Владимир Комаров

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Владимир Михајлович Комаров
Soviet Union-1964-stamp-Vladimir Mikhailovich Komarov.jpg
Земја СССР СССР
Роден 16 март 1927
Москва, СССР
Починал 24 април 1967
Оренбуршка област, СССР
Друга професија космонаут
Чин CCCP air-force Rank polkovnik infobox.svg полковник
Престој во вселената 2 d 3 h 4 m 55 s[1]
Избор Прва група на космонаути на СССР
Мисии Восход 1
Сојуз 1

Владимир Михајлович Комаров (руски: Владимир Михайлович Комаров; 16 март 1927, Москва - 24 април 1967, Оренбуршка област) бил советски космонаут, тест-пилот и инженер, којшто бил еден од првата група на космонаути избрани во 1960 година. Тој бил еден од најискусните и најдобро обучени кандидати коишто биле примени во Првата група на космонаути на СССР.

Во два наврата за време на неговото учество во програмата било потврдено дека Комаров е медицински неспособен за обука или лет во вселената, но неговата упорност и одлични вештини и знаења како инженер му овозможиле да продолжи да има активна улога во програмата. За време на неговата работа во Центарот за подготовка на космонаути (руски: Центр Подготовки Космонавтов), тој дал придонес во дизајнирањето на вселенско летало, обучувањето на космонаути и нивна оценка, како и во односите со јавноста. Најпосле, тој бил назначен да раководи со првиот советски повеќечлен екипаж „Восход 1“, којшто содржел бројни технички новини во Вселенската трка. Комаров подоцна бил задолжен со задачата да раководи со „Сојуз 1“ како дел од обидот на Советскиот Сојуз да победи во битката за освојување на Месечината.

Неговиот лет со „Сојуз 1“ го направил првиот човек којшто летал во вселенското пространство повеќе од еднаш, а по судирот на „Сојуз 1“ при враќањето од вселената на 24 април 1967 година и првиот човек којшто загинал за време на лет во вселената.[2] Добитник е на бројни награди и одличја, а во два наврати бил одликуван со орденот Херој на Советскиот Сојуз. Во негова чест биле именувани бројни објекти, улици, астероид и кратер на Месечината. Неговото име се споменува и во бројни уметнички творби, а неговиот лик е отсликан на потештенски марки издадени во повеќе земји низ светот.

Рани години[уреди]

Владимир Михајлович Комаров се родил во Москва на 16 март 1927 година, каде што израснал заедно со својата сестра Матилда. Неговиот татко бил работник, којшто работел различни нископлатени работи за да го издржува семејството. Во 1935 година, Комаров започнал со своето формално образование во локално основно училиште, каде што покажал природна надареност за математика.[3] Исто така, уште од рани години покажал и голем интерес за космонаутика, а собирал и списанија и слики за воздухопловство, со цел да направи модел на авион и сопствен пропелер.[4] Поради инвазијата врз Советскиот Сојуз од страна на Нацистичка Германија во 1941 година, Комаров бил принуден да го напушти училиштето и започнал да работи на колективна фарма. Кога имал 15 години, Владимир се запишал во „Првото московско специјализирано училиште на воено-воздушните сили“, посакувајќи да го оствари својот сон и да стане пилот. Кратко потоа, неговото семејство дознало дека неговиот татко бил убиен во „непознато воено дејство“.[4] Поради германската инвазија, училиштето коешто го посетувал било преселено во Тјуменската област во Сибир, каде што привремено се одржувала настава за време на војната. Таму, учениците биле во можност да изучуваат разновидни предмети освен воздухопловство, меѓу кои и зоологија и странски јазици. Во 1945 година, Комаров го завршил воено-воздухопловното училиште со награди и почести, а Втората светска војна завршила пред тој да биде повикан да служи во војска.

По завршувањето на училиштето, станал курсист во Соловското воено училиште за првостепено обучување, а во септември истата година станал и курсист во Борисоглебското воено-воздухопловно училиште за подготовка на пилоти. Во јули 1946 година, својата обука ја продолжил на Батајското воено-воздухопловно училиште, именувано по Анатолиј Серов, каде што и завршил во 1949 година. Во меѓувреме, неговата мајка Ксенија починала во 1948 година, седум месеци пред неговото дипломирање. Со дипломирањето се стекнал со пилотски крилја и дозвола да служи како поручник во Воено-воздушните сили на СССР.

Кариера во Воено-воздушните сили на СССР[уреди]

Владимир со сопругата Валентина и ќерката Ирина

Во декември 1949 година, Комаров започнал да работи како пилот на борбен авион во 383. воздухопловен полк на 42. воздухопловната девизија на Воено-воздушните сили на СССР во Северокавкаскиот воен округ, со седиште во Грозни. Таму, тој се запознал со учителката Валентина Кисељова, со којашто се оженил во октомври 1950. Двојката имала две деца: син Евгениј (р. 1951) и ќерка Ирина (р. 10 декември 1958).

Владимир бил унапреден во постар поручник во 1952, а подоцна бил назначен и за главен пилот на 486. воздухопловен полк на 279. возухопловна дивизија во Прикарпатскиот регион.[4] Тој продолжил да работи како пилот на тоа место сè до 1954 година, кога се запишал на инженерски курс при Воено-воздухопловната академија Жуковски. Во 1959, Комаров бил унапреден во постар инженер-поручник. Подоцна во истата година, тој успеал да ја постигне својата цел, станувајќи тест-пилот во Централниот научно-истражувачки институт во Чкаловскиот регион.

Избор за космонаут[уреди]

Прва група на космонаути на СССР[уреди]

Во септември 1959 година, Комаров станал инженер-капетан и бил повикан да учествува во процесот за избор на кандидати за космонаути, заедно со уште околу 3.000 други пилоти.[5] Тој бил избран како еден од дваесетмината кандидати во рамките на Првата група на космонаути на СССР, а правата задача му била доверена во близина на Москва на 13 март 1960.

