Банкарски систем на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Банкарски систем на Македонија — збир од финансиски институции и правни прописи (регулатива) преку кои се извршуваат и уредуваат банкарските активности во Македонија. Банкарскиот систем претставува дел од целокупниот финансиски систем на Македонија. Него го сочинуваат Народна банка на Република Македонија, комерцијалните банки, штедилниците и Фондот за осигурување депозити, како и законите и подзаконските акти од областа на банкарството.

Историски развој на банкарството во Македонија[уреди | уреди извор]

Развојот на банкарството во Македонија до Првата светска војна[уреди | уреди извор]

Досегашните сознанија за развојот на банкарството на територијата на Македонија датираат од античко време. Во времето на владеењето на Филип Втори (359-336 г.п.н.е) во Македонија бил установен солиден паричен систем и била воведена златна македонска монета - стартер, која и според својата материјална и според својата функционална вредност се смета за една од повредните монети од тоа време.

Со доѓањето на Римјаните на територијата на Македонија, одделни градови во Македонија имале право да коваат пари. Стоби, како главен град на една провинција бил еден од попознатите македонски градови со своја ковачница каде биле ковани монети од 12 римски императори. Друга поважна одлика од овој период е и давањето заеми со заложување на недвижности и скапоцености. Како најголем заемодавец се јавува црквата.

Третата поважна одлика е и развојот на лихварството, особено во градовите во Македонија, кое посебен замав добива за време на турското владеење. Феудалните односи во Македонија за време на турското владеење во сферата на банкарството го носеле печатот на спецификите во верската традиција. Имено, според учењето на исламот, за муслиманите се смета недостојно да се занимаваат со банкарски (посебно лихварски) работи. Затоа овие работи биле препуштени да ги вршат луѓе од други вероисповести. Во Македонија најмногу со банкарски работи се занимавале евреите, кои помасовно почнале да доаѓаат од западноевропските земји, како резултат на прогонувањето оттаму. Во тоа време во повеќе градови во Македонија се формирале еврејски општини. Преку трговијата, особено преку организирањето панаѓури во поголемите градови, успеало да навлезе паричното стопанисување.

Реформата на финансискиот и паричниот систем што е направена во Tурција во 1856 година претставува пресвртница во развојот на банкарството. За населението од Македонија се овозможува да се занимава со трговски работи. Како резултат на тие покрупни финансиски реформи, доаѓа и до формирање на првите банки, во вистинска смисла на зборот.

Првата банка во Отоманското Царство - Цариградската банка е основана во 1847 година под раководство на банкари од Франција и Италија, а нејзиното основање е во врска со тешката финансиска положба на империјата. Во 1856 година била основана и Цариградската отоманска банка, со седиште во Лондон и одделение во Цариград. Подоцна таа добила статус на емисиона централна банка на Турција. Исто така Цариградската отоманска банка станала официјална државна банка не само во однос на внатрешните финансии, туку и како официјален претставник на турската држава во финансиските односи со странство. Цриградската отоманска банка отворила филијали во Солун, во Скопје, Битола, Сер и Кавала.

Во 1988 година турската влада ја основала земјоделската Зиратна банка со седиште во Цариград. Зиратната банка одобрувала кредити само на земјоделците. Во 1903 година, Зиратната банка на територијата на Македонија отворила филијала во Солун, Битола и во Скопје и уште 24 испостави во останатите места, кои функционирале до 1912 година.

Во 1888 година се формирала Солунската банка со капитал од банки од Франција, Австрија и од Солунската фирма на браќата Алатини. Оваа банка подоцна отвора филијали во повеќе гсрадови во Македонија. По Младо-турската револуција, кога, покрај од другите земји, филијали на банки од Србија се отвораат најнапред во Солун, а потоа и во Скопје. По втората половина на XIX век, на територијата на Македонија, покрај постоењето на странски банки, или нивни филијали почнале да се јавуваат и домашни банки.

Попознати банкари од македонско потекло биле:

Повеќето од овие трговско-банкарски куќи имале силен авторитет. Тие одржувале деловни врски не само со банки на територијата на Отоманското Царство, туку и со банки од западноевропските земји.

