Данкан Едвардс

Од Википедија — слободната енциклопедија
Данкан Едвардс
Лични податоци
Роден на 1 октомври 1936(1936-10-01)(87 г.)
Роден во Дадли, Англија
Починал на 21 февруари 1958(1958-02-21) (возр. 21)
Починал во Минхен, Западна Германија
Висина &100000000000001800000001,80 м
Позиција крило
Кариера*
Години Клуб Наст. (Гол.)
1953–1958 Манчестер Јунајтед 151 (20)
Репрезентација
1955-1958 Англија 18 (5)
*Настапи и голови само на првенствени натпревари, според податок од 6 јануари 2012
‡ Настапи и голови за репрезентација, според податок од 6 јануари 2012

Данкан Едвардс (англиски: Duncan Edwards) (1 октомври 1936 година – 21 февруари 1958 година) бил англиски фудбалер кој играл за Манчестер Јунајтед и Англиската репрезентација. Тој бил еден од „Базбиевите Бебиња“, младиот тим на Јунајтед формиран од менаџерот Мет Базби во средината на 50-тите години од 20 век и еден од осуммината играчи кои починале во минхенската авионска несреќа.

Роден во Дадли, Едвардс потпишал за Манчестер Јунајтед како тинејџер и станал најмладиот играч кој играл во Првата англиска дивизија, а потоа и најмладиот англиски репрезентативец по Втората светска војна. Во професионалната кариера која траела помалку од пет години, тој му помогнал на Јунајтед да освои две титули во Првата англиска лига и да стигне до полуфиналето на Европскиот куп.

Животопис[уреди | уреди извор]

Млади години[уреди | уреди извор]

Едвардс е роден на 1 октомври 1936 година во Малверн Кресент во областа Вудсајд во Дадли, кој во тоа време бил дел од грофовијата Ворикшир. Тој бил прво дете на Гледстоун и Сара Ен Едвардс и единственото дете кое го преживеало детството, бидејќи неговата сестра Керол Ен умрела во 1947 година на возраст од 14 недели. Семејството подоцна се преселило на Елм Роуд 31 во областа Приори. Едвардс го посетувал основното училиште Приори од 1941 година до 1948 година и гимназијата Вулверхемптон од 1948 година до 1952 година. Играл фудбал за своето училиште, а исто така го претставувал училиштето во танцување морис. Бил избран и да се натпреварува на Националниот фестивал за танцување морис, но му била понудена и проба за тимот за играчи под 14 години на Фудбалскиот сојуз на англиски училишта, кои се поклопувале на истиот ден и тој го одбрал фудбалот.

Едвардс ги импресионирал селекторите и бил избран да игра за најдобриот тим на англиските училишта. Дебитирал проти тимот од Велс на стадионот Вембли на 1 април 1950 година. Наскоро бил назначен за капитен на тимот, улога која ја имал две години. Во тоа време, Данкан веќе го привлекол вниманието на големите клубови, а скаутот на Манчестер Јунајтед, Џек Обрајан, во 1948 година го известил менаџерот Мет Базби дека видел 12-годишно дете кое заслужува посебно внимание.

Џо Мерсер, кој бил тренер на тимот на англиските училишта, го убедил Базби да го потпише Едвардс, кој го привлекол вниманието и на Вулверхемптон Вондерерс и Астон Вила. Едвардс потпишал за Јунајтед како аматер на 2 јуни 1952 година, но податоците за времето кога го потпишал првиот професионален договор се различни. Некои извештаи наведуваат дека тоа се случило на неговиот 17-ти роденден во октомври 1953 година, но други тврдат дека договорот бил потпишан една година претходно. Оние кои веруваат во пораниот датум обично тврдат дека некој претставник од клубот, или самиот Базби или менаџерот Берт Вејли отишле во домот на Едвардс набрзо после полноќ за да го обезбедат потписот на тинејџерот што е можно побрзо, но други извештаи тврдат дека тоа се случило кога тој го потпишал аматерскиот договор. Менаџерот на Вулверхемптон, Стен Кулис, бил бесен што пропуштил да потпише многу талентирано локално момче и ги обвинил Јунајтед за нудење финансиска помош за Едвардс и неговото семејство, но Едвардс изјавил дека отсекогаш сакал да игра за тимот од Ланкашир. За да се заштити од можноста дека нема да изгради успешна фудбалска кариера, Данкан почнал да чиракува како столар.

