Геополитика

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Геополитика е наука од редот на општествените научни дисциплини која се занимава со проучување на општестевните, економските, демографските и политичките процеси на државите како единки зависни и распоредени во единствениот географски простор.[1] Главна дефиниција на геополитиката, која доминирала подолго време е дека таа претставува концепција која ја објаснува политиката на државата преку природногеографските услови, географската положба и расните разлики на населението[2]. Како најглавни чинители во рамки на проучувањата и спроведувањето геополитички анализи се земаат политичките процеси, одлуки и системи, економските остварувања и можности и воено-безбедносните способности и сила на државите врз основа на нивната географска положба, односно географскиот простор на кој се наоѓа нивната државна територија и нивната позиција во светот во однос на важните геостратешки точки (или положбата во однос на другите држави).

Историја[уреди]

Поимот геополитика за прв пат бил употребен во 1899 година во статијата на шведскиот научник Рудолф Кјелен (Rudolf Kjellen), под наслов „Студија за шведските политички граници“[3]. Овој научник во својот труд „Државата како облик на живеење“ ("Der staat als Lebensform") геополитиката ја определува како наука за државата како географски организам или појава во просторот, оценувајќи го влијанието на географските фактори врз државата и нејзината моќ како пресудно и од кое произлегуваат насоките за за структурирање на најефикасната политика, која на државата ќе и овозможи безбедност и успешен развој[4].

Како прва теорија во рамките на геополитиката се смета теоријата за „срцето на светот“ изнесена од британскиот географ Џон Мекиндер во 1904 година[5]. Според оваа теорија на Мекиндер „срцето на светот“ (анг. heartland) се наоѓа во Источна Европа (Украина) и оној кој командува со него владее со „светскиот остров“ - Евроазија, што значи дека тој владее и со светот. Врз основа на оваа теорија се развиваат двата главни правци во геополитиката: континентализмот (евроазијството, „цивилизацијата и силите на Копното“) и атлантизмот („цивилизацијата и силите на Морето“).

Толкувања и дефиниции[уреди]

Под поимот геополитика во американската литература се подразбира општествена научна дисциплина, која се занимава со проучување на ефективноста на етничките, демографските и економските аспекти врз политиката на државата[6]. Според бугарскиот професор Карастојанов, геополитиката претставува додаток на природните, економските, социјалните и демографските особености на државата во креирањето на нејзината политика[7]. Во „Воениот лексикон“, геополитиката се дефинира како концепција според која географските фактори, особено територијата имаат пресудна улога во организирањето на политичкиот облик на општеството и водењето на државната политика[8]. Според „Социолошкиот терминолошки речник“ на МАНУ, геополитиката се дефинира како научна дисциплина која истакнува дека земјата на која живее еден народ или на која е организирана државата има пресудна улога во организирањето на политичкиот облик на општеството и водењето на државната политика[9]. Професорот на Универзитето во Портланд, Ладис Д. Кристоф, дава дефиниција за геополитиката како проучување на политичките феномени во 1) нивните просторни односи и 2)нивните врски во однос на зависноста и влијанието на Земјата, како што се сите оние културни фактори кои го сочинуваат предметот на проучување на хуманата географија (антропогеографија) во широка смисла на зборот[10]. Понатаму, тој ја поедноставува дефиницијата на геополитиката како политика која е интерпетирана географски или анализирана од и врз основа на нејзиниот географски контекст[11].

Имајќи предвид дека врз основа на геополитичките теории и сознанија, државите во светот, а посебно поголемите и помоќните држави (т.н. „големи сили“), градат стратегии за успешно остварување на своите национални интереси, геополитиката најчесто се гледа како доктрина за надворешната политика на државите. Многу често се смета дека геополитиката е инструмент на освојувачките, експанзивни и империјалистички политики и желби на големите држави, меѓутоа во современи услови геополитиката е значајна за опстанокот и остварувањето на националните интереси на сите држави во светот без разлика на нивната големина и моќ, а со процесот на глобализација геополитиката добива и сосема нови размери (т.н. „негеополитика“) кои се однесуваат не само на државите, туку и на недржавните актери и единки како народи, племиња, општествени движења, религии, цивилизации, сепаратистички движења, терористички групи и криминални мрежи и организации.

Главни теоретски правци во геополитиката[уреди]

Со новите услови кои ги носи високиот и брз технолошки и научен развој, првобитната поделба и сфаќање за постојаното натпреварување и судир помеѓу силитан Копното и силите на Морето, во втората половина на ХХ век се надоградила и развила во четири различни теоретски правци на проучување на геополитиката. Со завршувањето на Студената војна и новонастанатиот политички и безбедносен амбиент, победничката атлантистичка геополитичка доктрина се развила во два правци: мондијализам и неоатлантизам, додека континентализмот останал со истата суштина, но во нов облик, а сосема нов правец се развил под дејство на модерната технологија и глобализаскиот процес наречен постмодернистичка геополитика.

Мондијализам[уреди]

Во основа, учењето на мондијализмот истакнува дека еволуцијата на човековото општество, еден ден неминовно ќе доведе до тоа, сите народи во светот да се обединат во една заедница со единствен систем на управување - единствена светска влада, која би била способна брз основа на одлуки донесени од мнозинството да ги решава проблемите кои ја обременуваат иднината на човештвото, како што се: војните, гладот, загадувањето, пренаселеност, недостаток на енергија и ресурси, со што би се надминале досегашните причини за судири и страдања на човештвото и би настапило владеењето на светското демократско мнозинство[12]. Еден од главните претставници на овој правец е американскиот професор Френсис Фукујама, со своето најпознато дело „Крајот на историјата и последниот човек“, напишано во мондијалистички дух по конечната победа на либерализмот и либералната идеологија и крајот на Студената војна.

