Ауреус

Од Википедија — слободната енциклопедија


Ауреус е златна монета која била емитувана од антчките римски владетели. Првпат тој се појавил во време на Римската Република во 84 г. пр. н.е. и континуирано бил емитуван сè до монетарната реформа на Константин I Велики (306-337). Во време на владеењето на Октавијан Август (27 г. пр.н.е.- 14 г. н.е.) тежината на ауреусот била одредена на 7,85 г. Со монетарната реформа на Нерон (54-68) во 64 г. неговата тежина била намалена на 7,40 г и со истата тежина бил емитуван сè до III век. Во време на царот Гај Аврелиј Валериј Диоклетијан (284-305) биле ковани ауреуси со тежина од 5,56 г. Со монетарната реформа на Константин I Велики во 309 г. била воведена нова златна монета, наречена солид, а ауреусот добива одбележје на медалјон, односно тој бил кован првенствено како донатива, при што бил делен на населението во посебни прилики. Последен пат ауреусот бил искован меѓу 527 и 537 г. во време на византискиот цар Јустинијан I (527-565) од ковницата во Цариград.