Иако бил доста добро оспособен, Комаров не бил избран меѓу шестмината најдобри кандидати, бидејќи не ги задоволувал возраста, висинската граница и телесната маса, коишто биле пропишани од страна на раководниот дизајнер на советската вселенска програма, Сергеј Королев. Во едно интервју, обучувачот на космонаути Марк Галај забележал дека:

ако критериумите беа поразлични, сигурно Комаров, којшто беше многу интелигентен, би бил во таа група. Тој имаше летачко искуство од Воено-воздухопловната академија. Тој имаше големо влијание врз дизајнот на „Восток“ и на „Восход“.[6]

На 32-годишна возраст, Комаров бил вториот по старост пилот којшто бил избран, а Королев пак утврдил старосна граница од само 27 години. Од првиот избор, само двајца, Павел Бељаев (од „Восход 2“) и Владимир Комаров, дипломирале на Советската воено-воздухопловна академија. Исто така, само Комаров имал искуство како инженер на проблен лет на нов авион.[7]

Обука[уреди]

Кратко откако започнал со својата обука, Владимир бил сместен во болница на лекување, каде што му била извршен мал операционен зафат во мај 1960. Сепак, последиците од операцијата медицински го онеспособиле да не може да врши физичка обука во времетраење од 6 месеци. Во тоа време, критериумите за избор нагласувале посебно внимание на физичката состојба на космонаутите и било каква несовршеност водела до неодложно исклучување од изборот. Но, бидејќи Комаров поседувал инженерски способности, тој успеал да ја убеди управата дека набргу би можел одново да се приспособи, па со тоа му било дозволено да остане во игра во рамките на програмата. Последователно, тој продолжил со потребните академски студии за време на закрепнувањето.[8]

На обуката ѝ се вратил во октомври 1960 година, поради тоа што неговото закрепнување било побрзо од она што го очекувал мединскиот тим. Во тој период, активно работел на подучување на неговите помлади колеги со нивните академски студии, што придонело да се стекне со прекарот „Професор“, којшто го споделил со Бељаев кој бил две години постар. Првите летови во вселената започнале во 1961 година, а веќе следната 1962, Комаров бил третиот најдобро платен космонаут, што се должело на неговите способности, чин и искуство. Тој заработувал 528 рубљи годишно, при што само првите космонаути, Јуриј Гагарин и Герман Титов, заработувале повеќе од него.[9]

Кога Георги Шонин прикажал неприфатливо ниво на чувствителност на забрзувањето во центрифугата, во мај 1962 бил заменет со Комаров за планираните два лета во рамките на мисијата „Восток“.[10] Комаров, исто така, бил избран како резерва на Павел Попович (Восток 4), но по спроведениот ЕКГ-тест била потврдена срцева мана и тој бил остранет од програмата и заменет од страна на Борис Волинов.[11] Сепак, Владимир упорно настојувал пред медицинскиот и воениот тим да биде вратен во програмата, што му успеало и повторно му било дозволено да се врати на обуката.

Во 1963, обуката за космонаути била изведувана во 6 групи, а Комаров бил избран и обучуван во втората група, заедно со Валериј Биковски и Борис Велинов.[12] Групата била обучувана за извршување на мисии во времетраење до пет дена, коишто биле закажани за втората половина од 1963. Во мај 1963, Алексеев му предожил на Каманин, Комаров да биде назначен како резервен космонаут за Восток 5, на местото на Евгениј Хрунов, поради тоа што неговиот скафандер веќе бил подготвен.[13] Подоцна, Комаров бил вклучен и во поширока група на космонаути за планираните мисии во 1964, заедно со: Бељаев, Шонин, Хрунов, Зајкин, Горбатко, Волинов и Леонов. Обучуваните групи биле созадени со цел да се извршат подоцнежните мисии од програмата Восток (Восток 7-13), но ниту еден од овие летови не бил изведен под покровителство на програмата.[14] Во декември 1963, Комаров бил додаден од страна на Каманин на потесен список на космонаути коишто веќе поминале две години на обуката, а на којшто уште се наоѓале и Волинов и Леонов.

Во април 1964, било потврдено дека Комаров е подготвен за лет во вселената, исто како што биле и Биковски, Попович, Титов, Волинов, Леонов, Хрунов, Бељаев и Демин.[15] Од оваа група, потоа требало да биде избран командант на мисијата „Восход“, којашто била закажана за крајот на 1964 година. Во месец мај истата година, групата била скратена, а во неа останале само Волинов, Комаров, Леонов и Хрунов.[16]

За време на обуката, Владимир живеел заедно со својата сопруга Валентина и нивните две деца Евгениј и Ирина. Во слободното време, тој уживал во ловот, скијачкото трчање, играњето хокеј на мраз и другите активности коишто ги правел со колегите. Комаров бил почитуван од пријателите и колегите и бил нарекуван „Володја“ (деминутив од неговото име). Така, Павел Попович забележал дека Комаров бил почитуван поради неговата скромност и искуство:

... тој веќе беше инженер кога нѝ се придружи, но никогаш не нè презираше нас другите. Тој беше срдечен, решителен и вреден. Влијанието на Володја беше толку големо, што луѓето одеа кај него да разговараат за сите видови на прашања: лични, како и за работата.[17]

Неговиот близок пријател и космонаут Алексеј Леонов, пак, го опишал Комаров како:

... многу сериозен. Тој беше првокласен тест-пилот.[18]

Летови во вселената[уреди]

„Восход 1“[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Восход 1.
Крпенка со логото на мисијата „Восход 1“

До јули 1964, само седум космонаути останале квалификувани за екипажот на „Восход“, откако некои биле отстранети од медицински причини. На 6 јули, Комаров бил назначен за командант на резервниот екипаж за „Восход 1“. По неколкумесечна жешка расправија меѓу Николај Каманин и Сергеј Корољов околу изборот на екипажот, на 4 октомври 1964, Комаров бил избран за прв командант на мисијата од страна на Државната комисија, што било само осум дена пред предвидениот почеток на мисијата.[19] Таа вечер, Каманин играл тенис со екипажот на „Восход“ и забележал дека Комаров играл очајно во споредба со неговиот екижаж: Борис Егоров и Константин Феоктисов.

На 9 октомври, Комаров и останатите членови на екипажот ја прегледале капсулата „Восход“, заедно со Корољов и други членови од управата. Подоцна истиот ден, тие биле интервјуирани од страна на медиумите и играле тенис заради фотографите. Утрото на 11 октомври, на Комаров му биле дадени различни комунистички реликвии за следниот ден да ги однесе со себе во вселената. Во попладневните часови, екипажот повторно извршил преглед на капсулата и добил совети од страна на Корољов.

