Егиј ди Миди

Од Википедија — слободната енциклопедија
Егиј ди Миди лете.

Егиј ди Миди (француски: Aiguille du Midi) е планина со висина од 3.842 м во рамките на масивот Монблан на Француските Алпи.

Жичарницата до врвот (Téléphérique de l'Aiguille du Midi), е изградена во 1955 и го држела рекордот за највисока жичарница во светот цели две децении. Таа сѐ уште го држи рекордот за највисоко вертикално искачување во светот, од 1035 m до 3842 m надморска височина. Жичарницата патува од Шамони до врвот на Егиј ди Миди искачувајќи се над 2,800 m за само 20 минути. На 7 април, 2008, билетот од Шамони за едно возрасно лице изнесувал €35 во еден правец, и €38 повратно. Искачувањето во лифтот до т.н. „иглеста кула“ (дополнителни 60 м) чини €3.

Врвот на планината има платформа за панорамско разгледување, кафетерија и продавница за сувенири. Тука започнува скијачката патека „Бела долина“ (Vallée Blanche), а недалеку се наоѓа итн. „Космичко засолниште“ (Cosmiques Refuge), кое е почеток на една од маршрутите кон врвот на Монблан. Од врвот оди и друга жичарница (само на лето), која го преминува Ледникот на Џинот и оди до котата Хелброне (3,452 м) на италијанската страна на Монблан. Котата Хелброне ја опслужува жичарница од Ла Палид, село во близина на Курмајер во Аостинската Долина (Италија).

Северниот врв на Егиј ди Миди (3795 м.) каде денес се наоѓа последната станица на жичарницата, за првпат бил освоен на 4 август 1818 година, од страна на полскиот гроф Антони Малчевски, заедно со Жан-Мишел Балма и петмина други водичи.[1]. Потоа, на 5 август 1856 грофот Фернанд де Бује заедно со водичите Александар Девуасу, Амброаз и Жан Симон и седуммина носачи стигнале на 25 метри под јужниот врв (највисока точка - 3842 метри) но само тројца водичи успеале до врвот за да постават француско знаме[2].

Името „Егиј ди Миди“ буквално значи „пладневна игла“. Ова се должи фактот што сонцето грее директно над врвот на пладне ако се гледа од Шамони.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. André Fournier, Philippe Cortay, L'Aiguille du Midi, La Fontaine de Siloë, 2005, pp. 3-4
  2. André Fournier, Philippe Cortay, L'Aiguille du Midi, La Fontaine de Siloë, 2005, pp. 4-5

Надворешни врски[уреди | уреди извор]