Википедија:Избрана статија/2007/31

Од Википедија — слободната енциклопедија
Повик за Илинденското востание
Повик за Илинденското востание

Илинденско востание — востание на македонскиот народ против османлиската власт. Конгресот на Македонската револуционерна организација, одржан во Солун, донел одлука напролет да се крене оружено востание при што започнувањето и водењето на востанието им биле препуштени на окружните комитети. Конгресот на Битолскиот револуционерен округ, одржан во Смилево, одлучил да се крене општо ослободително востание и избрал Главен востанички штаб на Битолскиот револуционерен округ (во состав: Дамјан Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев), кој донел одлука востанието да започне на денот Свети Илија, 2 август 1903 година (нов стил).

По започнувањето на востанието, Задграничното претставништво на Организацијата во Софија им предало на владите на европските големи сили Декларација со која биле известени за неподносливата експлоатација и за жестокоста на режимот на османлиската држава кој не ги почитувал елементарните права признаени на македонскиот народ со Берлинскиот конгрес. Од нив се барала ефикасна интервенција за да се присили владата на Турција, како единствено одговорна за воениот конфликт, да ги изврши преземените обврски и на Македонија да ѝ даде автономија.

Востаничките сили презеле нападни дејства во сите востанички реони. Востаниците од Крушевскиот востанички реон со концентриран напад го ослободиле Крушево. Во Костурскиот востанички реон биле ослободени поголемите населени места Невеска и Клисура, a во Леринскиот, Охридскиот, Преспанскиот и во Кичевскиот револуционерен реон се воделе жестоки борби.

Во ослободеното Крушево била создадена Крушевската република, со Совет и со Привремена влада, избрани од народот. Привремената влада имала ресори: за внатрешни работи, за финансии, за исхрана, за изградба и за санитет. Посебните дејности ги извршувале специјални служби: за обезбедување и градење опкопи за заштита, за поправка на оружјето и за производство на воени материјали, вклучително и црешево топче. За одбрана Привремената влада извршила мобилизација на машкото население способно за борба и презела мерки за заштита на муслиманските семејства на избеганите државни службеници и на нивните имоти, обезбедувани од Востаничкиот штаб. Во селата со муслиманско население бил упатен повик, познат како Крушевски манифест, во кој се соопштувало дека македонскиот народ се кренал на оружена борба против тиранската власт и насилниците, а не против сиромашното муслиманско население, дека востаниците не се разбојници, туку револуционери па затоа тоа да не се плаши, да остане мирно и дека во автономна Македонија сите ќе имаат еднакви права и слободи.