Влекачи

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Влечуги)
Влекачи
Влекачи
Период: мисисип - денес
Од горе-лево на десно: очилест кајман (Caiman crocodilus), зелена морска желка (Chelonia mydas), туатара (Sphenodon punctatus) и баклавеста ѕвечарка (Crotalus adamanteus).
Научна класификација [ у ]
Царство: Животни
Тип: Хордови
Наткласа: Четириношци
(нерангирано): Влекачолики
(нерангирано): Амниоти
Класа: Влекачи
Laurenti, 1768
Подгрупи

Влекачи (науч. Reptilia) — група ‘рбетни животни во која спаѓаат змиите, гуштерите, желките, крокодилите, туатарата, како и бројни изумрени фосилни видови. Меѓу рецентните форми постојат околу 2,500 видови на змии, 3,000 видови на гуштери, близу 250 видови на желки и тортоизи и 21 вид на крокодили. Тие се распространети низ умерените и тропски региони на светот; сите се ладнокрвни (зависни од околината во однос на топлината на телото), а само неколку влекачи можат да живеат во ладните региони. Науката чиј предмет на проучување е оваа група на животни се нарекува херпетологија.

Основни одлики[уреди | уреди извор]

Мнозинството од влекачите се овипарни (младите се изведуваат од јајца), но многу змии и гуштери се вивипарни (раѓаат живи младенчиња). Постоечките влекачи се одликуваат со развитокот на две ембрионални мембрани: заштитен амнион, или јајцева торбичка, и респираторен алантоис, или васкуларна фетална мембрана. Амнионот, кој го имаат сите влекачи, птици и цицачи, оневозможува исушување на јајце-клетката, па така раните стадиуми од животниот циклус на животното не се зависни од вода. Кај повеќето змии и некои гуштери, функционален е само еден бел дроб; кај другите влекачи се развиени и двата бели дробови. Тораксот и абдоменот не се одделени со дијафрагма, а дишењето се довршува со мускулите на телесниот ѕид.

Бидејќи се ограничени со температурата на својата животна средина, влекачите хибернираат во региони каде зимата е студена, а некои видови естивираат, односно стануваат неактивни во исклучително топли и суви региони. Влекачите се познати како ладнокрвни животни, што не е сосема точно, бидејќи некои влекачи кога се активни ги одржуваат своите тела на повисока температура отколку онаа кај повеќето цицачи. Важна разлика во температурната физиологија е таа што влекачите зависат од надворешните извори на топлина, додека птиците и цицачите користат внатрешна топлина. Влекачите ја регулираат својата телесна температура со искористување на различни извори на надворешна топлина, како што е директната сончева светлина, топли камења и дрва, како и загреаната почва. На ваков начин, одредени видови влекачи ја одржуваат константната внатрешна температура специфична за самиот вид. Често оваа температура е доста повисока од температурата на околниот воздух. Само кога животното е неактивно или спие, неговата телесна температура е приближно иста како таа на животната средина.

Скелетот на влекачите е речиси целосно окоскен (не‘рскавичен). Черепот е приврзан за ‘рбетниот столб со единечен кондил, или зглоб, исто како кај птиците. Ребрата на тораксот се прикрепени за градната коска, а кога е присутен сакрум (коска на карлицата), сакралните ребра артикулираат со карличниот појас. Можат да бидат присутни два целосни пара на екстремитети или, пак, тие може да се редуцирани или да отсуствуваат, како што е кај змиите и некои гуштери. Кожата е покриена со лушпи и коскени плочки кои може да се расположени под кожата.

Срцето на влекачите се состои од три комори, вклучувајќи и две аурикули и една вентрикула. Сепак, кај крокодилите, вентрикулата е речиси целосно одделена на две комори со септа (преграда). И двата ембрионални аортни лакови (одредени артериски гранки најдени во ембрионите на ‘рбетниците) се задржале кај влекачите, во споредба со птиците и цицачите, кај кои се развива само еден. Крвта од вените се враќа во срцето од опашката и задните екстремитети, преку бубрезите, од страна на бубрежен портален (венско-капиларен) систем; крвта од абдоменот се враќа од страна на портален систем кој минува низ црниот дроб. Мочниот меур е присутен само кај желките, тортоизите и гуштерите.

