Бел свиркач

Од Википедија — слободната енциклопедија
Бел свиркач
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Бекасови
Семејство: Мочварки
Род: Пескарки
Вид: Бел свиркач
Научен назив
Calidris alba
Палас, 1764
Распространетост. Црната линија ја означува јужната граница.

Бел свиркач или трипрста пескарка (науч. Calidris alba, syn. Crocethia alba[2] или Erolia alba) — мала крајбрежна птица од семејството на мочварките (науч. Scolopacidae), родот на пескарките (науч. Calidris). Го има и во Македонија.

Распространетост[уреди | уреди извор]

Живее и се размножува во арктичките предели. Птица преселница е – на долги релации, зимувајќи во јужниот дел на Јужна Америка, јужна Европа, Африка и Австралија. Зимно време формира големи јата.

Опис[уреди | уреди извор]

Белиот свиркач е мала птица, со должина 18-21 см, и тежина од 40 до 100 грама, а забележлив е заради неговите светли пердуви. Горната страна е светлосива или сива, а долната страна е бела. Има црни рабови на крилјата. Исто така, имаат црн клун и нозе, со три прста, задните пети недостасуваат. Во лет, имаат сребрено-сива боја. Летно време горниот дел добива шарена кафеава боја, која се протега низ главата и на градниот кош. Младенчињата се пошарени, црно-бели и имаат повеќе контраст од возрасните.

Поведение[уреди | уреди извор]

Бели свиркачи на брегот од морето во Сан Франциско

Белите свиркачи се размножуваат на север, во арктичките делови на светот. Сите се селат и летаат од 3 до 10.000 км за презимување. Стигаат доцна во март, а заминуваат рано, при крајот на август.[3] Се огласуваат со кротки звуци како плит, тик, тивик.

Размножување[уреди | уреди извор]

Гнездата ги прават во крајбрежните тундри на 5 °C во јули, на посуви каменести делови од 60 до 800 мнв. Белиот свиркач агресивно ја брани својата територија. Овие птици може да бидат моногамни или полиандрични (една женка и два мажјака).[3] Несат 3-4 јајца маслинаво зелени со кафени шарки. Се случува да имаат и по две гнезда. Крај гнездото се хранат со инсекти и растенија.

Исхрана[уреди | уреди извор]

Белиот свиркач се храни со безрбетници, ракчиња и црвчиња кои се кријат во горниот дел од песокот на брегот. Брановите им помагаат полесно да дојдат до својот плен исфрлувајќи ги на површина.[4] За овие птици важи Договорот за заштита на африканско-евроазиските миграторни водни птици.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BirdLife International (2012). Calidris alba. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. Kirwan et al. (2008) The Bird of Turkey spell this alternative genus Crocerthia
  3. 3,0 3,1 Macwhirter, Bruce; Peter Austin-Smith, Jr. and Donald Kroodsma (2002). „Sanderling (Calidris alba)“. The Birds of North America Online. Ithaca: Cornell Lab of Ornithology. doi:10.2173/bna.653. Посетено на 29 April 2009.
  4. Schultz, Stewart T. The Northwest Coast: A Natural History. (1990) Timber Press, Inc. Portland, Oregon. p129-130

Надворешни врски[уреди | уреди извор]