, 47% од вкупниот македонски извоз бил насочен кон Германија, а други поважни извозни пазари биле Бугарија (5,2% од извозот) и Србија (4,5% од извозот). На страната на узвозот, најголемо ичество имала Германија (12,3%), по што следувале Велика Британија (10,7%) и Србија (7,5%).[39]

Македонија е голем увозник на енергија. Во 2004 и 2005 година, увозот на електрична енергија изнесувал 1.598 и 1.652 гигават часови, соодветно, додека во 2006 година скокнал на 1.958 гигават часови. Во 2009 година биле увезени 1.701 гигават час, во 2010 година 1.728 гигават часови, а во 2015 година бил достигнат нов рекорд во увозот на електрична енергија - 2.785 гигават часови.[40]

Извоз во милиони USD
Ранг Држава[41] Извоз
(2021)
1.  Германија 3 850
2.  Србија 701
3.  Бугарија 405
4.  Грција 289
5.  Италија 251
6.  Унгарија 244
7.  Обединето Кралство 214
8.  Кина 214
9.  Чешка 195
10.  Турција 186
11.  Словачка 159
12.  Холандија 140
13.  Шпанија 138
14.  САД 127
15.  Романија 118
16.  Босна и Херцеговина 116
17.  Хрватска 116
18.  Албанија 113
19.  Словенија 113
20.  Полска 102
Увоз во милиони USD
Ранг Држава[41] Увоз
(2021)
1.  Обединето Кралство 2 050
2.  Грција 1 840
3.  Германија 1 200
4.  Србија 976
5.  Кина 631
6.  Бугарија 629
7.  Турција 603
8.  Унгарија 434
9.  Италија 407
10.  Романија 295
11.  Словенија 243
12.  Полска 226
13.  САД 180
14.  Холандија 174
15.  Хрватска 170
16.  Чешка 165
17.  Австрија 158
18.  Русија 154
19.  Јапонија 150
20.  Украина 135
Вкупна трговска размена во милиони USD
Ранг Држава[41] Вкупна трговска
размена (2021)
1.  Германија 5 051
2.  Обединето Кралство 2 264
3.  Грција 2 129
4.  Србија 1 677
5.  Бугарија 1 034
6.  Кина 845
7.  Турција 789
8.  Унгарија 678
9.  Италија 658
10.  Романија 413

Пазар на труд[уреди | уреди извор]

Невработеност[уреди | уреди извор]

Табела бр. 4 - Стапка на невработеност во Македонија, 2004-2016[19][20]

Година БДП
2004 37,2%
2005 37,3%
2006 36,0%
2007 34,9%
2008 33,8%
2009 32,2%
2010 32,1%
2011 31,4%
2012 31,0%
2013 29,0%
2014 28,0%
2015 26,1%
2016 23,4%
2017 22,5%
2018 21,0%
2019 17,4%

Продуктивност[уреди | уреди извор]

Според податоците на Евростат, еден македонски работник за еден работен час создава само 42,9% од просечната додадена вредност во ЕУ.[43]

Јавни финансии и фискална политика[уреди | уреди извор]

Во 2008 година, вкупните буџетски приходи изнесувале 32,9% од БДП, додека во 2014 година тие паднале на 27,7%. Истовремено, вкупните буџетски расходи се намалиле од 33,8% во 2008 година на 31,8 во 2013 година. Во структурата на буџетските расходи, капиталните расходи учествувале со 14,3% во 2008 година, додека во 2016 година нивното учество изнесувало 9,2%.[44]

Табела бр. 5 - Капиталните расходи во буџетот на Македонија, 2003-2016 (% од вкупните буџетски расходи)[44]

Година Капитални расходи
2008 14,3%
2009 9,6%
2010 10,7%
2011 11,9%
2012 12,0%
2013 10,4%
2014 10,5%
2015 10,3%
2016 9,2%

Даночен систем[уреди | уреди извор]

Табела бр. 6 - Даночните приходи во Македонија, 2003-2016 (во милиони денари)[19]

Година ДДВ ДД ПДД Вкупно
2003 21.176 3.270 7.503 31.949
2004 25.757 2.362 7.707 35.826
2005 27.081 2.836 8.099 38.016
2006 27.240 4.710 8.414 40.364
2007 32.962 5.896 8.891 47.749
2008 36.174 8.579 8.696 53.449
2009 35.178 4.435 8.707 48.320
2010 37.694 3.691 8.872 50.257
2011 42.223 3.888 9.513 55.624
2012 38.468 3.655 9.553 51.676
2013 39.835 4.420 10.255 54.510
2014 43.859 5.060 12.321 61.240
2015 41.694 12.024 12.909 66.627
2016 45.949 10.769 14.205 70.923

