Балдасаре Лонгена
Балдасаре Лонгена (итал. Baldassare Longhena; 1598 – 18 февруари 1682), бил венецијански архитект од 17 век, еден од најголемите барокни дејци во своето време.
Биографија [уреди]
Лонгена е роден во Венеција, учел кај архитектот Винченцо Скамоци. По смртта на својот учител ги довршил неговите згради за Новите прокурации на плоштадот Сан Марко - величенствен комплекс од домови и канцеларии на венецијанските функционери кои му го даваат денешниот изглед на плоштадот.
Неговото најпознато дело е отмено украсената базилика Санта Марија дела Салуте, започната во 1631 г. како благодарност кон Дева Марија за спасот на Венеција од чума. Оваа двокуполна црква на полуостровот помеѓу Големиот канал и т.н. „Сплавови“ е една од најпознатите знаменитости на градот. Главниот влез на црквата, обликуван по пример на римските триумфални арки, подоцна станал предмет на имитација во неколку последователни катедрали во Венеција и пошироко.
Лонгена проектирал многу други цркви во Венеција, меѓу кои се т.н. Оспедалетска црква и црквата Санта Марија дељи Скалци, изградени помеѓу 1656 и 1680 г., иако фасадата на второспоменатата црква е дело на Џузепе Сарди.
Едно од неговите најголеми дела е катедралата во Киоџа, изведена помеѓу 1624 и 1647 г. Со завршувањето на катедралата, Лонгена проектирал две елегантни палати на Големиот канал во Венеција - Ка' Рецонико и Ка' Пезаро, обете завршени по неговата смрт.
Балдасаре Лонгена умрел во Венеција во 1682 г.
Наводи [уреди]
- Frank, Martina, Baldassare Longhena, (Studi di arte veneta. 8), Венеција 2004
- Andrew Hopkins, Baldassare Longhena, Милано, 2006