При крајот на XIX и во почетокот на XX век за основање на банка било потребно, покрај поголем паричен капитал и одобрение од турската влада, домашните трговци и занаетчии својот скромен капитал почнале да го здружуваат и да формираат кредитни институции кои според својата организациона форма биле нешто меѓу заемно помагателна каса и акционерско друштво. Такво било, на пример кредитното здружение Љубов основано во Скопје од трговци и занаетчии кои се занимавале со преработка и продажба на памук.

Многу позната е кредитната установа Грозд основана како вистинско акционерско друштво од страна наскопските меанџии, која се занимавала со давање на хипотекарникредити и со есконтни работи. За нејзината јачина и бонитет зборува фактот дека и било дозволено да врши peecконтирање на вредносни хартии кај Отоманската банка. Bo тоа време (првата деценија од овој век) речиси секој еснаф имал основано парична институција која се занимавала со штедно-кредитни и есконтни работи. Така, на пример, кредитната институција на бакалите се нарекувала Напредок, на шивчите Терзии, на земјоделците Рало и слично.

Во 1911 година, во Скопје било основано акционерското друштво Соединение кое извршувало депозитни, кредитни и комисиони работи. Вредно е да се одбележи и улогата на Македонската револуционерна организација во уредувањето на финансиските и банкарските работи во Македонија, која се јавува како заштитник на населението од преголема експлоатација што ја вршеле лихварите и банкарите кои наплатувале лихва дури и 100% од дадениот заем. Населението било советувано да не дава повеќе од 20%, а доколку некој лихвар бара повеќе се инсистирало да се известат четите за да преземат соодветни мерки.

За време на Илинденското востание бил распишан доброволен заем од страна на привремената влада. Зачуваните документи што се наоѓаат во Музејот во Крушево имаат голема историска вредност. На расписката на обврзницата е напишано: сумата ќе биде вратена по ослободувањето од страна на признателната татковина.

Ќе споменеме уште два документа кои имаат историска вредност, a се поврзани со финансиите и банкарството. Првиот е Уставот изработен од Извршниот комитет на Македонската лига веднаш по Берлинскиот конгрес, каде во член 69 пишува:

за регулирање на паричните трансакции во Солун се основа Народна банка како државна институција без право на акционерство која има свои филијали по окружните центри на државата. Народната банка, со оглед на статусот на Македонија во рамките на Отоманското Царство, по пат на спогодба со Цариградската банка ќе ги регулира капиталните фондови во согласност со државните потреби на Автономна држава Македонија.

Балканските војни, посебно Втората, претставуваат црна точка во историјата на македонскиот народ. Ако со Првата балканска војна се симна јаремот од петвековното турско ропство, со Втората на Македонија и се наметна ново ропство. Етничкиот и економскиот ентитет на Македонија насилно се раздели на три дела и тоа предизвика ненадоместливи загуби на национален, политички и економски план.

Од овој момент ќе зборуваме за развојот на банкарството само на оној дел од Македонија што денеска ја опфаќа територијата на Република Македонија. Co потпаѓањето на овој дел од Македонија под ново ропство престанале да постојат филијалите на две турски банки во Скопје и Битола. Филијалите на Отоманската банка ги презема една француско-српска банка која отворила свои подружници во овие градови. Активата на Зиратната банка, исто така, ја презела Србија, која подоцна била приклучена кон Управата на фондовите. Притоа, во Скопје и Битола, биле отворени филијали на Народната банка на Кралството Србија. Во овие два града биле формирани и две банки - Скопска трговска банка и Битолска банка, како акционерски друштва.

Поделбата на Македонија на три дела и приклучувањето кон три држави влијаеше многу негативно врз развојот на банкарството, поточно доведе до негово замирање и уназадување, додека целосна Македонија како една целина под Османлиското Царство со својата географска положба, како крстосница, беше погодна за развојот на трговијата, a со тоа и на банкарството. Co поделбата, сите три дела станаа периферии на државите кон кои се приклучија. На тој начин замре трговијата, воопшто стопанскиот живот, a со тоа и банкарството.

Банките во Македонија меѓу двете светски војни[уреди | уреди извор]

Вардарскиот дел од Македонија кој беше приклучен кон Кралството на СХС, стана најнеразвиениот дел во државата. Во рамките на Кралството на СХС постоеја државни, полудржавни и приватни банки.

Народната банка на Кралството на СХС, како централна банка, имала своја филијала најпрво во Скопје, а потоа и во Битола. Филијалата во Скопје главно се занимавала со менично кредитирање, со доделување ломбардни кредити во износ од 60% од задолжените државни вредносни хартии, со доделување кредити по жиро-сметки, како и со краткорочно кредитирање на државата.

