Вегетаријанство
Вегетаријанство е посебен начин на исхрана кој го исклучува јадењето на месо (вклучувајќи го дивечот, рибата и морските плодови[1]). Постојат неколку видови на вегетаријанство, а во некои од исхраната се исклучуваат јајцата како и некои производи кои се добиваат од животните, на пример млечните производи и медот. Со својот познат слоган „месото е убиство” (англиски „meat is murder“), вегетаријанците сакаат да нагласат дека за нивната исхрана не е потребно да се убиваат животните.
Содржина |
Историја [уреди]
Според тврдењето на некои научници, нашите човеколики претци цели 24 милиони години живееле како вегетаријанци, сè до леденото доба, кога човекот за да преживее почнал да јаде и животни. Според Библијата, Адам и Ева во Рајот јаделе само овошје.
Веродостојните извори велат дека вегетаријанството како начин на исхрана датира од пред неколку илјади години во Индија, каде и останало вообичаен начин на исхрана, најнапред како спиритуална пракса, позната како ахимса (ненасилство). Во Европа, грчкиот философ Питагора, кој живеел кон крајот на 6 век п.н.е. бил поборник на вегетаријанството. Во Питагорејските школи не се јадело месо од убиени животни, а целта била да се создадат универзални закони според кои не би смееле да се убиваат живи суштества, ниту да се јаде нивното месо.
Во средниот век во Европа честото и секојдневно јадење на месо било симбол за богатство и моќ. Сепак, постоеле многу христијански редови кои не практикувале јадење на месо, меѓу кои спаѓаат и Богомилите.
Во 17 и 18 век, посебно во Велика Британија, за вегетаријанството почнува да се зборува како за исхрана која нуди „здраво тело и здрав дух“. Во 1847 година, овој начин на исхрана го добива своето име „вегетаријанство“ од латинскиот збор vegetus што значи - жив. Таа година, на состанок во англискиот приморски град Рамсгејт е основано Вегетаријанското друштво (Vegetarian Society), кое постои и денес. Во 1880-те години, во Англија постоеле 52 вегетаријански ресторани. Денес вегетаријанството добива сè повеќе приврзаници, а за тоа помагаат и продавниците за здрава храна кои се отвораат ширум светот.
Видови вегетаријанци [уреди]
Постојат повеќе видови вегетаријанци:
- Вегани - строго растителна исхрана (житарици, мешунки, овошје и зеленчук). Целосно ги исфрлаат производите од животинско потекло, па дури и медот.
- Лактовегетаријанци - покрај растителните продукти, јадат и млеко и млечни производи.
- Ововегетаријанци - покрај растителните продукти, јадат и јајца.
- Оволактовегетаријанци - покрај растителните продукти, јадат и јајца, млеко и млечни производи.
- Полувегетаријанци - покрај вегетаријанската исхрана јадат и бело пилешко месо, како и риба, но не јадат црвено месо.
- Песковегетаријанци - покрај растителните продукти, јадат и риба. Кај нас овој начин на исхрана е познат како посна иахрана.
- Пресна храна - јадат само сирови продукти, најчесто од растително потекло (овошје, зеленчук, ореви, семки, студено цедено масло за јадење, мед и житарки) Сметаат дека со готвењето на продуктите се губи големо количество од витамините, а се создаваат штетни канцерогени материи. Подготвуваат леб кој се „пече“ на сонце.
- Здрава храна - макробиотичарите спаѓаат овде, кои јадат храна базирана на цели зрна од житариците. Јадат само органски произведени продукти, без пестициди и без вештачко ѓубриво. Избегнуваат рафиниран шеќер, рафинирано масло и бело пченично брашно.
- Фрутаријанци - јадат само овошје.
- Радикални фрутаријанци - јадат само овошни плодови кои сами паднале на земја.
Наводи [уреди]
- ↑ „вегетаријанство“, Лексикон на Набу (македонски)