Грумази

Координати: 41°2′38″N 21°35′3″E / 41.04389° СГШ; 21.58417° ИГД / 41.04389; 21.58417
Од Википедија — слободната енциклопедија
Грумази

Куќи во селото

Грумази во рамките на Македонија
Грумази
Местоположба на Грумази во Македонија
Грумази на карта

Карта

Координати 41°2′38″N 21°35′3″E / 41.04389° СГШ; 21.58417° ИГД / 41.04389; 21.58417
Регион  Пелагониски
Општина  Новаци
Население 6 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7211
Повик. бр. 047
Шифра на КО 02033
Надм. вис. 1.090 м
Слава Спасовден
Грумази на општинската карта

Атарот на Грумази во рамките на општината
Грумази на Ризницата

Грумази — село во Општина Новаци, во околината на градот Битола.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото се поврзува со неговата местоположба, бидејќи се добива впечаток како да е сместено на некое грло, кое на албански се нарекува „грумаз“.[2] Според друга легенда, населбата била основана од сточари од некојси Груман.[3]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на селото

Селото се наоѓа во Битолското Поле, сместено во средишниот дел на територијата на Општина Новаци, чиј атар се издига на јужната падина на Селечка Планина.[4] Селото е планинско, на надморска височина од 1.090 метри. Од градот Битола е оддалечено 23 километри.[4] Од општинското средиште Новаци е оддалечено 17 километри.[3]

Грумази е планинско село, сместено на над 1.000 метри надморска височина. Се наоѓа на самата граница помеѓу Битолскиот крај и Мариово. Околу селото се наоѓаат повеќе возвишенија погодни за сточарство.[2]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Страишта, Кокошар, Неврокоп, Џаула, Арамиов Рид, Гарван, Градска Река, Присој, Извор или Бела Чешма, Црква, Сива Вода и Градска Чешма.[2]

Селото има збиен тип. До него води земјен пат, кој започнува од селото Долно Орехово.

Историја[уреди | уреди извор]

Грумази е старо село. Во пишаните извори се споменува во првата половина на XVII век (1620-1650 г.). Легендата за основањето на селото е дека било основано заедно со соседното мариовско село Груништа од двајца браќа. Братот кој го основал Грумази се викал Трајко (според кажување на Ѓорѓи и неговиот родослов Ѓорѓи-Петко-Петре-Трајко). Во минатото помеѓу овие две села важело правилото да не се склопуваат бракови помеѓу мештаните.[2]

Првично, селото се наоѓало на висорамнина околу 800 метри северно од денешната местоположба. Таму се наоѓаат главната чешма, црквата и гробиштата. По кажување, стоката постојано бегала од тоа место на денешното. На денешната местоположба нема никакви извори, туку се ископани бунари.[2]

За време на отоманскиот период, селото било насилно преземено од некој Албанец од Корча. Последен сопственик на селото бил Риза-ага, исто така од Корча. Дури во 1924 година селаните се ослободиле од него, откако му платиле 600 „франги“.[2]

За време на Првата светска војна куќите во селото биле срушени, а мештаните две години биле иселени во селото Гнилеш, додека во селото престојувале Италијанци.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа простор од 8,8 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 639,7 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 223,3 хектари, додека шумско земјиште нема.[4]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[4]

Поради својата местоположба, селото има погодни услови за сточарство.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
194872—    
195386+19.4%
1961111+29.1%
197172−35.1%
198169−4.2%
ГодинаНас.±%
199145−34.8%
199416−64.4%
200215−6.2%
20216−60.0%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Грумази живееле 80 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Грумази имало 56 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Брумази се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 6 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 50 Македонци.[8]

Селото е мало во фаза на раселување. Во 1961 година селото броело 111 жители, а во 1994 година само 16 жители, македонско население.[4]

Според пописот од 2002 година, во селото Грумази живееле 15 жители, сите Македонци.[9]

Во 2008 година по неофицијални податоци селото се водело како раселено.[3]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 80 56 72 86 111 72 69 45 16 15 6
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови[уреди | уреди извор]

Грумази е македонско село.[2]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1953 година родови во селото се:

  • Староседелци или доселеници со непознато потекло: Калешковци (5 к.) и Ричковци (5 к.), потекнуваат од двајца браќа, Ристе и Петре. Таткото им се викал Трајко. Го знаат следното родословие: Ѓорѓи (жив на 95 г. во 1956 година) Петко-Петре-Трајко, основачот на селото.
  • Доселеници: Митревци (1 к.), потекнуваат од селото Пожарско во Меглен (воденско). Од таму во 1926 година се иселиле во мариовското село Будимирци. Па, по некое време преминале во Грумази.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Се знае дека едно семејство од родот Ричковци се иселило во соседното Паралово.[2]

Најголем дел од населението е иселено во градот Битола и во прекуокеанските земји.[3]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Грумази било село во Битолската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Новаци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел на некогашната Општина Новаци.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.

Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Новаци.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Новаци, во која покрај селото Грумази, се наоѓале и селата Балдовенци, Биљаник, Врањевци, Гнеотино, Горно Агларци, Добромири, Долно Агларци, Мегленци, Новаци, Ново Село, Долно Орехово, Паралево, Рибарци, Суводол и Тепавци. Селото било дел од некогашната општина Суводол во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Врањевци, Мегленци, Паралово, Грумази, Орехово и Суводол.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Никола“

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0168 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на општински објект на селото Долно Орехово. Во избирачкото место се опфатени населените места: Грумази, Долно Орехово, Врањевци, Паралово.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 66 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 57 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[17]
  • Црква „Св. Никола“ (нарекувана и Вознесение Христово) — главната селска црква, градена во 1864 година.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2021-12-01. Посетено на 2021-11-13.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 88. Посетено на 13 ноември 2021.
  5. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.237
  6. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 166-167.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 16.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 13 ноември 2011.
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 13 ноември 2021.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]