Во поглед на сопственоста, Народната банка на Кралството на СХС на почетокот била акционерска, подоцна се зголемувал влогот на државата, за на крај, во 1941 година да биде целосно национализирана.

Втора по значење банка била Државната хипотекарна банка која имала своја филијала во Скопје и агенција во Битола. Оваа банка имала јавно-правен карактер. Основни извори на средства биле јавните фондови и другите фондови кои своите средства ги имале депонирано кај оваа банка. Таа одобрувала хипотекарни, ломбардни и есконтни кредити.

Друга поголема финансиска институција од јавно-правен карактер што работела на територијата на Македонија била Филијалата на Поштенската штедилница од Белград.

За населението било особено привлечно да штеди во Поштенската штедилница од повеќе причини:

  • за штедните влогови гарантирала државата;
  • штедните влогови кај Поштенската штедилница биле ослободени од данок, или се плаќало данок но по многу ниска стапка;
  • било дозволено и малолетни лица да отворат штедни книшки; и слични бенефиции.

Најголемиот број приватни банки на територијата на Македонија меѓу двете светски војни биле формирани во периодот од 1918 до 1923 година. Од околу 23 приватни банки на теритотријата на Македеонија, како позначајни што може да се издвојат се:

Банкарскиот систем во Македонија меѓу двете светски војни се одликува и со постоење на задружeни кредитни установи. На територијата на Македонија задружeните аграрни кредитни установи ја немале улогата за унапредување на земјоделството, како во другите делови од Југославија, туку целите им биле политички, да го олеснат колонизирањето на Македонија со српско население, со цел да се измени етничкиот состав на населението.

Во периодот на фашистичка окупација (1941-1944 година) на денешната територија на Република Македонија, фашистичките окупатори го укинале динарот како законско средство за плаќање и го вовеле бугарскиот лев, односно албанскиот лек. Бугарија во градовите на Македонија што ги држела под окупација отворила филијали на Бугарската народна банка. Биле отворени филијали и на Бугарската земјоделска и кооперативна банка кои биле познати како „популарни банки“. Исто така, во поголемите градови на Македонија биле отворени и други банки, како што се, на пример, Германско-бугарската банка во Скопје, Банката на бугарскиот кредит во Битола и Скопје и Бугарската пестовна банка во Скопје.

Додека на територијата окупирана од Италија, квислиншката влада на Албанија отворила филијали на Албанската народна банка.

Создавање на банкарскиот систем на Македонија[уреди | уреди извор]

Македонија го наследила банкарскиот систем од поранешната СФРЈ, во сопственост на државата и со структура што одговарала на тогашната планска економија. Монетарното осамостојување на Македонија било извршено во согласност со донесувањето на законските акти од областа на монетарната политика и девизната политика на 26 април 1992 година. Со тој чин биле поставени и темелите на банкарскиот систем на Македонија. Сепак, преструктурирањето на македонскиот банкарски систем започнало релативно доцна, дури во 1995 година, преку отпис на старото девизно штедење, побарувањата и обврските во однос на странските кредити и санација на најголемата македонска банка - Стопанска банка - Скопје.[1]

Со конституирањето на НБРМ се воспоставиле услови за развивање на нови односи во областа на банкарскиот систем засновани на следниве начела:

  • изградба на нова сеопфатна регулатива;
  • еднакви услови за основање на банка, без разлика на статусот на основачот, неговото потекло и видот на сопственоста;
  • приспособување на банките кон условите на пазарната економија;
  • сигурност и заштита на штедните влогови.

Основната цел на овие начела била создавање на здрав банкарски систем, како предуслов за враќaње на довербата на граѓаните. Со цел зголемување на конкурентноста помеѓу банките се намалиле пречките за влез во банкарскиот сектор преку поставувањето на полиберална законска регулатива за основање банки. Тоа резултирало со зголемување на бројот на банките, и тоа: од пет на 20 банки, 1 подружница на странска банка и 17 штедилници.[2][3] Трендот на зголемување на бројот на банките и штедилниците, којшто траел до 2001 година, завршил со започнувањето на процесот на окрупнување и консолидација на банкарскиот систем.

