Википедија:Избрана статија/2008/22

Од Википедија — слободната енциклопедија

Манчестер Јунајтед (англ. Manchester United) е светски познат англиски фудбалски клуб, чиј стадион е Олд Трафорд кој се наоѓа во Трафорд, пошироката околина на Манчестер. Тој е еден од најпопуларните спортски клубови во светот со повеќе од 50 милиони обожаватели. Манчестер Јунајтед е исто така и еден од најуспешните клубови во светот, а во англиската лига се наоѓа на второто место по бројот на освоени титули, веднаш зад Ливерпул. Ја има освоено англиската лига 17 пати, ФА Купот - 11 пати (рекорд во Англија), двапати Лига Купот, Купот на Победниците на Куповите на УЕФА еднаш, Интерконтиненталниот Куп еднаш и Европскиот Супер Куп еднаш.

На 21. мај 2008. со победата над Челзи Манчестер Јунајтед по трет пат победи во Лигата на шампионите.

Клубот има највисок просек на посетеност на натпреварите во англиската лига континуирано во последните 34 сезони, со исклучок на периодот од 1987-1989 за време на реновирањето на Олд Трафорд. Меѓу европските клубови, Манчестер е предводник во однос на годишните финансиски добивки во текот на деценијата меѓу 1990 и 2000, во наредниот период го губи приматот но во 2008 година повторно е најбогат клуб во светот со вредност од 1 милијарда и 330 милиони долари.

Од 1991 година клубот се водеше како Друштво со ограничена одговорност и требаше да биде преземено од Руперт Мердок во 1998 преку зделка што беше блокирана од британската влада. Кон крајот на 1990-тите, вредноста на клубот достигна повеќе од £1 милијарда, правејќи го процесот на откупување безмалку невозможен. Сепак, во мај 2005, Малколм Глејзер го комплетираше преземањето на компанијата против волја на клубот и го повлече името Манчестер од лондонската берза.

Моментално, капитен на Манчестер Јунајтед е Гери Невил, кој капитенската улога ја презеде од Рој Кин на 16 ноември 2005 година.