Другиот

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Другиот“ — расказ на германскиот писател Бернхард Шлинк. Расказот е објавен на македонски јазик во 2011 година, од издавачката куќа „Темплум“, како дел од збирката „Пат околу светот во 20 раскази“. Преводот на македонски јазик го извршила Ксенија Чочкова.

Содржина[уреди | уреди извор]

Бенгт Бенер е пензиониран државен службеник кој останува самец, откако жена му Лиза, виолинистка во оркестарот, умира од рак на градите. По почетното разочарување и опивање, тој добива писмо од непознат човек, адресирано до неговата покојна жена. Го отвора писмото и дознава дека пред 11 години, таа имала љубовна врска со испраќачот на писмото, Ролф. Тогаш, сеќавајќи се на минатото, Бенгт согледува дека пред 11 години, тој бил премногу зафатен со работата и дека поминувал малку време со семејството. Бенгт одлучува да го запознае поранешниот љубовник на жена си и затоа одговара на неговите писма. Еден ден, тој патува во градот во кој живее Ролф и се запознава со него, заедно играат шах, а понекогаш му позајмува пари. Постепено, Бенгт открива дека Ролф е шарлатан и измамник и дека своевремено ја завел жена му со цел од неа да изнуди пари. И навистина, откако неговиот театар банкротирал, Ролф успеал да земе 50 000 марки од Лиза.

Откако одредено време продолжуваат да се допишуваат, Бенгт смислува план за да му се одмазди на Ролф. Тој му пишува писмо, соопштувајќи му дека Лиза ќе го посети за неколку недели. Ролф е воодушевен од престојната средба и сака да организира свечена вечера, па затоа позајмува пари од Бенгт. Сепак, во последен миг, Бенгт се предомислува и му кажува на Ролф дека Лиза е мртва, дека тој е нејзиниот маж и дека ги пишувал писмата во нејзино име. Ролф му признава дека е беден измамник, но му кажува дека Лиза била прекрасна жена. Бенгт се враќа во својот дом, мислејќи дека конечно се смирил и дека ја закопал својата љубомора. Започнува да ја средува куќата, но за брзо време сфаќа дека не може да почне нов живот. Затоа, се качува на воз и оди во градот на Ролф, пристигнувајќи на свечената вечера на која Ролф држи говор за Лиза.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Владимир Јанковски (уредник), Пат околу светот во 20 раскази: Антологија на светскиот расказ, Темплум, Скопје, 2011, стр. 295-349.