Неоатлантизам[уреди]

Како и мондијалистите, неоатлантистите исто така се за свет во кој водечка ќе биде либералната демократија, односно вредносниот систем на западниот свет, меѓутоа за разлика од нив тие не веруваат дека е дојден крајот на историјата на судирите по конечната победа на атлантскиот над социјалистичкиот блок во Студената војна[13]. Неоатлантистите сметаат дека во послестуденовоениот свет, ќе дојде до натпревар и судири меѓу цивилизациите околу водечкото место на глобален план, во чии рамки западната (атлантска) цивилизација ќе биде само еден од конкурентите[14]. Главен претставник на овој правец е американскиот професор Семјуел Хантингтон, кој ја разработува оваа идеја во своето дело „Судир на цивилизациите“, во кое покрај западната (атлантска) дефинирал уште шест други потенцијално ривалски цивилизации: исламска, синичка (кинеско-конфучијанска), хиндуистичка, јапонска, латиноамериканска и (можеби) африканска[15].

Континентализам[уреди]

Континентализмот почива на тезата дека постои друга алтернатива на проектот за вестернизираниот сведски поредок, чија главен клуч за одржлива и перспективна глобална стабилност е осуетување на надмоќноста на САД (и американизираниот Запад) преку здружување на моќта на континенталните сили и целини. Како главен и предодрен актер кој треба да се спротистави на западниот блок се смета азискиот или евроазискиот континентален блок[16]. Најпознат претставник на евроазискиот континентализам, е рускиот автор Александар Дугин кој во своето дело „Основи на Геополитиката - просторно размислување“ зборува за епохалната мисија на Русија која како земја во „срцето на светот“ (heartland) има за задача да ја интегрира Евроазија („собирање на Империјата“) доколку не сака да остане без своите пространства кои се цел на западот и останатите конкуренти[17]. Покрај овoј под-правец во рамките на континентализмот постојат и други под правци како што се: европската нова десница - чие главно гледиште е Европа надвор од прегратките на Америка и погубните последици од глобалната доминација на Западот, со зближување со своите континентални соседи на исток и југоисток кон подобра позиција на меѓународната сцена и американската варијатна континентализмот - чие главно гледиште е дека соработката помеѓу земјите внатре во американскиот континент треба да има приоритет во американската надворешна политика[18].

Постмодерна геополитика[уреди]

Во време на технолошката и економската глобализација, овој правец во геополитиката укажува на релативизирањето и смаленото значење на физичко-географските фактори, до степен на нивно целосно негирање и безначајност во современите политички процеси[19]. Овој правец целосно ги негира геополитичките доктрини, истакнувајќи дека во современиот свет политиката престанала да биде поврзана и да зависи од земјиното тло и географијата, па токму затоа главно место зазема борбата за одржување и зголемување на брзината до пристапот на информации, технолошкиот развиток и иновации и економско-финансиското освојување на глобалниот пазар[20].

Наводи[уреди]

  1. Evans, G & Newnham, J., (1998), "The Penguin Dictionary of International relations", Penguin Books, London, Uk. ISBN 0-14-051397-3
  2. Милески, Тони. „Македонија: Рубикова коцка на Балканот“. Филозофски факултет, Скопје, 2005 год. стр.22
  3. Милески, Тони. „Македонија: Рубикова коцка на Балканот“. Филозофски факултет, Скопје, 2005 год. стр.22
  4. Милески, Тони. „Македонија: Рубикова коцка на Балканот“. Филозофски факултет, Скопје, 2005 год. стр.22
  5. Mackinder's Heartland Theory (на англиски јазик)
  6. Милески, Тони. „Македонија: Рубикова коцка на Балканот“. Филозофски факултет, Скопје, 2005 год. стр.22-23
  7. Милески, Тони. „Македонија: Рубикова коцка на Балканот“. Филозофски факултет, Скопје, 2005 год. стр.23
  8. Милески, Тони. „Македонија: Рубикова коцка на Балканот“. Филозофски факултет, Скопје, 2005 год. стр.23
  9. Милески, Тони. „Македонија: Рубикова коцка на Балканот“. Филозофски факултет, Скопје, 2005 год. стр.22
  10. Krisof, K. D. Ladis. The Origins and Evolution of Geopolitics.The Journal of Conflict Resolution, Vol. 4, No. 1, The Geography of Conflict (Mar.,1960), p.34
  11. Krisof, K. D. Ladis. The Origins and Evolution of Geopolitics.The Journal of Conflict Resolution, Vol. 4, No. 1, The Geography of Conflict (Mar.,1960), p.34
  12. Килибарда, Зоран. „Основе геополитике“. Факултет безбедности и Службени гласник, Београд, 2008. стр.49
  13. Килибарда, Зоран. „Основе геополитике“. Факултет безбедности и Службени гласник, Београд, 2008. стр.52
  14. Килибарда, Зоран. „Основе геополитике“. Факултет безбедности и Службени гласник, Београд, 2008. стр.52
  15. Килибарда, Зоран. „Основе геополитике“. Факултет безбедности и Службени гласник, Београд, 2008. стр.52-53
  16. Килибарда, Зоран. „Основе геополитике“. Факултет безбедности и Службени гласник, Београд, 2008. стр.56
  17. Килибарда, Зоран. „Основе геополитике“. Факултет безбедности и Службени гласник, Београд, 2008. стр.56-57
  18. Килибарда, Зоран. „Основе геополитике“. Факултет безбедности и Службени гласник, Београд, 2008. стр.58
  19. Килибарда, Зоран. „Основе геополитике“. Факултет безбедности и Службени гласник, Београд, 2008. стр.60
  20. Килибарда, Зоран. „Основе геополитике“. Факултет безбедности и Службени гласник, Београд, 2008. стр.60