Вардарски Рид

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Вардарски рид)
Вардарски Рид
Поглед на форумот
МестоГевгелија
ОбластДолно Повардарие
Историја
Градителдинастија Аргеади
Белешки за наоѓалиштето
Порталvardarskirid.org.mk

Вардарски Ридархеолошко наоѓалиште во средишниот дел на Долното Повардарие или Амфакситида, како што се нарекувал овој регион во антиката. Амфакситида го зафаќа појасот долж двете страни на реката Вардар, од Демир Капија до морето или до висина на античката македонска престолнина Пела, до каде што во минатото навлегувал тесен залив на Егејското Море.

Истражувања[уреди | уреди извор]

Првите археолошки наоди од Гевгелиско претставуваат поедини бронзени форми накит од VII и VI век пр. н.е. од наоѓалиштата Раул и Рид (најверојатно Вардарски Рид). Овие наоди, најверојатно прилози од растурени гробови, во 1917 г. Рафаел Попов ги прибрал и ги пренел во Софија каде и денес се чуваат во Археолошкиот музеј.

Во 1979 година беа вршени сондирања од страна на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј, Скопје додека во 1984 г. сондирања од Народниот музеј од Гевгелија. Систематките истражувања на Вардарски Рид започнаа во 1995 г. и во континуитет траа до денес, под раководство на Д-р Драги Митревски. Истражувањата во првите години беа вршени во рамки на заедничкиот проект на Музејот на Македонија, Скопје и Тексашката фондација за археолошки истражувања од Хјустон. Истражувањата беа концентрирани на два сектори, Сектор “Јужна Тераса” и Сектор „Акропола“ Во текот на тие почетни истражувачки кампањи беа преземани и поедини контролни сондирања на неколку различни места на наоѓалиштето. Од 1998 до 2000 година истражувањата беа продолжени на истите сектори, но во рамки на нов научно - истражувачкиот проект, на Филозофскиот факултет, Скопје и Музејот на Македонија, Скопје. Од 2001 година истражувањата се концентрирани на нов пункт - во Секторот „Источна Тераса“. Истражувањата во овој сектор беа наложени од резултатите на т.н. заштитни археолошки ископувања изведени во 1999 година, со кои беше овозможено отсекување на целата североисточна периферија на наоѓалиштето во служба на изградба на новиот автопат за Р. Грција. Истражувањата во Секторот „Источна Тераса“ сè уште траат. Во последните три години се изведуваат како научно - наставен проект на Филозофскиот факултет, Скопје, со сите погодности за практикување теренска настава - археолошки практикум, за студенти по Археологија.

Друг поглед на форумот

Топографија[уреди | уреди извор]

Наоѓалиштето го сочинуваат два карпести рида, повисокиот и пострмен западен (Рид 1) и понискиот и поблаг источен рид (Рид 2), споени со заедничко благо седло, отворено од едната страна кон коритото на Вардар, а од другата кон ниските терени спрема денешна Гевгелија. Со ваквата позиција и морфолошките особености, Вардарски Рид бил единственото погодно место за населбинско живеење низ вековите на протоисторијата и раната антика. Така, на целата негова површина биле таложени остатоци од живеење или погребување од разлоични периоди, со што е создаден еден од најкомплексните археолошки наоѓалишта со сложена стратиграфија, разновидни и разновремени културни остатоци.

Историја[уреди | уреди извор]

До доцниот V век пр. н.е., областа Амфакситида претставувала одделно кнежевство во коешто античките Македонци се издвоиле како посебен етнос. Оваа долномакедонска област ја сочинувале повеќе градови, меѓу кои се издвојуваат Идоменае, Гортинија и Аталанта. Според архитектурата, урбанизмот, културата и уметноста, тие претставувале економски мошне развиени градови.

Еден од овие градови, за кој повеќето археолози тврдат дека е градот Гортинија, се наоѓа на наоѓалиштето Вардарски Рид. Станува збор за повеќеслојна населба и некропола од кои може да се согледа генезата на неговиот севкупен развиток во еден континуитет.

Објекти[уреди | уреди извор]

На неговиот јужен дел утврдени се остатоци од тврдина, ѕидови од бројни објекти, меѓу кои доминантно место заземаат остатоците од еден јавен монументален објект од V век пр. н.е., ѕидан од масивни камени блокови. Овој дел од градот се наоѓал еден мал трговски центар од III - II век пр. н.е. Археолошките наоди укажуваат на постоење на добро опремени работилници за метал, керамика и текстил, како и други објекти со најразлична намена (магацини, дуќани). Откриен е и дел од палата, како и мало куќно светилиште со подвижни наоди. Откопаните градби и нивниот распоред укажуваат на град со неправилен урбанистички план.

