Горјан Петревски

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Горјан Петрески)
Прејди на: содржини, барај
Горјан Петревски
Роден 14 јули 1951
Македонија, Мренога, Демирхисарско, Македонија
Занимање Писател

Горјан Петревски (Мренога, Демирхисарско, 14 јули 1951) е македонски писател на литература за деца и млади.

Биографија[уреди]

Горјан Петревски е роден на 14 јули 1951 година во село Мренога, Демир Хисар. Основно училиште завршил во родното место, а средно образование стекнал во прилепската гимназија. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје во групата на јужнословенска книжевност.

Работел десетина години како новинар на Македонската Телевизија на програмата за деца, а во 1986 година преминал на работа во НИП „Нова Македонија“, каде што работел во забавникот за млади „Наш свет“, а, исто така, бил и одговорен уредник на списанието „Развигор“, како и одговорен уредник на издавачката дејност во издавачката куќа „Детска радост“.[1]

Творештво[уреди]

Горјан Петревски е писател со ретка дарба чии книги (романи и раскази) привлекуваат големо внимание на читателите и побудуваат голем интерес. Најчесто, тоa е поради неговата непосредност, лирските нијанси во делата како и поради чувствата што се раѓаат кај младите, првите љубови.

Горјан Петревски напишал голем број дела меѓу кои можат да се наведат следниве наслови:[2]

  • "Гороцвет" (1973, раскази),
  • "Земјата од сонот" (1980, раскази),
  • "Тажниот свирач" (раскази,паралелен превод на хрватски и македонски јазик, објавена во Сараево во 1986 година),
  • "Татковите солзи" (втора награда на конкурсот на "Детска радост" за најдобра книга со раскази распишан во 1984 година),
  • "Задоцнети писма од Споменка" (1990, лирски записи кои на барање на читателите излегувала долго време како продолженија во "Наш свет"),
  • "Татковата прва љубов" (1997, поетско-прозни записи),
  • "Пролетни дождови" (сказни работени според народни мотиви инспирирани од приказните за животни на Марко Цепенков, за која во 1998 година ја добил престижната награда "Ванчо Николески" за книга на годината што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија),
  • "Споменка" (1982, две изданија, откуп на конкурсот на "Детска радост" за најдобар роман),
  • "Марта" (1989, најтиражен роман, преобјавуван во осум изданија и влезен во лектирата за седмо одделение),
  • "Снеговите на Климентина Евин" (1991, три изданија, роман адаптиран и како радио драма за деца и млади, лектира во основното образование),
  • "Далечна љубов" (1992, роман со две изданија кај издавачите "Детска радост" и "Матица македонска"),
  • "Исти очи" (1993, четири изданија, роман кој по својата популарност самиот по себе се наметнува како лектира во осмите одделенија),
  • "Вечниот ветар" (2000, две изданија, љубовна приказна за млади, роман кој според анкетата на емисијата "Ѕвон" при Македонската радио телевизија е прогласен за најпродавана книга за млади во 2001 година и чие прво издание се распродава за четири месеци)
  • "Рано дојде љубовта" (проза, за која ја добива наградата "Свети Климент" за најбарана книга во 2002 година, а ја доделува НУБ "Свети Климент Охридски")
  • "Сама"(2003, роман).

Повеќе негови романи се обработуваат како лектири во основното образование по избор на учениците или наставниците.

Покрај неговите книжевни дела, крај името на Горјан Петревски стојат и телевизиски серии, како:[3]

  • "Шарен монитор" (квиз),
  • "Илустриран ТВ речник",
  • "Црвено, жолто, зелено" (играни серии),
  • "Басноград",
  • "Баснодром" (куклени серии) и други,

Информативно-документарни серии:[4]

  • "Откривања",
  • "Љубопитна камера",
  • "Скоп-стоп" и други.

„Рано дојде љубовта“[уреди]

Книгата со наслов Рано дојде љубовта се состои од седумдесет и два лирски раскази. Како и во останатите негови дела и овде тој се потпира на своите убедувања дека само "чистиот исказ" е најприфатлив за младите читатели па затоа истиот го применува и негува некомпромисно зошто најверојатно било какво менување на стилот би прдизвикало отпор кај читателите (младата популација). Книгата е поделена на два дела "Плашилото со добро срце" и "Тешко прашање". Љубовта е универзална категорија и како мотив таа се среќава речиси во сите дела на авторот, што е случај и во ова дело. Доминантна специфика на овој роман се искреноста, топлината и доживеаноста на нештата. Тие белези се фундаментален принцип во литературата за деца и младина. Начинот на кој е напишан е прифатлив за младата популација, што се провлекува низ сите романи на Горјан Петревски. Авторот е целосно внесен во детскиот свет и оттаму ги црпи своите инспирации. Доказ за тоа е и ставот кој го искажал во предговорот на книгата:"никогаш не заминав од детството. Зошто, за да се биде писател за деца и млади, не е доволно само навраќање во детството, туку со еден свој дел, скриен и интимен, треба да се остане во него.".

