Димитрие Османли

Од Википедија — слободната енциклопедија
Димитрие Османли
Роден 29 мај 1927
Битола, денешна Македонија Македонија
Починал 13 март 2006
Скопје
Националност македонски Влав
Познат по режијата на:
Мирно лето
Мементо
Ангели на отпад
Занимање режисер
Сопружник Екатерина Османли,род. Ламнид (Солун, 1928-1992, Скопје)
Татко Дијаманди Ѓорѓи Османли (Битола, 1883-1944, Битола)
Мајка Евридики Османли, род. Шмина (Битола, 1886-1951, Битола)
Деца
Томислав Османли (1956)

Димитрие Рули Османли (Битола, 29 мај 1927 - Скопје, 13 март 2006) — првиот македонски дипломиран филмски и театарски режисер, прв македонски автор на игран филм („Мирно лето“), автор на првата ТВ-драма снимена во скопското ТВ студио(„Домот на мојот татко“, 1967) и на првиот македонски ТВ филм („Враќање во рајот“, 1969), снимени во студиото на ТВ Скопје и автор на поголем број радио-драмски режии. Единствен е македонски мултимедијален режисер со така широк и континуирано реализиран творечи опфат.

Животопис[уреди | уреди извор]

Димитрие Османли станува член на глумечкиот состав на Народниот театар во Битола, примен на аудиција со повеќемина млади ентусијасти, неколку денови по ослободувањето на градот во ноември 1945 година и земал учество во првата национална театарска дејност на оваа сцена. Со административно насочување запишал и завршил три години Градежен факултет во Белград, а по успешно поминатиот приемен испит на југословенскиот конкурс, запишал студии по филмска режија на Високата филмска школа во Белград во 1948. Оваа високошколска установа две години подоцна, се фузионирала во новоформирната Академија за театарска уметност во Белград, каде што освен филмска, следел и настава по театарска режија. Оваа високошколска установа две години подоцна, се фузионирала во новоформирната Академија за театарска уметност во Белград, каде што освен филмска, студирал и настава по театарска режија.

Дипломирал со одличен успех, воедно филмска и театарска режија со поставувањето на претставата „Ѓаволштините на Скапен“ од Молиер, инаку првата македонска дипломска претстава во домените на театарската и на филмската режија воопшто, премиерно изведена на 12 март 1952 година на сцената на битолскиот Народен театар. Во таа куќа е примен за уметнички раководител и режисер (1953-1954). Преминал на редовна работа во Скопје, каде во статус на слободен филмски работник (1954-1965) работел повеќе филмски и театарски режии. Се усовршува на Институтот за високи кинематографски студии (IDHEC) во Париз (1960-1962), како и на престој во Cinecittà во Рим. Се вработил како раководител на уметничката реализација и режисер во Радиотелевизија Скопје (1965-1969), потоа и уредник е на Забавната програма и режисер во Радио-телевизија Скопје (1969-1972).

Димитрие Османли е еден од основачките кадри на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Избран е за продекан од страна на Одделот за драмска уметност при Факултетот за музичка уметност во чии рамки е формиран Одделот, потоа и за прв декан на осамостоениот Факултет за драмски уметности во Скопје. Од 1971 до 1987 г. е професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што предава Актерска игра (1971 г. е доцент, 1982 г. е избран за вонреден професор, а во 1995 г. за редовен професор). Од 1979 до 1982 ја извршува функцијата декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Како професор извел две актерски класи на ФДУ.

Филмско и драмско творештво[уреди | уреди извор]

Покрај краткометражниот („Бунт на куклите“, 1957) и четирите долгометражни играни филмови, Османли режирал 16 ТВ драми, 5 ТВ филмови и 2 телевизиски серии, пред сѐ продукции на македонското, но и на белградското телевизиско студио. Реализирал и серија од едночасовни музичко-забавни ТВ емисии под наслов „Млади за млади“; Пет новогодишни едночасовни музичко-забавни ТВ емисии; музичките продукции „101-от километар“ и „Веселата дружина“. Автор е на голем број радио-драмски режии според дела на познати драматичари и прозаисти за Драмската програма на Радио Скопје,.

Автор е на поголем број сценарија за свои филмски, телевизиски и радио-драмски творби од сите жанрови.

