Викуња

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Викуња
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Парнокопитни
Фамилија: Камили
Род: Викуњи
Вид: Викуња
Биномен назив
Vicugna vicugna
(Molina, 1782)

Викуња (шпан. vicuña, науч. Vicugna vicugna) — еден од двата претставника на фамилијата камили (Camelidae) во Јужна Америка (заедно со гванакото) што живее во високите предели на Андите. Таа е сродник на ламата и дели заеднички предок со алпаката. Обете се одгледуваат претежно за волната. Викуњата дава само мало количество волна, но истата е крајно фина и многу скапа бидејќи животното се стриже на секои 3 години и мора да се фати во дивина. Кога ќе се сплете, волната е многу мека и топла. Инките високо го ценеле ова животно поради предивото, од кое се правела облека која по закон смееле да ја носат само членовите на кралското семејство.

Во поново време дошло до драстично намалување на нивната бројност, и оваа состојба траела сè додека викуњата не била прогласена за загрозен вид (1974), кога опстојувале само 6.000 единки. Благодарение на заштитата, денес ги има околу 350.000,[1] и не се сметаат за загрозени, но и понатаму се под заштита за да се спречи нивното бесправно ловење, губиток на живеалиштето и други закани.

Викуњата е национално животно на Перу и стои на државниот грб како претставник на животинското царство.

Опис[уреди]

Викуњата се смета за понежна и помиловидна од гванакото, а воедно е и помала од него. Главна морфолошка разлика кај викуњата се подобро развиените корења на секачите.[2] Крзното на грбот ѝ е долго, со жолтеникаво-кафеава боја, додека влакната околу вратот и на градите се бели и прилично долги. Има малку покуса глава од гванакото, а ушите ѝ се малку подолги. Долга е од 1,45 до 1,60 м, а висока е (кај рамениците) 75 до 85 см. Тежината се движи од 35 до 65 кг.

Со цел да се спречи нивното ловење, секоја година викуњите се втеруваат во трла и се стрижат сите единки со крзно подолго од 2,5 см.

Викуњи на пат кон гејзерот Татио во Атакама, Чиле.

Ареал[уреди]

Викуња на подножјето на вулканот Чимборазо, Еквадор.

Викуњата живее исклучиво во Јужна Америка, и тоа претежно во средишниот дел на Андите. Нивно природно живеалиште е Перу, северозападна Аргентина, Боливија и северот на Чиле. Помал број на доведени единки се среќаваат и во среден Еквадор.[1] Најголем број на викуњи има во Перу.

Живеалиште[уреди]

Ова животно живее во високи предели, на надморска височина од 3.200 до 4.800 метри.[1] Денот го проведуваат на тревестите рамни рамни предели на Андите, но ноќеваат на падините. Во овие краишта виреат само жилавите и слабо храниливи натуткани треви и виукот (Festuca). Сончевите зраци минуваат низ тенката атмосфера, што значи дека денските часови се релативно топли, но ноќите се секогаш студени, неретко до зармзнување. Викуњата е прилагодена на овие температури со дебелото меко крзно во кое задржува топол воздух и така ги поднесува и најстудените температури.

Поведение[уреди]

Поведението на викуњата е слично на она на гванакото. Таа е мошне плашлива и со високоразвиен слух, па затоа лесно се вознемирува кога некој им приоѓа. Исто како гванакото, често лижат варовни камења и карпи богати со сол, а познато е и дека пијат солена вода. Се хранат претежно со треви.

Живеат во потесни семејства сочинети од мажјак, 5 до 15 женки и нивните младенчиња. Секоја група има своја територија со површина од околу 18 км², чија големина се менува во зависност од расположивоста на хранливите треви.

Парната сезона трае од март до април, а бременоста трае околу 11 месеци. Женката раѓа по едно младо, што потоа го дои 10 месеци. Младенчето се осамостојува на возраст од 12 до 18 месеци. Младите мажјаци и младите женки се групираат во полови друштвени групи. Ова спречува меѓусебна конкуренција и блискосродствено размножување, што може да предизвика стеснување на генетскиот фонд кај загрозените видови (забележано кај гепардите).

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Baldi, R. & Wheeler, J. (2008). „Vicugna vicugna“. Црвен список на МСЗП - загрозени видови во 2008 година. МСЗП 2008. Вчитано на 3 јануари 2009.
  2. C. Michael Hogan. 2008. Guanaco: Lama guanicoe, GlobalTwitcher.com, ed. N. Strömberg

Надворешни врски[уреди]