Банка на Русија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Банката на Русија (руски: Банк России) е централна банка на Руската федерација, надлежна за водење на монетарната политика и за супервизија на рускиот банкарски систем.

Историјат[уреди]

Банката на Русија била основана на 13 јули 1990 година, врз основа на Руската републичка банка на Државната банка на СССР. Одговорна пред Врховниот Совет на Руската Советска Федеративна Социјалистичка Република (РСФСР), таа првобитно била наречена Државна банка на РСФСР. На 2 декември 1990 година, Врховниот Совет на РСФСР го донесол Законот за Централната банка на РСФСР (Банка на Русија), која ја прогласил Банката на Русија за правно лице и главна банка на РСФСР, одговорна пред Врховниот Совет на РСФСР. Законот ги прецизирал функциите на банката во организирањето на паричниот промет, монетарно регулирање, странската економска активност и регулирањето на активностите на акционерските и кооперативните банки. Во јуни 1991 година бил одобрен Статутот на Централната банка на РСФСР (Банка на Русија).

Во ноември 1991 година, кога била основана Заедницата на независни држави, а структурите на СССР биле распуштени, Врховниот Совет на РСФСР ја прогласил Централната банка на РСФСР за единствениот орган на државната монетарната и девизната регулатива во РСФСР. Функциите на Државната банка на СССР во издавањето пари и поставувањето на девизниот курс биле префрлени во неа. На Централната банка на РСФСР ѝ било наложено да преземе целосна контрола врз средствата, техничките средства и другите ресурси на Државната банка на СССР и на сите нејзини институции, претпријатија и организации, пред 1 јануари 1992 година.

На 20 декември 1991 година, Државната банка на СССР била распуштена и сите нејзини средствата, обврски и имот во РСФСР биле префрлени на Централната банка на РСФСР (Банка на Русија), која неколку месеци подоцна била преименувана во Централна Банка на Руската Федерација (Банка на Русија).

Во 1991-1992 се создала широка мрежа на комерцијални банки во Руската Федерација под контрола на Централната банка на Русија, која ги насочувала филијалите на комерцијалните банки. Распуштањето на Државната банка на СССР било проследено со промени во сметковниот план, воспоставување (мрежа) центри за благајничко готовинско порамнување, како и нивно опремување со компјутерска технологија. Централната банка започнала да купува и продава [девизи]] на девизниот пазар кој таа го основала. Исто така, таа го одредувала и објавувала дневниот девизен курс на странските валути во однос на рубљата.

Во декември 1992 година, како резултат на воспоставувањето на единствениот централизиран федерален трезорски систем, Банката на Русија престанала да обезбедува парични услуги (cash services) за федералниот буџет.

Банката на Русија ги врши своите функции, кои беа утврдени со Уставот на Руската Федерација (член 75) и Законот за "Централната банка на Руската Федерација (Банка на Русија)" (член 22), независно од сојузната власт, регионалната власт и локалните владини структури. Во периодот 1992-1995 година, за да се одржи стабилноста на банкарскиот систем, централната банка на Русија воспоставила систем на надзор и инспекција на комерцијалните банки и систем за регулирање на девизниот курс. Како агент на Министерството за финансии, Централната банка го организирала пазарот со државни хартии од вредност, познат како GKO пазар, и почнала да учествува во него.

Во 1995 година, Банката на Русија престанала со одобрувањето на кредити за финансирање на федералниот буџетски дефицит, како и централизираните кредити за одделни сектори во економијата. За да ги избегне последиците од финансиска криза во 1998 година, Банката на Русија презела одредени мерки за преструктурирање на банкарскиот систем, со цел да се подобри ефикасноста на комерцијалните банки, како и зголемување на нивната ликвидност. Несолвентните банки биле отстранети од пазарот, со користење на постапките утврдени со соодветниот закон. Од голема важност за посткризното закрепнување на банкарскиот сектор било создавањето на Агенцијата за преструктурирање на кредитни институции (АРКО) и Меѓуагенцискиот координативен совет за развој на банкарскиот сектор во Русија (МКС). Благодарение на ефективните мерки спроведени од страна на Банката на Русија, АРКО и МКС, до средината на 2001 година, банкарскиот сектор во Русија бил при крај на надминувањето на последиците од кризата.

Функции на Банката на Русија[уреди]

Монетарната политика на Банката на Русија е конструирана да одржува финансиска стабилност и да создава погодни услови за одржлив економски раст. Банката на Русија веднаш реагира на каква било промена на реалната побарувачка за пари и презема чекори за стимулирање на позитивна економска динамика, ги намалува каматните стапки, ги ублажува инфлациските очекувања и ја намалува стапката на инфлација. Како резултат на тоа, рубљата зајакнала и финансиската стабилност на пазарите се зголемила. Благодарение на добро избалансираната монетарна политика и политиката на девизниот курс, спроведени од страна на Банката на Русија, меѓународните резерви на земјата се зголемиле и немало остри флуктуации во девизниот курс.