Мисијата била извршена на 12 и 13 октомври 1964 година, а екипажот го сочинувале Владимир Комаров, Константин Феоктистов и Борис Егоров. Од нив, Комаров бил единствениот којшто поминал опширна обука и единствениот којшто имал претходно летечко искуство. Летот бил од исклучително значење, а со него биле воведени неколку значајни новини: прв лет во вселената со повеќечлен екипаж; за првпат во вселената не летал само пилот, туку и инженер и лекар; прва успешна мисија во којашто космонаутите не носеле скафандери; и прв лет којшто бил завршен со меко приземјување на леталото.[20][21] Повикувачкиот сигнал, којшто Комаров деноноќно го користел, гласел „Рубин“.[22] Целокупното времетраење на летот траело еден ден и 17 минути, за кое време, леталото 16 пати ја обиколило Земјата. Основна задача на мисијата била да се обезбеди приоретно значење на Советскиот Сојуз во летовите во вселената составени од повеќечлени екипажи.

Комаров на средба со чилеански новинари

За време на мисијата, Комаров извршувал различни задачи со останатите членови на екипажот, вклучувајќи медицински и навигациски тестови и набљудување на Аурора Бореалис. Тој, исто така, направил и бројни радио преноси, меѓу кои и отпоздравувањето за Летните олимписки игри во Токио, коишто биле отворени на 10 октомври. Некои од преносите биле снимени од страна на аматерски радио-предаватели како Свен Гран. Мисијата траела малку повеќе од 24 часа и завршила успешно. Откако екипажот безбедно се приземјил, неговите членови биле превезени до местото на полетување во Тјуратам (познат и како Бајконур). Каманин во својот дневник забележал дека додека неговиот екипаж бил во добро расположение, Комаров бил уморен.[23] На 19 октомври, Комаров и останатите членови од екипажот дале известиле за текот на мисијата на Црвениот плоштад и присуствувале на прием во Кремљ.[24] По успехот на оваа кратка но многу значајна мисија, Комаров бил унапреден во полковник.[25] Меѓудругото, бил одликуван и со Лениновиот орден и со орденот Херој на Советскиот Сојуз.

Во декември 1964, од страна на Стратешките ракетни сили било побарано Комаров да ги напушти Воено-воздушните сили на СССР и да им се придружи, што најверојатно било поттикнато од фактот дека Стратешките ракетни сили не биле толку успешни во производството на ракети како што тоа било случај со Воено-воздушните сили. Сепак, ваквото барање било одбиено од страна на Каманин.[26]

Во 1965, Комаров соработувал со Јуриј Гагарин во надгледувањето на подготовките за летот на „Восход 2“, којшто го изнел првиот обид за лет во вселенското пространство. Овие подготовки вклучувале подготовка на скафандери за космонаутите и објавување на кратки извештаи за летот. Во април истата година, Комаров, заедно со Каманин, Гагарин, Титов, Бељаев и Леонов, отпатувал во Санкт Петербург и заедно со Валентин Глушко ја посетил Петропавловската тврдина, каде што вториов ги предводел првите ракетни обиди од раните 1930-ти.[27] Во месец септември истата година, Комаров отпатувал и во Западна Германија.

„Сојуз 1“[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Сојуз 1.
Крпенката на Комаров со логото на мисијата „Сојуз 1“

Комаров бил назначен да учествува во програмата „Сојуз“ заедно со Јури Гагарин и Алексеј Леонов. Во јули 1966, тој бил прекорен од страна на Каманин за неговото недозволено обелоденување дека:

„... Советскиот Сојуз во определено време ќе испрати автоматско вселенско летало околу Месечината и истото ќе го врати на Земјата, проследено со лет во вселената од страна на куче, и потоа човечки лет околу Месечината.“[28]

додека престојувал во Јапонија. Следниот месец, Комаров се судрил со други инженери во врска со тековните проблеми со дизајнот, во коишто тестовите на нултата гравитација покажале дека отворот на капсулата Сојуз бил премногу мал за да биде овозможен безбеден излез на опремен космонаут.[29] Во меѓувреме, Комаров и неговите колеги-астронаути постојано ги испитувале своите групи и задачи и сериозно се загрижиле за отсуството на одговор во поглед на нивните грижи во врска со дизајнот и производството на вселенското летало, што дури придонело Јури Гагарин, во име на своите колеги, да напише и испрати писмо до Леонид Брежњев.

Комаров бил избран да раководи со „Сојуз 1“ во август 1966 година, додека Јури Гагарин бил избран за резервен космонаут.[30] За време на подготовките за летот, објацата работеле по 12-14 часа дневно за да се подготват. При прилагодувањето на леталото за полетување, сончевите плочи на капсулата Сојуз не успеале да се отворат во целост, што оневозможило леталото да биде придвижено од потребната моќност и затскрило дел од навигациската опрема. Комаров за тоа известил:

Условите се очајни. Параметрите во кабината се нормални, но преостанатата сончева плоча не се отвори. Магистралата е на само 13 до 14 ампери. Комуникациите на висока френквенција не може да се воспостават. Не можам да го насочам леталото кон Сонцето. Се обидов тоа да го сторам рачно со примена на машините за насочување DO-1, но преостанатиот притисок врз DO-1 се намалил на 180.“[31]

Тој безуспешно се обидувал да го насочи леталото цели пет часа. Но, тоа пренесувало неверодостојни информации за состојбата, и комуникациите се изгубиле во орбитите 13 до 15 поради откажувањето на предавателот на висока фреквенција, којшто би можел да ја одржи радио-врската, и покрај тоа што леталото било надвор од опсегот на приземјените примачи на ултра-висока фреквенција.[31]

Како резултат на проблемите со леталото, втората капсула на Сојуз, којашто со себе требала да понесе космонаути да изведат излегување во отворена вселена, не била испратена во вселената и мисијата била прекината.

Комаров добил наредба да го пренасочи леталото, користејќи јонски систем во орбитите 15 до 17. Но, јонскиот систем на двигателот откажал. Комаров немал доволно време да се обиде рачно да овозможи влез во атмосферата сè до 19. орбита. Рачното насочување се засновало на употребата на автомат од марката „Vzor“, но за да го стори тоа, Комаров морал да биде во можност да го види Сонцето. За да се приземји на утврденото место, во близина на Орск, ракетното кочење на леталото морало да се изведе на онаа страна од Земјата каде што било ноќ. Комаров рачно го пренасочил леталото на страната на којашто било ден, а потоа употребил жироскоп како знак дека може да го насочи леталото за изведување на ракетното кочење на страната на којашто било ноќ.[32] Тој успешно влегол во вселената во 19. орбита, но падобранот од капсулата не се отворил правилно и леталото се судрило со земјата, при што Комаров загинал.

