Велмеј
| Велмеј | |
| Координати41°17′53″N 20°54′5″E / 41.29806°N 20.90139°EКоординати: 41°17′53″N 20°54′5″E / 41.29806°N 20.90139°E | |
| Општина | Општина Дебарца |
| Географски регион | Дебарца |
| Население (2002) | 511 жители |
| Поштенски број | |
| Повикувачки број | 046 |
| Надморска височина | 860 m |
| Селска слава | |
Велмеј е село во Општина Дебарца.
Содржина |
[уреди] Географиja и местоположба
Селото Велмеј се наоѓа во подрачјето на Долна Дебарца, на 13 км. источно од магистралниот пат Охрид – Кичево. До селото се доаѓа по асфалтен пат што со западната магистрала Охрид – Кичево го поврзува кај селото Ботун, поминувајќи низ селата Белчишта и Лешани. Расположено на западните падини на Илинска Бигла, селото, од северната и источната страна е заградено со планински масиви на Илинска Бигла (од исток со Килаец – 1068 м, од север со Чуки – 1303), а на западната и јужната страна се простира Велмешкото Поле. Селото се наоѓа на надморска височина од 860 метри. Подрачјето на селото Велмеј зафаќа површина од 39,3 квадратни километри (3 928 хектари) или 10 % од територијата на Дебарца и се наоѓа меѓу подрачјата на селата Прострање, Велмевци, Големо Илино и Брежани од исток и југоисток; Куратица и Лешани од југ и југозапад; Грко Поле и Горно Средорече од запад и Сошани и Оздолени од север и северозапад.
[уреди] Историja
Велмеј е старо село, кое за прв пат се споменува во пописниот дефтер на Охридскиот санџак од 1582 г., кога селото имало вкупно 660 жители (126 христијански семејства и 14 самци и 3 муслимански семејства и 1 самец), со што уште тогаш било најголемо село во нахијата Дебарца и второ во Охридската каза (зад Вевчани).[1] Оттука, се претпоставува дека името Велмеј потекнува од старословенскиот збор "велми" што значи најголем. Подоцна, според извештајот на австрискиот вице-конзул Крал од 1898 г., селото имало 509 жители (сите Македонци), при што тоа било осмо село по големина во охридскиот крај,[2] Според други извори, во 1900 г., во Велмеј живееле 700 жители и во тоа време било второ село по големина во Дебарца (по Слатино),[3] а слични се податоците од 1905 г., кога селото имало 784 жители,[4]
За староста на селото зборуваат бројните археолошки наоѓалишта во околината, како што се: Бучишта (доцноантичка населба со некропола и старохристијанска базилика), Велмешко Градиште (утврдена населба од бронзеното време), Вишин Дол (утврдена доцноантичка населба и топилница), Гладница (доцноантичка населба), Горица (средновековна населба), Горни Јаорец (доцноантичка топилница), Горнополско Градиште (утврдена населба од раниот среден век), Грмаѓе (некропола од железното време), Иванова ливада - Икона (црква и некропола од раниот среден век), Икона - Блато (некропола до раниот среден век), Калуѓерица (некропола до раниот среден век), Кутлина (населба од неолитското, бронзеното, железното време и раниот средне век), Манастириште (средновековен сакрален комплекс), Оџа Бавча (некропола од раниот среден век), Пашина Горица (доцноантичка некропола), Петте Дабје (римска и доцноантичка некропола), Пештера Јаорец (засолниште од палеолитското време), Писан Камен (некропола од каменото време), Попов Дол (доцноантичка некропола), Селиште Јаорец (средновековна населба), Селце (срденовековна населба), Скала (доцноантичка топилница), Црквиште (раносредновековна црква и некропола) и Шивлица (црква од раниот среден век).[5] Притоа, во овие наоѓалишта се пронајдени и одредени предмети, кои денес претставуваат дел од збирката на охридскиот музеј: На пример, во месноста Кутлина се пронајдени обетка и прстен од бронза од XII-XIII век; во Горнполоско Градиште се најдени два бронзени прстени од 14 век, како и бронзен крст реликвијар - енколпион (украсен со претстава на Христос), кој е еден од шесте вакви крстови најдени во охридскиот крај, а веројатно потекнува од XI - XII век.[6]
