Државно уредување на Османлиската империја

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Државното уредување во Отоманската империја се засновувалo на многу едноставен систем кој имал два главни центри: воената администрација и државната администрација. Султанот ја имал највисоката позиција во системот, како врховна глава на целата империја. Граѓанскиот систем бил базиран на локалните административни единици врз основа на карактерот на регионот. Отоманците практикувале систем во земјата (исто како и Византиската империја) во кој имале целосна контрола врз свештенството. Одредени предисламски турски традиции од исламски Иран, кои продолжиле да се практикуваат, оставиле важно место во отоманските административни кругови[1]. Според отоманското општество и разбирање, примарната одговорност на државата била да го брани и да го прошири во земјата исламот, како и да се обезбеди безбедност и хармонија во рамките на своите граници еден општ контекст на династичкиот суверенитет на управување.

Централна влада[уреди]

Централната власт на империјата била составена од султанот и неговите поданици. Османлиската династија била советувана од страна на Диван кој бил составен од Големиот везир и аристократите. Владејачката класа се викала Аскери во кои спаѓале благородниците, судските службеници, воените офицери и верските познавачи на исламот односно улема.

Куќата на Осман[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Османлиска династија.
Грб на династијата

Отоманската династија или Куќата на Осман, по потекло имала туркиски карактер.

Највисоката позиција во исламот, калифот, била заземена од страна на султанот. Првите османлиски владетели всушност не се нарекувале султани, туку бегови. Мурат I бил првиот владетел со титула султан, односно цар. Од 1517 година па сè до својата пропаст, султанот истоивремено се нарекувал и калиф, а со тоа земјата често пати била нарекувана ѝ како Отомански калифат. Султанот работел односно бил единствен регент на империјата, кое се сметало како едно олицетворение на неговата влада, и покрај тоа што не секогаш тој ја имал целосната контрола врз империјата или администрацијата.

Со текот на времето, династијата ги изгубила својот туркиски карактер, главно поради тоа што голем број на султани се оженувале со различни етноси, па дури и различни по вероисповед. На единаесет пати султанот бил симнуван од престолот затоа што од страна на неговите непријатели во империјата претставувал директна закана. Во текот на историјата на Отоманската империја, имало само два обиди за соборување на владеачката отоманска династија од престолот.

Османлиски султан[уреди]

Империјата во текот на своето шествековно постоење дал 36 суверени султани. Династичките промени во Западна Европа не довеле до распаѓање на империите, но Османлиската империја без куќата на Осман не била одржлива. Во првите 150 години од политичкиот живот османлиската држава го прифатила принципот за женење на принцовите за ќерките на соседните владетели. Со женувањето на Бајазид I, османлиската земја обезбедила присвојување на земјата. Повеќе од јасно е дека Орхан Гази се оженил за ќерката на византискиот император Кантакузин кое довело да во османлиската династија и потомство потече византиска крв. Селим I се оженил за Хафса, ќерката на ханот од Крим. Од аспект на секојдневниот живот османлискиот падишах бил подложен на многу строг протокол. Наутро, по мапуштањето на харемот било дефинирано каде низ дворецот ќе престојува султанот или во колку часот ќе руча. Во времето на Бајазит II во палатата се користеле порцелански садови. Храната најпрвин била пробувана од страна на готвачите, а потоа од набљудувачите во кујната. Целта била да не се доведе во опасност султанот преку труење и слично.

Обично секој султан имал некаков занает или техника. Познато е дека Сулејман I бил голем познавач на правењето накит, Мурат III бил голем поет, Ахмед III калиграф, Селим III композитор и.т.н.

Според исламските традиции, султанот морал да биде полнолетен маж со добро здравје. Сулејман I му рекол на својот син Шехзаде Бајазит, кој направил обид да го симне од престолот:

Во иднина треба да се да препуштиш на Господ бидејќи империјата и неговото управување не зависи од желбата на човекот, туку од Божјата волја. Доколку тој одлучил дека после мене империјата ќе припадне на тебе, ниту еден жив човек нема да може ова да го спречи.


Секој османлиски принц кој успевал да ги придобие јаничарите, улемите и дворјаните се сметал за законски престолонаследник. Во времето кога Мурат III станал султан, тој ги задавил своите пет браќа, а Мехмед III издал наредба за убивање на 19 негови браќа. Тој исто така го ограничил движењето во харемот кое место било познато како кафез. Во кафезот живееле принцовите и на нив им било забрането да го напуштаат или да имаат потомство. Живеејќи во страв за да не бидат убиени, поголемиот дел од наследниците на Мехмед имале душевна болка. Кога Сулејман II (1687-1691) го повикале да застане на престолот тој рекол:

Доколку е наредено да ме убиете сакам да ми кажете. Дозволете ми да ги прочитам молитвите а потоа ме убијте. Од своето детство, четириесет години се наоѓам во заточение. Подобро да умрам веднаш отколку помалку секој ден.


