Др. Дре

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Др. Дре

Др. Дре настапува на фестивалот Coachella Valley Music and Arts Festival (2012)
Биографски податоци
Родено име Андре Ромел Јанг[1]
Роден(а) 18 февруари 1965[2]
Комптон (Калифорнија), САД
Потекло Лос Анџелес, Калифорнија, САД
Жанрови Рап, гангстерски рап
Занимања Продуцент, рапер, претприемач, глумец
Инструменти Вокал, синтисајзер, фонограф, драм машина, семплер
Период на активност 1984–сѐ уште
Издавачи Kru-Cut, Ruthless, Priority, Death Row, Interscope, Aftermath
Соработници World Class Wreckin' Cru, N.W.A, The D.O.C., Knoc-Turn'al, Michel'le, Above the Law, Ајс Кјуб, Тупак Шакур, Снуп Дог, Еминем, Tha Dogg Pound, Изи-И, Фифти Сент, Гејм, Нејт Дог, Xzibit, Баста Рајмс, Кендрик Ламар
Мреж. место drdre.com

Андре Ромел Јанг, познат како Др. Дре (англиски: Dr. Dre) (1965), е американски музички продуцент, рапер и повремено глумец.[3] Др. Дре е заслужен за комерцијалниот пробив и успешните кариери на многу рапери, меѓу кои на Снуп Дог, Еминем, Фифти Сент и Гејм. Оттука, тој се смета за клучен поединец кој придонел во популаризацијата на џи фанкот, рап жанр кој се одликува со бавни фанк ритмови и текстови кои говорат за гангстерскиот живот.

Музичка кариера[уреди]

Др. Дре е роден во 1965 година. Својата музичка кариера ја почнал како член на World Class Wreckin' Cru, група која изведувала старошколски хип хоп (Old School Hip Hop). Потоа го основал во култниот состав N.W.A, чии текстови биле препознатливи по експлицитниот приказ на уличното насилство и пресметките помеѓу градските банди. Поради непремостливите недоразбирања со Изи-И (исто така член на N.W.A), Дре продолжил како соло изведувач потпишувајќи за „Дет Роу Рекордс“. Таму, неговата кариера нагло отишла по нагорна линија, а стекнал и голема популарност поради неговите соработки со Тупак Шакур и Снуп Дог.

Неговиот прв студиски соло албум „Хрионика“ (The Chronic) се смета за обележје на рапот од западниот дел на Америка, а заедно со деби албумот на Снуп Дог „Догистајл“ (Doggystyle), тој ги отворил вратите за поширока прифатеност на хип хопот како суб-култура на целата територија на САД. По издавањето на вториот албум 2001 своето внимание го насочил кон пронаоѓање нови лица на хип хоп сцената.

Во таа смисла, Др. Дре најпрво потпишал договор со Еминем и му помогнал да оствари блескава кариера. Истовремено, Др. Дре ги компонирал битовите за најголем дел од песните на албумите Marshall Mathers LP и The Eminem Show, кои потоа станале најпродавани плочи од овој жанр на сите времиња во САД и во Канада. Во 2002 година, Др. Дре потпишал договор со Фифти Сент, а потоа и со Гејм, рапери со кои забележал задоволителен успех.

Detox би требало да биде третиот и последен негов студиски албум, чиј датум на објавување првично беше најавен за 2011, но поради презафатеност на Дре со други музички проекти, сѐ уште не е издаден.

Бизнис активности[уреди]

Др. Дре е основач и извршен директор на продуцентската куќа „Афтермат“ (Aftermath), а претходно работел во „Дет Роу Рекордс“ (Death Row Records). Своевремено, според Форбс, тој бил третиот најбогат хип хоп музичар во САД, со имот од 250 милиони долари.[4] Др. Дре ја поседувал марката на слушалки и звучници „Битс бај доктор Дре“, која ја основал заедно со претседателот на дискографските куќи „Интерскоп-Гефен-А&M“ (Interscope-Geffen-A&M), Џими Ајвон. Подоцна, оваа фирма била откупена од „Епл“ за три милијарди долари, со што богатството на Др. Дре наеднаш пораснало за 350 милиони долари, така што во 2013 година неговото богатство се зголемило на вкупно 620 милиони долари. На тој начин, тој постанал најбогатиот хип хоп музичар во светот, претекнувајќи ги Џеј Зи и Пи Диди.[5]


Наводи[уреди]

  1. Ro 2007, стр. 1
  2. „Monitor“, 22 февруари, 2013, стр. 32.
  3. „Monitor“, 22 февруари, 2013, стр. 32.
  4. „3. Andre "Dr. Dre" Young ($250 million)“. Forbes Magazine. http://www.forbes.com/pictures/eeel45edgm/3-andre-dr-dre-young-250-million-2/#gallerycontent. конс. 4 мај, 2012. 
  5. Утрински весник, година XV, број 4594, петок, 26 септември 2014, стр. 32.

Надворешни врски[уреди]