Драган Шуплевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Драган Шуплевски (1933-2001) беше македонски хорски диригент, педагог и композитор, син на познатиот и признат музички педагог и диригент Трајко Шуплевски (1904-1977), својата музичка дејност ја започнал во родниот град Скопје, определувајќи се за музиката како за свој животен пат.
Мошне надарен уште како ученик го привлекува хорското диригирање, заради што станува и првиот диригент на Детскиот радиохор, при Радио Скопје (1952-1954), како и корепетитор на Радио-хорот при истата институција, за да го преземе потоа во 1968 година и целокупното водење на Радио-хорот на Радио телевизија Скопје, се до 1990 година.
Завршувајќи ја музичката академија во Белград (1958), доаѓа во Македонија како диригент со искуство што го стекнал во текот на студиите во Белград, кога бил диригент на хорот „Жикица Јовановиќ - Шпанац“ (1956-1959). Со музичка педагогија започнал да се занимава во 1960 - 1963 год., кога станал професор во Средното музичко училиште во Скопје. Но тогаш, во 1960 год, се основа Академскиот хор „Мирче Ацев“ чиј прв диригент е Шуплевски, а ќе го води од 1960-1974 и од 1984-1990 година. Во годините што следуваат станал музички уредник во Редакцијата за музика при Радио Скопје (1963-1966), за да премине во 1966 година на Факултетот за музичка уметност, како професор по хорско диригирање, познавање на хорската литература и хорско пеење, каде останува се до својата смрт.
Особено активен во својата диригентска професија, Драган Шуплевски во текот на својот работен век раководел со Детскиот хор „Развигорче“ (1966-1975), Младинскиот детски хор, обата при Домот на младите „25 Мај“, во Скопје (1972-1978), како и со веќе споменатите Хорот при Радио-телевизија Скопје и Академскиот хор „Мирче Ацев“ - Скопје, презентирајќи на многубројните концерти во Македонија, Југославија и во странство, програма од сите музички епохи, на високо професионално ниво.
Како композитор, Драган Шуплевски е свртен кон изворната македонска народна песна, но не изостанува и оригиналната творечка инспирација која најчесто е сепак во македонскиот народен дух. Оттука во неговиот творечки опус се наоѓаат над 80 наслови на хорски дела обработени за различни хорски состави, повеѓе од 20 наслови на оригинални хорски дела и три каприча за виолина и пијано.
Вонредниот труд што Драган Шуплевски го вложи во работата со хоровите што ги водеше, му донесоа големи успеси и високи признанија кои што ја потврдија неговата широка хорска и диригентска култура, диригентскиот гест и смисла за создавање на концертен репертоар, каде што никогаш не го заборави творештвото на македонските композитори.
Првите признанија за успехот пристигнаа од Ланголен (Англија), каде што со Академскиот хор „Мирче Ацев“ ја доби првата награда во 1962 година за најдобар ансамбл на годината на тој хорски фестивал. Истата година следуваше и наградата „13 Ноември“ на град Скопје, 1971 година во Цеље на Хорскиот фестивал за деца доби Плакета со хорот „Развигорче“ од Скопје, 1974 година наградата „13 Ноември“ со хорот на Радиотелевизија Скопје и многу други награди.