Воскресение (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
„Воскресение“  
Ressurection.jpg
корица на романот
Автор Лав Толстој
Наслов на
оригиналот
Воскресение
Voskreseniye
Земја Русија
Јазик Руски
Жанр(ови) психолошки реализам
Издавач излегува како серијал во неделникот Нева
Издадена 1899
Медиум Печатена (со тврди и со меки корици)
Страници 560
Претходна Кројцеровата соната
(1889)“
Следна Аџи Мурат
(1912)“

Воскресение (на руски: Воскресение, Voskreseniye) е последниот роман напишан од великанот на руската литература, Лав Николаевич Толстој. По неговата смрт во 1910 год. се публикувани уште неколку негови помали епски дела, но ова остварување е последно од неговите подолги романи. Романот е објавен на повеќе делови во руското списание Нева. Содржински гледано, во „Воскресение“ се обработени темите за кризата на моралот во социо-општествениот живот, како и хипокризијата на политизираната православна црква. Поради контроверзната содржина на ова дело и нападите насочени директно кон улогата на религијата во општествениот живот, руската црква ќе го протера Толстој од редот на верниците и ќе го прогласи за еретик и богохулник.

Освен врските помеѓу верата и правото, Толстој овде се занимава и со психолошкиот портрет на осудениците, за тоа како општеството гледа на нив и дали ним навистина им се пружа втора шанса во животот. Опфатени се детални описи за работата на судот, но и за условите во кои живеат затворениците и обвинетите. Преку животните патешествија на двата носечки карактери во делото, Маслова и Нехљудов, Толстој прави една компарација на моралните падежи кај претставници од различни општествени слоеви. Иронично ја нагласува апсолутната вистина за тоа дека развратот е дозволен за луѓето од богатите кругови, но оние грешници од подолните слоеви се доживотно жигосани и ставени на маргините на општеството.

Ја забележува очигледната неправда која секојдневно им се врши на послабите и незаштитените од страна на оние кои располагаат со моќ и пари. Но преку ликот на кнезот Нехљудов, го изнесува својот став дека луѓето иако нечесно и подло живеат, сепак со силна волја и истрајност можат да отплатат за сторените гревови и да започнат нов, чист и морален живот.[1]

За разлика од претходните негови епски хроники, како „Ана Каренина“ и „Војна и мир“, Толстој овде акцентот повеќе го става на пораката која читателот треба да ја прими, отколку на естетската функција на четивото. Доста чести се и поглавјата каде нема класично развивање на фабулата, туку авторот само изнесува лични ставови и погледи за животот. Иако спаѓа во областа на психолошкиот реализам, дел од литературната критика го смета овој роман како предвесник на подоцнежното модернистичко движење. Оваа теза ја бранат со ставовите дека на одделни места во текстот, писателот целосно отстапува од сижето и се посветува на внатрешните монолози на стожерните ликови. Во текот на фабуларното дејство доаѓа до морален пресврт кај Дмитри Нехљудов, што воедно е и лајт-мотивот на ова литерарно остварување.

Овој роман ужива статус на класик во европската и светската литература, воопшто. Многумина влијателни писатели, како Антон Чехов и Џејмс Џојс, позитивно ќе се изјаснат околу умешноста на Толстој психолошки прецизно да ги наслика главните јунаци во романот. Руската јавност била по малку нетрпелива околу конечното објавување на делото, бидејќи „Воскресение“ претставува прво пообемно дело на Толстој по повеќе од 25 години пауза. Ова комплексно романескно остварување на Толстој ќе му донесе три последователни номинации за Нобеловата награда за литература (1901-1903), но иронично, ниту еднаш нема да ја добие. Иако ова издание е попродавано од неговите два претходни класици „Ана Каренина“ и „Војна и мир“, сепак не спаѓа во нивниот ранг по значење.[2]

Содржина[уреди]

Романот е поделен на три целини, кои во себе содржат по неколку глави, различни по обем и должина. Во воведниот пасус, Толстој дава широк и естетски совршен опис на градот Н. во кој се случува судската постапка покрената против проститутката Екатерина Маслова. Таа во придружба на неколку полициски службеници е спроведена во блискиот основен суд, каде требало да ја одбрани својата чест и невиност. Во продолжение на приказната, авторот прави ретроспекција на минатото на Маслова. По игра на судбината, еден од поротниците се случува да биде кнезот Нехљудов, кој имал бурно минато со обвинетата. Одеднаш во него се буди неговата задушена совест, која му вели дека треба да и се оддолжи на Маслова со тоа што ќе ја избави од неправедната казна.