Во периодот пред и по Илинденското востание, Велмеј ја делело судбината на останатите македонски села. Така, во летото 1902 год., во селото влегла разбојничката чета на Билјал Баланца со 400 арамии, која го опљачкало селото убивајќи неколку селани.[7] За време на востанието, во Велмеј бил биле стационирани 50 турски војници. На Илинден, четите на војводите Андон Кецкаров и Наум Цветанов, тргнале од селото Брежани и го нападнале аскерот во велмешките кули и, притиснат од востаниците, утредента аскерот се повлекол кон селото Издеглавје, но таму паднал во заседа поставена од велмејската и брежанската чета, при што во борбата биле убиени десетици турски војници.[8]
[уреди] Економија
Уште од многу одамна, Велмеј имал важно место во стопанството на Дебарца и на охридскиот крај: Така, турските извори кажуваат дека селото било голем производител на коноп.[9] Според турскиот попис од 1582 г., Велмеј било втор по големина производител на јачмен во охридската каза со род од 600 товари (90 тони)и еден од најголемите производители на ‘рж со 600 товари. Исто така, во Велмеј имало 300 свињи, со што било на трето место во охридската каза, а селото било и еден од најголемите производители на зелка. Понатаму, во селото имало 7 воденици и 5 валалници (најмногу во Дебарца), а се произведувало наут и боја, иако овие производи немале поголемо стопанско значење.[10] Најпосле, горниот попис кажува дека во Велмеј живееле двајца соколари чија служба прекратила веројатно затоа што не добиле писмена исправа (берат) за своето занимање.[11] Исто така, според турските извори, не само што селаните работеле на чифлиците, туку во Велмеј имало и македонски земјопоседници, како што биле Грдан Точко, а потоа и син му Миладин.[12]
Денес, од целокупната површина на селото, 55,3% се наоѓаат под шуми и пасишта, 22,4% се обработливи површини, а 22,3% е неплодно земјиште. Оттука, главно занимање на селаните е земјоделието. Во продолжение, во селото работат и следниве претпријатија:
- Рудник Велмеј, кое се занимава со ископ и преработка на камен, травертин, гранит и мермер
- Илина д.о.о., кое произведува и полни вода за пиење
[уреди] Демографија
Велмеј е село од збиен тип, што е карактеристика за сите села од Дебарца. Се дели на следните краеви: Горни Чифлик или Црниноска Маала, Долни Чифлик или Славкоска Маала. Општо, селото е поделно на Горна и Долна Маала, а поодделно секоја маала го добила името според презимето на поголемиот дел од семејствата што живеат тука. Денес, Велмеј е најголемото село во подрачјето на Дебарца, како по бројот на жителите, така и по бројот на домаќинствата. Според пописот на населението од 2002 г., во селото живееат 511 жители.[13]. Емиграцијата не е толку силно изразена и не оставила траги на изгледот на селото, иако во старосната структура на населението преовладуваат постарите групи. Поголемиот број бели фасади на куќите, асфалтот што минува низ селските улици, современите уреди во домаќинствата даваат впечаток дека овде е присутен современ динамички начин на живеење.
