Дитрих Екарт

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Дитрих Екарт во младоста

Дитрих Екарт (германски: Dietrich Eckart; 23 март 1868 - 26 декември 1923) — германски политичар, еден од поважните рани членови на Националсоцијалистичката германска работничка партија и учесник во неуспешниот државен удар од 1923 година.

Биографија[уреди]

Екарт е роден во Нојмаркт, кај Нирнберг во 1868 година како син на кралски нотар и адвокат. Неговата мајка починала кога тој имал 10 години, а во 1895 умрел и татко му, оставајќи му пристојна сума пари којашто Екарт набрзо ја потрошил.

Екарт прво студирал медицина во Минхен, но се откажал во 1891 за да работи како поет, драматург и новинар. Се преселил во Берлин во 1899, кадешто пишувал претстави, често автобиографски. Сепак, не бил успешен во таа работа.

Понатаму, тој развил идеологија за „генијален возвишен човек“, засновата на писанијата на Ланц фон Либенфелс. Исто така бил воодушевен од мајанските верувања. Тој бил окултист, заинтересиран за магијата и митологијата на старите Германи.

Меѓу 1918 и 1920, Екарт бил уредник на антисемитистичкиот весник „Ауф гут Дојч“, издаван заедно со Алфред Розенберг и Готфрид Федер. Како жесток критичар на Вајмарската Република, цврсто се противел на Версајскиот договор, којшто го гледал како предавство, и ја поддржувал таканаречениот мит за завера, според којшто социјалдемократите и Евреите биле виновни за поразот на Германија во Првата светска војна.

Екарт бил вмешан во основањето на Германската работничка партија (ДАП) заедно со Готфрид Федер и Антон Дрекслер во 1919 година, подоцна преименувана Националсоцијалистичка германска работничка партија (НСДАП). Тој бил главниот издавач на весникот на Нацистичката партија, Фелкишер беобахтер, и исто така го напишал текстот за „Германијо, разбуди се“ (Deutschland erwache), којашто станала химна на Нацистичката партија.

Екарт го сретнал Адолф Хитлер за време на еден говор што го одржал пред членовите на партијата на 14 август 1919. Тој имал важно влијание врз Хитлер во следните години и силно верувал дека тој ги воспоставил теориите и верувањата на Нацистичката партија. Малкумина други имале толкаво влијание врз Хитлер.

Екарт бил тој што го запознал Алфред Розенберг со Адолф Хитлер. Меѓу 1920 и 1923, Екарт и Розенберг работеле неуморно за Хитлер и партијата. Преку Розенберг, Хитлер ги запознал писанијата на Хјустон Стјуарт Чембрлен. Розенберг бил уредник на партискиот весник Минкнер беобахтер.

За да го издигне фондот на партискиот весник, Екарт го претставил Хитлер во влијателните кругови коишто можеле да ја финансираат Нацистичката партија. Додека престојувал во куќата на еден богат производител во Берлин, Хитлер добил подучување за јавно говорење од еден учител по драма.

На 9 ноември 1923, Екарт учествувал во неуспешниот државен удар на Нацистичката партија. Бил уапсен и затворен во истиот затвор со Хитлер и други партиски функционери, затворот Ландсберг, но бил пуштен брзо заради болест. Умрел од срцев удар на 26 декември 1923 година во Берштесгаден. Бил погребан на старите гробишта во Берштесгаден, недалеку од гробовите на нацистичкиот функционер Ханс Ламерс и неговата жена и ќерка.

Хитлер го посветил вториот том од „Мојата борба“ (Mein Kampf) на Екарт. Во 1925, Екартовиот незавршен есеј „Болшевизмот од Мојсеј до Ленин: Дијалози помеѓу Хитлер и мене“ (Der Bolschewismus von Moses bis Lenin: Zwiegespräch zwischen Hitler und mir) бил издаден постхумно, иако се покажало дека дијалозите биле измислени; есејот бил пишуван само од Екарт.

Надворешни врски[уреди]