Структура на банкарскиот систем на Македонија[уреди | уреди извор]

Банкарскиот систем во Македонија има универзален карактер и го сочинуваат:

Македонската банка за поддршка на развојот е развојна банка која има за цел да го поддржува и стимулира развојот на македонското стопанство во согласност со стратешките политики, цели и приоритети на Македонија. Таа претставува акционерско друштво во кое Република Македонија е единствен акционер.[4]

Фондот за осигурување на депозити има значајна улога за поддршка на банкарскиот систем, зголемување на штедењето и поттикнување на инвестициите. Со гарантирање на депозитите на населението во комерцијалните банки и штедилниците се враќа довербата во банкарскиот сектор по лошите искуства со замрзнатите штедни влогови.

Број на банки и штедилници во Македонија[уреди | уреди извор]

На крајот од 2011 година, банкарскиот систем на Македонија го сочинувале 17 банки и осум штедилници. Споредбено, со претходните години, бројот на банките постојано се намалувал поради нивната консолидација, т.е. спојувањето на помалите банки за да го издржат притисокот наметнат од големите банки. Банкарскиот сектор во 2012 година го сочинувале 16 банки и седум штедилници. Во 2016 година, бројот на банките се намалил на 15, а активни останале само три штедилници. На крајот на 2016 година, банкарскито систем на Македонија го сочинувале следниве банки: Комерцијална банка А.Д. Скопје, Стопанска банка А.Д. Скопје, НЛБ Тутунска банка А.Д. Скопје, Македонска банка за поддршка на развојот А.Д. Скопје, Охридска банка А.Д. Скопје, ПроКредит банка А.Д. Скопје, Стопанска банка А.Д. Битола, ТТК банка А.Д. Скопје, Универзална инвестициона банка А.Д. Скопје, Халк банка А.Д. Скопје, Шпаркасе банка Македонија А.Д. Скопје, Силк Роуд банка А.Д. Скопје, Еуростандард банка А.Д. Скопје, Капитал банка А.Д. Скопје и Централна кооперативна банка А.Д. Скопје. Како штедилници функционирале: ФУЛМ Штедилница д.о.о. - Скопје, Мак – БС Штедилница д.о.о. – Скопје, Можности Штедилница д.о.о – Скопје.

Народна Банка на Република Македонија ги дели банките во Македонија во три групи, мерено според вкупната актива, и тоа: големи, средни и мали. Во 2012 година, одделните групи ги сочинувале следниве банки:

На 31 декември 2013 година, трите групи банки ги сочинувале:[5]

  • големи банки (со актива над 28,4 милијарди денари) - Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и НЛБ Тутунска банка АД Скопје.
  • средни банки (со актива од 7,1 до 28,4 милијарди денари) - Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје, Охридска банка АД Скопје, Прокредит банка АД Скопје, Стопанска банка АД Битола, УНИ банка АД Скопје, Халк банка АД Скопје, Централна кооперативна банка АД Скопје и Шпаркасе банка Македонија АД Скопје.
  • мали банки (со актива под 7,1 милијарди денари) - Алфа банка АД Скопје, Еуростандард банка АД Скопје, Капитал банка АД Скопје, Поштенска банка АД Скопје и ТТК банка АД Скопје.

На крајот од 2014 година, во групата на големите банки (со актива над 30,2 милијарди денари) влегла уште Охридска банка АД Скопје, додека групата на средни банки ја сочинувале осум банки, со актива од 7,5 до 30,2 милијарди денари, а во групата на мали банки останале само три банки. Исто така, била заблежителна и појавата на окрупнување на банкарскиот систем, така што бројот на банките се намалил од 16 во 2013 година на 15 во 2014 година, како последица на спојувањето на Поштенска банка АД Скопје со Еуростандард банка АД Скопје.[5]

Вработеност во банкарскиот систем на Македонија[уреди | уреди извор]

На 31.12.2016 година, вкупниот број на вработени во банкарскиот сектор на Македонија изнесувал 5.985, што претставувало зголемување во однос на 2015 година, кога имало 5.968 вработени во банките.[6] Најголем број на вработени имала Стопанска банка А.Д. Скопје (1.500), што претставувало 25% од вкупниот број на вработени во банкарскиот сектор на Македонија. По неа следеле Комерцијална банка и Охридска банка.[7]

Концентрација на банкарскиот систем[уреди | уреди извор]

Македонскиот банкарски систем, слично како и земјите од Европската унија, се одликува со висока концентрација по повеќе критериуми. Според индексите за мерење на концентрација (Херфиндаловиот индекс и показателот ЦР5) во Македонија постои релативно висока концентрација, што особено доаѓа до израз кај банкарските активности со населението. Така, на крајот на 2014 година, концентрацијата на банкарскиот систем според големината на вкупната актива изнесувала:[8]

  • учеството на групата на големи банки изнесувало 68,3%,
  • средните банки имале учество од 27,9%,
  • учеството на групата мали банки изнесувало 3,8%.