Фудбалска Кариера[уреди | уреди извор]

Едвардс ја започнал кариерата во Манчестер Јунајтед во младинскиот тим и неколкупати настапил за тимот кој го освоил првиот Младински куп на ФА во 1953 година, но пред финалето, тој веќе дебитирал и за првиот тим. На 4 април 1953 година, тој настапил во натпреварот против Кардиф Сити, кој Јунајтед го загубиле со 4-1, на возраст од само 16 години и 185 дена, станувајќи најмладиот играч кој некогаш играл во Првата дивизија.Свесен за фактот дека неговиот тим бил составен од прилично стари играчи, Базби донел нови млади играчи и Едвардс, заедно со Денис Вајолет и Џеки Бленчфлауер, бил еден од неколкуте млади играчи кои биле внесени во тимот во 1953 година, кои подоцна станале познати како Базбиевите Бебиња.

Во сезоната 1953/1954, Едвардс често натапувал како првотимец на Јунајтед. Откако импресионирал на пријателскиот натпревар против Килманрок, тој го заменил повредениот Хенри Кокбурн во гостинскиот натпревар против Хадерсфилд Таун на 31 октомври 1953 година, Потоа настапил на 24 лигашки натпревари, како и во поразот од Барнли во ФА купот. Сепак, сѐ уште бил активен дел од младинскиот тим и настапил во тимот кој го освоил Младинскиот куп втора година по ред. Првиот настап за репрезентацијата за играчи под 23 години му бил на 20 јануари 1954 година во Италија, а потоа размислувале да го повикаат за англиската репрезентација, но денот кога комисијата го гледала како настапува, против Арсенал на 27 март, тој изиграл лошо и не бил повикан.

Следната сезона, тој имал 36 настапи за првиот тим и го постигнал првиот сениорски гол, од вкупно шест таа сезона. Поради добрата изведба, навивачите побарале да биде избран за англиската репрезентација и од таа причина, на 18 септември 1954 година, бил испратен член на комисијата за избор да го гледа како игра против Хадерсфилд Таун. Но, повторно не бил избран, иако настапил за Најдобриот тим на Првата лига во егзибицискиот натпревар против тимот на Шкотската лига. Во март, играл за англиската Б селекција против еквивалентниот тим од Германија и, иако бил критикуван за слаб настап, бил повикан во репрезентацијата една недела подоцна. Дебитирал во натпреварот против Шкотска на 2 април 1955 година во Британското домашно првенство на возраст од 18 години и 183 дена, станувајќи најмладиот англски репрезентативец по Втората светската војна. Тој рекорд го држел се’ до дебито на Мајкл Овен во 1998 година. Три недели подоцна, Манчестер Јунајтед ја искористил неговата возраст да го избере за третото финале по ред во Младинскиот куп. Одлуката за настап на англиски репрезентативец во младински тим била многу критикувана и Мет Базби бил приморан да напише статија во весник бранејќи го изборот на Едвардс, кој се исплател бидејќи играчот бил инструментален во освојувањето на третиот Младински куп по ред.

Во мај 1955 година, Едвардс бил избран за англиската репрезентација која патувала на копното на Европа за натпреварите против Франција, Португалија и Шпанија и бил стартер на сите три меча. Кога се вратил од турнејата, Данкан започнал двогодишна служба во Британската војска во Кралските артилериски сили. Во тоа време, воената служба била задолжителна за сите мажи на негова возраст. Бил стациониран во Неслиф во близина на Шревсбери заедно со соиграчот Боби Чарлтон, но му било дозволувано да заминува за да игра за Јунајтед. Исто така, учествувал во натпревари на војската и во една сезона одиграл вкупно околу сто натпревари. Во сезоната 1955/1956, иако пропуштил скоро два месеци поради грип, Едвардс одиграл 33 натпревари и Манчестер Јунајтед ја освоил титулата во Првата англиска лига со разлика од 11 бода од второпласираниот Блекпул. Следната сезона имал 34 настапи во лигата, вклучувајќи го неговиот стотти настап, сезона во која Јунајтед повторно ја освоил титулата во Првата англиска лига, а загубил во финалето во ФА купот од Астон Вила со 2-1. Имал и седум настапи во првото појавување на Јунајтед во Европскиот куп, вклучувајќи ја победата од 10-0 против Андерлехт која е најголемата победа во историјата на клубот. Во тој период станал постојан репрезентативец на Англија, настапувајќи на сите четири квалификациски меча за Светското првенство во 1958 година и постигнувајќи два гола против Данска во победата од 5-2 на 5 декември 1956 година. Од него се очекувало да биде клучен играч за Англија на Светското првенсто и се сметало дека е кандидат да го замени ветеранот Били Рајт како капитен на репрезентацијата.

