Битка кај Ватерло

Од Википедија — слободната енциклопедија
Битка кај Ватерло
Дел од Војната на Седмата коалиција

„Велингтон кај Ватерло“ од Роберт Александар Хилингфорд.
Датум 18 јуни 1815
Место Ватерло, денешен Валонски Брабат, јужно од Брисел
Исход Убедлива победа за Коалицијата
Завојувани страни
Франција Француско Царство Седма коалиција:
Обединето Кралство Обединето Кралство
 Кралство Прусија
Холандија Обединети Ниски Земји
Провинција Хановер Хановер
Насау
Брауншвајг
Команданти и водачи
Франција Наполеон I Обединето Кралство Војвода од Велингтон
Кралство Прусија Гебхард фон Блихер
Сила
72.000[1] 118,000
(англо-сојузници: 68.000[1]
Прусијци: 50.000[2])
Жртви и загуби
25.000 мртви и ранети
8.000 заробени
15.000 исчезнати[3]
22.000 мртви и ранети[4]

Битка кај Ватерло — последната и одлучувачка битка од Наполеоновите војни, со што престанала француската доминација на Европскиот континент и придонела за драстични промени во политичките граници и рамнотежата во политичката моќ. Водена на 18 јуни 1815, близу Ватерло 50°40′45″N 4°24′25″E / 50.67917° СГШ; 4.40694° ИГД / 50.67917; 4.40694, сега во Белгија, битката претставува голем момент на пресврт во модерната историја.

Кога Наполеон по вторпат седнал на престолот на Франција, по бегството од островот Елба, здружените сили на Британија, Обединети Ниски Земји, Хановер, Насау, Брауншвајг и Прусија, близу белгиското село Ватерло, го поразиле Наполеон и ставиле крај на неговите амбиции за освојување на цела Европа. На 22 јуни 1815, Наполеон потпишал капитулација и до крајот на својот живот останал во прогонство на островот Св. Елена во јужниот дел на Атлантскиот Океан.

Позадина на битката[уреди | уреди извор]

По издигањето на Франција на позиција водач во Европа од 1804 до 1813, Наполеон бил поразен во 1814 година од страна на коалицијата на моќните сили, предводени од Прусија, Британија и Австрија. Наполеон тогаш бил заробен и протеран на островот Елба, а Луј XVIII бил назначен за крал на Франција. Во септември 1814 година, на Конгресот во Виена, делегати од повеќето нации во Европа се собрале да дискутираат за проблемите околу поразот на Франција. На 26 февруари 1815 година, додека конгресот бил во тек, Наполеон побегнал од Елба и се вратил во Франција. Таму, многу ветерани од неговата поранешна војска, застанале зад него и на 20 март 1815 година тој повторно седнал на престолот. Учесниците на конгресот во Виена, растревожени од враќањето на Наполеон, бргу реагирале на кризата. На 17 март, Австрија, Велика Британија, Прусија и Русија се согласиле да соберат 150.000 војници за напад, поставени во Белгија, близу француската граница. Поголемиот дел од другите нации, присутни на конгресот, исто така, предложиле да дадат воена сила за нападот врз Франција, кој требало да почне на 1 јули 1815 година.

Мобилизација и стратегија[уреди | уреди извор]

Наполеон
Наполеон

Во Париз, Наполеон дознавајќи за планот за напад, бргу одлучил да ги нападне сојузниците на нивна територија, пред да се формира нивната војска. Со карактеристична енергија и одлучност, за два месеца, тој мобилизирал 360.000 обучени војници. Половината од оваа војска ја оставил во Франција како обезбедување, а останатите ги групирал во нападни единици. На 14 јуни 1815 година, Наполеон, движејќки се со полна брзина и потполна дискреција, ја достигнал француско-белгиската граница со 124.000 војници, додека 56.000 војници биле оставени во позадина, како поддршка. Од другата страна на белгиската граница биле две одделни сојузнички војски: поголемата војска од 116.000 Пруси и Саксонци, предводени од прускиот маршал Гебхарт Леберхарт вон Блихер, била поставена кај Намир, а одделни делови од Блихеровата војска била стационирана западно од градовите Гили и Черлерој. Војска од 93.000 Британци, Данци и Германци била поставена кај Брисел, со позадина во селото Кварте-Бра. Водачот на оваа армија, британскиот маршал Артур Велсли, прв Војвода од Велингтон, бил командант на сојузничките сили. Наполеон планирал да ги нападне двете војски со идеја да ги раздели и да ги уништи, а потоа да се спогоди со Русите и Австријците. За да го изведе овој план, тој ја поделил својата војска во две нападни крила и стратешка резерва, која се сочинувала од доверливи ветерани, позната како „Стара Гарда”.
На 15 јуни 1815, Наполеон ја преминал белгиската граница и ги изненадил сојузниците. По минувањето на реката Самбра, Французите ги забележале Прусите, кои напредувале накај Черлерој. Тогаш, Наполеон му наредил на своето лево крило, под команда на маршалот Мичел Неј, да ја нападне бригадата на Велингтоновата коњаница кај Катр-Бра, 19 км северно од Челерој, а десното крило, под команда на генералот Емануел де Гручи, да се придвижи источно против пруската бригада стационирана во градот Гили. Доцна попладне, на 15 јуни, Гручи ја исполнил својата мисија и пристигнал до точката близу селото Флерус, каде биле концентрирани корпуси од Блихеровите војници. Со паѓањето на ноќта, на првиот ден од битката, Наполеоновата војска ја одржувала предноста. Императорот успеал да ја постави војската помеѓу елементите на војските на Велингтон и Блихер, а неговата централна сила била на позиција да ги нападне или лево англо-данската војска или десно пруската војска. На 16 јуни, Наполеон се придвижил кон неговите резерви од Челерој кон Флерус и лесно го победил прускиот корпус. Тогаш, отишол северно до Лињи за да го пресретне Блихер, кој со својата војска се утврдил западно од Намир, надевајќи се дека ќе ги пресретне Французите.

