Групче е роден на 27 октомври1919 година во Софија, Бугарија. Основно и средно образование завршил во Охрид и Битола. Во 1938 година се запишал на правни студии во Белград, кои ги завршил во Софија во 1942 година. Групче бил активен учесник во Народноослободителното движење во време на Втората светска војна. Пред крајот на војната, во 1944 година бил секретар на Месниот комитет на КПМ и секретар на Народноослободителниот одбор во Охрид. Нешто подоцна учествувал во органите на Обласниот народноослободителен одбор во Крушево и во Битола. Групче во својот работен век бил на разни управни и правосудни должности, како: началник на одделение во Поверенството за правосудство на Македонија, секретар на Окружниот одбор во Охрид, член на Контролната комисија на Македонија, началник на Одделението за законодавство и народна власт при Владата на Македонија. 1947-1948 година - потпретседател на Врховниот суд на Македонија; 1952 г. претседател на Врховниот суд на Македонија; 1963 г. судија во Уставниот суд на Југославија; 1971г. член а потоа претседател на Уставниот суд на Македонија. Што се однесува на неговиот наставно - научен развој, во 1949 и 1950 година е на постдипломски студии на Институтот за општествени науки во Белград, каде што, главно се посветува на политичко економските студии, магистрирајќи по економски науки на почетокот на 1951 година.
По враќањето од постдипломските студии, проф. д-р Групче бил наставник по политичка економија на новоформираниот Правно-економски факултет во Скопје. а потоа ја презел должноста наставник по граѓанско право, определувајќи се за облигацнионото право како дел од таа правна гранка. По завршувањето на мандатот во Уставниот суд на Југославија во 1971 година и враќањето во Македонија, проф. Групче повторно се вратил на Правниот факултет како наставник, преземајќи други два дела од граѓанското право, и тоа општиот дел и стварното право. Починал во Скопје на 20 јуни2002 година[2].