Википедија:Избрана статија/2008/26

Од Википедија — слободната енциклопедија

Битола е град во југозападниот дел на Република Македонија, административен, културен, економски, индустриски, образовен, научен како и дипломатски центар, и поради тоа е познат и под името град на конзулите. Битола е втор по големина град во Република Македонија според бројот на жители, и трет според површината. За време на Југославија бил еден од културните центри, како во Кралството Југославија, така и во СФР Југославија. Таткото на турската нација Кемал Ататурк завршил офицерска школа во Битола. Некои негови работи денес се чуваат во битолскиот Народен музеј.

Традиционално силниот трговски центар, е познат и како град на конзулите поради тоа што за време на Отоманската империја, Битола имала дури дваесет конзулати од разни европски земји. Во истиот период, градот имал многу школи, меѓу другите и воена академија, којашто ја посетувал и славниот турски реформатор Кемал Ататурк. На крајот на деветнаесеттиот век бил толку просперитетен град, што неговото население непрестано растело и го надминало бројот на населението на Белград. Градот бил преполн со фабрики, а интересно е и тоа што покрај фабриката на Сингер, во Битола уште во тоа време постоела фабрика за слатки. Во Битола се снимени првите фотографии и филмови на Балканот, благодарејќи на браќата Манаки. Тоа било златното доба на градот. За жал, за време на Балканските војни, многу битки биле водени во околината на градот и самиот град, па многу материјални докази, како и фотографски документи, изгореле или биле потполно уништени. Архитектурата можела да се обнови, посебно последните петнаесетина години, а докази за сѐ што се случувало се и прераскажувањата на старите кои добро се сеќаваат. Меѓутоа, денес останале многу организации и фестивали, коишто по долг период, повторно се одржуваат. Еден од нив се одржува секој година од 29 јули до 2 август во Битола, во знак на спомен на Илинденското востание, под името „Културен фестивал Илинденски денови“.