Баба Рога

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Баба Јага)
Баба Рога од Виктор Васнецов.

Баба Рога или Баба Јага (руски - Ба́ба-Яга́, украински- Баба Яга, српски - Баба Рога, бугарски - Баба Яга, полски, чешки, словачки - Baba Jaga, хрватски - Baba Roga, словенечки - Jaga Baba) — суштество во словенскиот фолклор, налик на вештерка, која лета наоколу на метла и граба (и јаде) мали деца. Во повеќето словенски приказни, таа е окарактеризирана како антагонист; но, постојат и неколку ретки митски народни приказни каде луѓето ја бараат заради нејзината мудрост и водство на изгубените души.

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Името варира од јазик до јазик - од „Баба Јага“ во чешки, словачки, руски, бугарски и украински, преку варијациите „Јежибаба“ и инверзното „Јага Баба“ (во словенечкиот јазик), до „Баба Рога“, израз што најмногу го користат јужнословенските народи (Хрватска, Босна, Србија и Македонија).

Фолклор[уреди | уреди извор]

Василица Прекрасна и куќата на Баба Рога, од Иван Билибин.

Во руските приказни, Баба Рога е грда стара жена, која лета на стап и живее во куќа што може да се движи на нозе од кокошка, а клучалката е уста со остри заби. Постојат и легенди во кои се вели дека вратата не се отвора додека не се кажат магични зборови.

Во приказните за „Василица Прекрасна“ куќата е поврзана со тројца јавачи: еден на бел коњ со бела опрема, кој е Денот; еден црвен јавач, кој е Сонцето; и еден во црно, кој ја претставува Ноќта. Баба Рога ја служат невидливи слуги внатре во куќата. Може да го убие посетителот ако ја праша за слугите.

Во полските приказни, Баба Рога се разликува во неколку детали, како на пример во тоа дека куќата има само една нога од кокошка. Страшните вештерки кои живеат во куќа од колачиња исто така се нарекуваат „Баба Роги“. Полската Баба Рога лета на метла, се облекува во црно-црвена народна носија, која се поврзува со легендарните вештерски Сабати на планината Лиза Гора.

Во некои приказни, јунакот се среќава не со една, туку со три Баба Роги, кои често се претставени како добродушни, и на јунакот му даваат совет или магиски подарок.[1]

Складиште, Стокхолм, Шведска.

Александар Пушкин во предговорот на неговата поема Руслан и Људмила ја опишува куќата на Баба Рога: „куќичка на нозе од кокошка... без прозорци и без врати“.

Номадските ловечки племиња во Сибир, во Тунгузија, како и племињата од финско-уралската област граделе таков тип на куќи за да се заштитат од ѕверовите и другите животни за време на долгиот период на отсуство. Во слични но помали градби сибирските пагани ги чувале фигурите од своите божества.

Постојат показатели дека древните Словени имале погребна традиција за кремирање на мртвите во куќичка од ваков вид. Во 1948 година, руските археолози Ефименко и Третјаков откриле малечки куќи од овој вид со остатоци од крематориум на лешови. Ова се смета за уште една можна поврзаност со митот за Баба Рога.[2][3]

Баба во јужнословенската митологија[уреди | уреди извор]

Баба во старословенските верувања таа претставувала демонско битие. Со овој термин еуфемистички се нарекувало и старото женско божество со хтонични особини кај јужнословенските народи. Името на тоа божество е непознато најверојатно поради стравопочитување (вообичаено за верувањата на старите Словени имињата на таквите божества не се спомнувале, бидејќи со тоа се повикувало злото), но еуфемистичкото име баба е силно запомнето, особено во топонимите; го носат три планини: во Херцеговина, Србија, Македонија, постојат уште многу други називи на висорамнини, планински врвови, села: Тресибаба, Мучибаба, Бабин Зуб, Бабина Река, Бабино Езеро, Бабин Дуб, Бабино, Бабетац, Бабинац и др. И имињата на билките некаде го носат овој еуфемизам.

Во Босна се верувало дека во секоја дупка или пештера живее 'дивија баба' која во своето дувло ги има сите потребни садови и ги врши секојдневните работи, а рацете и се постојано посолени со брашно (елемент што насочува дека се работи за демон на плодноста), во Тимочката Краина се меси погача која ја нарекуваат баба, во очи на крсна слава таа се поставува на масата и таму останува сè додека трае славата. Во Шумадија се месат мали лепчиња - бабурици и се даваат за покој на душата по погребот. Во Бугарија болестите се замислувале како стари баби кои одат низ светот ширејќи ја болеста [4].