Буцетско салдо[уреди | уреди извор]

Табела бр. 7 - Буџетското салдо во Македонија, 2008-2016 (% од БДП)[44]

Година Буџетско салдо
2008 -0,9%
2009 -2,6%
2010 -2,4%
2011 -2,5%
2012 -3,8%
2013 -3,8%
2014 -4,2%
2015 -3,5%
2016 -2,7%

Јавен долг[уреди | уреди извор]

Табела бр. 8 - Јавниот долг во Македонија, 2004-2016 (% од БДП)[19]

Година Јавен долг
2004 37,6%
2005 39,6%
2006 33,2%
2007 25,8%
2008 23,0%
2009 26,2%
2010 27,2%
2011 32,0%
2012 38,3%
2013 40,3%
2014 45,8%
2015 46,7%
2016 50,1%

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Активно население“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 18 јуни 2018.
  2. „Просечна месечна исплатена бруто-плата по вработен“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 16 октомври 2017.
  3. „Просечна месечна исплатена нето-плата по вработен“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 16 октомври 2017.
  4. „Ease of Doing Business in Macedonia“. Doing Business 2017. Светска банка. Посетено на 16 октомври 2017.
  5. „Список на рејтинг на државите“. Стандард и Пурс. Посетено на 28 март 2014.
  6. 6,0 6,1 Роџерс, Сајмон; Седи, Ејми (15 април 2011). „Како Фич, Мудис и С&П го пресметуваат кредитниот рејтинг на секоја држава“. The Guardian. Посетено на 31 мај 2011.
  7. „Фич уште еднаш го потврди кредитниот рејтинг на Македонија“. Дневник. МПМ Македонија. 6 септември 2014. Посетено на 6 септември 2014.[мртва врска]
  8. „Македонија на 36 место според можностите за водење бизнис“, Економија и бизнис, година 17, број 196, 30 октомври 2014, стр. 12.
  9. „Скок од 5 места на Македонија во дуинг бизнис списокот на Форбс“, Економија и бизнис, број 198, 25 декември 2014, стр. 13.
  10. „Рангирање на земјите според нивната конкурентност, на кое место е Република Македонија“, Економија и бизнис, година 18, број 221, ноември 2016, стр. 7.
  11. Зоран Јовановски, „Економијата на САД најконкурентна во светот, македонската економија на 84. место“, Економија и бизнис, година 20, број 244, ноември 2018, стр. 10.
  12. Зоран Јовановски, „Која земја каде е на светската ранг список на конкурентноста?“, Економија и бизнис, година 20, број 244, ноември 2018, стр. 21.
  13. „Фич го потврди кредитниот рејтинг на Македонија ББ+“, Економија и бизнис, година 18, број 207, 11 септември 2015, стр. 12.
  14. „Фич го потврди рејтингот на Македонија на ББ+ со негативен изглед“, Економија и бизнис, година 18, број 213, март 2016, стр. 12.
  15. Игор Давков, „ВВ со негативна тенденција...“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 30-33.
  16. Мирослав Саздовски, „Повторно ББ- со стабилен изглед, одлучи Стандард и Пурс за Македонија“, Економија и бизнис, година 19, број 232, октомври 2017, стр. 10.
  17. Мирослав Саздовски, „Нема промена на кредитниот рејтинг на Македонија“, Економија и бизнис, година XX, број 238, април 2018, стр. 9.
  18. Александра Филиповска, „Скопјани произведуваат 6.000 евра, тетовци и гостиварци помалку од 2.000 евра“, Дневник, година XX, број 6225, сабота-недела, 26-27 ноември 2016, стр. 8.
  19. 19,0 19,1 19,2 19,3 Павле Гацов, „Состојби наспроти трендови - Македонски фискални и економски индикатори“, Економија и бизнис, година 18, број 225, март 2017, стр. 52-53.
  20. 20,0 20,1 Матрица за мерење на економскиот напредок К1/2020, Економија и бизнис, година 22, број 265, септември 2020, стр. 9.
  21. Мирче Јовановски, „Рудниците под притисок на цените на металите“, Економија и бизнис, година 18, број 206, 12 август 2015, стр. 49-53.
  22. 22,0 22,1 Влатко Стојановски, „Синот на Муса Џафери влезе во бизнисот со струја“, Фокус, број 1116, 24 февруари 2017, стр. 14-19.