Чекорите направени од страна на Банката на Русија во однос на системот на плаќање биле дизајнирани да ја зголемат сигурноста и ефикасноста на финансиска и економска стабилност. Со цел да се направи на рускиот систем на плаќање потранспарентен, Банката на Русија воспоставила извештаи за плаќања на кредитните институции и нивните подрачни единици. Во воведувањето на овие извештаи бле земени предвид меѓународното искуство, методологија и практиката на надзор над платните системи.

Во 2003 година, Банката на Русија започнала проект со цел да се подобри банкарската супервизија и прудентните известувања преку воведувањето на меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ). Проектот предвидувал спроведување на низа мерки, вклучително и мерки за да се потврди веродостојноста на сметководствените извештаи на кредитните институции. Исто така, со овој проект се барало од кредитните институции да ја зголемат содржината на информации во извештаите и нивно почесто објавување, како и воведување на сметководствени и ревизорски стандарди кои се усогласени со меѓународните стандарди и практика.

Постоеле некои проблеми на кои Банката на Русија посветувала посебно внимание. Еден од нив бил специфичниот ризик, поврзан со цените на одредени финансиски средства и состојбата со цените на недвижнините, кои започнале да заземаат поголема улога во руската економија. Практиката на поголемо позајмување од страна на одредени финансиски субјекти довела до зголемен ризик концентриран во одредени банки, принудувајќи ја Банката на Русија да ги надгради своите методи за регулација и надзор на банките. Фиктивните капитализации на банките претставувале уште една причина за загриженост за Банката на Русија. За да се спречи користењето на разни видови на шеми наменети за вештачко преценување или потценување на задолжителните резерви, Банката на Русија во 2004 година, издала голем број на прописи, вклучувајќи ја и регулативата за "Постапка за креирање на резерви за потенцијалните загуби од кредити на кредитните институции", и "Упатство за задолжителни резерви на банките."

Како што се зголемувал бројот на кредитни институции, хипотекарните заеми на јавноста се зголемија, и во 2003 година, Банката на Русија издала декрет "За спроведување на еднократно истражување на хипотекарното кредитирање", со што започнала постапката за собирање и презентирање на податоци за хипотекарни (станбени) кредити, дадени од страна на кредитните институции. Со донесувањето на федералниот законот за "хипотекарни хартии од вредност", кредитните институции кои ги исполнувале условите за заштита на интересите на инвеститорите добиле законска можност да ги рефинансираат своите побарувања од хипотекарните кредити, со издавање на хипотекарни хартии од вредност. Во согласност со федералниот закон за "Централната банка на Руската Федерација (банка на Русија)" и федералниот закон за "Хипотекарни хартии од вредност", Банката на Русија издала упатство за задолжителните резерви на кредитните институции кои издаваат обврзници поддржани со хипотеки. Со ова упатство се извршило прецизирање на големината, начинот и методологијата на пресметување на основните задолжителни резерви како и други дополнителни резерви, за кредитните институции кои издаваат хипотекарни обврзници.

Во декември 2003 година, бил донесен федералниот закон за "Осигурување на лични банкарски депозити во Руската Федерација". Со овој закон била предвидена правна, финансиска и организациска рамка за задолжителното осигурување на личните депозии во банките, а исто така и овластувањата, начинот и работењето на институцииите кои го спроведуваат задолжителното осигурување на личните депозити и процедурата за исплата.

Во април 2004 година, руската влада и Банката на Русија усвоиле стратегија за развој на банкарскиот сектор за периодот до 2008 година, документ кој ги поставил како главна цел развојот, подобрувањето, стабилноста и ефикасноста на банкарскиот сектор, на среден рок (2005-2008).


Основни цели за развој на банкарскиот сектор[уреди]

  • Зголемување на заштитата на интересите на штедачите и другите доверители на банките.
  • Подобрување на ефикасноста на активностите на банките во акумулирањето на депозити од домаќинствата и претпријатијата и нивната трансформација во заеми.
  • Подобрување на конкурентноста на руските банки.
  • Спречување на употребата на кредитните институции во нечесни трговски и други нелегални активности, особено во финансирање на тероризмот и перењето пари;
  • Унапредување и развој на конкурентноста и транспарентноста на кредитните институции.
  • Градење доверба на инвеститорите, кредиторите и депонентите во банкарскиот сектор.


Реформата во банкарскиот сектор требало да ѝ помогне на Русија во спроведувањето на среднорочната стратегија за социјален и економски развој (2005-2008), особено во нејзината цел да ја диверзифицира руската економија која, во најголем дел, се темели на извоз на суровини. Во наредната фаза (2009-2015), руската влада и Банката на Русија си поставиле за цел ефикасно позиционирање на рускиот банкарски сектор на меѓународниот финансиски пазар.

Гувернери на Централната банка на Руската Федерација[уреди]

  1. Г.Г. Матјухин (1990-1992)
  2. В.В. Герашченко (1992-1994;1998-2002)
  3. Т.В. Парамонова (1994-1995)
  4. А.А. Хандруев (08.11.1995-22.11.1995)
  5. С.К. Дубинин (1995-1998)
  6. С.М. Игнатиев (2002 - )

Наводи[уреди]


Надворешни врски[уреди]