Динко Златариќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Доминко Златариќ)
Динко Златариќ

Доминко „Динко“ Златариќ (15581613) бил поет и преведувач во Дубровничката Република, и се смета за најдобар преведувач во ренесансата.

Живот и дело[уреди | уреди извор]

Потекнува од угледно и богато семејство од Дубровник. Татко му се грижел за неговото школување уште како дете, а потоа го пратил на школување во Италија, на познатиот универзитет во Падова, каде учел филозофија и медицина. Таму почнал да пишува стихови на италијански јазик, и бил доста познат. Бил избран за ректор. Во тоа време меѓу студентите избиле немири, крвопролевање, кои не можел да ги смири ни бискупот ни власта, но успеал Златариќ со својата популарност.

Во неговиот поетски живот значајна улога одиграла дубровничката убавица Цвета Зузориќ, која била од богато семејство, а во нејзините куќи во Дубровник и Фиренца се собирале книжевници, уметници и образован свет. Многу поети ѝ посветиле песни.[1]

Првото негово книжевно дело е преводот на пасторалата „Аминта“ од Торквато Тасо, едно од најдобрите дела на Тасо. Преведувал во стих кој не е врзан за бројот на слогови, ниту за рима. Ова е ослободување од дванаесеттерецот, кој дотогаш правел многу проблеми при преводот. Се смета за еден од најуспешните преводи од тоа време. Во пасторалата се пее за познатиот овчар Љубомир, кој се вљубил во самовилата Дубравка. Тој тажел поради нејзината рамнодушност. Тој ја спасува од смрт и се надевал на нејзината наклоност, но таа го напушта, за подоцна пак да му се врати.

По „Аминта“ Златариќ ја превел трагедијата „Електра“ од грчкиот писател Софокле. Од особено значење е што ова дело е преведувано од оригинален старогрчки јазик, а не е превод од латински, како што било вообичаено. Во трагедијата има многу убиства и злосторства, што не одговарало на вкусот на ренесансната публика, но Златариќ ја ценел класиката.

Од латински јазик ја превел нежната епска песна „Љубовта и смртта на Пирам и Тизба“ од Овидиј. Станува збор за тажна љубов меѓу Пирам и Тизба, забранета од родителите.

Поезија[уреди | уреди извор]

Златариќ оставил и над сто лирски песни кои по неговата смрт се собрани во збирка под наслов „Пјесни разлике“. Тие се со љубовен и пригоден карактер. Негов пример бил италијанскиот поет Пјетро Бембо, но сепак има општи петрархистички мотиви: тага за љубената како во песната „Госпоѓа“. Златариќ е талентиран поет, обрнува внимание на начинот на изразување, интонацијата и јазикот, и достигнува битен степен на артизам. Сето тоа ја извлекува неговата поезија од рамките на вообичаената конвенционалност и шаблонизам. Во песната „У смрт Кате своје сестре“ има конвенционален мотив, но во неа изнел мисли на зрел човек на кого му се приближува крајот на животот.

Мајсторството во интонацијата, стихот и сликите го покажува и во шеговитите и сатирични песни. Во една таква песна му се потсмева на фалбаџијата Томо Будиславиќ, кој има граѓанско потекло, но се претставува како аристократ, го нарекува „гиздав господин“, кој наводно води потекло од Александар Македонски, и кој е сто пати подобар поет од Хомер.

Неговата збирка лирика е полна со типични петрархистички клишеа. Иако имал развиено уметничко чувство и смисол за форма, сепак бил без длабок личен поетски тон.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Povjest hrvatske književnosti I, Milorad Medini, Naklada "Matica Hrvatska“, 1902, стр. 111 - 115.