Дездемона

Од Википедија — слободната енциклопедија

Дездемона е лик во драмата Отело од Вилијам Шекспир (с . 1601 – 1604). Таа е убавица од Венеција која го разбеснува и разочарува својот татко , сенаторот на Венеција, кога решава да побегне заедно со Отело ,човек кој е постар од неа неколку години, но и од различна раса. Кога нејзиниот сопруг добива задача да замине на Кипар за да и служи на Венеција,Дездемона го придружува. Таму, Отело е изманипулиран од својот близок соработник Јаго и верува дека Дездемона го изневерува. Во последниот чин Дездемона е убиена од нејзиниот отуѓен сопруг.

Извор[уреди | уреди извор]

Отело и Дездемона во Венеција од Теодор Шасери (1819–1856)

Изворот за Отело е приказната од 1565 година “ Црниот капетан “ во Ги Хекатомити од Џовани Батиста Џиралди Синтио. Во тоа време немало превод, па голема е веројатноста дека Шекспир ги знаел и италијанската верзија, француската од Габриел Чапи од 1584 година, и англискиот превод во ракопис.

Единствениот лик во приказната на Cинтио кој има име е Диздемона, што значи несреќна на грчки. Останатите ликови се именувани како Маварот, помладиот офицер , жената на помладиот офицер и водачот на ескадрилата. Во оригиналот , офицерот копнее по Дездемона и решен е да се одмазди откако таа го одбива. За разлика од Шекспировиот Отело, Маварот во приказната на Цинтио никогаш не се покајува за убиството на жена му. Заедно со офицерот бегаат од казна , но подоцна казната ги стигнува и тие се убиени. Цинтио исто така прикажува дека европските жени непромислено се мажат за мажи од други нации.[1]

Иако Шекспир го следел Цинтио во создавањето на Отело, сепак отстапил од првобитната приказна во создавањето на одредени детали. Тој го измислил таткото на Дездемона , Брабанцио и нејзиниот развратен обожавател Родериго. Го измислил комплетно првиот чин во кој Јаго ги поттикнува предрасудите на Брабанцио за Отело , и Дездемона го брани својот избор за сопруг пред дуждот. Шекспир во значителна мера ја проширил улогата на жената на офицерот . Кај Цинтио таа е само придружба на Дездемона, а кај Шекспир е верна придружничка и личност од доверба. Кај Цинтио офицерот го зема марамчето на Дездемона, а жена му не е вмешана во тоа, за разлика од Шекспировата верзија каде Емилија е таа која го наоѓа. Кај Цинтио открива каков човек е нејзиниот сопруг, но сепак молчи , а Емилија кажува сè што знае за него откако Дездемона умира. Смртта на Дездемона кај Цинтио се разликува од онаа кај Шекспир. Сцената помеѓу Дездемона и Емилија додека таа се спрема за спиење не постои кај Цинтио и смртта на Дездемона во верзијата на Цинтио е кога Маварот му кажува на офицерот да ја удри со чорап полн со песок. Потоа двајцата го сместуваат телото над креветот , го смачкуваат черепот и го урнуваат таванот врз неа за да се остави впечаток дека тоа е причината за нејзината смрт.[2]


Улогата во Отело[уреди | уреди извор]

Во првиот чин Дездемона бега со Отело . Пред сите важни луѓе во Венеција таа ја изјавува својата љубов кон Отело и го брани сопствениот избор. Татко и неволно го прифаќа бракот , но го предупредува Отело дека еден ден таа ќе го измами. Кога Отело е испратен на Кипар, Дездемона го придружува заедно со Емилија. Во вториот чин поручникот Касио е понижен и лишен од милоста на Отело. Јаго успева да го изигра и него но и Отело, кажувајќи му дека Дездемона го изневерува со Касио. Многу критичари сметаат дека всушност таткото на Дездемона е тој што прв го поттикнува сомнежот “ Внимавај на неа Мавру , ако имаш очи да гледаш. Таа го измами татка си , па може и тебе . “ (1.3). Сигурноста и довербата се тие кои ја водат Дездемона но и огромната љубов кон Отело. Но, сепак големата страст на таа љубов го буди сомнежот и го разлутува нејзиниот сопруг што додава дополнителен страв и сомнеж.