Едвардс ја започнал сезоната 1957/1958 во добра форма и се појавиле гласини дека најдобрите италијански клубови сакаат да го потпишат. Неговиот последен натрпеват во Англија се случил на 1 февруари 1958 година, кога тој го постигнал првиот гол во победата на Јунајтед над Арсенал од 5-4. Пет дена подоцна, тој го одиграл последниот натпревар за Јунајтед против Црвена Ѕвезда Белград на гостински терен. Натпреварот завршил нерешено, со 3-3, и Манчестер Јунајтед продолжил во полуфиналето на Европскиот куп со вкупен резултат од 5-4.

Смртта[уреди | уреди извор]

Враќајки се од Белград, авионот кој ги пренесувал Едвардс и неговите согирачи се урнал при полетување на аеродрмот во Минхен, Германија, каде што застанеле да наполнат гориво. Седум играчи и 14 други патници умреле на лице-место, а Едвардс бил однесен во болницата Рехтс дер Исар со повеќе скршеници на ногата, скршени ребра и тешко оштетен бубрег. Докторите кои го лечеле биле уверени дека тој има добри шанси да се опорави, но се сомневале дека би можел повторно да игра фудбал.

Следниот ден, докторите донеле вештачки бубрег во болницата, но вештачкиот орган ја намалила можноста на крвта да се засиурва и тој добил внатрешно крварење. И покрај ова, се зборува дека го прашал помошникот-менаџер Џими Марфи „Кога почнува натпреварот против Вулвс, Џими? Не смеам да го пропуштам’. До 14 февруари состојбата значително му се подобрила. Сепак, пет дена подоцна, пријавиле дека состојбата забрзано му се влошувала. Докторите биле вчудеоневидени од неговата борба за живот, но после долга борба, тој умрел од откажување на бубрезите на 21 февруари 1958 година. Неколку часа пред неговата смрт, како случајност, бил издаден новиот број на списанието Футбал Мантли во Соединетото Кралствто, со фотографија на Данкан Едвардс на насловната страна.

Едвардс бил закопан на гробиштата во Дадли пет дена подоцна, покрај сестра му Керол Ен. Повеќе од 5000 луѓе излегле на улиците низ Дадли за неговиот погреб. Неговиот гроб и во денешно време често го посетуваат многу обожаватели.

Наследство[уреди | уреди извор]

На Данкан Едвардс му е оддадена почит на различни начини во негвиот град Дадли. Во 1961 година, Мет Базби го открил витражот на кој е претставен играчот во парохиската црква Сент Френсис во Приори, а во 1999 година била подигната неговата статуа во центарот на градот, посветена од неговата мајка и Боби Чарлтон. Во 1993 година, една слепа улица во близна на гробиштата во кои е закопан била преименувана во Данкан Едвардс Клоус. Еден паб во Приори, во близина на местото во кое пораснал бил прекрстен во Данкан Едвардс во негова чест во 2001 година, но бил затворен после 5 години, а потоа и уништен од пиромани. Во 2006 година, во спомен на Едвардс бил отворен спортски центар во паркот Приори, каде што тој често играл како момче. Во 2008 година јужната обиколница во Дадли била преименувана во Данкан Едвардс Веј. Во Манчестер постои населба која се вика Данкан Едвардс Корт, заедно со мрежа на улица, именувани по другите жртви во минхенската авионска трагедија, вклучувајќи Еди Колмен, Роџер Бурн и Томи Тејлор.На 8 јуни 2011 година, Боби Чарлтон откри Сина Плакета на западната трибина на Олд Трафорд.