Режирал повеќе од 60 театарски претстави на дела од различни автори, жанрови, епохи и театарски средини. Автор е на првите претстави од Молиер, Крлежа, Лопе де Вега... реализирани на македонски јазик. Претставите „Вејка на ветрот“ (1958) во битолскиот НТ и „Дневникот на Ана Франк“ (1958) во Македонскиот народен театар во Скопје, внесуваат нов режиски јазик на македонската театарска сцена. Претставите „Фармерки“ (1965) и „Двајца на нишалка“ (1966) носат модерен израз и теми и на сцената на Дамскиот театар. Во таа сценска куќа ги режирал едни од најдолговечните и најпопуларни театарски претстави, комедиите „Свадба“ (1972, 1986) од В. Илјоски и „Болва в уво“ (1974) на Ж. Фејдо покрај рекордните 350 изведби во текот на 18 сезони, создал и парадигма во водвиљскиот стил на нашите сцени. Според сопствена драматизација, на сцената на Драмски театар Скопје комплексната, парадигматична претстава „И бол, и бес“ (1976) според романот на С. Јаневски. На сцената на битолскиот Народен театар ги поставува двата драмски текста на Томислав Османли, сатиричната комедија „Салон Бумс“ (1987) и драмата „Спилиони“ (2003), а на сцената на Театарот за деца и млади од Скопје и пиесата „Двајца во Еден“ (1998). Неговата претстава „Без крилја“ од Вуди Ален режирана во театарот од Воден (Едеса, Грција) во 1982 година ја добила првата награда на Грчкиот национален фестивал на алтернативни театри во Коринт, Грција. Со тој ансамбл, истата таа деценија ги режира и „Шест лица го бараат авторот“ и Гогољовата „Женидба“, „Без крила“ од Буди Ален и текстот на Марија Бака-Ставраку „Летувањето на Насмевнатиот“.

На сцената на Операта на МНТ (2000) ја поставува комичната опера „Севилскиот берберин“ на Џ. Росини. Премиерната изведба е на Охридско лето.

Кон крајот на 2005, на 78 годишна возраст ја остварува и последната театарска режија, Аристофановите „Жени во народното собрание“ на сцената на МНТ.

Неговото видување на „Народен пратеник“ од Б. Нушиќ, поставена на сцената на Македонскиот народен театар во стил на филмска слепстик-комедија, со своите 200 претстави во текот на 15 театарски сезони го надживеа и режисерот.

Нови афирмации[уреди | уреди извор]

Неговите филмски дела покажуваат невидена, интернационално потврдувана кинематографска виталност.

-1998 на дводневна, јунска програма насловена „Mакедонскиот филмски режисер Димитрие Османли со АНГЕЛИ НА ОТПАД“ (Macedonian Director Dimitri Osmanli, with ANGELS OF THE DUMP) Американскиот филмски институт (AFI) организираше две исклучително успешни и посетени проекции на неговиот последен игран филм на „Ангели на отпад“ (1995) во престижното Национално кино во Кенеди центарот во главниот град Вашингтон (National Film Theatre, Kennedy Center in Washington, D.C. Поради зафатеност на режисерот со сценски проект во Македонија, пред американската публика, по првата проекција на филмот, беше претставен, говореше и на синеастички прашања одговараше сценаристот Томислав Османли.

- 2022 година, на меѓународниот Фестивал на ново реставрираниот филм Il Cinema Ritrovato во Болоња како прв македонски учесник на овој реномиран филмски фестивал учествуваше неговиот филм, кусометражна антивоена фантазија „Бунт на куклите“ (1957) доживеа спонтани овации од синеастичката фестивалска публика. Првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ (1963) веќе е филмска парадигма во македонското филмско искуство и омилено дело на секоја нова генерација. На програмата на болоњскиот фестивал стои забележано: „Прекрасно разиграна и симболична манифестација на духот на детството може да се најде во краткометражното играно филмско деби на Димитрие Османли. (...) Бунт на куклите го прикажува концептот на бунт како внатрешен настан: бунтот на совеста против духот на суровоста и на непослушноста и како поука за малото момче покажува вистинската совест обновена низ духот на благост. Димитрие Османли овде го режираше еден од најоригиналните кратки филмови во југословенската кинематографија и тој ќе остави свој белег во играните филмови.“ (Мина Радовиќ) https://kinoteka.mk/%D0%B1%D1%83%D0%BD%D1%82-%D0%BD%D0%B0-%D0%BA%D1%83%D0%BA%D0%BB%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D0%BE%D1%82%D0%B2%D0%BE%D1%80%D0%B0%D1%9A%D0%B5%D1%82%D0%BE-%D0%BD%D0%B0-%D1%84%D0%B5/

- 2023 годијна, неговиот игран филм „Мементо“ (1967) беше прогласен за еден од деветте филмови на земјите-партнери на „Филм Нова Европа“, дел од 4. издание на проектот „Сезона на филмски класици“, организирана од ACE (Асоцијација на кинотеки на Европа) и од јуни до декември таа година, заедно су останатите, вкупно осум селектирани филмски дела, се чествува со проекции низ различни европски кина, како и со бесплатни онлајн-проекции наменети за привлекување млада кинематографска публика низ европскиот континент.