На крајот од 2014 година, трите најголеми банки во Македонија зафаќале речиси две третини од вкупната актива на банкарскиот систем, при што најголемата банка имала учество од 23,2%, додека учеството на најмалата банка изнесувало 0,6% во вкупната актива на банкарскиот систем на Македонија.[9]
Во 2014 година, во вкупните кредити одобрени на нефинансиските субјекти, големите банки учествувале со 71%, средните банки со 25,5% и малите банки со 3,8%. Исто така, концентрацијата била изразена и мерено според учеството во вкупните депозити на нефинансиските субјекти, каде големите банки учествувале со 75,1%, средните банки имале учество од 21,2%, а малите банки имале учество од само 3,7%. Податоците за концентрацијата според капиталот и резервите повторно биле во полза на големите банки, кои имале учество од 65,5%, средните учествувале со 30,5%, а малите банки имале учество од само 4% во вкупниот капитал на банкарскиот систем.[10]

На крајот на 2016 година, концентрацијата на банкарскиот систем останала голема: 74,3% учество на групата големи банки имала учество во вкупната актива од 74,3%, средните банки учествувале со 22%, додека групата мали банки учествувала со 3,7%. Притоа најголемата македонска банка имала пазарно учество од 22,6%, додека учеството на најмалата банка изнесувало 0,7% во вкупната актива на банкарскиот систем на Македонија.[11]

Сопственичка структура на банкарскиот систем[уреди | уреди извор]

Банки во странска и во домашна сопственост[уреди | уреди извор]

На крајот од 2011 година, од вкупно тринаесет банки во претежна странска сопственост, осум биле подружници на странски банки кои учествувале со 60,4% во вкупната актива на банкарскиот систем. Притоа, во јуни 2011 година, странските акционери поседувале дури 73% од вкупниот капитал на банките во Македонија. Од аспект на географското потекло, најголем дел од активата на банкарскиот систем бил концентриран кај банките чии сопственици потекнуваат од земјите-членки на Европската Унија, и тоа: Грција, Бугарија, Словенија, Австрија и Франција. Исто така, како сопственици на македонските банки имало и акционери од Турција и од Швајцарија. На крајот на 2011 година, банките во доминантна сопственост на странски акционери учествувале со:[12]

  • 92,8% од вкупната актива,
  • 95,6% од вкупните кредити,
  • 95,7% од вкупните депозити,
  • 88,2% од вкупните капитал и резерви и,
  • 94,1% од вкупните приходи на банкарскиот систем.

Истовремено, банките во доминантна сопственост на домашни акционери заземале:[12]

  • 4,4% од вкупната актива,
  • 4,4% од вкупните кредити,
  • 4,3% од вкупните депозити,
  • 6,6% од вкупните капитал и резерви и,
  • 4,8% од вкупните приходи на банкарскиот систем.

Во 2014 година, банките во сопственост на странски капитал имале учество од 69,1% во вкупната актива на банкарскито систем (68,3% во 2013), додека нивното учество во вкупниот капитал изнесувал 68,4% (67% во 2013). Во споредба со 2007 година, учеството на странскиот во вкупниот акционерски капитал пораснало за 7,1 процентен бод, најмногу како резултат на влезот на странски стратегиски инвеститори во две домашни банки во 2008 година.[13] Притоа, учеството на странски капитал во вкупниот капитал на банките во Македонија бил скоро издначен во однос на групата на големи, средни и мали банки:[14]

  • Во вкупниот капитал на големите банки, странскиот капитал учествувал со 76,3%
  • Во вкупниот капитал на средните банки, странскиот капитал учествувал со 76,3%
  • И во вкупниот капитал на малите банки, странскиот капитал учествувал со 75,7%

