Википедија:Избрана статија/2007/44

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ирвин Ален Гинсберг (3 јуни 19265 април 1997) е американски поет, икона на хипи-движењето од втората половина на дваесеттиот век. Гинсберг е најпознат по своето дело Урлик (1956), една долга поема во која го дава суровиот реалистичен приказ на само-уништувањето на неговите пријатели од Бит генерацијата, како и деструктивните сили на материјализмот и конформизот на американското општество врз човековата личност.

Гинсберг е роден во еврејско семејство во Њуарк, Њу Џерси. Неговиот татко - социјалистот Луј Гинсберг - е поет и средношколски професор. Мајката на Гинсберг, Наоми Ливерџант (која страда од епилепсија и ментални болести од типот на параноја) е активен член на Комунистичката партија на САД и често ги носи своите синови - Ален и Јуџин - на партиските состаноци. Гинсберг подоцна ќе рече: "Мама ги измислуваше нашите приказни за пред спиење и сите изгледаа вака: добриот крал јаваше кон својот замок, ги виде несреќните работници и им помогна.'"

Како тинејџер, Гинсберг почнува да пишува писма до Њујорк Тајмс во врска со политички теми од типот на Втората светска војна и правата на работниците. Кога станува средношколец, патува со автобус, заедно со својата мајка, на нејзината терапија. Патувањето го вознемирува младиот Гинсберг - го спомнува него, заедно со уште неколку други моменти од своето детство во неговата долга автобиографска поема "Кадиш за Наоми Гинсберг (1894-1956)." Додека е во средно училиште, Гинсберг почнува да го чита Волт Витмен; ќе рече дека бил инспириран од страста на неговиот учител за читање.