Атентат врз Петар Чаулев

Од Википедија — слободната енциклопедија

Атентатот врз Петар Чаулев бил извршен на 24 декември 1924 година во Милано, Италија од страна на Димитар Стефанов. Атентатот се случил во пивницата и продавница за тутун број 14, на плоштадот Верциере, чијшто сопственик бил извесниот Фермо Гуфанти.

Чаулев во комитска облека

Неколку денови пред атентатот, локалот бил посетуван од едно лице, кое изгледало многу вознемирено и постојано се обѕрнувало околу себе, веројатно од страв да не биде следено. Тој човек започнал постојано да доаѓа во пивницата некаде околу 11 часот, седел на една маса и пиејќи кафе разгледувал некакви писма и весници. Тоа бил членот на ЦК на ВМРО, Петар Чаулев. Околу 11 и 30 часот, Чаулев вообичаено си порачувал вермут за пиење, при што редовно по извесно време во локалот доаѓал еден негов пријател, кој му давал знак по што двајцата заедно излегувале. Тоа веројатно било личното обезбедување на Петар Чаулев, бидејќи тој не можел да нема никакви сознанија дека врз него се подготвувал атентат, посебно по последните пресметки што се случувале во редовите на ВМРО.

На критичниот ден Чаулев си седел на истото место во пивницата со чашката вермут пред себе, кога внатре влегло едно момче, кое застанало на неколку чекори пред него. Момчето влегло во локалот уште пред 11 часот, но бидејќи тогаш жртвата уште не била дојдена тој се напил кафе и си заминал. Во тој момент Петар Чаулев веројатно се сетил дека опасноста за убиство го демнела, бидејќи инстинктивно ја подигнал главата, но веќе било доцна. Атентаторот во раката имал голем автоматски револвер со кого истрелал пет пати во правецот на Петар Чаулев.

Погоден од револверските истрели тој паднал меѓу масите, а во тој момент присутните во пивницата се обиделе да го нападнат егзекуторот. Атентаторот успеал да се оттргне, ја приближил цевката од револверот до устата и се обидел да се самоубие, но не успеал, бидејќи при пукањето во жртвата ја потрошил целата муниција [1].

По првобитното изненадување од пукотниците и откако успеал да се ослободи од присутните, атентаторот се наведнал над убиениот Чаулев и на лош италијански јазик кратко објаснил дека и тој и жртвата биле од Македонија. Еден од присутните во кафеаната, фашист по убедување, се обидел да го извлече атентаторот од толпата и на тој начин да го спаси од апсење. Меѓутоа тогаш пристигнала полицијата и убиецот бил приведен.

Атентаторот бил изведен пред суд, меѓутоа по ислушување на аргументите на двете страни, Миланскиот суд донел одлука дека обвинетиот Димитар Стефанов го убил Петар Чаулев во состојба на неопходност и дека врз основа на тоа што Стефанов бил виновен само за прекршок за носење на опасно оружје, тој се ослободувал од обвинението за убиство со предумисла. Врз основа на тоа судот го казнил Димитар Стефанов со парична казна од 203 лири, која била исполнета поради одлежаниот затвор на обвинетиот Стефанов. На тој начин Димитар Стефанов бил пуштен на слобода [2].

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Трите дела, Прага-Таборъ-Виена-Милано, Страници отъ борбата на Македония (По стеногра- ми, отчети, коментарии на весниците и документи на Вътрешната македонска революционна организация), София, 1927,187
  2. Предавствата и атентатите во македонската историја, Виолета Аковска и Никола Жежов, Скопје, 2004 год