Во 2015 година, банките во сопственост на странски капитал имале учество од 69,1% во вкупната актива на банкарскиот систем.[15] На крајот од 2016 година, 11 банки биле во доминантна странска сопственост од кои шест биле подружници на странски банки. Нивното учество во вкупната актива на банкарскиот систем изнесувало 69,9%, а странските акционери поседувале дури 69,4% од вкупниот капитал на банките во Македонија.[16] На крајот на 2016 година, банките во доминантна сопственост на странски акционери учествувале со:[17]

  • 69,9 % од вкупната актива,
  • 77,5 % од вкупните кредити,
  • 69,7 % од вкупните депозити,
  • 69,4 % од вкупните капитал и резерви и
  • 73,6 % од вкупните приходи на банкарскиот систем.

Од друга страна, банките во доминантна сопственост на домашни акционери заземале:[17]

  • 26,8 % од вкупната актива,
  • 22,5 % од вкупните кредити,
  • 30,3 % од вкупните депозити,
  • 25,6 % од вкупните капитал и резерви и
  • 25,7 % од вкупните приходи на банкарскиот систем.

Банки во државна сопственост[уреди | уреди извор]

Во Македонија постои само една банка во сопственост на државата, а тоа е Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), чие учество во банкарскиот сектор во 2011 година изнесувало:[12]

  • 2,8% од вкупната актива,
  • 0% од вкупните кредити,
  • 0% од вкупните депозити,
  • 5,2% од вкупните капитал и резерви,
  • 1,1% од вкупните приходи на банкарскиот систем.

Во 2016 година, нејзиното учество во македонскиот банкарски сектор изнесувало:[15]

  • 3,3% од вкупната актива,
  • 0% од вкупните кредити,
  • 0% од вкупните депозити,
  • 5% од вкупните капитал и резерви,
  • 0,8% од вкупните приходи на банкарскиот систем.

Активности на банките[уреди | уреди извор]

Банките во Македонија ги извршуваат следниве финансиски активности:

  • 1. Прибирање на депозити и други повратни извори на средства
  • 2. Кредитирање во земјата, вклучувајќи и факторинг и финансирање на комерцијални трансакции
  • 3. Кредитирање во странство, вклучувајќи и факторинг и финансирање на комерцијални трансакции.
  • 4. Издавање и администрирање на платежни средства (парични картички, чекови, патнички чекови, меници).
  • 5. Финансиски лизинг
  • 6. Менувачки работи
  • 7. Платен промет во земјата и странство, вклучувајќи продажба на девизи
  • 8. Брз трансфер на пари
  • 9. Издавање на платежни гаранции, авали и други форми на обезбедување
  • 10. Изнајмување сефови, остава и депо
  • 11. Тргување со инструменти на пазарот на пари (меници, чекови, сертификати за депозити)
  • 12. Тргување со девизни средства, вклучувајќи и тргување со благородни метали
  • 13. Тргување со хартии од вредност
  • 14. Тргување со финансиски деривати
  • 15. Управување со средства и портфолио на хартии од вредност по налог и за сметка на клиенти
  • 16. Купопродажба, гарантирање и пласман на емисија на хартии од вредност
  • 17. Посредување во продажба на полиси за осигурување
  • 18. Посредување при склучување на договори за кредити и заем
  • 19. Обработка и анализа на информации за кредитна способност на правни лица
  • 20. Економско - финанасиски консалтинг
  • 21. Други финансиски услуги утврдени со закон што може да ги врши само банката.

Стапка на финансиско посредување[уреди | уреди извор]

Во 2014 година, вкупните одобрени кредити од страна на банкарскиот систем учествувале со 49,7% во македонскиот БДП, додека учеството на депозитите во БДП изнесувало 56,2%. Најпосле, според третиот показател на финансиско посредување, обемот на вкупната актива на банкарскиот систем изнесувал 78,5% од БДП. Споредено со повеќето од анализираните земји-членки на ЕУ, финансиското посредување во Република Македонија било на пониско ниво, но било на слично ниво во однос на земјите од регионот.[18] Во 2016 година, нивото на финансиско посредување во Македонија изнесувало 73,2% (според односот на активата и БДП); 53,1% (според показателот депозити/БДП) и 46,3% (мерено според показателот кредити/БДП).[19]

Кредитна активност[уреди | уреди извор]

