Брезов свиркач

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Брезов свиркач
Пеење , Повик 
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Фамилија: Phylloscopidae
Род: Phylloscopus
Вид: Брезов свиркач
Биномен назив
Phylloscopus trochilus
(Linnaeus, 1758)
Подвидови
  • P. t. trochilus (Linnaeus, 1758)
  • P. t. acredula (Linnaeus, 1758)
  • P. t. yakutensis (Ticehurst, 1935)
Жолто: размножување (само лето)
Сино: зимување
Светлосино: миграција.

Брезовиот свиркач (науч. Phylloscopus trochilus) е вообичаено и широкораспространето грмушарче што се размножува низ северна и умерена Европа, од Ирска до источен Сибир. Го има и во Македонија. Таа е исклучиво птица преселница чија популација речиси целосно зимува под Сахара, во Африка.[2][3]

Тоа е птица на отворени шумски предели со дрвја и покриена земја за гнездење, вклучувајќи ги најважно брезите, евлите и врбите. Гнездото обично го градат близу земјата, често во ниската вегетација. Како и повеќето грмушарчиња, и овој се храни со инсекти.[3]

Опис[уреди]

Брезовиот свиркач е типично грмушарче, долго 11 - 12.5 см и тешко 7 - 15 грама. Одозгора е зеленкавокафеаво, а одоздола жолтеникавобело. Младенчињата се пожолти одоздола од возрасните. Многу е слично на еловиот свиркач, но птицата што не пее може да ја разликуваме по светлорозовикавожолтите нозе, за разлика од темнокафеавите или црни кај еловиот, подолгиот и посветол клун, поелегантната форма и подолгите примарни пердуви на крилјата. Песната му е едноставен повторувачки опаѓачки свиреж, додека повикот за контакт е двосложно ху-ит, за разлика од едносложното хвит кај еловиот свиркач.[2][3][4][5]

Подвидови[уреди]

Има три подвида, кои се разликуваат во степенот на зелена и жолта боја на пердувите од запад кон исток, со птиците во централниот дел кои имаат покафеавкави тонови, а источните подоминантно зелени:[2]

  • Phylloscopus trochilus trochilus (Linnaeus, 1758); се размножуваат во Европа, од Пиринеите до Алпите, со исклучок на Скандинавија, зимуваат во западна Африка;
  • Phylloscopus trochilus acredula (Linnaeus, 1758); се размножуваат во северна Скандинавија, на исток до западен Сибир, зимуваат во централна Африка;
  • Phylloscopus trochilus yakutensis (Ticehurst, 1935); се размножуваат во источен Сибир, зимуваат во источна и јужна Африка.

Однесување[уреди]

Сите птици од овој вид се преселници, а подвидот P. t. yakutensis патува над 12.000 км од Сибир до јужна Африка, што е еден од најдолгите патишта за птица со таа големина.[2][4]

WillowWarbler.jpg

Живеалиштето на брезовиот свиркач се младите, отворени, џбунести шуми, со мали дрвја, вклучувајќи ги и плантажите со насади стари 10-20 години. Особено ги претпочита брезите, евлите и врбите, со многу лишаи, во близина на вода, како и грмушки од капини кои ги користи за криење на гнездото. Користи и млади и отворени зимзелени шуми.[4][6]

Размножување[уреди]

Сексуалната зрелост ја достигнуваат на едногодишна возраст. Сезоната на парење трае од мај до јули. Гнездото, изградено од мов и тревки, со покрив, е добро скриено во грмушки или трева. Женката одеднаш несе 4-7 јајца кои ги инкубира две недели. По испилувањето, младенчињата остануваат во гнездото уште две недели. Животниот век на оваа птица може да достигне 12 години.

Статус[уреди]

Најбројна популација од овој вид има во Скандинавија, каде е најчеста птица, со над 1.100 пара на км².[2] Во Европа има околу 56.000.000-100.000.000 пара, или 168.000.000-300.000.000 поединци, што е 25-49% од глобалната популација. Многу приближна бројка на вкупната светска популација би била 343.000.000-1.200.000.000 поединци. И иако популацијата е во благо опаѓање, поради широката распространетост и големиот број птици, според Црвениот список на МСЗП, класифициран е како вид со најмала загриженост. [7]

Наводи[уреди]

  1. BirdLife International (2012). Phylloscopus trochilus. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106007701. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Hoyo, J. del, et al., eds. (2006). „Handbook of the Birds of the World, vol. 11“. Barcelona: Lynx Edicions. стр. 649. ISBN 84-87334-22-9. 
  3. 3,0 3,1 3,2 Baker, Kevin (1997). „Warblers of Europe, Asia and North Africa (Helm Identification Guides)“. стр. 256–259. ISBN 0-7136-3971-7. 
  4. 4,0 4,1 4,2 Snow, D. W.; & Perrins, C. M. (1998). „Птиците на западен палеарктик“ (Concise Edition издание). Oxford: Oxford University Press. ISBN 0-19-854099-X. 
  5. Возраст и пол (PDF) од Javier Blasco-Zumeta
  6. RSPB Woodland Management For Birds – Willow Warbler
  7. BirdLife International 2012. Phylloscopus trochilus. In: IUCN 2013. IUCN Red List of Threatened Species. Version 2013.1. <www.iucnredlist.org>. Downloaded on 13 September 2013.

Надворешни врски[уреди]