Вешје

Координати: 41°25′12″N 22°09′57″E / 41.42000° СГШ; 22.16583° ИГД / 41.42000; 22.16583
Од Википедија — слободната енциклопедија
Вешје

Панорамски поглед на селото

Вешје во рамките на Македонија
Вешје
Местоположба на Вешје во Македонија
Вешје на карта

Карта

Координати 41°25′12″N 22°09′57″E / 41.42000° СГШ; 22.16583° ИГД / 41.42000; 22.16583
Регион  Вардарски
Општина  Неготино
Население 25 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1443
Повик. бр. 043
Шифра на КО 18005
Надм. вис. 480 м
Вешје на општинската карта

Атарот на Вешје во рамките на општината
Вешје на Ризницата

Вешје — село во Општина Неготино, во околината на градот Неготино.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото се врзува со некогашното село Вештина над Пепелиште, од каде потекнува голем дел од населението на селото.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Влез во селото

Селото се наоѓа во крајниот јужен дел на територијата на Општина Неготино, чиј атар се допира со областа Витачево, односно подрачјето на Општина Кавадарци.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 480 метри, а од градот Неготино е оддалечено 25 километри.[3]

Селото се наоѓа на левата, присојна, страна на долината на реката Пештера, која е кањонски всечена во неогенската плоча на котлината. Земјиштето е песковито и глинесто. Во селото има бројни чешми (Селска, Шопка и Блага) и неколку бунари. Чешми се наоѓаат и надвор од селото, како што се: Драгомирица, Неделковица, Ракетска, Бела, Дедов Дол, Прибошовец, Шоша, Чешмичка, Врбница, Лисник, Беличин Дол и Сврачка.[2]

Селото има збиен тип со издолжен облик. Во минатото, христијански маала биле Хањовско или Горно и Димовско или Долно Маало, додека муслиманските маала биле под нив и се нарекувале Шоповско или Горно, Аличевско, Карпузовско или Средно и Зеќировско или Долно Маало.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Во атарот на денешното село Вешје, најпрвин се наоѓало чистото христијанско село Ракето (или Ракито). Денес, на оваа месност се наоѓа црквата „Св. Димитриј“. Се говори дека селото Ракето некогаш имало триста куќи, а пропаднало околу 1890 година, кога во него уште се наоѓале 12 куќи.[2]

Муслиманските родови дошле кон крајот на XVIII век бегајќи од некогашното село Вештина над Пепелиште од Арнаутите од Скопско. Муслиманите се населиле на атарот на христијанското село Ракето, основајќи ги маалата Аличевско и Зеќировско, помеѓу кои се наоѓала селската џамија. Подоцна, дошле уште муслимански родови од Вештина, меѓу кои Шоповци, кои ги основале Карпузовско и Шоповско Маало. После нив се населиле и христијанските родови од Ракето и ги основале маалата Хањовско и Димовско Маало над муслиманските маала.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Поглед на селото

Атарот има средна големина и зафаќа простор од 18,7 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 792,7 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 659,3 хектари, а на шумите само 17,6 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]

Селаните се занимавале со земјоделство. Во отоманскиот период, муслиманите и старите христијански родови поседувале своја земја, додека останатите работеле кај агите. Обработливи површини има околу селото, како и на падините на Витачево.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948687—    
1953785+14.3%
1961434−44.7%
1971348−19.8%
1981178−48.9%
ГодинаНас.±%
199189−50.0%
199468−23.6%
200245−33.8%
202125−44.4%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Вешје имало 715 жители, сите Македонци, од кои 225 христијани и 460 муслимани.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Вешје имало 256 жители.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[6]

Од селото се иселил значителен број од населението. Така, во 1961 година селото броело 434 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 68 жители, од кои 66 биле Македонци, а двајца жители Срби.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Вешје имало 45 жители, сите Македонци.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 25 жители, од кои 24 Македонци и 1 лице без податоци.[8]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 715 256 687 785 434 348 178 89 68 45 25
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови[уреди | уреди извор]

Вешје било мешано муслиманско-христијанско македонско село.[2]

Родови во селото:

Според истражувањата на Воислав Радовановиќ во 1924 година родови во селото се:

  • Македонски муслимани:
    • Староседелци: Горнодворци-Оџевци (2 к.), Аличевци (1 к.), Мала-Аријевци (3 к.), Шедевци (2 к.), Кумеманчевци (1 к.), Карамучевци (2 к.), Џевелковци (4 к.), Кафуровци (2 к.), Долнодворци-Зеќировци (7 к.), Дурчевци-Сарафовци (5 к.), Јошковци (2 к.), Јатовци (2 к.), Абдурахмановци-Гопчевци (3 к.) и Хусејинковци (3 к.).
    • Доселеници: Карпузовци (6 к.), Субашовци (8 к.), Спајиовци (5 к.), Учевци (2 к.) и Садразамовци (1 к.), доселени се од раселеното село Вештина; Шоповци (11 к.), доселени се од Штипско, кон крајот на XVIII век; Мегленчевци (1 к.), доселени се од селото Наќ во Меглен; Ајгаровци (1 к.), доселени се од селото Марена; Пашовци (1 к.), доселени се од селото Тремник; Бакаловци (1 к.), доселени се од селото Бесвица; Ленковци (4 к.), доселени се од селото Долни Дисан; Хајрушовци (1 к.), и тие се од Долни Дисан; Мемишовци (1 к.), и тие се од Долни Дисан; Ушеловци (1 к.), доселени од Прждево и Мендовци (1 к.), доселени од Бохула.
  • Македонски христијани:
    • Доселеници: Димовци (9 к.), Деловци (8 к.), Шиковци (2 к.), Стојчевци (2 к.), Мркевци (1 к.) и Петревци (1 к.), доселени се од раселеното село близу Вешје, а тоа е Ракета; Ѓурчијовци (2 к.), доселени се однекаде; Хањовци (1 к.), доселени се од селото Бистренци; Кузмановци (1 к.), доселени се од селото Драчевица; Тасевци (1 к.), доселени се од селото Прждево; Кришковци (1 к.), доселени се од селото Долни Дисан; Струковци (1 к.), и тие се од Долни Дисан; Ќимковци (1 к.), доселени се од селото Горни Дисан, а подалечно потекло од Долни Дисан; Ристовци (1 к.), доселени се од селото Зборско во Меглен, во 1916 година и Голчевци (1 к.), доселени се од селото Барово, во Барово се доселиле од селото Чемерско, а во Чемерско од селото Бохула.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Муслиманското население во селото се задржало до 1950-тите години, кога целосно се иселило од селото. На пописот од 1953 година, тоа население се изјаснило како Турци (броејќи 534 жители).

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Поранешното основно училиште во селото
  • Поранешно основно училиште, чија градба била обновена и претворена во образовен и туристички Апи центар за развој на пчеларството.[13]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Вешје било село во Тиквешката каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Демир Капија, која била една од ретките општини која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од Општина Демир Капија.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Неготино. Селото припаѓало на некогашната општина Неготино во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Долни Дисан, во која покрај селото Вешје, се наоѓале и селата Горни Дисан, Долни Дисан, Прждево и Тремник. Во периодот 1950-1952, селото било дел исто така од општината Долни Дисан, во која се наоѓале селата Вешје, Горни Дисан и Долни Дисан.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1229 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 35 гласачи.[15] На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 37 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Илија“, која денес е целосно руинирана
Археолошки наоѓалишта[17]
Цркви[18]
Џамии[2]
  • Во минатото помеѓу Аличевско и Зеќировско Маало се наоѓала џамија.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 Радовановиќ, Воислав (1924). Тиквеш и Раец. Белград. стр. 322–325.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 52. Посетено на 11 октомври 2021.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 155.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 104-105.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 11 октомври 2021.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Старата училишна зграда во село Вешје прераснува во едукативен и туристички Апи центар за развој на пчеларството“. www.negotino.gov.mk. Архивирано од изворникот на 2021-10-16. Посетено на 2021-10-16.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 12 октомври 2021.
  17. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 235. ISBN 9989-649-28-6.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]