Кога Емилија го наоѓа марамчето, му го дава на својот сопруг, кој и забранува да и спомене нешто на Дездемона и го остава марамчето во собата на Касио. Најпосле , Отело го гледа Касио со марамчето и го гледа тоа како потврда за неверството на Дездемона. Таа е загрижена бидејќи го изгубила марамчето, но сепак не верува дека тоа ќе го разлути Отело. Таа е збунета од неговото однесување , дури и јавно ја навредува дека е нечесна жена. Дездемона е длабоко вознемирена од неговото однесување , но сепак продолжува да ја брани својата љубов . Во последниот чин Отело и кажува дека знае за нејзиното неверство и дека ќе ја убие. И покрај изјавите на Дездемона за нејзината невиност, Отело одбива да и верува , кога и соопштува за смртта на Касио, таа се расплакува. Отело се разбеснува и ја гуши , игнорирајќи ги нејзините молби за милост. Кога Емилија влегува во собата, Дездемона се крева , иако е слаба , да го одбрани Отело , и потоа умира.

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Името Дездемона доаѓа од грчките зборови δυσ + δαίμων што значи “ преодредена на пропаст “ . Леоне Теисанди забележува дека токму така и Отело ја гледа Дездемона нарекувајќи ја “ девојка со лоша судбина “. Исто така може да се забележи дека во средината на нејзиното име има “ демон “ односно ѓавол , што може да алудира на тоа што таа навистина е , или како Отело , чие име исто така го содржи зборот “ hell “ или пекол , навистина ја гледа својата сопруга .

Дездемона : Верната жена на Отело[уреди | уреди извор]

Отело е исто така и уникатна трагедија која се фокусира на уништување на љубовта преку сексуална љубомора . Од друга страна , Отело е вистински романтичар затоа што е многу емотивен. Се поставува прашањето ,како Дездемона му станала жена. Дали поради неговиот авантуристички начин на живот и егзотичното потекло? Или таа се заљубува во него поради тоа што е благодорен и моќен? Во првиот чин, во третата сцена му кажува на својот татко Брабанцио дека се заљубила во карактерот на Отело и во прекрасните приказни кои тој ги кажувал за неговиот живот. Која и да е причината , Дездемона е претставник на невиноста , вистината и добрината во драмата . Таа вистински ја претставува добрината и ведрината на “ вистинската љубов “ . Нејзиниот татко , кој е вознемирен од нејзиниот избор на сопруг , инсистира таа да се откаже од љубовта и да се покори на неговите желби . Дездемона му кажува на Брабанцио колку го сака (чин 1 , сцена 3) :

Јас знам , мој татко , дека мојот долг е на две овде разделен и вам за животот и грижата ви должам, а животот и одгледот ме учат чест да ви давам. Родителе мој ,мој повелник сте , а јас ќерка ваша ,но овде со вас стои мојот маж. Па дајте ми на Маварот да му бидам до толку и јас покорна, ко вам што мајка ми ви била , кога она земајќи ве, се делела од татко.

Оваа убава, млада и храбра девојка го замолува дуждот ако може да го прирдужува Отело на Кипар .Тој , како и останатите ликови во драмата , ја почитува Дездемона, а со тоа и нејзините желби , и дозволува да замине со Отело.

На денот на венчавката ,Отело и дава џебно шамивче на кое има извезено јагоди. Но овој подарок на крајот ја уништува. Тоа е полно со мистичност и е од огромно значење за нејзиниот сопруг . Ја има клучната улога на крајот. Прво и припаѓало на мајката на Отело, која го добила од една Еѓипјанка , а подоцна му го дала на Отело , за тој , кога ќе дојде време да и го даде на својата жена.