Лињи и Катр-Бра[уреди | уреди извор]

Во акцијата кај Лињи, стратегијата на Наполеон била да координира напад на Блихер, заедно со офанзива на Неј кај Катр-Бра. Резервините сили тогаш би можеле да заобиколат од исток или запад и да помогнат на двата фронта како што ќе диктираат околностите; ако сѐ оди како што треба, резервата конечно би марширала северозападно, да се придружи на Неј кај Катр-Бра и да напреднат кон Брисел за да ги разделат двете противнички војски.

Рано попладнето, на 16 јуни, Наполеон го слушнал звукот на артилеријата на Неј кај Катр-Бра. Тогаш повел војска од 71.000 војници во акција против 83.000 војници на Блихер. По еден час изедначено крвопролевање, Наполеон испратил ургентна порака до маршалот Неј, наредувајќи му да ја прати неговата Прва полковија, сила што се состоела од 30.000 луѓе, на фронтот кај Лињи. Курирот на Наполеон, наместо да ја испрати пораката во штабот на Неј, ја однел директно на генералот Жан-Батист Дерлон, командирот на Првата полковија. Дерлон веднаш заминал кон Лињи. Кога Неј подоцна разбрал за заминувањето на Дерлон, испратил порака со наредба да се вратат назад трупите во Катр-Бра. Пораката била примена кога Дерлон штотуку стигнал до фронтот на Лињи. Повторно Дерлон ги послушал наредбите, со тоа што тој и неговата војска не учествувале во ниту една од двете битки. Наполеон и покрај ова, успеал да го победи Блихер по крвопролевачка акција која траела три часа. При зајдисонце, Прусите се повлекле, оставајќи 12.000 војници мртви или повредени. Сепак, заради неуспехот на Дерлон да влезе во битката, поголемиот дел од војската на Блихер, околу 70.000 војници, успеале да се повлечат во добар ред.

Во меѓувреме, кај Катр-Бра, Неј чекал неколку часа да го почне својот напад на англо-холандските позиции, а ова оддолжување придонело Велингтон да го зацврсти Катр-Бра со неколку дивизии пешадија и коњаница. Неј конечно нападнал во 14 часот, но бил остро одбиен. Повторливите напади со голем број на војници врз англо-холандските позиции се покажале како неуспешни; за време на попладнето, Неј бил сериозно оштетен од отсуството на силите на Дерлон. Околу 19 часот, Њелингтон извршил противнапад и го принудил Неј да се полече назад до гратчето Фрасне, неколку километриц јужно од Катр-Бра. Неј изгубил 4.300 војници, а Велингтон 4.700. Дерлон, сепак успеал да му се приклучи на Неј кај Фрасне во 21 часот.

Мон-Сен-Жен[уреди | уреди извор]

Рано изутрината на 17 јуни, курир на Блихер стигнал до Велингтон кај Катр-Бра и го информирал за поразот на Прусите кај Лињи. Велингтон сфатил дека Наполеон го победил со маневри, испратил одговор кон Блихер, со предлог да заобиколат од северозапад и да се придружат на англо-холандската војска, јужно од градот Ватерло. Неколку часа подоцна, Велингтон заминал од Катр-Бра без пречки, оставајќи една коњаничка бригада за да го измами маршалот Неј.

Кај Лињи, истото утро, Наполеон наредил Груши да земе 30.000 војници и да изврши потера по војската на Блихер која се повлекувала. Наполеон тогаш испратил порака кон Неј кај Фрасне, наредувајќи му веднаш да го нападне Велингтон. Неј, кој не бил свесен за повлекувањето на Велингтон, не успеал да ги исполни наредбите. Наполеон пристигнал во Фрасне попладнето, презел контрола врз силите на Неј, и тргнал во потера по Велингтон. Таа вечер, Наполеон ја забележал англо-холандската војска стационирана на една мала висорамнина, јужно од Мон-Сен-Жан. И двете страни почнале подготовка за борба. Во меѓувреме, Груши не успеал да ја пронајде пруската војска. Утрото на 18 јуни, француската и англо-холандската војска биле во борбeна позиција. Англо-холандските сили, стационирани кон југ, биле составени од 67.000 војници со 156 топови, а Велингтон добил гаранција од Блихер дека засилување составено од 74.000 војници ќе пристигне тој ден.