Француската едиција на делото

Предметот по кој е обвинета Маслова и труењето на трговецот Смељков, кој претходната вечер ја минал во најзино друштво. Освен што бил отруен, на Смељков, кој инаку бил богат трговец, му биле украдени парите и златниот прстен по неговата смрт. Освен Катерина, осомничени биле и нејзината претпоставена и соработникот Карнтинкин. Секој од нив тројца ќе раскаже сопствена верзија на настанот, но сите не звучеле еднакво убедливо. Поротата ја осознава очигледната невиност на Маслова, но поради мала немарност во нивиот писмен одговор доставен до судијата, Катјуша е прогласена за виновна и осудена на доживотна робија во Сибир. Сите обиди на Нехљудов да ја исправи сторената неправда биле залудни поради судско-правните лавиринти кои го спречувале во таа негова намера. Најмил и елитен адвокат во името на Фанарин, кој го искористил сето негово познавање на правните науки да ја извлече Маслова од казната која и била изречена. Но, ниту стручноста на адвокатот, ниту неговата упорност не биле доволни да издејствува амнестија за Катјуша од повисоките судски тела.

Првичната замисла на Нехљудов била тој да ја избави Катјуша од прогонство и потоа да се ожени со неа, како би и надоместил за уништениот живот. Знаел дека таа негова одлука ќе му ја наруши тешко стекнатата положба во аристокрактските окружувања, но бил подготвен да ја поднесе таа жртва. Ќе оствари неколку средби со Маслова во затворот и тогаш ќе се соочи со грозоморното дело кое го сторил пред многу години. На почетокот Катерина не верувала во искреноста и добронамерноста на Нехљудов, но подоцна и самата таа се уверила во неговото вистинско покајание, па така му ги простила сторените гревови. Останала само уште потешката работа, т.е. да се извлече Катерина од заплетканиот процес против нејзе, а со оглед на тешката корупција која владеела во судскиот систем, тоа воопшто не бил лесен потфат. По одбивањето на жалбите од неколку пониски апелациони судови, Нехљудов со својот авторитет се заложил лично кај царот да го разгледа случајот на Маслова. И кога се чинело дека се е загубено, во рацете на Маслова пристига документ со кој се поништува судската грешка и се добива помилување лично од рускиот монарх. Катјуша решава да му се придружи на Симонсен, исто така затвореник како нејзе, додека тој ја одлежува затворската казна во Сибир и притоа да му даде можност на Нехљудов за отпочнување нов живот. Нехљудов е свесен за добрината која му е сторена, па така решава да го продаде сиот стекнат имот и наследство и да се повлече настрана живеејќи мирен и спокоен живот. Катерина, пак, целосно и се посветува на добродетелта, помагајќи ги протераните и осудените со материјална и морална поддршка.

Главните ликови во романот[уреди]

Дмитри Иванович Нехљудов[уреди]

Средбата на кнез Нехљудов со сиромашните селани“ од Л. Пастернак

Дмитри Иванович Нехљудов (на руски нехљудов значи нечовечен) бил син на аристократска и почитувана фамилија од Нижни Новгород. Бил ословуван со титулата кнез, и имал триесетина години. Во младоста се одликувал со љубов кон вистинските човекови вредности, посветеност и дисциплина во секоја работа која што ја извршувал. Посетувајќи војска се здобил со неколку високи воени чинови поради неговата несекојдневна храброст и пожртвуваност за време на Кримската војна. Едно лето, додека престојувал на имотот на неговите две тетки, ја запознал Катјуша и силно се вљубил во неа. Тоа лето имал неколку интимни средби со нејзе, но притоа размениле само еден искрен бакнеж и ништо повеќе.