Во документарниот филм „Црвените космонаути“, во режија на Лео де Боер, од 2000 година, Алексеј Леонов напоменал на длабокото дејство коешто смртта на Комаров ја имало врз моралот меѓу космонаутите:

Тој беше наш пријател. Пред неговата смрт, медиумите и јавноста не обрнуваа многу внимание на екстремните ризици коишто ги преземаме.[33]

Пренесување на телото и погреб[уреди]

Неколку часа по несреќата, на местото на случувањето пристигнал Николај Каманин, а три часа подоцна истото го сториле и Келдиш, Тјулин, Руденко и други членови на државната комисија. Сето она што останало од изгореното тело на Комаров била само грутка со дијаметар од 30 cm и должина од 80 cm. Каманин го придружувал телото за време на неговото пренесување до аеродромот во Орск во вечерните часови, каде што било натоварено на авион од марката Ил-18. Десетина минути пред полетувањето на авионот, слетал авион од марката Ан-12, во којшто се возеле Кузнецов и уште неколку други космонаути. Во раните утрински часови следниот ден, Каманин пристигнал во Москва. Авионот морал да скршне и да слета на аеродромот Шереметјево, бидејќи останатите аеродроми биле затворени за сообраќај. Согласно наредбите коишто биле издадени, остатоците од телото требале да бидат фотографирани, а веднаш потоа и кремирани, со цел да се одржи државен погреб на Кремљските ѕидини. Најпрво, остатоците претрпеле кратка аутопсија истото утро, а потоа и биле кремирани.[32]

Правот од кремираното тело бил пренесен во урна во Некрополата на Кремљските ѕидини на 26 април.[34] На неговата сопруга, Валентина Комарова, ѝ било предожено да не присуствува на погребот, но таа на тоа одговорила:

Последните часови ќе бидам со него. Подготвена сум целиот живот да стојам пред него на колена.[35]

Во меѓувреме специјалистите коишто продолжиле да работат на местото на несреќата нашле уште неколку фрагменти од телото. Сепак, тие не се поврзале со државните органи и пронајдените фрагменти ги положиле на самото место на судирот кај Орск, еден ден пред одржувањето на државниот погреб.

Реакции по смртта[уреди]

Во објавата на агенцијата ТАСС, објавена еден ден по несреќата, го пишувало следново:

На 23 април 1967 година, во Советскиот Сојуз, со цел испитување на орбитата на Земјата, бил испратен нов вселенски брод, „Сојуз 1“, со којшто управувал пилотот-космонаут и Херој на Советскиот Сојуз, инженерот-полковник Владимир Михајлович Комаров. За време на пробниот лет, којшто траел повеќе од едно деноноќие, со В. М. Комаров во целост била исполнета замислената програма за обработка на системот на новиот брод, а исто така биле спроведени и планираните научни експерименти. При полетувањето, пилотот-космонаут В. М. Комаров извршил маневрирање на бродот, спровел испитување на неговиот основен систем на различни режими и давал квалификувана оценка за техничките карактеристики на новиот вселенски брод. На 24 април, кога истражувачката програма била завршена, нему му било предложено да го прекине летот и да слета. После завршувањето на сите операции, поврзани со преминот кон режим на слетување, бродот успешно го поминал најтешкиот и одговорен дел од сопирањето во цврстите слоеви на атмосферата и во целост ја изгасил првата вселенска брзина. Сепак, при отворањето на основната купола на падобранот на висина од седум километри, според претходните податоци, како резултат на свиткувањето на падобранот, вселенскиот брод се спуштил со поголема брзина, што се јавило како причина за смртта на В. М. Комаров. Предвремената смрт на познатиот космонаут, инженер и тест-пилот на вселенски бродови Владимир Михајлович Комаров претставува тешка загуба за целиот советски народ.[36][37]

На 25 април 1967, во дневниот весник Правда бил објавен натпис од страна на неговите колеги-космонаути со следнава содржина:

За предвесниците е секогаш потешко. Тие чекорат по непознати патишта, а овие патишта не се прави, имаат остри завои, изненадувања и опасности. Но, било кој којшто одбира пат до орбитата, никогаш не сака да го напушти. И не е важно кои потешкотии и пречки постојат; тие никогаш не се доволно силни да оттргнат таков човек од избраниот пат. Додека неговото срце чука во неговите гради, космонаутот секогаш ќе продолжи да го предизвикува универзумот. Владимир Комаров беше еден од зачетниците на овој опасен пат.[38]

Во интервју за весникот Комсомольская правда, на 17 мај, Јури Гагарин се повикал на неуспехот на управата да ги слушне грижите во врска со леталото Сојуз, коишто биле изнесени од страна на космонаутите, и дека смртта на Комаров треба да ги поучи државните установи да бидат построги во нивното испитување и проценување на:

„сите механизми на вселенското летало, уште повнимателно на сите стадиуми на проверување и испитување, и уште повеќе внимателни на сите стадиуми на проверување и испитување, а исто така и претпазливи во нашето соочување со непознатото. Тој нѝ покажа колку е опасен патот до вселената. Неговиот лет и неговата смрт ќе нè научат на храброст.“[39]

Меѓудругото, Гагарин го рекол и следново:

Безбедноста на ракетата-носач и вселенскиот брод, несомнено, е поголема од било кое друго превозно средство. Но сепак и нивната конструкција е неспоредливо посложена. Сфаќањата за расхерметизација на кабината, на пример, кај возачите воопшто не постојат, за пилотите е веќе крупна непријатност, додека кај пилотите-космонаути може да доведе до моментна смрт. И колку и да е зголемена безбедноста, самото усложнување е целосно закономерно, конструкциите, произлезени од усложнетите задачи, испречени пред вселенскиот екипаж, може да бидат предизвикани со можните откажувања и неисправности. Некои неисправности можат да бидат отстранети од страна на самиот космонаут; други, коишто никако не може да се отстранат, можат само да го попречат исполнувањето на оваа или било која точка во неговата работа; трети, најопасни, можат да го загрозат неговиот живот. Имено, таквите недостатоци, т.е. ненормалности во работата на системот за падобранот, послужиле како причина за смртта на капетанот на „Сојуз“.[37]

Во мај 1967, Гагарин и Леонов го критикувале Василиј Мишин за неговото „мало познавање во врска со леталото Сојуз и деталите од работата на истото, неговиот недостиг на соработка во работата со космонаутите за време на летот и обучувачките активности“ и го повикале Каманин да биде споменат во официјалниот извештај за сударот.[40]

Истрага за несреќата[уреди]

На 27 април 1967, Устинов свикал седница на државната комисија во врска со спроведувањето на истрага за проблемите и судирот на леталото „Сојуз 1“. Истрагата требало да биде завршена до 15 мај, а завршниот извештај да биде издаден до 25 мај. Во комисијата членувале 22 члена поделени во седум комитети, а меѓу нив биле и главните дизајнери на леталото и Јуриј Гагарин. Нивните задачи биле следниве:

  • истражување на дизајнот и тестирање на структурите на вселенското летало;
  • истражување на дизајнот и тестирање на слетувањето и системите на падобранот;
  • истражување на дизајнот и тестирање на системите за насочување и управување;
  • испитување на исполнувањето на означувањето, комуникациите и контролните системи за приземјување;
  • истражување на дизајнот и тестирање на системот за исфрлање;
  • анализа на содржината снимена од страна на Мир-3, телеметријата и комуникациите од вселената до Земјата;
  • прегледување на дизајнот и документацијата за леталото, подсистемите, програмата за обука, планот за летање и записникот од летот.[41]

Во резултатите од тестирањето на системите на падобранот на Сојуз, објавени на 15 мај 1967, било наведено дека при првиот обид падобранот не се отворил, додека при вториот се наполнил со воздух, но со задоцнување од 20 секунди. Истражувањата спроведени од страна на Централниот аерохидродинамичен институт покажале дека вградениот падобран создал подрачје на турбуленција во браздата на капсулата и дека резервниот падобран се отворил токму во тоа подрачје на хаотичен воздух што го оневозможило да се наполни со воздух. Тестовите на падобранот, пак, покажале дека и покрај тоа што тој бил дизајниран да се отвори при аеродинамичен отпор од 1,8 тони, нему му бил потребен отпор од 3-4 тони за да го притисне падобранот и да овозможи истиот да се отвори. Падобранот не би успеал да се наполни при отпор од 8 тони.[42]

Исфрлањето на модел на леталото „Сојуз 1“ за потребите на истрагата било откажано поради големата веројатност за загуба на леталото и малата веројатност за добивање на нови податоци. Оценката на системот на падобранот била завршена од страна на Институтот за аеро-наутика Громов на 20 мај, при што било утврдено дека најверојатната причина за неотварањето на падобранот на „Сојуз 1“ бил недоволниот аеродинамичен отпор создаден од вградениот падобран за да овозможи негово извлекување на надвор. Имено, потребно било да се произведе отпор во износ од 3 тони, но тестовите покажале дека биле произведени само 1,1 до 1,8 тони при амбиентен притисок од 0,67 атмосфери. Покрај тоа, доверливоста на работа на резервниот и вградениот падобран истовремено не била предмет на истражување. Изгледите двата падобрана да се заплеткаат биле многу веројатни. Инситутот за аеро-наутика, исто така, ги предложил следниве промени:

  • отстранување на резервниот падобран и создавање на систем на два главни падобрани, што го прави слетувањето возможно дури и ако еден од главните падобрани не се отвори;
  • усовршување преку спроведување на опширно тестирање на доверливоста на полнењето со воздух на вградениот падобран;
  • додавање на контроли коишто овозможуваат рачно отворање на падобранот од страна на екипажот, со помош на инструментите во кабината;
  • зголемување на времето за исфрлање на топлотниот штит од 60,7 на 100 секунди по отворањето на падобранот, со цел да се обезбеди целосен интервал во работата на автоматскиот систем на слетување.[43]

Заклучоците од спроведените испитувања на Институтот за аеро-динамика биле прифатени како корисни, но потребни биле месеци и години за извршување на едни такви обемни промени во дизајнот на леталото.[44]

Последни зборови[уреди]

Во 2011 година, од печат излегло делото „Ѕвездениот човек: Вистината зад легендата на Јуриј Гагарин“ од авторите Џејми Доран и Пирс Бизони, во коешто се наведува дека американските тајни служби ги знаеле последните зборови на Владимир Комаров, кога нему му било јасно дека по одброен број секунди ќе загине. Всушност, член на американските тајни служби, којшто во книгата се споменува како „Пери Фелвок“, им соопштил на авторите на книгата дека додека се наоѓал во Турција го прислушкувал разговорот на Комаров со Алексеј Косигин, во којшто Косигин плачел и му велел на Комаров дека е херој.[45] Според Фелвок, последните зборови на Комаров биле:

Температурата во капсулата забрзано расте.[46]

Освен тоа, се споменува и дека Комаров со гневен глас извикал „... ме убија“, најверојатно опишувајќи го она што му го направиле инженерите.[47]

Во книгата на Доран и Бизони се опшишува блиското пријателство меѓу Владимир Комаров и Јуриј Гагарин. Наводно, и двајцата знаеле дека летот на „Сојуз 1“ е многу опасен и тоа дека предполетната проверка на вселенскиот брод пронашла 203 структурни дефекти.[46] Понатаму, се споменува и дека неколку седмици пред исфрлувањето на леталото, Комаров се сретнал со разрешениот службеник во КГБ Венјамин Русаев и му рекол дека нема да се врати од летањето. Кога Русаев го запрашал зошто го мисли тоа, овој му одговорил дека во случај да откаже и да го испратат резервниот космонаут, тогаш Гагарин ќе погинел наместо него, по што заплакал.[45]

Награди и одличја[уреди]

Владимир Комаров бил одликуван со бројни награди и одличја, меѓу кои како најзначајни се издвојвуаат два медали „Златна ѕвезда“ за Херој на Советскиот Сојуз (1964, 1967), пет јубилејни медали, Лениновиот орден (1964) и медалот „Златна ѕвезда“ за Херој на трудот на ДР Виетнам.[48] Тој, исто така, бил прогласен и за почесен граѓанин на руските градови Калуга и Грозни, како и на францускиот град Нант.[49]

Во продолжение следува список со познајачните награди и ордени со коишто Комаров бил одликуван.