[уреди] Општествени институции
Уште при првата средба со селото остава впечаток задружниот дом изграден непосредно по Втората Светска војна каде што е сместена месната заедница, а исто така, има сала и простории за општествено-политичките организации од селото. Во центарот на селото се наоѓа и зградата на здравствената станица. На источниот дел на селото се наоѓа училишната зграда што е изградена во 1919 година. Инаку, на почетокот на XX век, во Велмеј постоело бугарско егзархиско училиште, со еден учител и 33 ученици,[14] додека во периодот 1912-1915 г. имало српско школо со една паралелка и еден учител.[15]
[уреди] Културни и природни знаменитости
Во центарот на селото се наоѓа црквата Св. Никола, која потекнува од XIII век, а сегашниот архитектонски изглед датира од XIX век. Во црквата има иконостас, со икони кои датираат уште од XVI и XVII век, како и интересен резбан владички престол. Според пишувањето на рускиот патописец Виктор Григорович од 1845 г., при преправката на црквата, селаните вградиле стари ракописи и книги во ѕидовите на црквата од страв да не бидат уништени од грчките фанариоти.[16] На доминантно место на североисточниот дел од селото, на едно возвишение е поставена втората цркава во селото - Св. Ѓорѓија, градена од делкан камен, со купола во средишниот дел и полукружна апсида. Црквата е обновена во 1931 г. и во неа се наоѓаат икони од XVII и XVIII век.[17] Надвор од селото, на југоисточната страна, се наоѓа прекрасната еднокорабна црква Св. Богородица Пречиста - Ќелија.
На западниот дел од селото се наоѓа импозантна чешма наречена „Исток“, која располага со обилна вода што тече низ 18 дулци. Тука е поднигната и спомен плоча на паднатите борци од селото во НОВ и Илинденското востание. На „Истокот“ се изведува и еден од главните церемонијали на свадбата – „Носење на вода од невестата“. Денес низ селото има водовод изграден во 1982 година, но сепак „Истокот“ сѐ уште ја има онаa стара традиција на собирање на велмешани.
[уреди] Личности
- Љубе Трпески (р. 1947) - професор на Економскиот факултет - Скопје и поранешен гувернер на Народна Банка на Република Македонија.
- Илија Илоски - поранешен директор на Царинска управа на Република Македонија, пратеник во Македонското Собрание, директор во Комерцијална банка а.д.Скопје
- Русе Поптодоров - духовник и револуционер
[уреди] Култура и спорт
- ФК Илинден (Велмеј) - освоен куп на регион 2006, прво место во регионот.
[уреди] Наводи
- ↑ Охрид и охридско низ историјата (книга втора), Институт за национална историја-Скопје, Скопје, 1987, стр. 28-30.
- ↑ Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 161-162.
- ↑ Васил Канчов, Македонија. Етнографија и статистика, Бугарско книжевно друштво, Софија, 1900, стр. 253 (В. Кѫнчовъ, Македония. Етнография и статистика, Българското книжовно дружество, София, 1900).
- ↑ Д.М.Бранков, Македонија и нејзиното христијанско население, Либрери Плон, Париз, 1905, стр. 162-163 (D.M. Brancoff, La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Librairie Plon, Paris, 1905, рp. 162-163).
- ↑ Викторија Поповска-Коробар, Митре Велјаноски и Милан Ракочевиќ, Света Богородица Пречиста - Ќелија, Скенпоинт, Скопје, 2009, стр. 14-22.
- ↑ Охрид и охридско низ историјата (книга прва), стр. 299.
- ↑ Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 157.
- ↑ Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 223-227.
- ↑ Охрид и охридско низ историјата (книга прва), Институт за национална историја-Скопје, Скопје, 1985, стр. 28.
- ↑ Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 82-94.
- ↑ Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 56.
- ↑ Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 46.
- ↑ Државен завод за статистика, Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2002, книга X, стр. 20
- ↑ Д.М.Бранков, Македонија и нејзиното христијанско население, Либрери Плон, Париз, 1905, стр. 162-163 (D.M. Brancoff, La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Librairie Plon, Paris, 1905, рp. 162-163).
- ↑ Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 281.
- ↑ Викторија Поповска-Коробар, Митре Велјаноски и Милан Ракочевиќ, Света Богородица Пречиста - Ќелија, Скенпоинт, Скопје, 2009, стр. 22-24.
- ↑ Гоце Ангелични – Жура, Христијански храмови и свети места во Охридско, Охрид, 2007.
[уреди] Надворешни врски
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Велмеј“ |