Блатна еја

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Блатна еја
Мажјак (напред), младенче (зад него) и женка (во позадина)
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Ред: Соколовидни (вид. во текстот)
Фамилија: Јастреби
Род: Circus
Вид: Блатна еја
Биномен назив
Circus aeruginosus
(Linnaeus, 1758)
Темнозелено: постојан жител
Светлозелено: размножување
Сино: презимување

Блатната еја или блатен жабар (науч. Circus aeruginosus) е голема граблива птица од родот еи (Circus) во фамилијата на јастребите која е распространета од умерена и суптропскa западнa Евроазија до Африка. Ја има и во Македонија. Блатната еја има два подвида, преселничкиот тип C. a. aeruginosus кој е распространет низ целиот опсег, и C. a. harterti кој е постојан жител на северозападна Африка.

Опис[уреди]

Возрасна женка, која презимува во Индија

Блатната еја е долга 43-54 см, има распон на крилјата од 115 до 130 см и тежина од 400 до 650 гр. кај мажјаците и 500-800 гр. кај женките. Тоа е голема, гломазна птица, со прилично широки крилја, и има изразен и чуден полов диморфизам. Перјето на мажјакот е претежно црвеникавокафено со светли жолтеникави ленти, кои се особено истакнати на градите. Главата и рамењата се претежно бледи сивкастожолти. Секундарните и терцијарните пердуви за летање на крилјата се чисто сива боја како контраст на кафените горни делови на крилјата ицрните рабови. Горната и долната страна на крилото се слични, иако е посветлокафено одозгора. Гледан и од горе и од долу, кога лета мажјакот е тробоен: кафено-сиво-црн. Нозете, стапалата, очите и врвот на црниот клун му се жолти. Женката, пак, е речиси целата чоколаднокафена. На врвот од главата, на грлото и рамењата има впечатливо светложолта боја која може да биде јасно ограничена и многу контрастна или избледена кога перјето е ветво и пред митарење, и да личи на мажјакот. Но, во подрачјето кај очите, женките се секогаш потемни, давајќи им така на светлите очи уште поголема изразност. Младенчињата се слични на женките, но обично имаат помалку жолто, особено на рамењата.

Распространетост и живеалиште[уреди]

Мажјак
Мажјак во лет
Женка во лов

Овој вид има широко распространета територија на размножување, од Европа и северозападна Африка до Централна Азија и северните делови на Среден Исток. Се размножува во речиси сите држави на Европа, освен во планинските предели на субарктичка Скандинавија. Редок е, но е во пораст во Велика Британија каде достигнува источно до Шкотска[2]. На Средниот Исток има популации во Турција, Ирак и Иран, додека во Централна Азија достигнува до севрозападна Кина, Монголија и до Бајкалско Езеро во регионот на Сибир.

Повеќето популации од блатната еја се преселнички. Некои птици зимуваат во поблагите региони на јужна и западна Европа, додека други мигрираат во Африка или Арабија. Постојаните жители на подвидот harterti, ги населуваат Мароко, Алжир и Тунис. Скитниците достигнуваат до Исланд, Азорски Острови, Малезија и Суматра.

Како и другите блатни птици, и оваа е силно поврзана со влажни средини богати со трски. Исто така, се населува во различни други отворени простори, како што се обработливите земјишта и ливадите, особено ако граничнат со мочуриште. Овие птици се територијални во сезоната на парење, па дури и во зима се чини се помалку социјални од другите слични видови, кои често се собираат во големи јата.

Лови во типична позиција, во низок лет над отворената земја, со крилјата собрани во V форма и често со испружени (обесени) нозе.

Исхрана[уреди]

Блатната еја се храни со мали цицачи, мали птици, инсекти, влекачи и жаби.[3] [4]

Размножување[уреди]

Сезоната на парење варира од средината на март до почетокот на мај. Мажјакот често се спарува со две, а повремено и со три женки. Ваквите врски обично траат една сезоната на парење, но некои парови остануваат заедно и по неколку години.

Гнездото го сместуваат на земја, а го прават од стапчиња, трски и трева. Скриено е во полиња од трска или на други места со висока трева. Најчесто, женката снесува 3-8 овални, бели со синозелена нијанса, јајца. Јајцата се инкубираат 31-38 дена, а младенчињата се здобиваат со перје по 35-40 дена.

Статус[уреди]

Од XIX до крајот на XX век популацијата на блатната еја се намалувала заради лов, уништување на природното живеалиште и употреба на пестициди. Сега е заштитен вид во многу земји и бројот му се зголемува. На пример, во Велика Британија во 1971 година останала само една женка, а денес има над 200 пара од овој вид. И денес му се закануваат разни предизвици, вклучувајќи го ловот, особено при миграцијата над Медитеранот. Но, сепак, видот е добро опоравен и сега се смета за најмалку загрозен.[1].

Наводи[уреди]

  • American Ornithologists' Union (AOU) (2000): Forty-second supplement to the American Ornithologists' Union Check-list of North American Birds. Auk 117(3): 847–858. DOI: 10.1642/0004-8038(2000)117[0847:FSSTTA]2.0.CO;2 PDF fulltext
  • Banks, Richard C.; Cicero, Carla; Dunn, Jon L.; Kratter, Andrew W.; Rasmussen, Pamela C.; Remsen, J.V. Jr.; Rising, James D. & Stotz, Douglas F. (2005): Forty-sixth supplement to the American Ornithologists' Union Check-list of North American Birds. Auk 122(3): 1026–1031. DOI: 10.1642/0004-8038(2005)122[1026:FSTTAO]2.0.CO;2 PDF fulltext
  • Clarke, R.; Prakash, V.; Clark, W.S.; Ramesh, N. & Scott, D. (1998): World record count of roosting harriers Circus in Blackbuck National Park, Velavadar, Gujarat, north-west India. Forktail 14: 70-71. PDF fulltext
  • Merkord, Christopher L.; Rodríguez, Rafy & Faaborg, John (2006): Second and third records of Western Marsh-Harrier (Circus aeruginosus) for the Western Hemisphere in Puerto Rico. Journal of Caribbean Ornithology 19(1): 42-44. PDF fulltext
  • Verma, Ashok (2002): A large roost of Eurasian Marsh Harriers Circus aeruginosus at Keoladeo National Park, Bharatpur, India. Forktail 18: 150-151. PDF fulltext

Литература[уреди]

  • Clarke, Roger (1995): The Marsh Harrier. Hamlyn, London.
  • Forsman, Dick (1999): The Raptors of Europe and The Middle East: a Handbook of Field Identification. T & A D Poyser, London.
  • Snow, David W. & Perrins, Christopher M. (eds.) (1998): The Birds of the Western Palearctic (Concise ed., Vol. 1). Oxford University Press. ISBN 0-19-854099-X

Надворешни врски[уреди]