Следната година повторно дошол на одмор кај тетките, но овојпат видно изменет и морално опустошен поради распуштениот живот на останатите негови колеги од армијата. Поучен од нивниот лош пример, и тој се повел по нивното поведение и извршил прељуба врз Маслова. Длабоко во душата знаел дека неправилно и грешно постапува, но успеал некако да ја задуши внатрешмата совест и да продолжи со разузданите навики. Го наследил семејното богатство, остварил голем капитал по руските селски провинции и се стакнал со високо звање во општествената хиерархија. Создал силни врски и познанства со највлијателните луѓе од политичкиот и јавен живот во Русија, а со самото тоа добил и постојано работно место во судот како поротник. Чудната игра на судбината повторно ќе го соедини со Маслова, и притоа во него ќе оживеат старите спомени и ќе се отворат сеуште незалечените живи рани поради прељубата.

Нехљудов во друштво на поротниците“ од Л. Пастернак
Посетата на окружниот затвор“ од Л. Пастернак

Неговите убедувања и гледишта за социо-политичкиот живот биле во голема мера создадени според американскиот социолог Херберт Спенсер. Спенсер се залагал селаните во свој посед да ја имаат земјата која ја работат, бидејќи таа им била основно средство за вадење корка сув леб. Сметал дека се врши огромна неправда со тоа што земјиштето е во рацете на градските капиталисти и тоа што тие им ги земаат тешко заработените пари на селаните. Воден од овие социјални начела, Дмитри Нехљудов се решава да им ја врати сопственоста на земјата во рацете на крепосните селани, како дел од неговата морална преродба. Оваа негова постапка ќе наиде на неодобрување кај потесниот круг негови пријатели, но Дмитри бил истраен и успеал во зацртаната цел.

Со оглед на тоа дека Нехљудов бил во доцните тресетти години од животниот век, логично било што многумина од богатите немажени девојки му се нуделе за брак. И од неговото потесно семејство го туркале да ја прифати брачната понуда на Марија од угледното семејство Корчагини. Марија била ќерка на едно пензионирано воено лице и живеела раскошен и удобен живот. Дмитри отпрвин имал намера да се венча со нејзе, но откако го воочил својот монструозен морален карактер, решил да не го прави тоа бидејќи така само би ја направил Марија несреќна и потиштена. Наместо тоа, цврсто одлучил да се ожени со Катјуша, како би и надоместил за пропаднатиот и безнадежна состојба во која тој самиот ја довел.

Во последната глава од романот, кнезот Нехљудов е прикажан како трогнат од добрината која му ја направила Катјуша и покрај сите зла кои тој бездушно и ги нанел. Повторно стекнува верба во постоење на доброто и си дава за цел во животот да ги исправи сите неетични дела кои тој им ги причинил на другите. Се присетува на тоа дека како помлад не можел да сфати одделни цитати од Евангелието според Матеј, па така повторно ја прелистува Библијата како би можел да го долови вистинското значење на зборовите на Исусовиот ученик. Дури сега, по толку залудно потрошени години ја сфатил правата смисла на животот и со затворањето на Светото Писмо, тој отворил ново поглавје во неговиот живот.

Екатерина Михајловна Маслова[уреди]

Судењето на Маслова“ од Леонид Пастернак
Пренесување на осудените во Сибир“ од Леонид Пастернак

Катјуша Маслова била родена како сираче и израснато на селската фарма каде нејзината мајка работела како измеќарка. Мајка и тешко се разболела, и поради несоодветната грижа на двете сопственички, набрзо и починала. Малата Катјуша била воспитана од страна на куќната помошничка, а кога пораснала останала да работи на селскиот посед. Поради банална расправија со една од сопственичките, Маслова била протерана од имотот и била препуштена сама на себе, без скршена пара во џебот. Привремено се вработила кај еден шумар, но тој постојано ја тепал, дури се обидел и да ја силува, по што таа веднаш си заминала од таму. И голем број од наредните нејзини работодовци се однесувале грубо спрема неа, и така таа целосно морално и етички се обезличила. Полека и се предала на пороците и блудот, се вработила во јавна куќа и постојано била во друштво на најрасипаните луѓе од руското општество. Така, таа од навидум невино и кротко девојче, се преобразила во развратна и бесчувствителна личност.

