Египетска книжевност

Од Википедија — слободната енциклопедија

Историја на книжевноста
Античка книжевност
Арапска книжевност
Грчка книжевност
Египетска книжевност
Индиска книжевност
Јапонска книжевност
Кинеска книжевност
Македонска книжевност
Персиска книжевност
Римска книжевност

Под египетска литература се подразбира литературата создавана на територијата на древниот и денешен Египет. Токму поради овој факт, египетската литература е поделена на староегипетска и современа египетска литература.

Староегипетска книжевност[уреди | уреди извор]

Од времето на најстарите династии досега се пронајдени само неколку текстови: песни на работниците, песни врежани на круните на египетските фараони, натписи на гробниците (на кои е опишан животот на умрениот) итн. текстови од пирамидите. Едно од најзначајните дела на овој период е Поуките на Птахотепите, морално-политички совети на еден старец наменети за неговиот син.

Од 2720-2000 п.н.е., кога апсолутната власт на фараоните слабее, а земјата ја потресуваат општествени немири, песништвото и останатата литература силно се развиваат и се среќаваат прозни дела: Поуките на Мерикар, Поуките на Дуауф, Селанската жалба, како и едно дело во облик на дијалог, кое содржи и четири песни: Расправа од животот на уморниот човек и неговата душа.

Од средното царство (2000-1780 п.н.е.) останати се Приказните на Синух и Приказна за бродоломот, главно автобиографски приказни. Забележани се и многу пастирски приказни и бајки. Од поетските дела се познати песните на кралот Сесотриса III и една химна посветена на Нил.

Од новото царство (1580-1110 п.н.е.), кога египетската власт под моќните владетели се проширила на околните земји, е пронајден релативно мал број на текстови: извештаи за ослободувањето од наездата на Хиксите, вести и јуначки песни за подвизите и делата на фараонот Тутмоз III. Освен повели и стихови за династијата, не се сочувани историски дела во права смисла; дури во елинистичкото време се појавува египетскиот историчар Манетон. Големиот религиозен реформатор Аменофис IV (Ахенатон) ја препородил и уметноста. Од него е сочувана една од најубавите песни на стар Египет Химната на Сонцето, а покрај неа се пронајдени и пет збирки со љубовни песни, кои по сè изгледа влијаеле на библиската Песна над песните. Пронајдена е и епска поема за Битката кај Кадеш, како и прозното дело Патувањето на Ун-Амон.

Од времето на Птоломеј, покрај магични текстови, ја имаме и приказната за синот на Рамзес II. По овој период, египетската литература прераснува во коптска литература.

Современа египетска литература[уреди | уреди извор]

Внатрешност на современата библиотека во Александрија

Во новата египетска литература, која со векови била дел од арапската, во почетокот на XVIII век била исчезната арапската лирика. Неа ја оживеал Сами ал Баруди (1839-1904), имајќи ги за урнек старите поетски облици, полни со носталгија, со мотиви на старата историја на исламот. Тој пее за љубовта и виното, а многу му биле успешни и елегиите и описите на природата. Дворскиот поет Ахмед Шавки (1868-1932) отпеал со многу реторика настани од современата египетска историја. На него влијаеле старите касиди и неговите поеми немаат целина, а по својата структура остануваат неповрзани. Вистинската поезија ја среќаваме дури во неговите описи на природата, а љубовната поезија му е извештачена.

Покрај оваа традиционална поезија, во почетокот на XX век се развила една нова лирско-дидактичка поезија, во која се изразени искрени чувства и преживеани случки. Оваа поезија настанала под влијание на француската и англиската лирика, која во Египет често ја преведувале и преработувале. Меѓутоа, поетите сепак се задржале на една својствена египетска специфика: се спротивставуваат на европската материјална цивилизација. Поетскиот јазик притоа е прочистен и класичен, но темите се земени од современиот живот на Египет. Главни претставници на таа лирика се ал-Шукри и ал-Акад.

Наспроти поетите, прозаистите немале никакви урнеци и традиции кога ја создавале народната литература, но сепак може да се рече дека современата египетска проза го носи печатот на оригиналните стремежи и да во извесна мерка достигнала полна уметничка зрелост. Особено голем успех имал историскиот роман. Главен претставник на овој литературен род е Џирџи Зејдан (1861-1914). Темите за историските романи тој ги црпел од златниот период на египетската историја, па сè до Саладин. Делата му се одликуваат со живописни описи на настаните и сиѕуациите, додека карактерите се послабо изразени и обработени.

Покрај историскиот роман стои и реалистичниот современ роман кој главно го обработува мотивот од градскиот живот на Каиро. Меѓутоа, и животот на село е честа тема во египетскиот современ роман. Најпознат роман од овој вид е Зејнеба на Мухамед Хусејн Хејкал (1888-1957). Инаку, добар дел од египетските романи имаат главно забавен карактер.

Одличен романописец е Махмуд Тајмур (1894-?), кој во својот почеток започнал со аналитичкиот реализам на Пол Бурже во своите збирки на приповеди. Тој барал нови патишта во египетската проза и дал психолошка анализа на обичниот египетски човек. Други истакнати есеисти и критичари се ал-Манфалути (1876-1924), Хусејн Хејкал, Мансур Фахми и поетот ал-Акад.

Драмските обиди од 1920 па натаму сè уште не го нашле вистинскиот израз, освен во драмите на Тевфик ал-Хакима, кои во поголем дел се засновани на легенди. Современа научно-литературна критика има одличен претставник во Тахи Хусејн, чии дела за предисламската, исламската и арапската поезија се доста познати во светот.

Поврзано[уреди | уреди извор]