По смртта на Мехмед III, неговиот најстар син Ахмед I (1603-1617) сослушувајќи ги советите од своите најблиски луѓе тој не го погубил својот ментално болем млад брат Мустафа. Во времето кога починал неговите синови биле уште многу мали па престолот преминал во рацете на неговиот брат но поради неговата болест тој по три месеци бил симнат од престолот синот на Ахмед, Осман II станал нов султан кој издал фетва според кој било укинат законот за братоубиство. Сепак, неговиот брат Мурат IV (1623-1640) ги погубил своите три браќа а го поштедил животот само на Ибрахим кој немал деца.

По смртта на султанот, сите негови законски одредби можеле да бидат поништени од страна на новиот султан. Често пати смртта на султанот била држена неколку денови во тајна до доаѓањето на принцот од провинцијата во престолнината. По доаѓањето на принцот во Константинопол, започнувало славењето и церемонијата за поставување на тронот на новиот султан. Тој најпрвин одел на молитва во џамија, а по ова сите државни службеници биле повикувани во дворот каде му одавале почит и заклетва дека верно ќе му служат со зборовите: Султане, да живеете илјада година вие и твојата земја. По ова султанот го соблекувал своето жалбено одело и заминувал на гробот на својот татко. Сите наложници на стариот султан, неговите сестри, бремени жени и наложници биле преместувани во стариот дворец. Обично поданиците кои биле во Маниса станувале најважните луѓе во дворот. По три дена од државната благајна биле подигани големи количини на златни дукати и биле давани на султанската армија. За да го видат на султанот, тој првиот петок по застанувањето на тронот одел на петочна молитва во Аја Софија. По молитвата била создавана нова влада или Диван. Во следните недели султанот го посетувал и гробот на Ејуп Ејуп Ајуб Абу ал-Ансари, следбеник на пророкот Мухамед, како и на своите дедовци, прадедовци и.т.н.

Дворец[уреди]

Седиштето на империјата се наоѓало во престолнината во Топкапи сарај. По 1453 година Мехмед II се сметал за наследник на Римската империја. Кога влегол во градот тој наредил веднаш да започне да се гради новиот дворец на просторот кај форумот Таур. Претходно до 1326 година како главен град се сметал Согут, во периодот од 1326 до 1402 година престолнина била Бурса во Анадолија, а од 1402 до 1453 во Едрене во Румелија.

Палатата била завршена во 1455 година, но многу бргу султанот дал наредба за изградба на нова посигурна и постратешка палата. Така во 1459 година започнал да се гради Топкапи сарај кој се наоѓа на Босфорот и Мраморно море. Главниот дел од оваа палата бил завршен во 1464 година, а во 1478 година биле изградени околните ѕидини. Во следните четири века оваа палата била резиденција на султанот. Според својот архитектонски план, сарајот потсетува на старата палата во Едрене и се состои во два дела: Внатрешен двор и надворешен. Во дворот се наоѓа кула која се нарекува Кула на праведноста која го симболизирала идејата дека владетелот треба да ги гледа сите неправди кои ги правиле неговите поданици. Својот личен живот султанот го имал во Внатрешниот двор кој се состоел од голем двор ограден од сите страни со ѕидини, харем и останатите административни служби. Во вториот двор преку т.н. Порта на среќата се наоѓачп местото каде султанот го примал народот, делел правдина, раководел со Диванот

Харем[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Османлиски харем.
Харемот во Топкапи сарај

Империјалниот харем бил еден од најважните судови односно резиденции на Османлиската империја. Тој бил управуван од страна на Валиде султан, односно мајката на султанот. Позицијата на Валиде султан била втора по важност во отоманската хиерархија, по онаа на султанот. Таа имала огромно влијание врз управувањето на земјата. Во текот на 17 век, главно поради застанувањето на тронот на неколку неспособни султани кои постепено ја уништувале империјата, формално власта била во рацете на Валиде султан. Овој период од историјата на Отоманската империја се нарекува Султанат на жените.

Сарајска школа[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Сарајска школа.

По смртта на султанот, новиот султан секогаш како предност имал неговиот син или машки потомок. По стапувањето на должноста следувало елиминирање на останатите претенденти кон османлискиот трон.

Самите Сарајски училишта се состоеле од Медресе и Еднерун. Медресето било наменето за муслиманите каде работеле образовни научници и државните службеници, а Ендерунот бил наменет за христијаните и претставувал интернат кој броел до 3,000 студенти годишно. Овде ги праќале христијаните од Балканот кои биле зимани како данок во крв или Девширме.