Класификација[уреди | уреди извор]

Најраните влекачи се појавиле за време на доцниот карбониферен период од палеозоикот. Повеќето форми еволуирале и развиле во мезозоикот, кој е познат и како Време на влекачите. Оттогаш голем дел од влекачки видови се изумрени; само 5 од 23-те реда на влекачи кои постоеле и денес имаат живи претставници. Најпознатите редови следат подолу.

Ред Rhynchocephalia: туатари (хатерии)[уреди | уреди извор]

Туатара, ред Sphenodontida.

Овој ред се состои од гуштеровидни влекачи познати како туатари, кои се разликуваат од гуштерите со своите остеолошки (коскени и скелетни) одлики. Ринхоцефалите се добро познати од тријасот и јурата, но денес сите се изумрени освен Новозеландскиот туатара од родот Sphenodon.

Ред Squamata: гуштери и змии[уреди | уреди извор]

Овој ред ја сочинува најголемата група на живи влекачи и содржи околу 5,500 видови на гуштери и змии. Исто така содржи и одредени изумрени форми наречени Pythonomorpha кои имале змијовидни тела и гуштеровидни екстремитети.

Ред Chelonia: желки и тортоизи[уреди | уреди извор]

Кутијна желка, ред Testudines.

Овој ред, наречен уште и Testudines, бил веќе издиференциран од другите влекачи уште во тријасот и денес ги сочинува желките и тортоизите. Видовите од овој ред се единствени по тоа што имаат долги и рамни ребра над кои се наоѓа оклопот од остри лушпи. Бидејќи телесните ѕидови се ригидни од коскениот штит, овие животни мораат да дишат преку процес сличен на голтањето, наместо да ги користат мускулите на телесниот ѕид.

Ред Crocodilia: крокодили, алигатори, кајмани и гавиали[уреди | уреди извор]

Сликовит кајман, ред Crocodilia.

Крокодиловидните влекачи еволуирале во доцниот тријас и се најблиските живи роднини на диносаурусите и птиците. Срцето е речиси целосно поделено на четири комори; мозокот покажува поголем развој и мускулатурата на желудникот е високоразвиена.

Ред Ichthyosauria[уреди | уреди извор]

Ихтиосаурус, ред Ichthyosauria.

Сите членови на овој ред се изумрени. Редот се состоел од големи морски влекачи кои имале рибовидни тела и весловидни екстремитети. Видовите од типичниот род, Ichthyosaurus, растеле до повеќе од 4 m.

Ред Saurischia и Ornithischia: диносауруси[уреди | уреди извор]

Брахиосаурус, ред Saurischia.

Добро познатите диносауруси припаѓале на овие редови на долговратести и долгоопашести влекачи кои најпрво се појавиле во тријасот. Тие станале чести во подоцнежните периоди, сѐ до крајот на мезозоикот, кога изумреле (освен птиците).

Ред Pterosauria[уреди | уреди извор]

Ова е група на изумрени летачки влекачи кои биле роднини на диносаурусите.

Ред Therapsida[уреди | уреди извор]

Членовите на овој изумрен ред се познати како “цицачовидни влекачи”, бидејќи се предци на цицачите. Тие постоеле за време на пермот и тријасот.

Влекачите како тема во уметноста и во популарната култура[уреди | уреди извор]

  • „Сакај ме како влекач“ (англиски: Love Me Like A Reptile) - песна на британската рок-група Моторхед (Motörhead) од 1980 година.[1]
  • „Влекач“ (англиски: Reptile) - песна на американската група Најн инч неилс (Nine Inch Nails) од 1994 година.[2]
  • „Влекач“ (англиски: Reptile) - песна на австралиската рок-група Чрч (The Church) од 1988 година.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]