Венијамин Мачуковски

Од Википедија — слободната енциклопедија

Венијамин Васил Христов Мачуковски (Мачуково, Гевгелиско, 1847 – Цариград, 1878) — македонски преродбеник, граматичар, просветен и црковен деец. Како млад се закалуѓерува во Зографскиот манастир, каде од Партенија Зографски е ракоположен за ѓакон. Од 1862 до 1864 година учел во унијатското училиште во Солун. Во 1863 г. со монсињор Турок отишол во Париз и други француски градови.[1]

Му помогнал на фолклористот Стефан Верковиќ во собирањето на народни песни и умотворби од Македонија. 1864 г. составува опис на неговото родно село Мачуково и на Мегленската каза. Во 1865 г. станува учител во Кукуш, па со препорака од руската мисија, се запишува во Херсонската духовна богословија (1866-1869), но поради здравствени причини се враќа во Македонија. Наредната година станува учител во Солун, “во полза на народот”, како што запишал духовникот Павел Божигропски со кого што се сретнал. На 16. VIII 1872 г. во бугарскиот весник Право Мачуковски го пишува познатото свое “Објавление” за „бугарска граматика според македонското наречие“,[2][3] бидејќи тукушто усвоената бугарска граматика за Егзархиските училишта е “бестолковна”, тешко разбирлива за македонските деца, бидејќи била несообразена со македонските говори.[4] По острата реакција на бугарскиот печат, издавањето на македонската граматика е спречено, а Мачуковски е пратен од Бугарскиот Егзарх на Московската духовна академија. Но, повторно се разболува и повторно се враќа назад, сега како учител во Гуменџе, каде предава граматика според својот ракопис. Пишува во весниците “Источно време”, “Цариград” и некои грчки весници. 1877 г. бил наклеветен и пратен на заточеништво на островот Родос. По руско-турското примирје во 1878 г. тешко болен се вратил во Цариград, каде и починал.[5]

Цитати[уреди | уреди извор]

Изучението на бугарската граматика по македонските училишта е еден од најтешките предмети за учениците, a некако и најбестолковен. Им одзема доста време, за на крајот повторно да немаат поим од граматика. Тоа е заради разликите во граматичките форми на досегашните издадени бугарски граматики и оние на македонското наречје.“
„Изучението на бугарската граматика по македонските училишта е еден од најтешките предмети за учениците, a некако и најбестолковен. Им одзема доста време, за на крајот повторно да немаат поим од граматика. Тоа е заради разликите во граматичките форми на досегашните издадени бугарски граматики и оние на македонското наречие.“

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Енциклопедија Македоника, Скопје 2009 г., стр. 931
  2. барањето на Мачуковски за печатење на граматика за македонското наречје; писмо испратено од Кукуш, на 16 август 1872 г., објавено во печатениот орган на Бугарската егзархија во Цариград весникот „Право“
  3. Чавдар Маринов "За лъжите на македонизма и митовете на българщината в Македония”, сп. Критика и хуманизъм, бр. 12/2001 г.
  4. "Oбјавление", весник "Право", Цариград 16 август 1872 г.
  5. Блаже Ристовски: Венијамин Мачуковски, автор на првата македонска граматика (Разгледи, 1958) ; Портрети и процеси од македонската литературна и национална историја (1989)