Награда или орден Земја Година Белешка
30 years saf rib.png
Јубилеен медал „30 години Вооружени сили на СССР“ СССР СССР 1948 медал којшто се доделувал на сите генерали, адмирали, офиери, водници од прва класа, наредници, матови, воојници и морнари, коишто биле членови на Вооружените сили на СССР, внатрешните трупи или на Министерството за државна безбедност на СССР на 23 февруари 1948 година
CombatRibbon.png
Медал „За борбени заслуги“ СССР СССР 1956 воен медал којшто се доделувал за борбено дејство коешто довело до воен успех, храбра одбрана на државните граници или успешна воена и политичка обука и подготовка
40 years saf rib.png
Јубилеен медал „40 години Вооружени сили на СССР“ СССР СССР 1958 медал којшто се доделувал на сите генерали, адмирали, офиери, водници од прва класа, наредници, матови, воојници и морнари, коишто биле членови на Вооружените сили на СССР, внатрешните трупи или на Министерството за државна безбедност на СССР на 22 февруари 1958 година
Order redstar rib.png
Црвена ѕвезда СССР СССР 1961 воен орден којшто се доделувал за огромен придонес во одбраната на СССР во време на војна и мир и за обезбедување јавна безбедност
Золотая Звезда Героя Советского Союза.png
Херој на Советскиот Сојуз (два пати) СССР СССР 1964
1967 (постхумно)
највисоко одличје во СССР; се доделувало за херојски подвизи во служба на државата и општеството
Order of Lenin Ribbon Bar.svg
Ленинов орден СССР СССР 1964 орден во чест на Владимир Ленин; се доделувал за истакната служба пружена кон државата, примерна служба во вооружените сили, подршка на пријателство и соработка меѓу народите и во зацврстување на мирот, и заслужни служби за државата и општеството
Reclamining the virgin lands rib.png
Медал „За обработување на ледини и необработени земји“ СССР СССР 1964 медал којшто се доделувал за извршување одлична работа во обработувањето на ледини и необработени земји во регионите на Казахстан, Урал, Сибир, Поволжие и Северен Кавказ
Held van de Socialistische Arbeid Volksrepubliek Vietnam.gif
Херој на трудот на ДР Виетнам Flag of North Vietnam 1945-1955.svg ДР Виетнам 1964 одличје коешто го доделува Владата на Виетнам за достигнувања од особено значење во производството и работата
Летчик-космонавт СССР.jpg
Пилот-космонаут на Советскиот Сојуз СССР СССР 1964 почесна награда којашто им била доделувана на сите космонаути коишто летале во рамките на Вселенската програма на СССР
15YearsServiceUSSRRibbon.png
Медал „За беспрекоран служба“ СССР СССР 1964 медал којшто се доделувал за долгогодишна служба во Вооружените сили на СССР

Чествување на ликот на Владимир Комаров[уреди]

Настани и споменици[уреди]

Споменик на Владимир Комаров на Алејата на космонаутите во Москва

Во 1967 година, во Алејата на космонаутите во Москва бил откриен бронзен споменик на Владимир Комаров, дело на скултпторот Павел Бондаренко и на архитектите Александар Колчин и Михаил Баршч.[50] На 25 април 1968 година, на местото на несреќата во близина на градот Орск била одржана помен-служба во сеќавање на Комаров. Според Каманин, на службата присуствувале повеќе од 10.000 луѓе, а некои од нив патувале стотици и илјадници километри за да присуствуваат на настанот.[51] Оттогаш, на 24 април секоја година се одржува помен во сеќавање на загинатиот космонаут, а на местото на настанот бил подигнат и споменик во негова чест.[52] Споменик на Комаров бил издигнат и во Нижни Новгород и тоа на улица којашто го носи неговото име.

Пред напуштањето на Месечината на Аполо 11, последната задача на Нил Армстронг била да постави мал пакет со предмети во спомен на Владимир Комаров, Јури Гагарин, како и на загинатите членови во екипажот на Аполо 1: Вирџил Грисом, Едвард Хигинс Рајт и Роџер Чафи.[53] Името на Комаров се споменува и на спомен-плоча оставена на Хадлиевата вдлабнатина на Месечината од страна на командантот на Аполо 15, Дејвид Скот, на 1 август 1971 година. Покрај спомен-плочата, на местото била оставена и скулптурата „Паднатиот астронаут“, изработена од страна на белгискиот скулптор Паул фан Хојдонк. Спомен-плочата и скулптурата се посветени на космонаутите коишто загинале во обидите да стигнат до вселенското пространство или Месечината.[54]

Чествување на името[уреди]

По смртта на Комаров, неговото име било овековечено на различни начини и во негова чест биле именувани бројни објекти, институции, улици, па дури и населени места во многу држави низ светот. Така, на 30 мај 1967, Воено-воздухопловен институт во градот Ејск бил преименуван во чест на Владимир Комаров,[55] а во негова чест своето име од 1969 година го носи и Космонаутско-ракетниот клуб во Љубљана.[56] Неговото име го носат и Физичко-математичкото училиште бр. 199 во Тбилиси, како и средни училишта во Ѕвезден град и Велико Трново, а во рамките на Средното општообразовно училиште бр. 235 во Москва е создаден музеј именуван во негова чест[57]. Во местото Арбатски теснец на островот Крим се наоѓа медицински комплекс именуван во негова чест, а во Санаторно, исто така на Крим, и во Ташкентската област во Узбекистан се наоѓаат детски одмаралишта коишто го носат неговото име. Во чест на Комаров се именувани и неколку културни центри, меѓу кои и Дворецот на детското творештво во градот Уфа.[58]

Во многу градови во светот, главно во земји од поранешниот Советски Сојуз, се наоѓаат улици со името Владимир Комаров. Меѓу нив, најпознатите се протегаат низ: Орск,[59] Нижни Новгород,[60] Казан,[61] Омск,[62] Уфа,[63] Ростов на Дон,[64] Воронеж[65] и Челјабинск[66] во Русија; Киев,[67] Одеса,[68] Љвов,[69] и Керч[70] во Украина; Зирјановск[71] во Казахстан; Скопје[72] во Македонија; како и Франкфурт на Одра[73] во Германија. Во руската престолнина Москва се наоѓа и плоштад „Владимир Комаров“.[74]

Во април 1967 година, непосредно по смртта на Комаров, еден советски научно-истражувачки брод, во негова чест, бил преименуван во „Космонаут Владимир Комаров“. Во 1971 година, Третата ловечка ескадрила при Националната народна армија на Источна Германија го присвоила името на Владимир Комаров, но името се изгубило по припојувањето кон Бундесверот во 1990 година.[75] Истата 1971, бил откриен астероид којшто бил именуван 1836 Комаров,[76] а во астрономијата е познато дека еден кратер на Месечината е наречен Комаров.[77] Во 1971,