Во 2014 година, кредитите што македонските банки им ги одобриле на нефинансиските субјекти оствариле раст од 22.835 милиони денари и достигнале вкупен износ од 252.967 милиони денари (споредено со 230.132 милиони денари во 2013 година), а годишната стапка на раст на кредитите достигнала 9,9%. Кредитирањето било поизразено кај корпоративниот сектор, чијашто годишна стапка на раст била речиси двојно повисока во однос на стапката на раст остварена во 2013 година.[18]
Гледано по одделни сектори, кредитите на корпоративниот сектор придонеле со 51,1% во кредитниот раст во 2014 година. Годишните стапки на раст на кредитите на корпоративниот сектор изнесувале: 8,6% во 2014, 4,1% во 2013, 4,6% во 2012, 8,7% во 2011, 8,5% во 2010, 4,4% во 2009, 32,8% во 2008 и 30,3% во 2007 година. Годишниот раст на кредитите на домаќинствата изнесувал 11.095 милиони денари (или раст од 12,1% во однос на 2013 година), со придонес во растот на вкупните кредити од 48,6%. Во претходните години, стапките на раст на кредитите одобрени на домаќинствата изнесувале: 10,7% во 2013, 6,8% во 2012, 8,2% во 2011, 5,7% во 2010, 2,6% во 2009, 37,4% во 2008 и 56,2% во 2007 година. Како последица на овие промени, во структурата на вкупните кредити, учеството на кредитите на домаќинствата изнесувало: 40,7% во 2014, 40% во 2013, 38,4% во 2012 и 2011, 38,5% во 2010, 39,2% во 2009, 39,5% во 2008 и 38,6% во 2007 година.[20]

Профил на ризичност на банкарскиот систем[уреди | уреди извор]

Кредитен ризик[уреди | уреди извор]

На крајот на третиот квартал на 2014 година, учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити изнесувал 12,2% и било за 0,4 п.п. повисоко во споредба со септември 2013 година, поради повисоките нефункционални кредити на претпријатијата. Сепак, во периодот 2011-2014, учеството на нефункционалните пласмани било релативно стабилно (во просек 11,3%).[21]

Ризик од несолвентност[уреди | уреди извор]

Во 2014 година, показателите за солвентноста и капитализираноста на банкарскиот систем на Македонија се доближиле до нивоата регистрирани во 2008 година. Стапката на адекватност на капиталот се намалила на 15,7%, во споредба со 16,8% во 2013 и 17,1% во 2012 година, но и натаму била далеку повисока во споредба со законски пропишаниот минимум од 8%. Годишниот раст во 2014 година бил најмал во последните седум години, а сопствените средства, за првпат забележале намалување.[22] Нивото на ризичност на банкарските активности (мерено според соодносот меѓу активата пондерирана за кредитниот ризик и вкупната билансна и вонбилансна изложеност) бил во постојан пад во периодот 2008-2014 година и се спуштил од 66,7% во 2008 на 53% во 2014 година.[23] Во 2016 година, показателите за солвентноста и капитализираноста на банкарскиот систем на Македонија се доближиле до нивоата регистрирани во 2008 година. Стапката на адекватност на капиталот изнесувала 15,2%, што претставувало мало намалување во споредба со 2015 и 2014 година, кога изнесувала 15,5% и 15,7%, соодветно.[24]

Профитабилност[уреди | уреди извор]

Табела бр. 1: Показатели за профитабилноста и ефикасноста на банкарскиот сектор на Македонија, 2013-2014[10]

Показатели 2013 2014
Принос на просечните средства (ROAA) 0,6% 0,8%
Принос на просечниот капитал (ROAE) 5,7% 7,4%
Оперативни трошоци / вкупни редовни приходи 60,6% 55,5%
Некаматни расходи / вкупни редовни приходи 66,6% 61,8%
Трошоци за плати / вкупни редовни приходи 23,3% 22%
Трошоци за плати / оперативни трошоци 38,4% 39,6%
Нето-каматен приход / вкупни редовни приходи 65,9% 67,4%
Нето-каматен приход / некаматни расходи 99% 109,2%
Некаматни приходи / вкупни редовни приходи 40,1% 38,8%
Добивка / вкупни редовни приходи 12,5% 16,2%
Број на вработени 6.048 5.988
Добивка по вработен (во денари) 400.000 500.000
Вкупни приходи по вработен (во денари) 3.100.000 3.200.000
Оперативни трошоци по вработен (во денари) 1.900.000 1.800.000

