Долорес Ибарури

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Долорес Ибарури во 1978 година

Долорес Ибарури - Ла Пасионарија e eдна од најмаркантните личности во Шпанската граѓанска војна (1936-39). Таа претставува синоним на антифашизмот и борбата на шпанските демократски сили против франковите легии.

Родена е на 9 декември 1895 година во Баскија. Во 1918 година под псевдонимот Ла Пасионарија ја објавува својата прва статија во која главен акцент е ставен на социјалните услови во Шпанија. Две години подоцна, во 1920, станала член на новоформираната Комунистичка партија на Шпанија (КПШ). Како кандидат на шпанските комунисти, Долорес Ибарури била ж избрана за пратеник во републиканскиот парламент.

По избувнувањето на граѓанската војна, Долорес Ибарури, застанала на страната на републиканската опција наспроти профашистите на Франциско Франко. Популарноста ја стекнала со своите неколку храбри говори во кои од шпанскиот народ барала безусловно да застане на страната на демократските сили. Во еден говор од 1936, Долорес Ибарури му порачува на шпанскиот народ: „...подобро е да умрете на вашите нозе, отколку да живеете на колена“. Позната е нејзината изрека, кажана на шпанското радио на 18 јули 1936 г., изрека која ќе стане мото на шпанските републикански борци и синоним за поздрав на сите антифашисти во светот: NO PASARAN – Нема да поминат.

Непосредно пред победата на Франко во 1939 година, Долорес Ибарури ја напушта Шпанија и се засолнува во СССР. Од 1944 до 1960 г. ја извршува функцијата генерален секретар на КПШ. Иако тогашните политички аналитичари ја квалификувале како „тврд сталинист“, сепак Долорес Ибарури остро ја осудила советската интервенција во Чехословачка во 1968 година.

По смртта на Франко, а откако новите шпански власти дозволиле да биде регистрирана забранетата Комунистичка партија, на 13 мај 1977 г., по 38-годишен егзил, Долорес Ибарури се вратила во Шпанија. На следните избори била избрана за пратеник во шпанскиот парламент од редовите на КПШ. Поради здравствени причини, по извесен период дала оставка и се повлекла од активната политика. Сепак останала почесен претседател на шпанските комунисти. Починала на 12 ноември 1989 година во Мадрид.

Прв пат се омажила во 1915 г. за Хулијан Руиз, но се развела во 1930 година. Била мајка на шест деца од кои само две го преживеале детството. Нејзиниот син Рубен загинал како офицер на Црвената армија во Битката за Сталинград.

Во 1962 година Долорес Ибарури ги објавила своите мемоари насловени како „El Unico camino“ – Единствениот пат (во анг. изд. преведени како „Нема да поминат“).