Гранд хотел Будимпешта

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лого на филмот Грант хотел Будимпешта

Гранд хотел „Будимпешта“ (англиски: The Grand Budapest Hotel) е филм во германско-американска копродукција од 2014 година. Режисер и сценарист на филмот е Вес Андерсон (Wes Anderson), а улогите ги толкуваат: Ралф Фајнс (Ralph Fiennes), Ф. Мари Абрахам (F. Murray Abraham), Тони Револори (Tony Revolori), Матје Амалрик (Mathieu Amalric), Адриен Броди (Adrien Brody), Вилјем Дефо (Willem Dafoe), Харви Кајтел (Harvey Keitel), Џад Ло (Jude Law), Бил Мари (Bill Murray), Леа Сејду (Léa Seydoux), Тилда Свинтон (Tilda Swinton), Овен Вилсон (Owen Wilson) итн.[1] Сценариото на филмот е пишувано под инспирација на записите на Штефан Цвајг. Филмот имал 143 номинации, меѓу кои и за наградата „Оскар“ во девет категории, а освоил дури 76 награди, како што се: „Златен глобус“, пет награди на БАФТА, наградата „Сребрена мечка“ на фестивалот во Берлин итн.[2] И покрај деветте номинации, филмот успеал да ги освои награгите „Оскар“ само споредните категории: сценографија, костимографија, најдобра музика и шминка.[3]

Содржина[уреди | уреди извор]

Гранд хотелот „Будимпешта“ е поранешен прославен хотел на Алпите, но веќе е подзаборавен и запуштен. Во хотелот престојува еден писател (го игра Џад Ло), кој разговара со сопственикот на хотелот, господинот Мустафа (го игра Ф. Мари Абрахам), кој му ја раскажува својата приказна. Своевремено, главна личност во хотелот (чиј сопственик никогаш не бил јавно познат) бил рецепционерот Густав (го игра Фајнс), кој ги држел сите конци во рацете. Истовремено, тој бил голем заводник и одржувал врски со многу жени, меѓу кои и старата Мадам Д. (ја игра Свинтон).

Еден ден, во хотелот пристигнува младо момче (го игра Револори), кое избегало од својата земја поради разурнувањата предизвикани од војната. Момчето работи како потрчко во хотелот и Густав го зема под своја заштита, зашто и тој самиот кариерата ја започнал на тоа работно место. Мадам Д. ненадејно умира и Густав и момчето одат во нејзината куќа за да се збогуваат од неа. Тогаш, адвокатот го чита тестаментот на починатата, а нејзиниот син Дмитри (го игра Броди) не е задоволен од тоа што Мадам Д. му оставила на Густав една многу скапа слика. Тогаш, Густав и момчето ја крадат сликата и бегаат, но подоцна Густав ќе биде затворен под сомнение дека тој ја убил Мадам Д.

Во затворот, Густав се спријателува со група затвореници, кои му го соопштуваат својот план за бегство. Во тоа им помага девојката на потрчкото, која на затворениците тајно им доставува алати за копање, скриени во торти. Густав успева да избега од затворот, но полицијата е во потрага по него. Истовремено, Дмитри го ангажира ладнокрвниот убиец Џоплинг (го игра Дефо) во потрага по колегата на Густав, Серж (го игра Амалрик) кој ја поседува копијата од вториот тестамент на Мадам Д. Џоплинг извршува серија убиства, вклучувајќи го и Серж, а во моментот кога сака да го убие Густав, хотелскиот потрчко успева да го турне во провалија.

Така, Густав успева да докаже дека е невин и дека Дмитри ја убил мајка си за да дојде до наследството. Истовремено, се дознава за вториот тестамент на Мадам Д., која била сопственичка на хотелот „Будимпешта“ кого му го остава во наследство на Густав. Еден ден, додека Густав и потрчкото патуваат во воз, окупаторската војска им бара легитимации, а Густав застанува во одбрана на момчето, поради што војниците го стрелаат. По смртта на Густав, нов сопственик на хотелот станува хотелскиот потрчко, кој подоцна станува богат човек познат како Мустафа.[4] [5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. IMDb, The Grand Hotel Budapest (2014) (пристапено на 19.2.2015)
  2. IMDb, The Grand Hotel Budapest (Awards) (пристапено на 19.2.2015)
  3. „Триумф за „Човекот-птица“ со четири оскари“, Утрински весник, година XVI, број 4718, вторник, 24 февруари 2015, стр. 14.
  4. IMDb, The Grand Hotel Budapest (2014) (пристапено на 19.2.2015)
  5. Антена, број 868, 13.2.2015, стр. 17.