- 2023 играниот филм „Мементо“ на Османли на 11, потоа уште и на 16 септември 2023-та, свечено е прикажан во рамките на југословенската ретроспектива на црниот бран во престижниот њујоршки Музеј на модерна уметност (МоМА) на чија програма стои забележано: „Во режија на македонскиот пионер Димитрие Османли, филмот зборува за совеста и содржи некои од најдобрите монтажи што било кога се видени на целулоидот. Силно потсетувајќи на делата  на Ален Ренѐ - и земајќи го земјотресот како позадина за критички размислувања за различни прашања како што се Холокаустот, нуклеарната катастрофа и Виетнамската војна - Мементо е калеидоскоп на 20 век и потрагата на личноста да најде мир во бурниот свет.“ Прикажувањето на македонскиот филм во водечкиот светски музеј токму на 11 септември, на денот од 22-годишницата од катастрофалниот терористички напад е своевидно признание за универзалните, анти-катастофички и миротворни пораки на ова вонвременско дело на македонскиот и југословенски филмски пионер. https://www.moma.org/calendar/events/8983 „Мементо“ стана своевидна национална европска парадигма, покрај другите проекции во регионот (Загреб, Шибеник) и на континентот, меѓу другото и со прикажувањата во Шпанската кинотека (Filmoteca Española) во Мадрид на 11. октомври 2023 https://www.culturaydeporte.gob.es/dam/jcr:be223f96-33ca-42c2-9bdc-3e249a3b9b35/programaci-n-de-octubre-2023---filmoteca-espa-ola.pdf . Македонскиот игран филм „Мементо“ наскоро треба да се најде и на престижниот европски ТВ канал Arte.

Награди[уреди | уреди извор]

  • Прва награда за режија на Фестивалот за документарен филм, за филмот Дванаесетте од Папрадник (Белград, 1965);
  • Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда (1966);
  • Награда на град Скопје 13 Ноември за режија на филмот Мементо (1968);
  • Орден на трудот со златен венец за филмска и театарска творечка дејност (1979);
  • Награда 11 Октомври за животно дело (1985);
  • Признание Крупен план од Институтот за филм во Белград (1987);
  • Награда за режија на ТВ филмот Скопски сновиденија на Фестивалот на југословенското телевизиско творештвото во Неум (1988);
  • Голема златна плакета на Филмскиот фестивал Браќа Манаки за придонес во основањето и за афирмација на Фестивалот (Битола, 1990);
  • Награда за животно дело на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински (Прилеп, 1999)[1].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Osmanli, D. (22.08.2023). [https://web.archive.org/web/20160308050340/ http://www.mactheatre.edu.mk/tekst.asp?lang=mac&tekst=49&str=17 „Институт за театрологија Umno.mk Il Cinema Ritrovato 2022 MoMa New York“] Проверете ја вредноста |archive-url= (help). Архивирано од [http://www.mactheatre.edu.mk/tekst.asp?lang=mac&tekst=49&str=17 2. Портал Умно.мк https://umno.mk/ovacii-za-bunt-na-kuklite-na-dimitrie/?fbclid=IwAR2BpyzqXA2sIFm2sVqINRPSjUVV2FVgqr1mjRy_QK1Ai2SlxZJmFdJ2S3k 3. Il Cinema ritrovato 2022, Bolognia, Italia https://festival.ilcinemaritrovato.it/en/il-cinema-ritrovato-2022-alla-riscoperta-dellinfanzia/ 4. MoMa New York, US https://www.moma.org/calendar/events/8983?fbclid=IwAR0F0cAoNSlswimZxph6dksSWr6xPgW_OoFhxjaE3YRlTRkS3FEQZ5EwO0c изворникот] Проверете ја вредноста |url= (help) на 2016-03-08. Посетено на 2012-09-16. line feed character во |title= во положба 25 (help); line feed character во |url= во положба 64 (help); line feed character во |archive-url= во положба 45 (help); Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]