Диван[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Диван.
Мустафа II со француските амбасадори

Иако султанот бил врховен глава на империјата, тој имал голем број на советници и министри. Најмоќните од нив биле везирите од Диванот на чело со Големиот везир. Диванот претставувал место кој бил составен од сите везири каде се собирале и дебатирале за политиката на империјата. Должноста на Големиот везир била да го информира султанот за мислењето на Диванот. Султанот често се советувал со членовите на диванот но немал обврска да ги почитува нивните одлуки. Во текот на 14 век бројот на везирите во Диванот бил 3 а додека во 17 век нивниот број бил 11 везири. Понекогаш на состаноците присуствувал и главниот командант на јаничарите.

Голем везир[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Голем везир.

Големиот Везир бил главниот министер на султанот на Отоманската империја (како премиер), користејќи се со апсолутното лична доверба кај шефот на државата. Тој бил назначуван од страна на османлискиот султан. Големиот везир бил чувар на државниот печат. Го свикувал Диванот чии седници се одржувале во посебна соба наречена под куполата во Топкапи Сарај. Канцеларијата на великиот везир била сместена во Високата порта.

Во периодот на зајакнување на Отоманската империја до 1364 година се користил само терминот везир. Прв од везирите кој ја добил титулата Голем везир бил Чандарли Кара Халил Хајредин Паша во времето на Мурат I. Во 1364 година Првиот голем везир бил иницијатор за воведување на данок во крв за создавање на јаничарски корпус кој бил во основата на османлиската воена и политичка моќ до 1826 година

Во времето на Копрулската ера во втората половина на 17 век улогата на Великиот везир го достигнала својот врв. Сепак овој период завршил катастрофално за империјата бидејќи Османлиите ги изгубиле Унгарија, Трансилванија, Мореја и Подолија.

Административна елита[уреди]

Министрите немале големи овластувања кај султанот колку везирите но имале полна контрола врз своите министерства. Министрите ги снабдувале на везирите за потребните информации. Најважни министерства биле министерство за правда кое вклучувало кадии, цивилни судии, воени судии (кадиаскер) кои биле најважната судска власт по сејхулислам, оснодно врховниот верски водач или улема.

Воена елита[уреди]

Над секој воен корпус се наоѓал назир. Под него се наоѓал ага кој имал церемонијална власт над корпусот. Постоел и гардиски корпус под команда на чуварот на мечот и дворските гардисти кои имале полна одговорност за султановиот двор. Освен ова покрај палатата се наоѓале и шест девизии на коњаници и јаничарите.

Бегови[уреди]

Беговите во империјата претставувале лидери односно управители на определен регион, провинција или вилает со кои владееле. Неговите територии се нарекувале бејлик или беговина кое одговара на емиратство или кнежество.

Историски во почетокот првите три владетели на империјата имале титула на бегови, а не на султани. Прв кој ја добил титулата султан бил Мурат I во 1383 година. Од тој период титулата бег започнала да се користи за гувернаторите на провинциите или вилаетите. Важните османлиски провинции имале своја автономија. Градовите како Бурса и Едрене ималевчадетел со титула бег, а подоцна оваа титула ја имал и владетелот на Тунис. Подоцна, во 19 век оваа титула била редуцирана како почесен назив, слично како титулите Сер во Англија или Господин во Македонија.

Провинциска управа[уреди]

Милет[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Милет (Османлиска империја).
Милети во Османлиската империја

Милетот претставувал општествена форма на социјална поделба по религиозен (и етнорелигиозен) карактер во империјата. На чело на милетот стоел верски водач, наречен милет баша, кој се грижел за верските прашања и за моралот на членовите на милетот. Секој милет ги остварувал правата низ своите сопствени институции како што биле верските судови, верските училишта и др. Според османлиските документи верските заедници биле поделени на верници и неверници кои биле вклучени во законско признаени религиозни општества (милети):

  • муслимански милет - без поделба на турски, курдски или арапски миллет,
  • грчки милет (Румски милет) - источноправославен, на чело со Цариградската патријаршија,
  • франкиски милет - за сите католици,
  • ерменско-грегоријански милет
  • Ерменци-католици,
  • еврејски милет.

По падот на Византија, султанот Мехмед II (1451-1481) најпрвин го признал Рум милетот (верската заедница на православните христијани), на чие чело стоел цариградскиот патријарх. Рум милетот ги опфаќал православни христијани, како што биле: Грците, Бугарите, Србите, Албанците, Македонците, Власите итн. Овој милет бил најголем и најважен за православните христијани. Патријархот, односно милет башата, живеел во делот на Истанбул наречен Фенер, кој воедно бил и седиште на раководните органи на Патријаршијата. Во рамки на Цариградската Патријаршија постоеле и Охридската Архиепископија и Пеќската Патријаршија чии верски водачи одговарале за православното население во нивните епархии, но биле потчинети на константинополскиот патријарх.

