Бренштед-Лориева теорија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Во хемијата, Бренштед-Лориевата теорија е една од теориите кои определуваат што е киселина, а што база. Таа е дадена независно од страна на научниците Јоханес Николаус Бренштед и Томас Мартин Лори во 1923 година. Според оваа теорија, киселина претставува секоја хемиска единка (молекула или јон) која е способна да губи или дава (донира) протон (односно водороден јон), додека база е хемиска единка која може да собира или прифаќа протон. Според ова, следува дека за едно соединение кое се однесува како киселина, оддавајќи притоа протон, мора да постои база која ќе го прифати тој протон. Така, Бренштед-Лориевиот концепт може да се претстави со равенката:

киселина + база is in equilibrium with конјугирана база + конјугирана киселина.

Конјугирана база е јонот или молекулата која останува откако киселината оддала протон, додека конјугирана киселина е хемиската единка создадена кога базата прифатила протон. Оваа реакција може да продолжи понатаму или да е повратна; во секој случај киселината оддава протон на базата.

Примери[уреди]

Оцетната киселина, слаба киселина, донира протон на водата во рамнотежна реакција при што се добива ацетатен јон и хидрониум јон.

Водата е амфотерна и може да се однесува и како киселина, и како база. Во реакција меѓу оцетна киселина (CH3CO2H) и вода (H2O), водата се однесува како база:

CH3CO2H + H2O is in equilibrium with CH3CO2- + H3O+

Ацетатниот јон, CH3CO2-, е конјугираната база на оцетната киселина, додека хидрониум јонот, H3O+, е конјугираната киселина на базата - вода.

Водата се однесува како киселина и кога реагира со амонијак. Равенката за оваа реакција е:

H2O + NH3 is in equilibrium with OH- + NH4+

каде H2O донира протон на NH3. Хидроксидниот јон е конјугирана база на водата, која се однесува како киселина.