Диме Поп Атанасов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Диме Поп Атанасов

Диме Поп Атанасов (с. Стрмашево, Кавадаречко, 1918Горни Дисан, 11 јуни 1941) бил учесник во НОБ и прва жртва на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна. Загинува само месец и половина од окупацијата на Македонија.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е во селото Стрмашево, Кавадаречко во 1918 год. Родителите му се преселуваат во Кавадарци каде тој завршува основно образование и граѓанско училиште до IV клас. Немајќи материјални можности за дошколување, првично е шивачки калфа а подоцна и писар во општината. Како писар доаѓа до различна литература која постојано ја чита и се надообразува постојано. Носител е и на прогресивни идеи во градот а љубовта кон знаењето и образованието го носат во иницијатива за формирање градска библиотека и читална. Ова ќе е форма подоцна за бунтовниот македонски патриот како да се организира младинскиот отпор кон српскиот хегемонистички апарат. Набргу по ова е веќе непожелен за власта која сега ги вклучува сите свои апарти па не само што е исфрлен од општината но и повеќепати е приведуван и затворан во кавадаречкиот затвор.

По капитулацијата на кралска Југославија Диме не чека ниту недела и работи на организирање на народот од Тиквешијата за вооружена борба против бугарскиот окупатор. На терен е постојано, меѓу интелектуалната младина во градот но и по селата. Врши собирање на оружје за востание, работи на организирање на народот и подготовки за првиот одред. При една негова таква активност кога е во селото Горни Дисан заедно со неколку свои другари, при агитацијата кон мештаните за отпор кон бугарскиот окупатор, откриени се при што во пукањето што настанува Диме поп Атанасов паѓа смртно погоден.[1][2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. МАКЕДОНСКИ СВЕДОШТВА
  2. „Зборник на паднатите борци и жртви на фашизмот од Кавадарско: Тиквешијата во НОБ“, Општински одбори на Сојузот на борците на Кавадарска и Конопишка општина.