Името на Комаров се споменува и во уметноста, каде што нему му се посветени неколку творби. Турскиот драматург Мехмет Бајдур напишал драма насловена „Владимир Комаров“, преку којашто ги отсликал случувањата од последниот ден од животот на Комаров, на 24 април 1967 година, а којашто за првпат била изведена во 1993 година.[78] Австралискиот композитор Брет Дин, инспириран од делото на космонаутот, го компонирал и нему му го посветил делото „Падот на Комаров“, коешто било изведено во рамките на проектот „Ad astra“ од страна на берлинскиот симфониски оркестар во 2006 година.[79] Во 2008, француската музичка елетронска група Kowalsky ја објавила песната „Lost“ (во превод „Изгубен“), којашто ги содржи последните зборови на Комаров. Понатаму, естонската музичка група Sõpruse Puiestee снимила песна под наслов „Planeetidegi vahel kehtib raskus“ (во превод „Тешкотијата стои дури и меѓу планетите“), којашто била посветена на Владимир Комаров и објавена на 24 април 2010 година, на денот на одбележувањето на 43 години од неговата смрт.[80] Песната „Unearthly Dreamings“ (во превод „Вонземјени сонувања“) од американската музичка група „Cormorant“ била објавена во 2011 година и е посветена на неуспешната вселенска мисија на Комаров.[81] Во чест на Владимир Комаров името го добила и една планета во компјутерската игра Mass Effect 2.[82]

Во чест на Комаров, Меѓународната воздухопловна федерација доделува „Диплома В. М. Комаров“ од областа на космонаутиката, којашто е единствената награда доделувана од оваа организација за вселенските достигнувања од страна на екипаж наместо поединец. Наградата се доделува годишно и тоа на космонаути или членови на повеќечлени екипажи, коишто постигнале значајни достигнувања во областа на истражувањето на вселенското пространство една година преттоа. Најголемиот број на екипажи коишто може да бидат наградени изнесува три.[83]

Филмови[уреди]

Досега се снимени неколку филмови во коишто се споменува ликот и делото на Владимир Комаров:

Поштенски марки[уреди]

Унгарска марка од 10 форинти по повод летот на вселенскиот брод „Восход“ (6 ноември 1964)

Во 1964 година, во СССР биле издадени три серии од по пет поштенски марки во чест на летот на вселенскиот брод „Восход“, при што на серијата од 4 копејки бил прикажан ликот на Комаров, додека на сериите од 6 и 50 копејки и ликовите на Феоктистов и Егоров. Истата година, поштенски марки во чест на истиот лет биле изадени и во Полска и во Унгарија, а веќе во следната 1965 во Романија, Бугарија и Виетнам. Поштенските марки во Бугарија биле издадени во четири серии од по 5 марки, при што на двете од нив коишто биле дозначени на износ од 1 стотинка се наоѓал исклучително ликот на Комаров, додека на останатите и ликовите на останатите двајца космонаути.[84]

Една година по трагичната несреќа, во ЈАР биле издадени осум серии од по три марки во сеќавање на загинатиот Владимир Комаров. Марки во сеќавање на загинатите космонаути со ликот на Комаров биле издадени во периодот од 1968 до 1972 година и на Малдивските острови, во Унгарија, Мавританија и Екваторијална Гвинеја.[84]