Набрзо по Рум милетот, бил признаен и Ерменскиот милет. Ерменците уште од средниот век живееле во Византија, а Мехмед II ги повикал да дојдат во Константинопол и да се населат во делови од градот наречени Саматијас и Сулу Манастир. Доселените Ерменци главно биле занаетчии и трговци. Мехмед II го повикал митрополитот на Бурса и го назначил за ерменски патријарх со седиште во Сулу Манастир. Ерменскиот патријарх бил назначен за ерменски милет баша и тој управувал со монофизитите од Сирија и Египет како и со богомилите во Босна.

Покрај овие два православни милети, бил признаен и Еврејскиот милет (Јехуди милет), на чие чело стоел врховен рабин. Евреите во Истанбул и во провинциските градови биле организирани заедници и секоја заедница имала свој рабин и свој совет со водач наречен башгаба.

Во официјалните документи на империјата биле потенцирана религиозната припадност на поданиците и била определена според нивниот однос кон исламот. Така тие се делиле на:

  • муслимани или правоверници, кои биле привилигирани
  • немуслимани или неверници кои биле во втора категорија.

Милет системот имал јурисдикција над прашањата од верски и световен карактер како што се: бракови, разводи, наследство, како и за други работи важни за немуслиманите. Водачот на секој милет бил одговорен за собирањето на даноците и за нивното предавање во султанската благајна. Исто така, тој бил одговорен и за доброто однесување и за лојалноста кон државата на членовите на неговиот милет. Секој милет имал право да го користи својот јазик, да ја исповеда својата вера, да ја развива сопствената култура, како и да формира свои верски образовни институции. На тој начин, милет системот играл важна улога во зачувување на верскиот и јазичниот идентитет на балканските народи.

Благодарение на воспоставениот милетски систем, животот на секоја заедница во Османлиската Империја повеќе бил организиран според нејзините наследени традиции и обичаи отколку според државните закони. Меѓутоа, во почетокот на 19 век со продорот на западните идеи за нацијата во османлиското општество, постепено започнала да се менува содржината на милет системот. Цариградската Патријашија, која дотогаш била обединувачката институција на православниот милет, започнала да се трансформира во политичка институција и да се идентификува со грчкиот народ, преземајќи ја улогата на грчка национална црква. Тоа ги поттикнало и другите народи на Балканот што му припаѓале на Рум милетот да започнат борба за национално осамостојување. На тој начин, од една страна, османлискиот милет систем одиграл позитивна улога во зачувувањето на верскиот и јазичниот идентитет на немуслиманското население. Од друга страна пак, милет системот во 19 век одиграл негативна улога за самата Османлиската Империја, придонесувајќи за нејзиното распаѓање. Со самото тоа што ја овозможувал поделбата на османлиското општество по верска основа, а подоцна и по етничка, милет системот претставувал сериозна пречка на обидите на државата да ги интегрира сите поданици во едно заедничко општество[2].

Вазални земји[уреди]

Османлиската империја во својата територија имала вклучено и многу вазални земји. Вазалите имале обврска да плаќаат данок на султанот и често му помагале при неговите походи. Голем дел од овие земји подоцна станувале провинции на империјата.

  • Муслиманските вазалски држави ја признавале османлиската власт и ја задржувале својата традиционална организација; сепак, Султанот влијаел врз назначувањето на владетелите општо земено, биле од големо политичко, воено или симболично значење за Османлиската Империја и примале финансиска помош во различни форми. Такви вазални држави биле: Кримското ханство, Шерифатот во Мека и др. И Персија плаќала данок помеѓу 1590 и 1603 година, но таа трајно не била вазал на османлиската држава.
  • Христијанските вазалски држави ја признавале османлиската власт, му плаќале данок на Султанот, морале да ја следат османлиската политика, но ги зачувале својата автономија и традиционалните христијански институции и не морале да ги почитуваат муслиманските закони. Такви вазални држави биле: Дубровник, Влашка, Молдавија, Трансилванија, Грузија, Хиос (до 1566 г.) и др. Некои христијански држави плаќале данок само за дел од својата територија (на пр. Венеција за Кипар 1517-1570) и (Хабсбурзите за Горна Унгарија 1533-1593), или плаќале за „заштита“ за да не бидат ограбувани (на пример Полско-литванската унија му плаќала на Кримското ханство, а повремено и на Османлиите).

Наводи[уреди]