Географија на Д’мбени

Од Википедија — слободната енциклопедија

Д’мбени (на грчки: Δενδροχώρι (Δενδροχώριον), Дендрохори) е село во Егејска Македонија со географски координати 40°35′N 21°09′E / 40.583° СГШ; 21.150° ИГД / 40.583; 21.150, денес Република Грција, во Општина Кастраки (Κοινότητα Καστρακίου), Околија Костур (Νομός Καστοριάς).

Релјефoт му е планинско-ридски со мали рамнини и котлини. Од север кон југ го сечат четири истечни води и суводолци и трапови. Одогенетскиот процес се развил во тријасот од мезозојската ера, па планините се издигнуваат од дното на некогашното море. Тогаш се формирал и динарко-пиндскиот планински систем кој му припаѓа на Орлово (Малимади).[1]

Тоа се наоѓа во северозападниот дел на Костурскиот округ во Егејска Македонија. Расположено е на еден гранитен масив наречен Орлово, огранок на планината Вињари, во должина од 900 метри. Од градот Костур е оддалечено околу 20 км, а од Билишта, гратче што се наоѓа во Албанија, околу 25 км. На север, преку планината Вињари, се граничи со селото Брезница; на североисток преку планината Костолата се граничи со селата Габреш и Дреновени; на исток, преку планините Тумба, Кирјака и Тројница, со селата Четирок и Света Недела; и на запад, преку планината Уши, со селото Косинец, а преку планината Арвенко и со селото Смрдеш.[2]

Клима[уреди | уреди извор]

Климата во Д’мбени е умереноконтинентална со средоземно влијание. Зимите се благи, со многу снег, а летата топли и суви. Средната годишна температура е 15 °C, а средната температура во јануари е околу 4 °C. Најтопол месец е јули со просечна температура од 26 °C.

Врнежите се нерамномерно распоредени во текот на годината. Најмногу дожд паѓа во пролет и есен и секогаш е придружен со силни ветрови и грмотевици. Годишно паѓаат од 600-900 мм врнежи на 1 м2. Ветровите се претежно од неопределена насока бидејќи селото се наоѓа во подножје на планински полувенец. Најпознат и најчест е ветерот југо кој дува во зимските и пролетните месеци.[3]

Физички одлики[уреди | уреди извор]

Топографија[уреди | уреди извор]

Д’мбенската планина е составен дел на Орлово и го зафаќа нејзиниот јужен дел. Таа се протега од југоисток кон северозапад, па сè до албанската граница во должина од 30 км. Највисок врв е Бучи со 1.776 м, а втор по височина е врвот Вињари со 1.715 м. Од Вињари на запад се наоѓа Локвата. Таа претставува котлина во форма на гланзален цирк. Во средината има мало езеро во кое се влеваат водите од дождовите, планинските извори и снеговите кои се топат. Инаку, Локвата има мошне убави падини кои се создадени од ледничкиот одрон. Од врвот на планината може да се види Костурското и Преспанското Езеро.[1]

Јужно од Локвата се наоѓа Мало Дувало, а на север, во месноста Шчежерика, е Големо Дувало. Дувалата се вертикални пештери до ритедални рамиодинации и се создадени од водена ерозија. Овие пештери не биле испитани. Според шумовите кои можат да се слушнат, се претпоставува дека во поголеми длабочини течат понорници. Од отворот на Големо Дувало, во правец на Шчежерика, има природен венец од дабова шума.

Гледано геолошки, најмногу се присутни карпите од мезозојско потекло, темносиви варовници, конгломерати, пескливи пештери, варовници, песочници и друго. Во составот на масивите има карпи од постар, но и од помлад период. Постарите се среќаваат како црни варовници, а помладите како глина и др.[1]

Ридовите го продолжуваат релјефот на југ од Д’мбенската Планина сè до четирчкото поле. Тие се лесно преодни и се со различна височина. Највисок меѓу нив е Јанов Рид, а потоа Локва и Сувите Долови.[1]

Хидрографија[уреди | уреди извор]

Истечните води се мали рекички (потоци) цо насока од север кон југ. Сите директно или индиректно се влеваат во реката Бистрица која минува недалеку источно од селото. На Д’мбенска територија, Бистрица, поминува низ две тесни и долги клисури: на влезниот дел низ Горни Берик, а на излезот низ Спилето. На запад се наоѓа реката Црна Вода. Таа извира од еден кадете вруток кај месноста Уши, минува низ карпест терен и се влева во Белица или Бела Вода. Водите од оваа река најрационално се користеле за наводнување на градините и ливадите во месностите Баница и Света Петка. На исток од Црна Вода течат уште две помали реки, односно Плочи и Леска. Сушица е рекичка која се формирала во селото. По неа порано течеле водите од Кладинец, но сега тој извор е пресушен.[3]

Големо значење за снабдувањето со вода на селаните имаат подземните води, а нив ги има насекаде. Планински извори има кај Локвата, Злостана, Стогоово и на други места. По ридестиот дел има и помали изворчиња. Тие биле грижливо уредувани од д’мбенци, па такви изворчиња - бунарчиња има во месностие Ливадје, Штојша, Појлје, Арбенешка, Клисурата, Д’мбенски Дол, Седлото, Буљен, Манково, Новите Нивја, Широкоротиште, Миов Дол, Лазиња, Лапка, Корјата и на други места.[3]

Флора и фауна[уреди | уреди извор]

Животинскиот и растителниот свет ѝ припаѓаат на соодветната климатска зона, а сè зависи од почвата и земјата. Од шумските дрвја најраспространети се дабот и церот, додека во малите котлини на Орлово има и бука. Од овошје најмногу успева оревот, лапката, крушата и сливата, а има и други видови. Во д’мбенскиот предел од животни и птици најмногу има: мечки, волци, диви кози, диви свињи, срни, елени, куни, лисици, орли, еребици, гулаби, гаврани и други. Покрај другите тревни растенија, во ливадите најраспространет е нарцисот, додека по падините и планинските предели растат: жолта детелина, чемерика, гороцвет и мов.[3]

Географски одлики[уреди | уреди извор]

Клима

Климата во Д’мбени е умереноконтинентална со средоземно влијание. Зимите се благи, со многу снег, а летата топли и суви[3]

Висински крајности

Највисока точка: Костолата (Буче), 1.776 м[1]

Најраспространето дрво: Даб[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 15
  2. 2,0 2,1 Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 13
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 16

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Костурското село Д’мбени, Лазо Поп-Јаневски, АУРОРА - Скопје, 1996.