  23. 23,0 23,1 23,2 23,3 23,4 23,5 Стратегија за развој на земјоделството во Република Македонија до 2005 година. Скопје: МАНУ. јули 2001. стр. 16–17.
  24. 24,0 24,1 24,2 24,3 24,4 24,5 24,6 24,7 24,8 Фити, Таки (2009). Блаже Ристовски (уред.). Македонска енциклопедија. 2. Скопје: МАНУ. стр. 1005.
  25. 25,0 25,1 25,2 Ѓошевски, Драган (2009). „Вредноста на земјоделското производство“. Во Блаже Ристовски (уред.). Македонска енциклопедија. 1. Скопје: МАНУ. стр. 315. ISBN 978-608-203-023-4 (1) Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).CS1-одржување: користи параметар editors (link)
  26. „Од 165.000 регистрирани земјоделци, 12.500 уплаќаат за пензија“, Дневник, година XVIII, број 5596, понеделник, 20 октомври 2014, стр. 6-7.
  27. 27,0 27,1 27,2 27,3 „Македонија лани бележи историски најголем извоз на земјоделско-прехранбени производи“. Скопје: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. 29 март 2011. Посетено на 16 декември 2015.
  28. Марјан Блажевски, „За пет години просечната цена на минута разговор се намали од 3,4 на 1,27 денар“, Дневник, година XIX, број 5806, петок, 3 јули 2015, стр. 6-7.
  29. „Оне.Вип официјално стартуваше со работа“, Економија и бизнис, година 18, број 208, октомври 2015, стр. 10.
  30. Влатко Стојановски, „Асфалтна мафија!“, Фокус, број 1119, 17 март 2017, стр. 12-21.
  31. Ј.Б., „Сè повеќе летови, одредишта и секако - авиопатници!“, Туристички хоризонти, бр. 4, декември 2016, стр. 14-15.
  32. Мирче Јовановски, „Политичката криза не е добра реклама за туризмот“, Економија и бизнис, година 19, број 226, април 2017, стр. 44-47.
  33. 33,0 33,1 „Растот на индустриското производство во Република Македонија забави во 2016 година“, Економија и бизнис, година 18, број 225, март 2017, стр. 7.
  34. 34,0 34,1 Мирче Јовановски, „Индустријата „вози“ на автопилот“, Економија и бизнис, година 18, број 225, март 2017, стр. 32-36.
  35. 35,0 35,1 Мирче Јовановски, „Текстилците се борат за секој денар“, Економија и бизнис, година 18, број 201, 20 март 2015, стр. 42-43.
  36. Александар Стојков, „Сепак се движи!“, Економија и бизнис, година 18, број 200, 20 февруари 2015, стр. 56-59.
  37. Aleksandar Stojkov, Current Account Deficits and Economic Growth: Evidence from the South Eastern European Economies. Iustinianus Primus Faculty of Law, Skopje, 2009, стр. 259.
  38. Благица Новковска, уред. (2012). Стоковна размена на Република Македонија со странство, 2010 (PDF). Скопје: Државен завод за статистика на Република Македонија. стр. 8. ISBN 978-608-227-079-1.
  39. 39,0 39,1 Зоран Јовановски, „ЕУ 28 е најголемиот трговски партнер на Република Македонија“, Економија и бизнис, година 19, број 234/235, октомври 201, стр. 6.
  40. „ЕЛЕМ фрли половина милијарда евра во РЕК Битола, а производството на струја драматично паѓа!“, Фокус, број 1097, 14 октомври 2016, стр. 17.
  41. 41,0 41,1 41,2 (1) The Observatory of Economic Complexity (OEC)
  42. Стапки на активност на населението на возраст на 15 години и повеќе по региони, по години - Државен завод за статистика
  43. Мирче Јовановски, „продуктивноста - стара болка на македонската економија“, Економија и бизнис, година 20, број 244, ноември 2018, стр. 50-51.
  44. 44,0 44,1 44,2 Зоран Јовановски, „Зголемениот буџетски дефицит не го зголеми учеството на капиталните трошоци во вкупните буџетски расходи“, Економија и бизнис, година 20, број 234/235, декември 2017/јануари 2018, стр. 6.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]