Стратегијата на Велингтон била да пружи отпор на Наполеон, сè додека не пристигне засилувањето на Блихер, да го нападне десното крило на императорот со многу војници и да ја прегази целата француска линија. Војската на Наполеон, стационирана кон север, се состоела од 74.000 војници со 246 топови. Борбениот план на императорот бил да го освои селото Мон-Сен-Жан и со тоа да го пресече евентуалното повлекување на англо-холандската војска кон Брисел. Војската на Велингтон тогаш би била поразена.

Тек на битката[уреди | уреди извор]

Битката започнала во 11:30 изутрината со заобиколување на Наполеон на десното крило на Велингтон. Овој маневар, кој се покажал као неуспешен, бил проследен со бомбардирање од 80 француски топови, со намера да се ослабне центарот на сојузниците. Околу 13 часот, Наполеон забележал елементи од војската на Блихер, пристигнувајќи од исток. Повторно, императорот испратил порака до Груши, информирајќи го за ситуацијата и наредувајќи му да преземе контрола врз Прусите.

Во меѓувреме, жестоки пешадиски и коњанички битки се воделе на самиот срт од висорамнината, јужно од Мон-Сен-Жан, при што главните сили на Велингтон биле засолнети. Во сите прилики, француските напади биле жестоко одбивани. Околу 16 часот, дополнителните сили на Блихер, кој чекале поволен момент, влегле во битката и ги принудиле Французите да се повлечат околу 0.8 км. Противнапад ги повратил француските линии и ги притиснал Прусите назад околу 1.6 км, кон североисток. Кратко по 18 часот, Неј се пробил длабоко до англо-холандскиот центар и сериозно ја загрозил целата борбена линија на Велингтон. Велингтон, сепак, се спротивставил и Неј бил одбиен назад.

Наполеон тогаш извршил очајничка дефанзива, во кој ги вклучил сите пет баталјони од неговата Стара Гарда да го нападнат центарот на сојузниците. Пешадијата на сојузниците, во формација на празни квадрати, нанеле тешки загуби на французите, уништувајќи ја офанзивата. Иако Наполеон ги регрупирал скршените сили и пак напднал, ситуацијата на французите станала безнадежна. Околу 20 часот, Прусите, кои зазеле позиција лево од линијата на Велингтон, минале директно низ десното крило на Наполеон, фрлајќи голем дел од трупите на Наполеон во паника. Само една успешно изведена акција на неколку баталјони од старата гарда овозможиле императорот да побегне. Велингтон и Блихер се договориле да тргнат по потера на војската на Наполеон која се повлекувала. За врее на ноќта на 18 јуни, Прусите ги прогониле Французите преку реката Самбра.

Жртви[уреди | уреди извор]

Битката кај Ватерло е една од најкрвавите битки во модерната историја. За време на борбата на 18 јуни, Французите изгубиле 40.000 луѓе, британските и холандските загуби биле околу 15.000, а Прусите изгубиле околу 7.000 војници. Во еден момент, на борбеното поле на територија од 8 квадратни километри имало околу 45.000 мртви тела. Дополнителни се загубите настанати во трите дена кои претстоеле на главната битка.

Последици[уреди | уреди извор]

Наполеон ја потпишал својата втора абдикација на 22 јуни; на 28 јуни кралот Луј XVIII бил вратен на францускиот престол, со што завршиле т.н. „Сто дена“; британските власти го прифатиле предавањето на поранешниот император на 15 јули; подоцна, тој бил протеран на островот Света Елена. Поразот на Наполеон бил толку голем, што Ватерло останало како синоним за огромен пораз. Во неговите мемоари за Битката кај Ватерло, Наполеон сериозно ги критикувал генералот Груши, за неговиот неуспех да ги пресретне Прусите по нивниот пораз кај Лињи, како и маршалот Неј за неговиот неуспех да го разбие центарот на Велингтон на 17 јуни и со тоа да го спречи нивното повлекување кај Катр-Бра. Друга грешка на Неј била отповикувањето на војската на Дерлон, која ќе му овозможела на Наполеон потполно да ја уништи војската на Блихер.

Ватерло како тема во уметноста и во популарната култура[уреди | уреди извор]

  • „Ватерло“ (Waterloo) - песна на шведската поп-група „АББА“ (ABBA) од 1974 година.[5]
  • „Зајдисонце кај Ватерло“ (Waterloo Sunset) - песна на британската група „Кинкс“ (The Kinks).[6]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Hofschröer, стр. 72–73[да се провери]
  2. Chesney 1907, стр. 4.
  3. Barbero 2005, стр. 420.
  4. Barbero 2005, стр. 419.
    Велингтонова војска: 3.500 мртви; 10.200 ранети; 3.300 исчезнати.
    Блихерова војска: 1.200 мртви; 4.400 ранети; 1.400 исчезнати.
  5. YouTube, Abba - Waterloo (пристапено на 12.1.2017)
  6. YouTube, The Kinks - Waterloo Sunset (Official Audio) (пристапено на 12.1.2017)