Гунар Асплунд

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Гунар Асплунд
Роден(а) 22 септември 1885
Стокхолм
Починал(а) 20 октомври 1940
Стокхолм
Националност Швеѓанец

Ерик Гунар Асплунд (22 септември 1885, Стокхолм - 20 октомври 1940, Стокхолм)[1] бил шведски архитект, истакнат претставник на нордискиот класицизам во периодот на 1920-тите, како и е еден од најголемите поборници за примена на модернистичкиот стил во Шведска.

Меѓу најпознатите негови дела, секако се вбројуваат Стокхолмската библиотека, Театарот Скандија и Скугсширкогарден. Асплунд бил и професор по архитектура на Кралскиот институт по технологија од 1931 година. Неговата професорска дејност била одбележана и со лекција, којашто подоцна била издадена под насловот „Нашиот архитектонски концепт на просторот“.[2]

Денес Асплунд се смета за можеби најзначајниот современ шведски архитект, кој имал големо влијание на идните шведски и нордиски архитекти.[3]

Биографија[уреди]

Рани години[уреди]

Портрет на Асплунд во 1910-тите

Ерик Гунар Асплунд се родил во семејството на даночниот службеник, Франс Ото Асплунд, и Лујза Петерсон. Во 1904 година матурирал на училиштето Нора Латин, додека во 1909 година дипломирал на техничкиот факултет на универзитетот Констфак. Во тоа време, образование од областа на архитектурата можело да се стекне на Кралската академија на уметностите, но како и многу други млади архитекти, Асплунд сметал дека тоа е застарен начин и се запишал на приватно уилиште, кое подоцна го добило името „Клара“. Училиштето претставувала слободна академија, предводена од Рагнар Естберг, Ивар Тенгбом, Карл Вестман и Карл Бергстен.[4] Финансирањето во училиштетот било приватно, а постоело само една година, околу 1910. Таму, најмногу бил инспириран од Естберг, а меѓу попознатите соученици му биле Освалд Алмквист и Зигурд Леверенц. Со вториот, дури и соработувал при планирањето на изградбата на Скугсширкогорден. Истата 1910 година, заминал на студентско патување во Германија, а во 1912 станал архитект на градското планирање на Стокхолм. Во тој период бил асистент по архитектура на Кралскиот институт по технологија (1912-1913), стручен учител по орнаментика (1917-1918) и уредник на списението „Arkitektur“ (1917-1921).

По затворањето на училиштето „Клара“, Гунар го продолжил своето образование заминувајќи во Италија, со цел да ги изучи класичните елементи. Во Италија престојувал зимата и пролетта во 1914. Неговите фотографии покажуваат дека се интересирал за храмовите и колонадите околу слободниот простор, па така во својот дневник запишал:

На храмовите им треба висина, а доаѓањето до нив е зголемена почит.“[5]

Меѓувоен период[уреди]

За време и по Правата светска војна, Асплунд учествувал на бројни архитектонски натпревари, а еден од нив бил и оној при изградбата на Скугсширкогорден, на кој победил заедно со Зигурд Леверенц. На домашната изложба во 1917 година напоменал на својот дом, покажувајќи дека дури и неудобното домување ја опишува човечноста.[6] Меѓу неговите најрани дела се вбројува и Вила Снелман, чијшто план го нацртал во периодот од 1917 до 1918 година.

Асплунд се смета за еден од најзначајните архитекти во меѓувоениот период. Неговото архитектонско биро не било многу големо, но на сите проекти на кои се работело, градбите биле проектирани до најмал детаљ. Меѓу попознатите вработени во 1920 година биле: Уно Орен, кој главно бил вклучен во проектирањето на Театарот Скандија, и Свен Ивар Линд, вклучен во изградбата на Стокхолмшката јавна библиотека. Во тој период, Асплунд бил водечки претставник на нордискиот класицизам, што најмногу се огледало во зградата на Стокхолмската јавна библиотека, изградена во тој период. На Стокхолмската изложба во 1930, тој бил главен архитект, што му овозможило за првпат да се претстави и како функционалист.

По Стокхолмшката изложба во 1930[уреди]

Гробот на Гунар Асплунд во Скугсширкогорден

По големата изложба, бројот на проекти на кои Асплунд работел значително се намалил. Во 1931 година станал професор на Кралскиот институт по технологија во Стокхолм, а уште истата година бил еден од авторите на радикалното дело „acceptera“ (со значење „прифати“). По 1933, повторно започнал да работи на повеќе проекти и во тој период неговото биро повторно живнало, но не броело повеќе од 4-5 вработени. Во тоа време, накратко соработувал и со Торе Алсен и Карл Аксел Акинг.

Неговиот последен проект била зградата на Стокхолмскиот градски архив, со којашто учествувал и победил на натпревар.[7] Читалната и административната соба биле отворени во 1959 година, дури 19 години по неговата смрт.

Починал во 1940 година, на 55-годишна возраст, во време во кое доста напорно работел. Погребан е на Скугсширкогорден, во гробот со бр. 1B, веднаш до капелата, а зад местото на кое е погребан шведскиот државник Ингве Ларсон со своето семејство. На неговиот епитаф е запишано:

Неговото дело живее.