Наоди[уреди | уреди извор]

Меѓу многубројните подвижни наоди откриени на ова место, особено е интересен и значаен нумизматичкиот фонд. Него го сочинуваат откриените монети на сите македонски владетели, меѓу кои најбројни се сребрените тетрадрахми, а од посебно значење се монетите на Александар I и монета на пајонското племе Орески (крајот на VI - V век пр. н.е.), што претставуваат исклучително ретки наоди.

Од керамичките наоди најзастапени се теракотните претстави на одделни божества, разни антропоморфни и зооморфни фигури, како и други предмети од керамика, сите од домашно производство. Откриените малубројни примероци на увезена керамика датираат од V до VI век пр. н.е. Од металните подвижни наоди, најкарактеристично е оружјето, потоа накитот и алатите, големиот број клучеви, кујнски прибор и др.

Вардарски Рид е централниот простор во гевгелиско, на кој континуирано се живеело во текот на повеќе од 1000 години, од крајот на бронзеното време (XIII век пред н.е.) до доаѓањето на Римјаните (II век пред н.е.). Низ шест последователни населби, почнувајќи од мала праисториска населба на Ридот 1, во текот на V век и IV век пред н.е. израснал старомакедонскиот град Гортинија, град посведочен во историските извори како еден од центрите на Античка Македонија. По преќин на населбата, повеќе од 1000 години во полниот среден век (XI век - XIII век пред н.е.), секторот некропола повторно се користел за погребување на населението од Вардарски Рид. Откриените наоди од шесте истражувани сектори претставуваат остатоци од старомакедонскиот град кој постоел од V-I век пред н.е, а во секторот „Некропола“ се погребувањата од најстарата-првична населба од средновековен хоризонт.

Акропола[уреди | уреди извор]

Најстарото регистрирано живеење на Акрополата датира од раниот IV век п.н.е. Според монетите на Аминта III. Централниот комплекс на Акрополата е дел од големата градежна активност забележана и во другите истражувани сектори, која се случила во времето на Филип V кога градот на Вардарски Рид го доживува својот голем просперитет. Трагите од силен пожар, регистрирани од повеќето објекти од наведениот хоризонт на живеење, би го поврзале со римските освојувања во времето на Филиповиот наследник Персеј. По овие настани постоечките објекти се обновени со извесни прегради, доградби и зајакнувања, нови подни нивоа и нови покриви. Истовремено е обновен бедемот и изградена е кулата. Двете градежни фази, освен стратиграфијата се потврдени со нумизматичниот материјал откриен на подовите во комплексот.

Покрај монетите на погоре наведените македонски кралеви, во голем број се присутни и оние од автономните ковани во кованици на Амфиполис, Пела, Парореја, Тесалоника, а најмлади нумизматички материјали претставуваат римските републикански монети. По оваа обнова, Централниот комплекс егзистира до I век п.н.е. кога замира животот во градот, освен на источната тераса каде продолжува и во I век од нашата ера по што е напуштен. Највисокиот дел од ридот 2 претставува централен и најекспониран дел од наоѓалиштата. Градбите откриени во Централниот дел на Акрополата всушност претставуваат низа од простории со различни белези и инвентар што упатува на различна намена. Сите тие биле тесно поврзани меѓусебе во единствени и мошне комплексна архитектонска средина. Коплексот бил во употреба речиси за време на целиот развиток на последната, шеста населба во текот на III век и II век пред Христа.

Овде се пронајдени остатоци од различни градби од типот на простории за мелење житарици, простории за складирање на житото и храната, просторија за култни потреби како и влезни порти и ходници кои воделе до останатите наменски простории. Сите наоди откриени во Акрополата (монети, керамика, теракоти) укажуваат на тоа дека објектите припаѓаат на хеленистичкиот период од III век и II век п.н.е.