На мајка – и го дала циганка. А таа била вражалка што могла dа чита скоро и човечки мисли. И рекла - дури крпчето го чува ,на татко ми се мила ќе му биде и над него ќе стекне сосем власт. Но ако и го снема, или дар на некој го даде , тогаш она омразена од татко ми ќе стане и нова љубов ќе посака тој. И ми го даде тоа шамиче мојата мајка на умирачка, молејќи ме, ако судбата де дарува со жена, нејзе јас да и го дам. И така направив. Та чувај го и како црнка во око пази го. А ако ли го дадеш на некој, или да го загубиш- ќе навлечеш ти таква погибел со која нема ништо да се мери.

Но , Дездемона доцна ја сфаќа важноста на шамивчето. Во моментот кога исчезнува шамивчето , исчезнува и довербата на Отело кон неа. Тоа е симбол за верност на жената кон мажот . И според ова , Дездемона може да биде окарактеризирана како трагичен лик. Како може нејзиниот маж да има толку верба во така мало парче муслин ? Како може толку лесно да престане да и верува , а толку слепо и комплетно да му верува на Јаго? Отело со ова ја прави клучната грешка.

Кога Дездемона го губи шамивчето , Емилија го наоѓа и го зема, односно го краде. Ја губи и љубовта на Отело. Потоа Емилија му го дава на Јаго, кој покажува огромен интерес за необичниот предмет . За Јаго тоа е главниот ‘’доказ ’’ кој му е потребен за да го убеди Отело за неверството на Дездемона и нелојалноста на Касио . Дездемона без да знае и сака, само повеќе ја зголемува љубомората на Отело, кога сака да ги подобри односите меѓу Касио и Отело, премногу се залага за Касио .

Би можела , нејќам сега јас. Со ваква итрост нема да си минеш . Те молам - назад поврати го Касио .

Со обидот да ги поправи работите помеѓу Отело и Касио само си прави лошо на себе .Таа е толку добра, што дури и Јаго и се восхитува , и ја брани пред Отело , а вистинските намери му се лоши. Емилија упорно му кажува на Отело дека таа вистински го сака и дека никогаш нема да залута , односно нема да го изневери.

И покрај огорченоста и љубомората на Отело, таа го сака и го оправдува. Таа е лојална сопруга која ќе направи се за нејзиниот маж. Несебично го брани дури и кога Отело сака да ја убие. Нејзиниот млад живот трагично завршува. Шамивчето е фатално , Отело е заслепен од него, љубомората му се зголемува , и ако таа не може да биде само негова , тогаш мора да умре. Тој одбива да го слуша разумот и слепо му верува на Јаго . Дездемона му служи на Јаго како оружје со кое тој сака да стигне до повисок статус и моќ . Прво започнува со тоа што го известува Брабанцио за нејзиното исчезнување, па продолжува со тоа што ја користи нејзината љубов кон Отело против него. Пријателството со Касио е главната причина за нејзиниот пад, односно трагичен крај.Сакајќи да ги смири Отело и Касио се доведува себеси до уништување. Со губењето на шамивчето , само му прави услуга на Јаго, а Емилија уште повеќе ги влошува работите кога го зема и му го дава на Јаго. А Дездемона не е свесна дека го уништува сопругот со тоа што е таква каква што е , добра и чиста.

Го прифаќа верувањето дека Отело мора да ја спаси од самата себе и да ја уништи. Со нејзиното уништување тој ќе и ја поврати чистотата. Дури и кога Отело , во налет на бес и љубомора сака да ја убие , таа не сака тој да биде одговорен за нејзината смрт .Таа изјавува дека “ никој , освен јас самата “ го извршил гнасното дело. До самиот крај таа ја покажува љубовта кон Отело.

Дездемона ја претставува чистотата , ведрината и вистината во драмата.Нејзината трагедија е дело на злобниот , ѓаволски ум на Јаго. Тој си игра со Дездемона , нашиот трагичен лик , таа му служи како инструмент за уништување . На крајот , Отело си ја согледува фаталната , смртна грешка и се искупува преку љубовта кон Дездемона кога си ја согледува ужасната грешка , и си го враќа верувањето во својата сопруга. Но веќе е предоцна.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Cinthio, Giraldi (1565). „Hecatommithi“ (PDF).
  2. Shakespeare, William. Four Tragedies: Hamlet, Othello, King Lear, Macbeth. Bantam Books, 1988.