„Сама“[уреди]

Романот Сама е едно од најдобрите остварувања на Горјан Петревски. Роман кој е лесно препознатлив по неговата лиричност и сентименталност, по трагањето на убавото и возвишеното, на добрината и љубовта. Тој во овој роман целосно го доловува секојдневието на младиот човек, грдото и испревртено време во кое младиот човек секојневно се среќава со лагата, лицемерството, злото, измамата, алкохолот, проституцијата. Едно довчерашно дете треба да го издржи притисокот и да се изгради во правилна личност притоа избегнувајки ги сите пороци. Сите бројни теми и мотиви авторот ги предзначува и ги следи низ една инзвонредно модерна и суптилна творечка постапка.

Главен лик во овој роман е пијанистот со светско реноме Симеон Георгиев, сè она што се случува во романот е поврзано со него, сите настани почнуваат и завршуваат со него. Освен него претставен како светски славен млад пијанист, заедно со неговата доследност, упорност, работливост, скромност, разбирање, добрина, искреност, отвореност,љубов и почит кон другите, авторот ни ја доловува и приказната на главната хероина во овој роман Теодора Малинова. Таа е меѓународна каратистка која постојано го слуша упорното вежбање на пијанистот, неговата упорност и желба да оствари некое големо дело кое би оставило трага во неговиот живот, покажувајки дека единствена мерка за човекот се трудот и работата. Постмодернистичката структура на текстот вистински нурнува во свеста и ги отвора младите души. Ни ја претставува осветољубивата и ретко успешна каратистка како сама и осамена несреќна девојка. Таа во една прилика по навреда и измама на училишниот другар Емил и неговата дружина целата своја духовна и физичка убавина ја пресоздава во долго посакуваната и единствена љубов кон младиот пијанист. Одеднаш големите и бучни нешта во животот, стануваат мали и обични, секојдневни чуда од убавина и добрина, почит и љубов, правичност, стрпливост и доследност. Горјан Петревски во овој роман ја вградува приказната на два млади лика кои прерано пораснуваат и се впуштаат во живот полн со зло. Тие таму се соочуваат со сите зла и несраќи, со сексот, развратот, дрогата, со сите недобројни опачини на егзистенцијата. И притоа тие самите со сопствена борба, работа и труд треба да го освојуваат животот како вредност и достоинство. Горјан Петревски раскажува ендноставно и течно низ краток дијалог вметнувајки ги туѓите мисли како магични мудрости со лирски описи и примени во драматично раскажување на приказната. Овој роман зрачи со древна мудрост и затоа подеднакво е прифатлив и за помладата, но и за постарата маса на читатели. Овој роман е посветен на нашиот славен пијанист Симон Трпчевски и токму тој претставува главна инспирација за делото на Горјан Петревски. Симон Трпчевски, авторот го поистоветува со главниот лик во романот Симеон Георгиев кој се обидува да и помогне на главната хероина Теодора Малинова да се оттргне од современите пороци, како што е дрогата. Во една прилика авторот ке каже: "Симон Трпчевски го следам од неговите најрани години. Кога седнав да го пишувам романот, односно, кога ми се наметна ликот на еден млад пијанист, јас не можев да избегам од ликот на Симон Трпчевски. Влегов во еден огромен творечки ризик и навистина многу внимателно му пријдов на ликот кој асоцира на нашиот познат пијанист".

Исти очи[уреди]

Во овој роман се работи за момчето Ангел кое живее во клисурата. Кон крајот на летото оди во училиште и таму ја среќава Ана и меѓу нив се јавува симпатија на прв поглед. Потоа се опишуваат дружењата во училиштето и средбите на Ангел и Ана. Кон крајот се дознава дека Ангел и Ана се всушност брат и сестра чија мајка ги оставила пред вратите на две различни семејства. Во оваа книга авторот успева да ни ги долови убавините на природата преку навраќање и описи. Копнеж по убавина владее и во Ангел кој едвај чека да заврши распустот и да се врати назад во својот дом.

Наводи[уреди]

  1. "Биобиблиографија за авторот", во: Горјан Петревски, Марта, седмо издание, М-графика, Скопје, 2001, стр. 221-223.
  2. "Биобиблиографија за авторот", во: Горјан Петревски, Марта, седмо издание, М-графика, Скопје, 2001, стр. 221-223.
  3. "Биобиблиографија за авторот", во: Горјан Петревски, Марта, седмо издание, М-графика, Скопје, 2001, стр. 221-223.
  4. "Биобиблиографија за авторот", во: Горјан Петревски, Марта, седмо издание, М-графика, Скопје, 2001, стр. 221-223.

Литература[уреди]

  • Сама (био-библиографија за авторот)
  • Исти очи (писателот за себе, белешка за писателот)
  • Снеговите на Климентина Евин
  • Споменка
  • Марта
  • дневните весници „Нова Македонија“, „Утрински весник“ и „Дневник“
  • Друштво на писателите на Македонија