Внатрешен бедем[уреди | уреди извор]

Внатрешниот бедем е откриен долж северниот раб на Акрополата. Истражен е во должина од 30 метри, заедно со една правоаголна кула, која се наоѓа на нај истурената северна точка на Акрополата. Бедемот на места е зачуван во висина од над 1 метар од надворешната страна и на ниво на одење од внатешната страна. Кулата била висока 2 метри со димезни 6x3,40. Таа давала јасен видик на поголемиот дел од градот и околината со реката Вардар. Бедемот ја заградувал Акрополата од северната, но и од западната страна. Тој и кулата не само што имале заштитна функција туку и улога да ја нагласат доминантната позиција и значењето на Акрополата во однос на останатите делови од градот, можеби како средиште на градската управа.

Меѓу бројните наоди на фрагментирани ќерамички садови (особено релјефно калапени чаши со најразновидни мотиви, рачки од амфори со печати на мајстори и други) интересен е пронајдокот на керамичка ѕидна апликација со релјефна претстава на грифон (митско животно со глава и крилја на орел, а тело на лав). Акропола во буквално значење е град на рид.

Стоа[уреди | уреди извор]

Централната и најмонументална градба во досегашната фаза на истраженост на Вардарски Рид е секако објектот кој врз основа на архитектонски-градежните белези и движните наоди го идентификувавме како Стоа. Остатоците од овој објект датираат уште од V век и IV век пред Христа. Тој има основа во форма на латинската буква “L” со димензии: 48 × 13. Стоата била поделена надолжно во две парии, северна и јужна. Во северната биле распоредени 4 простории, додека јужната била отворена. Доказите за периодот во која била изградена оваа градба ги добиваме и од повеќето монети на Филип II, Александар III и Касандар.

Во четирите простории се откриени железни и бронзени елементи од врата ( шајки, клучалки, нитни и сл ), железни сечила, ножеви, камен острач, керамички садови, неколку хитри, ихтии, плитки чинии, кантароси, медицински садови, монети и слично. Стоата на Вардарски Рид во секој случај претставува еден солиден пример на македонска стоа од раноантичко време, која го дава најсилниот израз на раниот градски карактер на населбата.

Куќата на колекционерот[уреди | уреди извор]

По многу нешта еден од најинтересните објекти отриени на Вардарски Рид е градбата наречена Куќата на Колекционерот, откриена во секторот на Источна тераса во 2002 година. По своите архитектонски белези таа претставува еден од најубавите примери на станбена градба од предримско време, додека според инвентарот е далеку најбогата и најпровокативна целина. Отаму произлегува и карактерот на оваа градба, како и нејзиното значење во научна и културна смисла. Од една страна, таа била вообичаена куќа за живеење со сите неопходни одделенија и содржина, со убава позиција во градот и нешто подобро опремена од останатите. Од друга страна, богатството, карактерот и распоредот на движните наоди зборуваат за специфичен објект, во кој меѓу другото, се колектирале и грижливо чувале предмети со посебни естетски вредности, и тоа од различни временски периоди.

Во посебни околности, откриени се значително постари предмети од самата градба, а пак таа врз основа на монетните наоди датира од II век п.н.е. Куќата на колекционерот има 6 соби од кои првите три го сочинувале резиденцијалниот или станбен дел, останатите економскиот дел или складиштето на материјали. Двата дела немааат директна комуникација па биле поврзни со надворешен трем. Така меѓу другото, на тој простор се откриени специфични огништа во форма на јами со тврдо запечатени страни и силни остатоци од горење во внатрешноста, во кои, најверојатно се подготвувала жарта за кујнските потреби и греењето на куќата.

Дека се работи за куќа во која живеел колекционер докажуваа повеќето артефактни пронадоци од типот на мали приврзоци во форма на птица и срна, сет за вино, монистри, украсувани коски, чаши со елјефна декорација, теракотни фигури, приврзок-мане острач кој најверојатно бил ископан од некој гроб бидејќи во тоа време претставувал неизбежен тоалетен реквизит во машките гробови. Сепак најзначајниот наод во оваа куќа е мермената скулптура на Афродита со скршеница на левата подлактица. Според стилските особености може да датира уште од IV век и претставува врвно уметничко остварување за што несомнено бил свесен и самиот колекционер. Посебна категорија на наоди во Куќата на колкционерот претставуваа монетите. Вкупно се пронајдени 24 примероци , главно од автономните градови Амфиполи и Тесалоника и од кралевите Филип V и Персеј. Се претпоставува дека животот во оваа куќа а воедно и на Вардарски Рид замрел некаде околу I век пред Христа. Сиромаштвото на наоди од таа фаза укажува дека повеќе не било достигнато економското ниво и културните остварувања неопходни за живеење.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]