Издавањето на поштенски марки во чест на вселенските истражувања или одбележувањето на различни јубилеи од историјата на космонаутиката, на коишто бил претставен ликот на Владимир Комаров било извршено и во: Куба, Бенин, Гамбија, Чад, Гвинеја, Бутан и Тувалу.[84]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Vladimir Mikhajlovich Komarov, Astro Philatelist.
  2. Lawrence W. Baker, уред (2005). „Almanac, Vol 1“. „Space Exploration Reference Library“. 
  3. Burgess and Hall, стр. 52
  4. 4,0 4,1 4,2 Burgess and Hall, стр. 53
  5. Burgess and Hall, стр. 54
  6. Harford, James (1997). „Korolev“. John Wiley & Sons. стр. 165. ISBN 0-471-32721-2. 
  7. Hall and Shayler, стр. 109
  8. Hall and Shayler, стр. 125
  9. Kamanin Diary, March 16, 1962
  10. Hall and Shayler, стр. 181
  11. Hall and Shayler, стр. 182-3
  12. Kamanin Diary, February 1, 1963
  13. Kamanin Diary, May 9, 1963
  14. Hall and Shayler, стр. 215
  15. Kamanin Diary, April 24, 1964
  16. Kamanin Diary, May 24, 1964
  17. Burgess, Colin; Doolan, Kate; Vis, Bert (2003). „Fallen Astronauts“. University of Nebraska Press. стр. 169. ISBN 0-8032-6212-4. 
  18. Scott, David; Leonov, Alexei. „Two Sides of the Moon“. стр. 195. ISBN 0-312-30865-5. 
  19. Kamanin Diary, October 4, 1964
  20. «Восход», Брокгауз-Ефрон и Большая Советская Энциклопедия.
  21. Хроника освоения космоса: 1964 год., А. Б. Железняков/Энциклопедия Космонавтика.
  22. Комаров Владимир Михайлович, Биографии советских и российских космонавтов.
  23. Kamanin Diary, October 13, 1964
  24. Kamanin Diary, October 19, 1964
  25. Hall, Rex; Shayler, David. „The Rocket Men: Vostok & Voskhod, The first Soviet Manned Spaceflights“. стр. 355. ISBN 1-85233-391-X. 
  26. Kamanin Diary, December 30, 1964
  27. Kamanin Diary, April 28, 1965
  28. Kamanin Diary, July 20, 1966
  29. Kamanin Diary, August 5, 1966
  30. Владимир Михайлович Комаров, Народный биографический справочник.
  31. 31,0 31,1 Kamanin Diary, April 23, 1967
  32. 32,0 32,1 Kamanin Diary, April 24, 1967
  33. De Boer, Leo (Director). (2000). „The Red Stuff“. [Documentary]. Netherlands: Pieter Van Huystee Film and Television. http://www.imdb.com/title/tt0230688/. 
  34. Kamanin Diary, April 26, 1967
  35. Полёт над пропастью. Глава 5. Подвиг космонавта Комарова, Алексей Николаевич Крылов.
  36. «Сообщение ТАСС о гибели летчика–космонавта СССР, Героя Советского Союза, инженер–полковника Комарова Владимира Михайловича», 25.04.1967.
  37. 37,0 37,1 Почему, зачем и как погиб космонавт Комаров, Павел Шубин, 12 мај 2011.
  38. Tsymbal, Nikolai, уред. (1984), „First Man in Space“, Moscow: Progress Publishers Moscow, стр. 105 
  39. Tsymbal, Nikolai, уред. (1984), „First Man in Space“, Moscow: Progress Publishers Moscow, стр. 105 
  40. Kamanin Diary, May 5, 1967
  41. Kamanin Diary, April 27, 1967
  42. Kamanin Diary, May 15, 1967
  43. Kamanin Diary, May 20, 1967
  44. Kamanin Diary, May 22, 1967
  45. 45,0 45,1 Американская разведка перехватила последние слова обреченного космонавта Комарова, InoPressa, 21 март 2011.
  46. 46,0 46,1 Захар Радов: Американцы знали последние слова космонавта Комарова, Комсомольская правда, 20 март 2011.
  47. Cosmonaut Crashed Into Earth 'Crying In Rage', Robert Krulwich, 18 мај 2011.
  48. Комаров Владимир Михайлович, Герои страны.
  49. Владимир Михайлович Комаров, Космический мемориал.
  50. Памятник-бюст В. М. Комарову, МосГид.
  51. Kamanin Diary, April 25, 1968
  52. Кудрявцева (1969), Три подвига Владимир Комарова, Москва: Издательство полической литературы, стр. 64.
  53. „Astronautics and Aeronautics, 1969: Chronology of Science, Technology and Policy“. NASA. 1970. стр. P. 228. архивирано од оригиналот на 21 јуни 2012. http://www.webcitation.org/68aoYnCzV. конс. 3 февруари 2012. 
  54. Jones, Eric M. (1995). „Apollo 15 Lunar Surface Journal. The Third EVA. The Hammer and the Feather“. „Apollo Lunar Surface Journal“. NASA. архивирано од оригиналот на 24 јануари 2012. http://www.webcitation.org/64v3Pqqgy. 
  55. История: В огне гражданской войны, мрежно место за училиштето.
  56. Kratek pregled razvoja kluba, официјално мрежно место на клубот.
  57. Музей имени летчика-космонавта Дважды героя Советского Союза В. М. Комарова. СОШ № 235. Москва., мрежно место на училиштето.
  58. 75-летний юбилей Уфимского городского Дворца детского творчества им. В.М. Комарова, официјално мрежно место на градот Уфа.
  59. Улица Комарова, Орск, Орск, Оренбургская область, Россия, Яндекс.Панорамы.
  60. Улица Космонавта Комарова, Нижний Новгород, Нижегородская область, Россия, Яндекс.Панорамы.
  61. Улица Комарова, Казань, республика Татарстан, Россия, Яндекс.Панорамы.
  62. Проспект Комарова, Кировский административный округ, Омск, Омская область, Россия, Яндекс.Панорамы.
  63. Улица Комарова, Уфа, республика Башкортостан, Россия, Яндекс.Панорамы.
  64. Комарова бульвар, Ростов-на-Дону, Ростовская область, Россия, Яндекс.Панорамы.
  65. Улица космонавта Комарова, Воронеж, Воронежская область, Россия
  66. Улица Комарова, Челябинск, Челябинская область, Россия, Яндекс.Панорамы.
  67. Проспект Космонавта Комарова, Соломенский район, Киев, Украина, Яндекс.Панорамы.
  68. Улица Космонавта Комарова, Киевский район, Одесса, Одесская область, Украина, Яндекс.Панорамы.
  69. Улица Комарова, Железнодорожный район, Львов, Львовская область, Украина, Яндекс.Панорамы.
  70. Улица Комарова, Керчь, Крым автономная республика, Украина, Яндекс.Панорамы.
  71. Улица Комарова, Зыряновск, Зыряновский район, Восточно-Казахстанская область, Казахстан, Яндекс.Панорамы.
  72. Улица Владимир Комаров, Скопје, Македонија, Google Maps.
  73. Wladimir-Komarow-Eck, Strassenkatalog.de.
  74. Площадь Космонавта Комарова, Москва, Россия, Яндекс.Панорамы.
  75. Jagdfliegergeschwader 3 "Wladimir Komarow"
  76. 1836 Komarov (1971 OT), Jet Propulsion Laboratory.
  77. Schmadel, Lutz D. (2003). „Dictionary of Minor Planet Names, Volume 1“. New York: Springer. стр. 147. ISBN 3-540-00238-3. http://books.google.com/books?id=KWrB1jPCa8AC&lpg=PP1&dq=isbn%3A3540002383&pg=PA147#v=onepage&q=Komarov&f=false. 
  78. Mehmet Baydur, официјално мрежно место на Министерството за култура на Турција.
  79. Brett Dean — Komarov’s Fall, Boosey&Hawkes.
  80. Planeetidegi vahel kehtib raskus, Mait Vaik, 11 мај 2010. (естонски)
  81. Cormorant: Follow The Blackened Thread, Lars Gotrich, 16 септември 2011.
  82. Mass Effect 2 Planetary Database: Entry Details: Komarov, GameBanshee.
  83. The V.M. Komarov Diploma, John W. Young.
  84. 84,0 84,1 84,2 Комаров Владимир Михайлович, Astronaut.ru.

Литература[уреди]

На руски[уреди]

  • Абрамов А. С. У Кремлёвской стены. - Изд. 7-е, доп. - М.: Политиздат, 1987.
  • Герои Советского Союза и России, полные кавалеры ордена Славы Северного АО г. Москвы. М., 2003.
  • Герои Советского Союза. Краткий биографический словарь. Т.1. М., 1987.
  • Дважды Герои Советского Союза. - М.: Воениздат, 1973.
  • Лебедев Л., Лукьянов Б., Романов А., Сыны голубой планеты. М.: Политиз, 1973.
  • Люди бесмертного подвига. Книга 1. М., 1975.
  • Ребров М. Ф. Советские космонавты. - Изд. 2-е, доп. - М., 1983.
  • Советские и российские космонавты. 1960-2000. М., 2001.

На англиски[уреди]

  • Burgess, Colin; Doolan, Kate; Vis, Bert (2003). Fallen Astronauts. University of Nebraska Press. pp. 272. ISBN 0-8032-6212-4.
  • Burgess, Colin (October 15, 2007). In the Shadow of the Moon: A Challenging Journey to Tranquility, 1965–1969. University of Nebraska Press. pp. 448. ISBN 978-0-8032-1128-5.
  • Burgess, Colin; Hall, Rex. The First Soviet Cosmonaut Team: Their lives, legacy and historical impact. ISBN 978-0-387-84823-5.
  • Hall, Rex; Shayler, David. The Rocket Men: Vostok & Voskhod, The first Soviet Manned Spaceflights. ISBN 1-85233-391-X.
  • Nikolai Kamanin's personal diaries, from 1960–1971. A summary and English translation by Mark Wade is available online at Kamanin Diaries, in the Encyclopedia Astronautica.
  • Bizony, Piers; Doran, Jamie (1998). Starman: The Truth Behind the Legend of Yuri Gagarin. * Bloomsbury Publishing PLC. ISBN 0-7475-3688-0.

Надворешни врски[уреди]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Владимир Комаров“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).