Во 2014 година дошло до раст на нето каматната маржа, која изнесувала 3,9 процентни бодови, споредено со 3,7 бода во 2013 година. Зголемувањето на нето-каматната маржа најмногу било резултат на пад на пасивните во однос на активните каматни стапки. Анализирано по поединечни банки, од вкупно петнаесет банки, осум банки оствариле повисока нето каматна маржа од просечната на ниво на банкарскиот систем. Исто така, годишното зголемување на нето каматната маржа било одраз на поголемиот годишен раст на нето каматниот приход (за 7,6%) од растот на просечната каматоносна актива (за 1,6%).[18] Остварената добивка на банкарскиот систем на крајот од 2016 година достигнала 6,3 милијарди денари што претставува зголемување од 36,3% споредено со крајот на 2015 година.[25]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Народна банка на Република Македонија
  2. Љупчо Трпески, Банкарство и банкарско работење - прво издание, Скопје, 2009, стр. 257.
  3. Љупчо Трпески, Пари и банкарство, Economy press, Скопје, 2003, стр. 494.
  4. „Македонска банка за поддршка на развојот“. Архивирано од изворникот на 2012-07-17. Посетено на 2012-02-11.
  5. 5,0 5,1 „НБРМ, Преглед по банки (пристапено на 15.6.2015)“. Архивирано од изворникот на 2015-03-23. Посетено на 2015-06-20.
  6. НБРМ, „Извештај за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија за 2016 година“, стр. 14.
  7. НБРМ, „Извештај за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија за 2015 година, стр. 53.
  8. „НБРМ, Податоци и показатели за банкарскиот систем на Република Македонија, Биланс на состојба (пристапено на 15.6.2015)“. Архивирано од изворникот на 2015-03-23. Посетено на 2015-06-20.
  9. НБРМ, Извештај за ризиците во банкарскиот систем на Република Македонија во 2014 година, Скопје: НБРМ, 2014 (пристапено на 15.6.2015)
  10. 10,0 10,1 НБРМ, Извештај за ризиците во банкарскиот систем на Република Македонија во третиот квартал од 2014 година. Скопје: НБРМ, 2014 (пристапено на 13.6.2015)
  11. НБРМ, „Извештај за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија за 2016 година, стр. 16.
  12. 12,0 12,1 12,2 Народна банка на Република Македонија, Квартален извештај, септември, 2011.
  13. НБРМ, Извештај за ризиците во банкарскиот систем на Република Македонија во 2014 година. НБРМ: Скопје, 2014 (пристапено на 20.6.2015)
  14. „НБРМ, Основни показатели за работењето на банките во 2014 (пристапено на 20.6.2015)“. Архивирано од изворникот на 2015-03-23. Посетено на 2015-06-20.
  15. 15,0 15,1 Народна банка на Република Македонија, Извештај за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија во 2016 година. Скопје, 2017, стр. 16.
  16. НБРМ, „Извештај за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија 2016 година“, стр. 16.
  17. 17,0 17,1 НБРМ, „Извештај за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија 2016 година“, стр. 15.
  18. 18,0 18,1 18,2 НБРМ, Извештај за ризиците во банкарскиот систем на Република Македонија во 2014 година. Скопје: НБРМ, 2014 (пристапено на 15.6.2015)
  19. НБРМ, Извештај за банкарскиот систем и банкарската супервизија во Република Македонија во 2016 година, стр. 21.
  20. НБРМ, Извештај за ризиците во банкарскиот систем на Република Македонија во третиот квартал од 2014 година. Скопје: НБРМ, 2014 (пристапено на 15.6.2015)
  21. „Министерство за економија, Национална програма на економски реформи, 2015 (пристапено на 13.6.2015)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-04-09. Посетено на 2015-06-23.
  22. НБРМ, Извештај за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија за 2014 година, Скопје: НБРМ, 2014 (пристапено на 13.6.2015)
  23. НБРМ, Извештај за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија во третиот квартал од 2014 година. Скопје: НБРМ, 2014 (пристапено на 13.6.2015)
  24. НБРМ, Извештај за финансиската стабилност во Република Македонија во 2016 година, стр. 81.
  25. НБРМ, Извештај за финансиската стабилност во Република Македонија во 2016 година, стр. 67.