Во 1996 година, Едвардс бил еден од петте играчи избрани да се појават на британските поштени марки издадени како дел од комплетот „Фудбалски легенди“ по повод Европското првенство во 1996 година. Сем Клафлин го толкувал во британскиот телевиски филм Јунајтед од 2011 година, заснован на минхенската катастрофа.

Современиците на Едвардс безрезервно ги фалат неговите спосбности. Боби Чарлтон го опиша како „единствениот играч покрај кој сум се чувствувал инфериорно“ и рекол дека неговата смрт била „најголемата трагедија што му се случила на Манчестер Јунајтед и англискиот фудбал. Тери Венеблс тврди дека, ако бил жив, Едвардс, а не Боби Мор, ќе го подигнел трофејот од Светскиот кип како капитен на Англија во 1966 година. Томи Докерти изјавил: „Не се сомневам дека Данкан ќе станеше најдобар играч на сите времиња. Не само во британскиот фудбал, со Јунајтед и Анлгија, туку и најдобар на светот. Џорџ Бест беше нешто посбено, ако и Пеле и Марадона, но според мене, Данкан имаше многу подобри вештини. Како признание за неговиот талент, Данкан Едвардс бил претставен во Англиската фудбалска сала на славните во 2002 година.

Стил на игра[уреди | уреди извор]

Физички, беше огромен. Беше силен и имаше одличен мозок за фудбал. Имаше одлични вештини – десната нога, левата нога, долгите додвања, кратките додава. Сѐ правеше инстинктивно. – Боби Чарлтон

Иако е запаметен како дефанзивен играч за врска, се зборува дека Едвардс бил способен да игра на секоја можна позицина на теренот. Неговата многустраност е таква што на еден натпревар започнал како напаѓач на местото на еден повреден играч, а потоа бил прекомануван во одбраната на местото на друг повреден ирач. Негови најголеми адути биле физичката сила и неговиот авторитет на теренот, кој бил неверојатен за толку млад играч, а бил познат и по огромната издржливост. Стенли Метјуз го опишал како карпа во бесно море, а Боби Мор го споредувал со Карпата во Гибралтар поради неговата игра во одбраната, но изјавил дека бил и опасен во нападот. Поради неверојатната телесна градба, Данкан ги добил прекарите „Големиот Данк“ и Тенкот“ и е рангиран меѓу најцврстите фудбалери на сите времиња.

Едвардс бил познат по силата и темпирањето на неговите стартови и способноста да додава и шутира еднакво добро и со двете нозе. Познат бил по брзите тркови низ теренот, а бил еднакво умешен да шутира со главата и да упатува силни удари од далечина. Откако постигнал гол на 26 мај 1956 во победата од 3-1 на пријателскиот натпревар против Западна Германија, печатот му го доделил прекарот „Бум Бум“ поради, неверојатно силниот удар од огромна далечина.

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Едвардс бил трезвеник и надвор од фудбалските терени и ил познат како многу повлечена личност чии интереси вклучувале риболов, играње карти и посетување на киното. Иако одел на игранки со своите соиграчи, никогаш не се чувствувал удобно во друштвено опкружување. Џими Марфи го опишал како мирно момче. Тој задржал силен западно-англиски акцент кој неговите соиграчи го имитирале.

Во времето на неговата смрт, Данкан живеел в пансионите на авниеја Горс, Стретфорд. Бил верен со Моли Леч, која имала 22 години и работела во погон за производство на текстил во Алтринчем. Парот се запознал во еден хотел на аеродромот во Манчестер и се забавувале една година пред да се верат.

Едвардс се појавил во реклама за таблети гликоза и напишал книга која се вика Tackle Soccer This Way, комерцијални напори кои му ја зголемиле платата за 15 фунти неделно за време на работната година и 12 фунти неделно за време на летото. Книгата била издадена кратко по неговата смрт со дозвола на неговто семејство и, откако ја немало многу години, била повторно издадена во ноември 2009 година.