Во маскирните обреди кои се изведувале на Белите поклади во Рисан, еден учесник бил маскиран како баба и го нарекувале ’дедова баба / ѓедова баба’ тој носел дете во рацете (кукла). Оваа баба во Црна Гора се нарекува и Баба Руга, името доаѓа од зборот ‘ругање’. Покладни сватови е обичај посветен на машките предци, а појавувањето на бабата - женскиот предок е поврзано со култот на плодноста.

Во Југозападна Бугарија во времето на нечистите дни 'бабугери'- младите мажи се маскираат во животински кожи, врзуваат ѕвона околу себе, носат дрвени сабји и танцувајќи низ селата ги повикуваат божествата да донесат плодност. Во некои краишта во Србија лепчињата за задушница (во сабота) ги нарекуваат бабице, во Македонија во некои делови коледарите (кои претставуваат души на предците) се нарекуваат бабари, во лесковачките села, Србија, последниот ден од славата (патерица) се нарекува баба. Во Јужна Србија патерица се нарекува женска слава, во Кичевско е забележена прослава на женски Водици, чие празнување укажува на пагански елементи и почит кон духот на женскиот предок.

Според толкувањето на Дубравка Угрешиќ во нејзиниот роман „Баба Јага снесе јајце“ [5], гледано од феминистички аспект, Баба Јага или Баба Рога не е ништо друго освен претставување на старата жена преку сите нејзини особини што општеството ги изолира и не ги прифаќа како особини на една жена.

Филмови во кој се појавува ликот на Баба Рога[уреди | уреди извор]

Филм Година Режисер
Ивашко и Баба-Яга 1938 Зинаида Брумберг,Валентина Брумберг
Василиса Прекрасная 1939 Александар Роу
Гуси-лебеди 1949
Царевна лягушка 1954 Михаил Цехановски
Морозко 1964 Александар Роу
Огонь, вода и… медные трубы 1968 Александар Роу
Золотые рога 1973 Александар Роу,Виктор Макаров
Новогодние приключения Маши и Вити 1975 Игор Усов,Генади Казански
Как Иванушка дурачок за чудом ходил 1977 Надежда Кошеверова
Там, на неведомых дорожках 1982 Михаил Јузофски
Домовенок Кузя 1984-87
Bartok the Magnificent 1999 Гери Голдмен,Дон Блут
Добрыня Никитич и Змей Горыныч 2006 Илија Максимов
Книга мастеров 2009 Вадим Соколовски
Иван Царевич и Серый Волк 2011 Владимир Торопчин
The House of the Nightmare Witch 2012 Виктор Кук
Be Cool, Scooby-Doo!" Halloween 2017 Енди Том
Последний богатырь 2017 Димитри Дјаченко
Hellboy 2019 Нил Маршал
Яга. Кошмар тёмного леса 2020 Святослав Подгаевский
Secret Magic Control Agency 2021 Алексеј Цицилин
Последний богатырь: Корень зла 2021 Димитри Дјаченко
Последний богатырь: Посланник тьмы 2021 Димитри Дјаченко
Кощей. Похититель невест 2022 Роман Артемјев
Яга и книга заклинаний 2022 Владимир Саков
Баба Яга спасает мир 2023 Карен Захаров
Финист. Первый богатырь 2025 Димитри Дјаченко

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. W. R. S. Ralston Songs of the Russian People Section III.--Storyland Beings
  2. Boris Rybakov|Рыбаков Б.А., "Язычество Древней Руси" (1987) Moscow, Nauka
  3. Ефименко П. П., Третьяков П. Н. Курганный могильник у с. Боршева. МИА, № 8. М.; Л., 1948, рис. 37-42.)
  4. Речник на јужнословенска митологија,Гордана Стојковска, Три, Скопје,2004, стр. 32 - 33
  5. Dubravka Ugrešić Baba Jaga snela jaje, Vuković & Rujnić, Yagreb, 2008

Напредно читање[уреди | уреди извор]

  • Maria Tatar (2002) "The Annotated Classic Fairy Tales", ISBN 0-393-05163-3 p. 175
  • Гордана Стојковска, „Речник на јужнословенска митологија“, 2004, Издавачки центар Три, Скопје