Доброшане

Координати: 42°6′1″N 21°45′25″E / 42.10028° СГШ; 21.75694° ИГД / 42.10028; 21.75694
Од Википедија — слободната енциклопедија
Доброшане

Воздушен поглед на селото Доброшане

Доброшане во рамките на Македонија
Доброшане
Местоположба на Доброшане во Македонија
Доброшане на карта

Карта

Координати 42°6′1″N 21°45′25″E / 42.10028° СГШ; 21.75694° ИГД / 42.10028; 21.75694
Регион  Североисточен
Општина  Куманово
Област Жеглигово
Население 1.889 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1300
Повик. бр. 031
Шифра на КО 17030, 17530
Надм. вис. 220 м
Доброшане на општинската карта

Атарот на Доброшане во рамките на општината
Доброшане на Ризницата

Доброшане — село во Општина Куманово, во областа Жеглигово, во околината на градот Куманово.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Куманово, југоисточно од градот Куманово, недалеку од патот Куманово-Свети Николе. Бидејќи селото се наоѓа на мала оддалеченост од централното место може веќе да се каже дека припаѓа на неговата рурбална зона.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 220 метри.[2]

Покрај селото поминува регионалниот пат 1204, кој ги поврзува Куманово и Свети Николе.

Куќите на ова село се наоѓаат во долината на Кумановска Река, десна притока на Пчиња. Околни села се Биљановце, Проевце, Шупљи Камен и Орашац. Во минатото, водата за пиење била од селските чешми кои се викале Селска Чешма, Чешма до Џаде, Тосева Чешма (порано Абдулова) и Студена Чешма.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Мртвица, Банковица, Ливаде, Пладниште, Меѓу-патишта, Дервен, Јазовица, Шумати Рид, Гладно Поле, Аниште, Зелени Рид, Озиром, Локарке, Шишкови Бунари, Ефендина Падина, Орловац, Емировац, Крст, Бислим, Страчковац, Милко Камен, Костина Чука, Садој и Чафкина Дупка.[3]

Селото има збиен тип, при што роднинските куќи се поблиску една до друга и се групирани. Такви групи се Давитковска, Домазетовска, Костовска, Каранска и други.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Оскудни се преданијата за основањето и раното минато на Доброшане. Сепак, поединечни податоци говорат дека селото е старо. За ова говорат поволните природни услови, стопанство, сообраќај, зачувани словенски родови и еден пишан спомен. Документот во кој се споменува Доброшане е од 1559 година, кога во еден преноќил еден венецијански патник на патот од Скопје за исток.[3]

При ослободувањето од Турците, Доброшане било мало село со само 15 домаќинства, а од нив само седум биле христијански. Некои кумановски муслимани само летно време живееле во селото. Поради нив, во селото постоела стара муслиманска текија.[3]

Јужно од селото, на оддалеченост од 3 километри, се наоѓа месноста Бислим. До 1879 година, таму се наоѓало истоименото мало македонско село со 13 куќи. Но, селото било постојано под напад на Арбанасите, кои им ја земале стоката на селаните, како и им одземале пари. Поради тоа, мештаните на Бислим за месец дена се иселиле од таму и преминале во други места како Куманово, Доброшане и Пчиња. Атарот на поранешното село Бислим, денес припаѓа на селото Доброшане.[3]

До 1879 година, селата Бислим и Доброшане имале заеднички гробишта на границата на нивните атари. Таму денес се наоѓаат само доброшанските гробишта.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 13 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 546,4 хектари, на пасиштата отпаѓаат 482,5 хектари, а на шумите само 43,9 хектари.[2]

Во основа, селото има полјоделско-шумарска функција. Во селото работат продавници и угостителски објекти.[2]

Пространиот атар на селото е погоден за земјоделство и сточарство. На долинското дно североисточно од селото добро успеваат пченката, шеќерната репа и оризот, а лево од реката по ридовите се нивите за пченица. Од стока најмногу се чувале овци и говеда, а особено познати биле влашките семејства каде секоја куќа имала по 150 до 200 глави.[3]

Денес, стопанството во селото е прилично развиено и на неговиот атар има повеќе фабрики, од кои попознати се:

  • Фабрика за сладолед „Крикри“
  • Фабрика за мебел
  • Претпријатие за ПВЦ прозорци
  • Претпријатие за сунѓер
  • Фабрика за чевли „Шустер“
  • Фабрика за чевли „Филип-Фрос“

Во XIX век, Доброшане било чифлиг, а пред крајот на отоманскиот период сопствениците на чифлиците биле Мустафа-бег, Мула Амед, Абдула-бег, Исен-ага, браќата Невзат и Мерсељ. Сите овие живееле во градот Куманово, освен браќата кои биле Албанци од Слупчане. За мештаните, токму браќата биле најлоши.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948435—    
1953527+21.1%
1961630+19.5%
1971540−14.3%
1981930+72.2%
ГодинаНас.±%
19911.386+49.0%
19941.384−0.1%
20021.655+19.6%
20211.889+14.1%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Доброшане живееле 190 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Доброшане имало 144 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 150 Македонци и 50 Власи.[6]

