Еврејски гробишта (Штип)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Еврејски гробишта
Податоци
МестоНово Село, Штип
ЗемјаМакедонија
Координати41°43′45.332″N 22°10′42.795″E / 41.72925889° СГШ; 22.17855417° ИГД / 41.72925889; 22.17855417
ТипЕврејски
СопственикМузеј Штип

Еврејски гробиштагробишта на еврејската заедница во Штип, оддалечени 5 километри од градот, односно во атарот на Ново Село. Гробиштата се заведени како Културно наследство на Македонија.[1][2]

Историја[уреди | уреди извор]

Позадина[уреди | уреди извор]

Штипските еврејските гробишта датираат уште пред доаѓањето на шпанските и португалските бегалци Евреи. Со сигурност не може да се утврди дека гробиштата на штипските Евреи секогаш биле на истото место. Еврејска романиотска заедница во Штип постоела уште од почетокот на новата ера. Првите пишани документи за Евреите во Штип потекнуваат дури од XV век, со населувањето на шпанските и на португалските Евреи кои биле прогонети од Пиринејскиот Полуостров од кралот Фердинанд и кралицата Изабела одбивајќи да го примат христијанството.[3]

Се смета дека кога султанот Мехмед II го освоил Константинопол во 1453 година и таму ја преселил својата престолнина, започнал да го населува тој град. Тогаш, најголемиот дел од еврејското население од Штип било преселено во Константинопол. Со доаѓањето на бегалците од Шпанија и од Португалија, Евреите во Штип ги зајакнале своите редови. Според жаргонот на штипските Евреи, би можело да се каже дека повеќето од дојденците биле од Португалија.[3]

Од 17 век до меѓу двете светски војни[уреди | уреди извор]

Според археолошките истражувања, најстарите гробници на еврејските гробишта во Штип потекнуваат од 17 век, и оттогаш па сè до четириесеттите години на XX век на исто место ги погребувале мртвите. Приодот до нив бил многу тежок, особено за луѓето што ги носеле покојниците на носилка според еврејските закони. Меѓу двете светски војни во градот немало Евреи каменоресци, па учителот Менахем Меркадо Цион го цртал на картон со големи и јасни букви текстот на надгробниоте споменици, а каменоресците христијани ги преземувале тие натписи.[3]

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

За време на Втората светска војна со депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка, штипските еврејски гробишта постанале опустошени и демолирани. Бугарските војници во тој период ги собрале сите камени спомен плочи и ги однеселе во бањата крај селото Кежовица, оддалечено околу два километра од градот Штип, и од нив потоа ја граделе основата на базенот. Според списоците на германски и на бугарски јазик, во Треблинка биле убиени 551 Евреи од Штип.[3]

21 век[уреди | уреди извор]

Во септември 2009 година, штипскиот Музеј почнал со обнова на Еврејските гробишта. Според Зоран Читкушев, тогашниот директор на штипскиот музеј, било предвидено извршување на обнова и конзервација на гробовите. Воедно, било предвидено и уредување на самите гробишта, изградба на пристапен пат и поставување ограден ѕид. Обновата била извршена со средства од Владата, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство.[4] На 1 април 2015 година бил потпишан меморандум за соработка помеѓи Општина Штип и Министерството за култура, со што во 2016 година бил изграден и завршен заштитниот ѕид на гробиштата. Денес на гробиштата има 120 надгробни плочи на Евреи, поставени во хоризонтала, според еврејскиот начин на погребување.[3]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Национален регистар на објекти кои се заштитно културно наследство“. Министерство за култура. 2012. Архивирано од изворникот 2021-08-09. Посетено на 30 март 2022.
  2. „Еврејски гробишта во Штип“. zkn.mk. Архивирано од изворникот 2022-01-27. Посетено на 30 март 2022.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 „Еврејски гробишта во Штип“. Еврејска заедница во Република Македонија. Архивирано од изворникот 2021-02-16. Посетено на 30 март 2022.
  4. „Реконструкција на Еврејските гробишта“. Вечер. Вечер Прес. 1 септември 2009. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 14 ноември 2014.

Книжевност[уреди | уреди извор]

  • Плима и слом; Жени, Лебл; Фонд на Холокаустот на Евреите од Македонија; ISBN 978-608-65129-6-5; Скопје, ноември 2013 година.