Вител (расказ)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Вител“ е расказ од рускиот и советскиот писател Михаил Шолохов од 1925 година. Расказот е објавен на македонски јазик, во превод на Цветко Мартиновски, како дел од збирката „Донски раскази“, објавена во 1965 година од издавачката куќа Култура.

Содржина[уреди | уреди извор]

Пахомич ја терал колата натоварена со жито, кога на сред пат го пресретнала кочијата на полковникот Борис Александрович Чернојаров. Бидејќи патот бил тесен и не можеле да се разминат двете коли, Пахомич го замолил полковникот да се тргне настрана, зашто ако тој ја тргнел колата, сигурно ќе загалвел во снегот. Полковникот се налутил и со камшикот го претепал Пахомич, а колата му ја турнал во насипаниот снег. Така, Пахомич се заколнал дека цел живот ќе го памети полковникот.

Еден ден, во домот на Пахомич се вратил нивниот син Михаил, кој служел како козачки потпоручник. Неколку дена подоцна, Михаил го видел татко му како ја ора земјата што му припаѓала на полковникот Чернојаров и сакал да го истепа, но побегнал кога на татко му му се придружил синот Григориј, со железна прачка во рацете.

По некое време, за да ја избегнат мобилизацијата во војската на Козаците, Пахомич и неговите двајца сина, Григориј и Игнат, ѝ се придружиле на Црвената армија. Еднаш, нивниот одред бил потиснат од козачката војска, така што Пахомич и Игнат биле заробени, додека Григориј, за да се спаси, се фрлил во Дон, заедно со својот коњ. Еден ден, додека жената на Пахомич била во градината, заедно со детето на Игнат, на брегот од реката го здогледала телото на некој умрен војник, заедно со неговиот коњ. Кога се приближила поблизу, таа видела дека тоа е нејзиниот син, Григориј. Во меѓувреме, другиот син, Михаил, поради заслугите во борбата против болшевиците, бил унапреден во службата.

Заробените Пахомич и Игнат ги донеле во родното село, каде разбеснетите селани сакале да ги убијат. Во плевната, каде што биле затворени, дошла жената на Пахомич, заедно со синот на Игнат. Детето го прашало својот татко, зошто е врзан и удрен, а тој му кажал дека тоа е само некаква игра. Пахомич ја замолил жена си за прошка и ѝ дал завет да се грижи за внукот. Михаил им наредил на војниците да ги одведат татко му и брат му во близината на селото, каде потоа ги стрелале. Во тоа време, скриена во долот, се пораѓала една волчица, кога се слушнале два истрела.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Вител“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 51-72.