Доброшане популациско станало имиграциско место, бидејќи селото прераснало од средно по големина, во големо село. Така, во 1961 година селото броело 630 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 1.384 жители, од кои 1.298 биле Македонци, 38 Власи, 29 Роми и 19 Срби.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Доброшане живееле 1.655 жител, од кои 1.571 Македонец, 39 Власи, 24 Роми, 17 Срби, 1 Бошњак и 3 останати.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.889 жители, од кои 1.666 Македонци, 2 Албанци, 23 Роми, 26 Власи, 47 Срби, 1 Бошњак, 12 останати и 112 лица без податоци.[8]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Доброшане:

Година Македонци Албанци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п. Вкупно
1948 435
1953 378 0 33 104 12 0 0 527
1961 458 0 14 158 630
1971 466 0 16 6 52 540
1981 851 3 27 36 11 2 930
1991 1.298 0 26 38 13 11 1.386
1994 1.298 0 29 38 19 0 0 1.384
2002 1.571 0 24 39 17 1 3 1.655
2021 1.666 2 23 26 47 1 12 112 1.889

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови[уреди | уреди извор]

Доброшане е македонско-влашко-ромско село. Мештаните припаѓаат на родови, кои во најголем дел се доселеници.[3]

Според истражувањата од 1971 година, родови во селото се:

  • Македонски родови:
    • Староседелци: Датковци (5 к.), Калчовци (2 к.) и Џуклевци (1 к.), стари родови во селото. Возможно е да се староседелци;
    • Родови доселени за време на отоманскиот период: Чапарошкини (2 к.), доселени се во XIX век од селото Агино Село на патот за Скопје. Имаат роднини во соседното Биљановце, родот Севдини; Новаци (6 к.), доселени се од денес албанското село Виштица; Димковци (2 к.), доселени се од денес албанското село Ваксинце во XIX век; Милановци или Количанци (2 к.), доселени се од селото Колицко; Домазетовци (4 к.), Сарафовци (2 к.) и Величковци (1 к.), доселени се од сега раселеното село Бислим; Урошевци (1 к.), доселени се од селото Мургаш; Чојковци (3 к.), доселени се од селото Дренок и Даневци (1 к.), доселени се од селото Скачковце;
    • Родови доселени по ослободувањето од Турците Цаневци (4 к.), доселени се во 1924 година од селото Радибуш кај Крива Паланка; Митревци (3 к.), Небитници (2 к.), Петрушевци (2 к.), Милковци (1 к.), Додевци (1 к.) и Радевци (1 к.), доселени се од селото Дејловце; Додевци (2 к.) и Митревци (2 к.), доселени се од селото Дренок помеѓу 1930 и 1938 година; Славевци (2 к.), доселени се од селото Герман кај Крива Паланка; Ангеловци (1 к.), доселени се од селото Жељувино; Јачинчанци (3 к.), доселени се од селото Јачинце; Арсовци (2 к.) и Мироновци (2 к.), доселени се од селото Опила кај Крива Паланка.
  • Влашки родови: Дедо-Костовци (5 к.), Каранци (5 к.), Калајџии (5 к.) и Зиковци (1 к.), доселени се од 1900 до 1918 година, споменатите влашки родови се занимавале со сточарство и престојувале на планината Осогово.
  • Ромски родови:
    • Православни родови: Трајановци (3 к.) и Тасевци (1 к.), првите се доселени од Куманово, а вторите од селото Ваксинце.
  • Муслимански родови: Амдијанини (1 к.), Асиповци (1 к.), Беџетовци (1 к.), Дестановци (1 к.) и Шефкетовци (1 к.), доселени се во текот на Втората светска војна од селото Липково.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Се знае само за постари иселеници во Бедиње (Величковци) и во Проевце (Тодоровски и Антевски).[3]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Поглед на основното училиште

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Доброшане било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Куманово.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Орашац, во која покрај селото Доброшане, се наоѓале и селата Алакинце, Вак’в, Винце, Д'лга, Живиње, Колицко, Малино, Орашац, Пчиња, Скачковце и Шупли Камен. Во периодот 1950-1952 година селото било седиште на некогашната Општина Доброшане, во која влегувале селата Биљановце, Доброшане, Проевце и Шупљи Камен.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постојат избирачките места бр. 1087, 1087/1 и 1094 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месната заедница и приватен објект.[9]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.576 гласачи.[10]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[11]
  • Аниште — населба (викус) од доцноантичкото време;
  • Дервен — населба од римското време;
  • Краста — сакрален објект од доцноантичкото време;
  • Момина Бавча — утврдена населба од доцноантичкото време; и
  • Орловац — утврдување од доцноантичкото време.
Цркви[12]
Споменици
  • Споменик на НОБ во чест на партизанскиот одред

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Од спортот најразвиен е фудбалот. Доброшане има два фудбалски клуба Јуниор и ФК Студена Вода. Јуниор е постариот и попознат, но моментално игра во општинската лига на Куманово, за разлика од Студена Вода кој се натпреварува во Третата лига Север. До 2001 година Јуниор има редовно настапувано во третата лига на Македонија. Спортскиот стадион е еден од најдобрите и најопремените во Куманово.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 99.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област. Скопје: САНУ. стр. 74–77.
  4. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 215
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 126-127.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 3 декември 2022.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  10. https://rezultati2021lokalni1krug.sec.mk/mk/mayr/r/45-1331. Посетено на 3 декември 2023. Отсутно или празно |title= (help)
  11. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 208. ISBN 9989-649-28-6.
  12. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]