Семејство[уреди]

Асплунд бил оженет два пати и од двата брака имал вкупно четири деца. На 4 август 1918 година се оженил со Герда Селман, со која имал три деца: Керстин (родена во 1920), Ханс[а] (1921-1994) и Ингемар (роден во 1924). По вторпат се оженил со Ингрид Клинг во 1934, со која имал едно дете, синот Јохан (роден во 1936).[8][9]

Почести[уреди]

За време на својот живот, Асплунд бил одликуван и со големи почести, па така во 1928 година го примил орденот за Витез на редот Васа, а две години подоцна и оној за Витез на поларната ѕвезда. Во 1932 година станал член на Академијата за ликовни уметности.

Дела и влијание[уреди]

Асплунд изработил повеќе од 70 скици, врз основа на кои биле создадени 40 објекти, додека останатите останале само на хартија.[4]

Веројатно најпознатото негово дело е зградата на Стокхолмската јавна библиотека, градена од 1924 до 1928 година, која претставува ран примерок на нордискиот класицизам и движењето наречено „Шведска привлечност“. Градбата делумно влијаела на испратениот предлог за натпреварот за изградба на библиотеката Виипури, кој во 1927 година го изработил финскиот архитект Алвар Алто, кој го сметал Асплунд за свој ментор.[10]

Друг значаен проект е проширувато на зградата на градскиот центар во Гетеборг, којшто Асплунд го започнал во 1917, а завршил во 1937 година. Со проширувањето, лесно воочлива е неговата промена од нео-класичен во функционалистички архитект, што во споредба со некој од другите европски архитекти од тој период, е слично како со Ерих Менделсон.

Столица во капелата на Скугсширкогарден, дизајнирана во периодот 1939-1940

Асплунд соработувал со Зигурд Леверенц при изградбата на Скугсширкогорден, што всушност претставува гробишта, создадени во периодот од 1914 до 1940 година, кои денес се на списокот на светско културно и природно наследство на УНЕСКО. Двајцата архитекти биле и главните задолжени за изградбата на влезниот павилјон за потребите на Стокхолмската изложба во 1930 година, којшто бил изработен во современ дух, од стакло и челик. Павилјонот имал големо влијание уште пред неговото довршување, па така влијаел на изградбата на градбата за многу помалиот саем во Турку, која била дело на архитектите Алвар Алто и Ерик Бригман, кои допатувале до Стокхолм само за да ја видат неговата конструкција.[11]

Освен што бил познат архитект, се занимавал и со дизајнирање на мебел и лампи. Во 1922 година, за потребите на Театарот Скандија ја дизајнирал познатата „Асплундова лампа“, која своето име го добила во негова чест, а се произведува и денес.

Нашиот архитектонски концепт на просторот[уреди]

Лекцијата насловена „Нашиот архитектонски концепт на просторот“ била предадена во 1931 година, кога Асплунд бил назначен за професор по архитектура на Кралскиот институт по технологија во Стокхолм. На лекцијата подоцна се гледало како на значаен придонес кон ставовите на Асплунд, но и на неговите современици, кое е посветено на архитектонски проблеми од тој период. Всушност, лекцијата се состои од неколку теоретски текстови, а нејзината заднина е во двотомното дело на германскиот философ Освалд Шпенглер, „Пропаста на Западот“.[12]

Познати дела и проекти[уреди]

Скица на Вила Снелман изработена во јуни 1917

Галерија на слики[уреди]

Поврзано[уреди]

Белешки[уреди]

  • а  По стапките на својот татко, Ханс исто така станал архитект.
  • б  Градбата била довршена од страна на Свен Ивар Линд.

Наводи[уреди]

  1. „Die kleine Enzyklopädie“, Encyclios-Verlag, Zürich, Band 1, стр. 91.
  2. Gunnar Asplund:„Our architectonic concept of space“, издадено во „Swedish Grace: Modern classicism in Stockholm“, International Architect, No. 8, vol. 1, Iss.8, 1982.
  3. On Gunnar Asplund at the Swedish National Encyclopediae website (шведски)
  4. 4,0 4,1 Asplund (1985), стр. 12
  5. Asplund (1985), стр. 15
  6. Svensk arkitektur (1986), стр. 192
  7. Asplund (1985), стр. 131
  8. Asplund (1985), стр. 13
  9. Svenska teknologföreningen 1861-1936 ..., (1937), стр. 763
  10. Alvar Aalto Arkkitehti / Architect 1898-1976. Helsinki, Rakennustieto / Alvar Aalto Säätiö, 1998.
  11. Göran Schildt, "Alvar Aalto. The Early Years", Helsinki, Otava, 1984.
  12. Gunnar Asplund, "Our architectonic concept of space", reproduced in "Swedish Grace: Modern classicism in Stockholm", International Architect, No. 8, vol. 1, Iss.8, 1982, стр. 40-41.

Литература[уреди]

  • Claes Caldenby, Olof Hultin m.fl. (1985). Asplund. Arkitektur Förlag. ISBN 91-86050-11-7.
  • Henrik Andersson, Fredric Bedoire (1986). Svensk arkitektur. Byggförlaget. ISBN 91-85194-67-0.
  • Janne Ahlin, Sigurd Lewerentz, arkitekt, Byggförlaget, Stockholm 1985, ISBN 91-85194-63-8
  • Svenska teknologföreningen 1861-1936 : biografier, [Del II : Födelseåren 1885-1914], Govert Indebetou, Erik Hylander, Svenska teknologföreningen, Stockholm 1937, s. 763f.
  • Peter Blundell Jones: Gunnar Asplund, Phaidon, 2006, ISBN 0714839760.
  • Erik Gunnar Asplund 1885–1940, TOTO. 2005, ISBN 9784887062573.

Надворешни врски[уреди]