Грег Попович

Од Википедија — слободната енциклопедија
Грег Попович
Попович зборува во Белата куќа во 2015
Лични информации
Роден на28 јануари 1949
Источен Чикаго, Индијана
НационалностАмериканец
Информации за кариера
Средно училиштеМеривил
КолеџЕр Форс
Тренерска кариера1973–сѐ уште
Историја на кариера
Како тренер:
1988–1991Сан Антонио Спарс (помошник)
1991Голден Стејт Вориорс (помошник)
1996–сѐ уштеСан Антонио Спарс
Значајни моменти од кариерата и награди

Грег Попович (роден на 28 јануари 1949) е американски кошаркарски тренер, кој моментално ја води екипата на Сан Антонио Спарс. Тренерското место во Спарс го преземал во 1996 година, со што е тренерот со најдолг стаж во сите американски спортови.[1][2] Оттогаш има освоено четири шампионски титули во НБА со Сан Антонио (1999, 2003, 2005, 2007).

Попович е роден во сојузната американска држава Индијана. Тој има југословенско потекло, неговиот татко е Србин а неговата мајка е од Хрватска.[3] Средно училиште посетувал во Меривил, а активно се занимавал со кошарка за време на неговите студентски денови.

Професионална кариера[уреди | уреди извор]

За време на натпреварувачката сезона 1987-88 во НБА, Попович бил назначен за помошник на Лери Браун во Сан Антонио Спарс. Истата функција ја обавувал во наредните четири сезони, пред тогашниот сопственик Ред МекКомбс да го отпушти целиот стручен штаб на Спарс. Грег на кратко се преселил во Голден Стејт Вориорс, каде работел како асистент на легендарниот Дон Нелсон.

Сан Антонио Спарс[уреди | уреди извор]

Во 1994 година Питер Холт го откупил кошаркарскиот тим од Сан Антонио, по што го повикал Грег Попович да работи како генерален менаџер и надлежен за целокупниот спортски менаџмент. Еден од првите негови потези како генерален менаџер било донесувањето на Ејвори Џонсон за почетен бек-разигрувач. Нешто подоцна го пратил Денис Родман во екипата на Чикаго Булс во замена за Вил Пердју.

Спарс сезоната 1996 ја започнале со катастрофален резултат од 3-15, по што Попович го отпуштил тренерот Боб Хил и лично тој седнал на тренерското столче. Таа сезона Сан Антонио настапувал со десеткуван состав, бидејќи Дејвид Робинсон, Вини дел Негро и Шон Елиот го пропуштиле поголемиот дел од сезоната. Спарс имале еден од најслабите резултати во лигата, што им овозможило први да бираат на драфтот одржан во 1997. Нивниот избор бил Тим Данкан, кој целосно ќе го измени ликот на франшизата.

Данкан и Дејвид Робинсон претставувале одличен центарски тандем, па поради тоа оваа двојка го добила прекарот „кулите Близначки“. Во втората сезона на Данкан во НБА, Спарс го освоиле првиот шампионскиот прстен, совладувајќи ја во финалето екипата на Њујорк Никс со 4-1 во серијата најдобар во седум.

Поради доминацијата на ЛА Лејкерс во првите години од новиот милениум, Попович чекал до 2003 за втората НБА титула. Тогаш за противник ги имале кошаркарите на Њу Џерси Нетс, кои ги победиле со 4-2. Третиот прстен дошол во 2005, кога последна пречка биле бранителите на престолот, екипата на Детроит Пистонс, кои ги победиле по седум одиграни натпревари. Екипата на Поп била блиску до златниот пехар и во 2006, но тогаш загубиле од Далас Маверикс во конференциското полуфинале во една драматична завршница.

Својот последен трофеј го освоил во 2007, кога во финалето ги поразил Кливленд Кавалирс, предводени од Леброн Џејмс, со максимални 4-0, во едно од финалињата со најмала ТВ гледаност.[4]

Тренерски рекорди[уреди | уреди извор]

  • Попович двапати ја има добиено наградата „Тренер на годината во НБА“ во сезоните 2003 и 2012.
  • Во регуларниот дел од сезоната 2005-06, тој со Сан Антонио Спарс постигнал краен резултат 63-19, што е најдобро постигнување во историјата на клубот.
  • Тој е само вториот тренер во НБА кој остварил 900 победи во регуларниот дел од сезоната. Првиот е токму Дон Нелсон, кој има преку 1000 победи како тренер.
  • Попович има победено на преку 100 натпревари од разигрувањето за шампионскиот пехар, што го става на делба на третото место во таа категорија, изедначен со Лери Браун.
  • Грег имал куса авантура во националниот кошаркарски тим на САД (2002-2004), како помошник на Џорџ Карл.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Wetzel, Dan (2007-06-14). „French connection“. Yahoo! Sports. Посетено на 2008-04-17.
  2. „Devin Brown And Coach Pop Spread Message To Local Youth“. NBA.com. 2004-02-01. Посетено на 2008-03-05.
  3. Yahoo Sports - Biography
  4. Official Release. „Spurs' Popovich named Coach of the Year“.
  5. „2002 USA Basketball“. Архивирано од изворникот на 2007-07-14. Посетено на 2013-05-17.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]