По неповолната судска пресуда, таа плачејќи ја напушта салата и се враќа во мизерните затворски услови во исчекување на конечната депортација во студените сибирски предели. Во затворот била сместена во женското одделение, каде била пријателка со посилните жени и како таква уживала почит од останатите нејзини цимерки. Отпрвин ќе чувствува одвратност и гадење спрема посетите на Нехљудов, но подоцна ќе го смени својот тврд карактер и ќе ја согледа благородната намера на Дмитри Иванович. Како не би му го уништила животот, ја одбива неговата понуда да се омажи за него, сметајќи дека таа не е достојна за Нехљудовата љубов.

Во затворот Маслова се запознава со судбините на дел од затвореничките, меѓу кои Корабљова и Федосја. Низ разговорите кои ги води со нив ќе заклучи дека кај повеќето притворени не постои објективна вина, туку дека тие се затворени најчесто поради нечија клевета и ситни интереси. Исто така се запознава и со дел од дисидентите, како Криљцов и Вера Богодуховска, чии тајни активности биле просвета на неписмениот руски народ и создавање на општ револт против моќните буржоаски семејства и рускиот цар. Поради тоа им била одземена слободата и биле нарекувани политички затвореници, кои не смееле да имаат никаков личен контакт со надворешни посетители.

Преку ликот на Катјуша и останатите затвореници, Толстој сакал на виделина да ги изнесе бедните услови во кои тие преживуваат, лошата храна која им се дава, како и силните репресии кои врз нив ги вршат властите. Многумина од притворените починале додека ја издржувале мерката казна, но Екатерина била одлучна да ги помине сите премрежија и да сврти нова страница во животот. Таа им давала неопходна помош на многуте сирачиња кои останале без родители кои им починале во затворската ќелија, но и посредувала во надминување на конфликтите кои често се јавувале помеѓу осудените. И по врачување на ослободителната пресуда, Екатерина Михајловна останува во Сибир како би му помагала на Симонсен во исполнување на неговата возвишена мисија.

Преработки на пишаната верзија[уреди]

Оваа приказна била инспирација за неколку европски композитори да го придружат оперското дејство на „Воскресение“ со музика. Најуспешни музички преработки на делото се компонирани од италијанецот Франко Алфано, словакот Јан Цикер и американскиот музичар Тод Маковер. Освен музичка, на овој култен роман се направени и неколку филмски адаптации. Постојат две филмски верзии на руски јазик, и тоа првата снимена во 1915 год. под насловот Катјуша Маслова, каде режисер бил Пјотр Шардиенин, а главната улога и припаднала на Наталија Лисенко. Вториот руски филм е снимен во 1960 год. каде режисер бил Михаил Швејцер, а носечката ролја ја толкувал Евгениј Матвеев. Но најпознатата екранизација на повеста е во режија на Рубен Мамулијан, под наслов „Повторно сме живи“ (1934), во продукција на Голдвин-Мејер, каде во главните улоги се појавиле Ана Стеин и Фридрих Марч. Најновата ТВ серија базирана на овој роман е од италијанските режисери Паоло и Виторио Тавијани, направена во 2001 год. со наслов Resurrezione.

Наводи[уреди]

Користена литература[уреди]

  • „Запознавање со творештвото на Толстој“ од Ернест Ј. Симонс
  • „Животот на Л. Н. Толстој“ од Кането Шиду

Поврзано[уреди]

Портал „Литература

Надворешни врски[уреди]

Wikisource-logo.svg
Викиизвор на англиски јазик содржи текст на тема: