Голубарница

Координати: 41°40′25″N 21°19′0″E / 41.67361° СГШ; 21.31667° ИГД / 41.67361; 21.31667
Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Голубарник)
Голубарница
Поглед од внатрешноста кон отворот на пештерата
МестоБелица, Порече
Координати41°40′25″N 21°19′0″E / 41.67361° СГШ; 21.31667° ИГД / 41.67361; 21.31667
Должина100 м
Карта

Голубарница (позната и како Голубарник или Орле) — пештера во Поречието, во близина на селото Белица. Долга е околу 100 метри, и е една од поубавите пештери во реонот на селото. Во неа има многу процепи и недостапни места. Во оваа пештера е изворишниот дел на реката Белешница[1]. Позната е по специфичните лилјаци, уникатниот бисер и загадочниот човечки череп.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Пештерата се наоѓа на ридот Дафпат, а од селото Белица е оддалечена околу 1,6 км на исток[2]. До Гулабарница може да се дојде по одлично обележана патека, притоа одејќи со средно темпо од околу еден час[2]. Отворот на пештерата има јужна експозиција и се наоѓа на надморска височина од 868 метри, височина која е за околу 300 метри повисока од селото Белица[2].

Знаменитости[уреди | уреди извор]

Лилјаците од Голубарник[уреди | уреди извор]

Оваа пештера е дом на неколку вида на лилјаци, од кои се мал потковичар (Rhinolophus hipposideros), јужен потковичар (Rhinolophus euriale), мехелиев потковичар (Rhinolophus mehelyi) и долгокрилест лилјак (Miniopterus schreibersii). Лилјаците ја користат пештерата како место за презимување (хибернација), одгледување на младите и засолниште во топлиот период на годината.[3] Заради овој факт, во 2012 година во оваа пештера треба да се одржи манифестацијата „Ноќ на лилјаците“, која е традиционална и во Европа се одржува од седумдесеттите години.

Бисерот од Голубарница[уреди | уреди извор]

За време на едно екпедитивно истражување на СД „Пеони“ бил пронајден многу редок примерок на пештерски бисер, стар илјадници години. Спелеолозите тврдат дека бисерот е уникатен карцитен феномен и дека досега во Македонија е единствен со толкава големина.[4]

Черепот од Голубарник[уреди | уреди извор]

Човечки череп во процеп во пештерата Голубарница

СД „Пеони“ откриле остатоци од човечки череп и коски од екстремитети. За черепот и коските спелеолозите претпоставуваат дека се многу стари, а можеби и остатоци од праисторискиот човек. Черепот случајно го открил еден од членовите на друштвото осветлувајќи еден процеп во пештерата. До отворот каде што има череп на човек може да се влезе од друга страна. Досега на територијата на Европа најстарите човечки остатоци датираат од 200.000 до 800.000 години пред нашата ера. Во Македонија сè уште не е откриен толку стар човечки остаток, па ова кога би излегло вистинито би бил најстариот откриен предок.

Спелеолошки парк[уреди | уреди извор]

До Министерството за животна средина од страна на спелеолошкото друштво „Пеони“ било поднесено барање местото Белица да биде прогласено за спелеолошки парк. Барањето се однесувало на три пештери од овој реон и тоа: Голубарник, Лапарник и Момичек, кои треба да бидат заштитени со законот за природни реткости и убавини.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „GOLUBARNIK CAVE“. Macedonian Civilization. 7. August 2007 16:22:01. Посетено на 2011-10-02. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  2. 2,0 2,1 2,2 Стојчески, Дарко (29 септември 2018). „Гулабарница (Голубарница) - Беличката мистериозна пештера“. ИГЕО портал. Посетено на 1 октомври 2018.
  3. „Лилјаците од Белица“. Истражувачко друштво на студенти биолози (ИДСБ). Архивирано од изворникот на 2011-08-31. Посетено на 2011-10-02.
  4. „Откриен уникатен пештерски бисер стар илјадници години“. Дневник. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2011-10-02.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]